Плачковица

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Плачковица
планина
Регион Балкан
Се граничи со Македонија Македонија
Највисока точка Лисец
 - височина 1.754 м
Плачковица.jpg
Реката Лумија под врвот Лисец
Шилест Чукар на Плачковица
Чешма во с. Шипковица - Плачковица

Плачковица — средновисока планина во источниот дел на Република Македонија. Највисока точка е врвот Лисец со височина 1 754 м. Планината се издига помеѓу градот Радовиш и Струмичко-Радовишката котлина на југ и Кочанска Котлина на север, во правец северозапад-југоисток.

Географски карактеристики[уреди]

Должината на главниот планински гребен изнесува 34 км. Со долината на Зрновска Река, планината Плачковица е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок со највисок врв Туртел 1.689 м, а источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1754 м), Чупино Брдо (1725 м), Бел Камен (1707 м), Кара Тепе (1625 м) и други. Геолошкиот состав го чинат гранити (на исток), кристалести шкрилци, гнајсеви и тесен појас на мермери на запад. Релјефот е интересен, претставен со флувијални зарамнини (површи) во повисоките делови и страмни планински страни од раседен карактер.

Планината е расчленета со повеќе длабоки речни долини. Инаку реките кои се побројни и побогати со вода на северната страна, имаат длабоки долини и голем надолжен пад. Така на Зрновска Река има повеќе брзаци, водопади и џиновски лонци. Во мермерните карпи има и појава на пештери. Западните и југозападните падини се голи и развиена е ерозија, додека другите делови се под шума.

Клима[уреди]

Климата на подрачјето од Плачковица е умерено-континентална, со одредено влијание на средоземна клима од јужен правец. Средногодишните температури се околу 10-12 степени Целзиусови. Врнежите се скромни и во просек годишно паѓаат околу 500 мм во пониските до 800 мм во повисоките делови.

Кањони и пештери[уреди]

На планината Плачковица се наоѓаат и три прекрасни кањони: Камник, Козјак и Зрновка во кои се наоѓаат прекрасни природни убавини како реки, водопади, преслапи, високи карпи...

За многумина кањонот Камник со својата убавина претставува Колорадо во мало. До сите кањони е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење (маркации, билборди, патокази, сајли, ферети и место за одмор).

Од многуте убавини кои ги нуди планината Плачковица се и пештерите кои ги има повеќе, од кои пет се испитани и достапни за посетители. Најголема од нив е Големата пештера, со испитана должина од 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Пештерите: Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но богати со пештерски украси и се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки.[1]

Легенди за Плачковица[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Потекло на името Плачковица.

Легендата вели дека во подножјето на планината живеел еден змеј, но не од оние кои летаат, туку од оние водените, налик на кинеските змејови, кој во времето на Пајонските кралеви го бранел Светиот град од непријателите, пливајќи во Брегалница, која во тоа време била распространета низ целата Кочанска Котлина.

Понатаму се раскажува дека кога нивото на Брегалница се намалило, змејот се повлекол во утробата на Плачковица, чекајки водата пак да дојде во големи количини и тој повторно да завладее со неговото кралство.

Астрономска опсерваторија[уреди]

Првата македонска астрономска опсерваторија во која професионалци ќе работат 24 часа, ќе се наоѓа на Плачковица. Во срцето на планината, во непосредна близина на познатото детско одморалиште со кое стопанисува државниот универзитет Гоце Делчев од Штип, планирана е локацијата на два милиони вредната инвестиција.

Телескопот кој ќе биде вграден вреди половина милион евра. Плановите за опсерваторијата ги изработила научен тим од штипскиот универзитет.[2]

Опсерваторијата ќе биде лоцирана на 1.400 метри надморска височина, а намената освен за научноистражувачки и едукативни цели, ќе биде со тек на времето да се вклопи во идејата Плачковица да стане атрактивна туристичка дестинација.[3]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]