Македонски Власи

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Македонските Власите или Власите во Македонија се уставно признато малцинство. Нивната бројност е 9 695 лица, односно 0,48% од вкупното население на Македонија.

Потекло[уреди]

Власите се народ од романско потекло кои говорат на посебен јазик. Во Македонија и на Балканот се познати под повеќе имиња, како Аромани, Цинцари, Куцовласи, на романски јазик сите Власи од јужниот дел на Балканскиот полуостров се нарекуваат: Machedoni (Македони) [1] и др.

За нивното потекло постојат повеќе теории кои укажуваат дека тие се потомци на староседелското население на Балканскиот полуостров кое се повлекло во планинските предели при доселувањето на Словените и другите народи.

Од повеќето теории најпознати се оние според кои се смета дека Власите се потомци на Римјаните, Византијците (Ромеите) поради нивниот јазик, а според некои се смета дека биле потомци на Античките Македонци.

Историја[уреди]

Присутноста на Власите на територијата на Македонија се забележува уште во Средновековието, а познат е фактот дека братот на цар Самуил, Арон бил убиен од Власи - скитници во околината на Лерин. Нивната присутност била повремена само како сточари и трговци и не биле трајно население.

Првите трајни населувања на Власи во Македонија се случуваат на почетокот на 19 век, односно околу 1830-1832 година кога нивниот најразвиен и најголем град Москополе во јужна Албанија бил разурнат од албанските качачки банди поддржани од Али Паша Јанински.

Со честите продори и грабежи на албанските качачки банди на влашките градови и села во јужна Албанија, на планината Грамос, во Епир и Тесалија голем број на Власи се населуваат во Македонија, претежно во западните делови во Крушево (кое до 1830 било мало село во Прилепската каза населено исклучиво со Македонци), Битола и околните планински села, западниот и јужниот дел на Егејска Македонија.

Постојаниот терор на Власите од нивните предели во јужна Албанија и особено во Тесалија принудува голем број на Власи - сточари да се населат во планинските предели во долината на реката Брегалница во Штипско, Кочанско и Овче Поле.

Овие Власи кои живеат во источна Македонија се познати и под името Каракачани. Номадските Власи од источна Македонија се познати и под името Црни Власи, за разлика од Власите во западна Македонија кои се познати под името чаршиски или Бели Власи[2].

Области и населени места[уреди]

Власите во Македонија се претежно населени во градовите, а во минатото живееле и во повеќе планински села во југо-западна и источна Македонија, кои денес во најголем дел се раселени. Најголем број на Власи денес живее во градовите Крушево, Штип, Битола и Скопје. Во помал број ги има и во Кочани и Велес. По области Власите се застапени по сливот на реката Брегалница: Овче Поле, Штипско, Кочанско со планините Осогово и Плачковица, како и градот Крушево и неколку села во Битолско на планинските предели северо-источно од Битола.

Статистички Власите во Македонија се најзастапени во општините: Крушево со 10,53%, Штип со 4,6%, Битола со 1,33% и градот Скопје со 0,50%.

Култура и општествен живот[уреди]

Македонските Власи имаат високо развиена култура и културен идентитет. Познати се влашките носии и килими (особено до с.Делисинци- Овче Поле) кои се дел од богата македонска етнолошка ризница.

Начинот на живот како сточари и богати трговци, оставил препознатливи културни белези во идентитетот на Власите. Власите - Каракачани од источна Македонија, кои биле сточари, се препознатливи по тоа што нивните жени носат тетовирани крстови на нивните чела и кај рачните зглобови.

Надалеку се познати богатите цркви во битолските влашки села Маловиште и Старо Змирново, како и во градот Крушево.

Во Македонија Власите имаат 2 свои политички партии и еден пратеник во Собранието на РМ. Во Општина Крушево влашкиот јазик е официјален покрај македонскиот, иако Власите се помалку од 20% од населението.

На вториот канал на националната телевизија се емитува програма на влашки јазик, а постои и Унија за култура и издаваштво на Власите.

Македонските Власи по вероисповед се православни христијани. Постарите Власи, се многу посветени и религиозни луѓе.

Познати Македонски Власи[уреди]

Извори[уреди]

  1. Mircea și Luiza Seche, Dicționar de sinonime, Editura Litera Internațional, 2002, definiția „aromân”
  2. Трифуноски, Јован. „Кочанска котлина“. Скопје, 1970. стр.152