Гостивар
| Гостивар | |
|---|---|
Поглед кон центарот на Гостивар |
|
| Mестоположба | |
Гостивар на картата на Македонија |
|
|
Часовен појас : CET/CEST (UTC+1/2) |
|
| Општи податоци | |
| Име: | Гостивар |
| Поштенски бр.: | 1230 |
| Повикувачки бр.: | (+389) 042 |
| Автомобилска ознака: | GV |
| Мреж. место: | gostivar.gov.mk |
| Историја | |
| Управа | |
| Држава: | |
| Општина: | Гостивар |
| Градоначалник: | Руфи Османи |
| Географија | |
| Население | |
| Население: | 35.847 |
| Образование: | |
Гостивар е град во западна Македонија во јужниот дел на Полошката котлина. Гостивар е центар на истоимената општина која зафаќа површина од околу 650 km². Градот претставува административна, политичка, бизнис и културна средина за околу осумдесетина илјади жители, од кои во самото градско јадро живеат речиси 36 илјади. Типична мултикултурна средина. Тука живеат Албанци, Македонци, Турци, Роми и други. Град кој претставува навистина убаво место за живеење, зашто нуди пријатна клима во сите периоди од годината извонредна местоположба, комуникации, услови за бизнис и школување.
Содржина |
[уреди] Местоположба
Градот лежи во котлината Полог (Горен Полог) на надморска височина од 510 метри. Во близина на Гостивар во селото Вруток (5 км југозападно од Гостивар) се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар која тече и низ самиот град кој го дели на два дела ,а истотака во негова близина се наоѓа најголемиот македонски национален парк и cкијачки центар Маврово. Гостивар е на 67 километри одалеченост од Скопје, а од Тетово е 27 километри. Гостивар е град кој со голема брзина се гради и станува еден од поубавите градови во Македонија.
[уреди] Историја
[уреди] Камена Епоха
Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолиските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88.) и Под село тумба кај с.Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.[1].
Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник типот ‘Големата-Мајка’ (lat. Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се карактеризира со влијание на Винчанската култура од север.[1]
[уреди] Метална Епоха
Кон крајот на 4. милениум ст.е., започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од централна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските прото-етничките, а подоцна и пра-етничките заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луkсузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри. Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се карактеризира со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.
Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Дасаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античко-македонската лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античко-македонското етничко формирање.[1]
[уреди] Рана Антика
Во 1932 год. блиску местото наречено Балезова Чешма, е пронајдена статуа од бронза од периодот на Агријаните, 4 век п.н.е., и претставува вреден археолошки пронајдок, најден во Тетовската околија. Статуата е со димензии 9 cm, долга и 4 cm широка, и се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.
Во минатото постоеле различни теории за тоа кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а се до 3 век п.н.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335 п.н.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.
Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот 4 век п.н.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).
Кон крајот на 4 век п.н.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на 3 век п.н.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римската Империја во 168 п.н.е.[1]
[уреди] Римски Период
Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од 2-3 век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (1-3 век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (3-6 век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.
Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од 3. век, а траеле и низ наредните векови, римските императори почнале во доцниот 4. век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и локалитетот Исар-Бањиче крај Тетово.
Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од 1. век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин вo 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, пришто најдобро проучени се базиликата од Стенче од 5. век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. 6. век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.
Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот 6. век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.[1]
[уреди] Среден Век
Кога Словените дошле во полошката област, рамничарските населби биле напуштени. Еден дел од староседелците се повлеклке во некои од пооддалечените, мали планински сточарски населби. Главно, словенското население ги населило најважните места во рамницата, на која и дале ново, словенско име, нарекувајќи ја „подлог“ (Полог), веројатно со значење „под гора“, „под планина“. Во Х век Византијците повторно воспоставиле контрола врз целото полошко подрачје, ги укрепиле најважните разурнати тврдини и во нив воспоставиле постојано војничко присуство. Потоа, неколку децении полошката област била во состав на Самуиловото царство, по чија пропаст повторно потпаднала под Византија. Во 1282-83 година, полошкиот крај потпаѓа под власт на Србите, на чело со кралот Милутин. Инаку, Гостивар како населено место прв пат е споменат во една повелба на Милутин од 1313 година, под името Банска (Бањица), и тоа како село во јужниот дел на Полошката котлина со околу 200 жители. Во повелбата се споменува и гостиварскиот средновековен манастир. За време на владеењето на Милутин, во Полошката Котлина било колонизирано српско население. Но, затекнатите Византијци си ги задржале своите права и поседи. Гостивар како селска населба се споменува и за време на Душановото царство, под името Белика, според средновековното име на реката Вардар.
[уреди] Османлиски Период
Во 1850 година геологот и балканологот Ами Бег во описот на Тетово меѓу другото во еден дел вели дека во Полог се наоѓа „големото село“ Гостивар , додека како град Гостивар по прв пат се спомнува во двата записи од 19 век . Според нив оваа населба на Полог ја има оформено својата чаршија (плоштад) додека вторникот бил пазарен ден. Во 1874 год. градот имал 400 куќи , околу 2000 жители , додека на крајот на истиот век 3500 жители.
Главниот процут Гостивар го доживува кон крајот на 19 век за времето на Турското владеење кога станува центар на каза. Тогаш Гостивар почнува да го добива својот лик на градче. Со доселувањето на различни мајстори и занаетчии од Велес, Крушево, Кичево и Дебар се формира гостиварската чаршија и вторник се назначува за пазарен ден, што е традиција до ден денеска. За време на Илинденското Востание од Гостивар и околината ќе учествуваат повеќемина македонски патриоти кои ќе отидат да се борат директно во Крушево и околината.
[уреди] Втора светска војна
За време на Втората светска војна, македонското население во Гостивар ќе доживее невиден терор од страна на албанските фашистички окупатори - балистите предводени од Џемо и Мефаил. Токму на крајот на војната во близина на Гостивар ќе биде убиен балистичкиот водач Џемо по што ќе следи општонародно славје на Македонците во Гостивар. Народен херој од Гостиварско е Чеде Филипоски-Даме чиј споменик се наоѓа на гостиварскиот плоштад (спроти стоковната куќа), а во текот на Втората светска војна во Гостивар и околината војувале повеќе македонски партизански одреди и единици, кои воделе тешки борби со балистичките единици кои отпрвин биле подржувани од италијанскиот, а подоцна и од германскиот окупатор.
[уреди] Меѓуетнички конфликти
Гостивар во поновата македонска историја ќе остане запаметен и по настаните на 9 јули 1997 година кога македонската полиција спроведе акција за отстранување на знамето на туѓа држава (Албанија) кое беше истакнато пред општинската зграда. Во настаните ќе загинат 4 цивили. За време на воениот конфликт во Република Македонија во 2001 година Гостивар и околината ќе бидат поштедени од вооружени борби и судири но голем број на Македонци од Гостивар ќе бидат дел од македонските безбедносни сили во операциите во Тетово и на Тетовското кале.
[уреди] Потекло на името Гостивар
Во средниот век градот бил многу посетуван од гости од сите краишта, а во летните денови по традиција, секоја година се одржувал голем трговски собир (панаѓур). Ваквата традиција продолжила и за време на Турската империја. Поради големата посетеност на населбата од луѓе од други краишта, гости, турците меѓу себе, на турски, често викале „гостивар“ (гости има). Тогаш во градот имало и многу гостилници, па се претпоставува дека „гостољубивиот град“ односно „градот на гости“ станал -Гостивар. Инаку етимолошкото значење на топонимот во науката сѐ уште не е утврдено. За време на турското владеење населбата почнала да се развива во значајно седиште на Горни Полог, наречен уште и Горна Нахија. Населението од околните рамничарски и ридско-планински села почнало да се преселува во централната населба, со што таа почнала и да расте. Во 1659 година, богатиот Мехмед-паша изградил џамија среде населбата, а околу неа подигнал и училиште и бања, а подоцна и карван-сарај и дуќани. И богатиот Агу Беќир-бег во Гостивар изградил џамија и училиште, што се наоѓале на местото на денешната Саат-кула.
Според Марко Цепенков, Гостивар бил метув на манастирите од Сува Гора (планина источно од градот) каде што се гоштевале многу свештеници, патници и намерници. Поради тоа богато гоштевање метувот го добило името Гостивар. Има и легенда која вели дека доаѓа од турско време каде што Гостивар значи "место каде секогаш доаѓаат гости". Според Турците, градот бил наречен така поради тоа што на турски зборот ВАР значи „има“, така што на тоа место секогаш имало гости. Исто така збор ВАР или Вари во сите словенски јазици означува извор или место од каде што извира голема количина на вода - вриење, а исто така означуа и бања. Како поткрепа на ова ќе го додадеме како пример градот Карлови Вари во Чешка што е во превод Бањите на Карло има и други примери во словенските земји за наставката ВАР како што се Вуковар, Карлобар во Хрватска. Што во превод од старословенски би било „Бања за Гости“. Некои научници како рускиот професор Афанаси Селишчев сметаат дека словенското име на градот било Костово.
Врз основа на записите на Абдулаќим Догани , Гостивар го добива името од девојката дојдена од Бар која што за место на живеење го има одбрано овој град. На локален јазик девојка е гоца и тоа од Бар (Тивар) , затоа произлегува името Гостивар од момата од Тиват.
Според една друга легенда сегашното има на градот Гости-гости, настанало за време на владетелот Волкашин. Бидејќи доаѓале голем број на посетители, гости низ овие краишта, во текот турското владеење на турски го нарекувале „Гостивар“ што значи (гости има). Самото име, односно Гостивар се нарекуваше местото на собирање на гости т.е.„Градот на гостите“. Волкашин на сите свои деца им изградил „градови“ (тврдини). На пример, на ќерката Кита и изградил тврдина во Кичево, наречена „Китин Град“ (Китинград), а на Цвета и изградил кале на Сува Гора наречена уште и „Цвета Гора“, каде што имало многу цркви и манастири. Манастирите во „Цвета Гора“ имале свои чифлици во Горни Полог (Гостиварско). Градот Гостивар тогаш бил место на Сувогорските манастири. Манастирските луѓе често ги посетувале чифлиците кај Гостивар, каде што добро биле гоштевани. Легендата вели дека по „гостувањето“ и населбата била наречена Гостивар.
[уреди] Демографија
Во текот на 50-ите години на 19-тиот век, францускиот геолог и балканолог Ами Буе, пишувајќи за Тетово, покрај другото соопштува дека во еден дел од Полошката Котлина се наоѓало „големото село“ Гостивар. Инаку, како гратче, Гостивар прв пат се спомеува во два записа од 19-тиот век. Според нив, оваа полошка населба веќе имала оформена чаршија а вторник бил пазарен ден. Во втората половина на 19-тиот век, поточно во 1874 година, градот имал околу 400 куќи со околу 2.000 жители, а на крајот на истиот век околу 3.500 жители. Рускиот професор и научник Андреј М. Селишчев „гратчето под Шар“ го споменува и со името Костово.
Според статистичките податоци со кои располагал бугарскиот етнолог, географ и патеписец Васил К’нчев, на крајот на 19-тиот век Гостивар имал 3.735 жители од кои 3.100 Турци, 310 Христијани, 200 Цигани, 100 Арнаути и 25 Цинцари. По балканските и Првата Светска војна, не е заблежан зголемен број на населението, главно поради исселувањето на муслиманското население во Турција. Во периодот меѓу двете светски војни градот бележи стопанска стагнација, а и целиот Горен Полог бил неразвиено подрачје, без индустриски објекти и инфраструктура. Исклучок била железничката пруга кон Скопје, а подоцна и кон Кичево, која подоцна одиграла важна улога во економското заживување.
Попис на населението 
Според пописот од 2002 година, градот Гостивар има 35.847 жители. Етничкиот состав на населението во градот Гостивар е следниов:
- Албанци 15.490 (43,21%)
- Македонци 10.285 (29,85%)
- Турци 3.559 (9,92%)
- Роми 1.899 (5,29%)
- Срби 146
- Бошњаци 34
- Власи 15
- останати 419
Општината Гостивар со новата организација брои 80.280 жители (старата Општина Гостивар до 2004 година броела 49.545 жители).
[уреди] Знаменити објекти
Во градот постојат повеќе знаменити објекти (пред сѐ од турскиот период на владеење) како неколку џамии и препознатливата гостиварска саат-кула во центарот. Исто така на самиот плоштад доминира со својата импозантна големина црквата Света Богородица. Во градот постоела турска бања-амам која била срушена, а на потоа на тоа место се наоѓала филијалата на Стопанска Банка сѐ до нејзиното рушење.
[уреди] Култура
Најзначајното место за културните збиднувања во Гостивар е Домот на културата АСНОМ.
Во овој културен дом во текот на годината се одржуваат најзначајните културно уметнички настани. Се прави годишна програма која се доставува до Министерството за култура. Позначајни настани се Ликовната колонија, која се одржува во Маврово, но главната изложба е во Гостивар. Шоу програма, рецитали, песни и игри кои се изведуваат на три јазици односно на македонски, албански и турски.
Фунционира и културно уметничкото друштво „Браќа Ѓиноски“, во кое има неколку секции и тоа: секцијата за староградски песни, секцијата за фолклор (играорна секција), како и секцијата за модерни танци.
Библиотеката „Вук Караџиќ“ е сместена веднаш позади домот на културата. Располага со над 8.000 наслови, односно над 80.000 книги. Во рамките на библиотеката има и детски оддел.
[уреди] Стопанство
Во врска со добрите стопански и сообраќајни прилики, па и со постојаното зголемување на населението, од втората половина на 20 век во градот Гостивар започнуваат да се отвараат занаетчиски и трговски дуќани. Воведен е и пазарен ден (Вторник). Со овие новонастанати прилики во тоа време започнува просперитетот на Гостивар. Велешките и Тетовските трговци, Крушевските и Кичевските занаетчии се меѓу првите во создавањето на Гостиварската чаршија. Во тоа време во Гостивар голема експанзија бележеле разни занаети, кои пред се служеле повеќе за задоволување на селските потреби. Порано во Гостивар имало многу терзии, опинчари, самарџии, сарачи, казанџии и т.н. Во денешно време, овие занаети се пред прагот на потполно исчезнување, или се сведени на бледи спомени меѓу населението.
Денес во Гостивар се развиени трговијата, индустријата и стопанството. Познати индустриски капацитети се комбинатот „Силика“, Стакларницата, текстилната индустрија Готекс, кланицата „Горни Полог“, мелничарскиот комбинат Жито Шар, фабриката за доломит „Вардар Доломит“ која е приватизирана пред неколку години и успешно ги пласира своите производи и на странските пазари. Последните години во огромен пораст е трговската дејност. Низ градот има повеќе маркети на гигантот „ГЕТРО“ кој има продавници и маркети и во Хрватска, а во самиот центар на градот до саат-кулата е изграден современ модерен трговски центар „Де Јуре“ на повеќе катови со структурална фасада.
[уреди] Спорт
- КК Гостивар е најпознатото спосртско груштво од Гостивар. Постои од 1954 година под името „Маврово“. Од тогаш, клубот во повеќе наврати го менува името: Готекс, Вардар-Комерц, Гостивар и Никол Ферт. Бележи значајни спортски резултати како во поранешна Југославија така и во поново време. Три пати е освојувач на титулата Републички првак и тоа во 1965, 1967 и 1968 година. Со успех настапува и во втората лига на некогашна Југославија. Во повеќе наврати екипата се обидува да стане член и на првата лига, меѓутоа недостасувал последниот решавачки чекор за постигнување на целта. Најзабележителни резултати екипата бележи во далечната 1964-1965 година кога успеала да обезбеди учество во четврт финалето каде загубила од „Београд“, тогашен освојувач на шампионската титула.
Гостивар бил домаќин на купот во 1993-94 година.
- РК Пантери е стар ракометен клуб од Гостивар. Имал настапи и во првата лига, по што извесно време згаснува. После неколку години повторно се активира и сѐ уште функционира.
- ПК „Бистра“ е планинарско друштво од Гостивар кое постои од 1985 година и функционира најмногу поради ентузијазмот што го имаат членовите. Имаат остварено многу искачувања низ Македонија.
[уреди] Образование
Во Гостивар постојат три државни средни училишта и едно приватно и тоа:
- Гимназија "Панче Попоски" -основана со одлука на Собранието на Општина Гостивар во 1960 година и започнува со работа од учебната 1960/61 со две паралелки, на македонски и албански јазик, со по 35 ученици. Првата генерација на матуранти е од учебната 1963/64.
- СУ "Чеде Филиповски",
- ЦСНО "Злате Малакоски" и приватното
- ПСУ "Јахја Кемал" -Колеџот во Гостивар постои од 1999 година. Тоа функционира како приватно средно училиште.[2]
Од основните училишта во градот функционираат четири и тоа:
- ОУ "Братство-Единство",
- ОУ "Гоце Делчев",
- ОУ "Исмаил Љемали" и
- ОУ "Петре Јовановски"кое има подрачни училишта во селата:Долна Бањица,Беловиште и Врапчиште
[уреди] Населби и маала во Гостивар
[уреди] Попознати и поголеми населби и маала
[уреди] Останати населби и маала
[уреди] Меѓуетнички односи
Според старата поделба, општина Гостивар имаше 26,54% Македонци и 59,01% Албанци, но со новата поделба, со припојување на селските општини Вруток, Долна Бањица, Србиново и Чегране бројот на Македонците е намален на 19,77%, а Албанците се 66,37%. Голем дел од македонската заедница во градот смета дека на овој начин се фаворизира албанската политичка доминација во Гостивар.
Поврзано со ова е и трендот на рехабилитација на некои албански личности од Втората Светска војна кои припаѓале на организацијата Бали Комбетар. Според Албанците, се работи за херои, но Македонците сметаат дека со ова всушност се врши легитимизација на фашистичката окупација на Македонија. Имено, истите личности, според Македонците и нивните сеќавања и според македонската и светската историографија, имаат извршено голем број убиства, кражби, протерувања и злодела врз неалбанското население.
Сепак, во градот не е забележана позначајна миграција на Македонци во другите краишта на земјата.
[уреди] Личности
- Родени
- Харалампие Поленаковиќ, (1909 - 1984), македонски академик
- Бесим Догани (1972 - ), македонски политичар, заменик председател на Собранието на Република Македонија
- Јован Манасиевски (1968 - ), македонски политичар, пратеник на ЛДП
- Сулејман Рушити (1972 - ), политичар и министер
- Тодор Чаловски (1945 - ), писател
- Лазо Наумовски (1923 - 1978) - македонски писател за деца.
- Поврзани
- Томе Серафимовски (од Зубовце), скулптор
- Чеде Филиповски - Даме (од Никифорово), народен херој
[уреди] Надворешни врски
[уреди] Забелешки и извори
|
|||||||
| Одредници од ГОСТИВАР | |||||||||||
| Врапчиште | Тумчевиште |
Чегране | |||||||||
| Здуње |
|
Чајле | |||||||||
| Вруток | Долна Бањица |
Беловиште | |||||||||
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Гостивар“ |
