Горанци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Горанци
Горанска свадба
Вкупен број на населението

60.000

Региони со значително население
 Косово: 18 села и 1 град
 Албанија: 10 села
Македонија Македонија: 2 села
Јазици
македонски (горански) и српски
Религии
ислам
Поврзани етнички групи
Македонци и Срби

Горанци — дел од македонскиот народ[1] кој ја населува областа Гора, првостепено на Косово, па Албанија и сосем мал дел на Република Македонија. Главна одлика на Горанците е исламската религија што ги вметнува во групата на Македонци-муслимани. Тие го говорат горанскиот дијалект, како дел од периферните западни македонски дијалекти од западното наречје. Република Косово е во фаза на измени на уставот со што сите етнички групи ќе бидат споменати во уставот, вклучувајќи ги и Македонците-Горани.[2]

Географска распределеност[уреди | уреди извор]

Населените места во областа Гора, заедно со двете горански села во Горни Полог, Македонија.

Горанците живеат на територијата на областа Гора, која се наоѓа во денешните граници на Србија (Косово) со 19 села, Албанија со 10 села и во Македонија со 2 села. Според статистиките сега на Гора живеат 7.000 Горанци, додека во светски рамки нивниот број се движи до 60.000. до 13.000 Горанци поседуваат македонско државјанство.[3]

Во Албанија и Македонија, Гораните немаат право официјално да се попишуваат како Горани.

Особености[уреди | уреди извор]

Момче од Гора во народна носија

Одликите на Горанците кои ги делат од останатите македонски муслимански групи се нивното самонарекување Горанци и нивниот јазик кој го нарекуваат нашински или нашенски односно нашки[4], а кој е дел од македонскиот јазик, односно горански дијалект. Друга главна одлика е силното влијание на старите христијански обичаи, кои и по неколку века на исламизација ги задржале и не ги заборавиле.

Религија[уреди | уреди извор]

Сите Горанци се муслимани. Исламизирани се во текот на владеењето на Отоманското Царство на Балканот. Најголемиот притисок се забележува после 1690 година кога започнува поголема забележителна селба на јужнословенското население на балканските простори под притисок на Османлиите. Иако Горанците се муслимани, тие сепак ги задржале обичаите за прослава на најголемите христијански празници.

Најголем празник на Горанците е Ѓурѓовден. Тука најголем дел зазема култот на растителноста. Имено жените од селото уште во раните утрински часови одат во полињата и планините и собираат гранки од дрвата со кои после се китат дворовите, куќите и добитокот. Овој обичај е исто така забележан и во целиот полошки крај. Рано наутро се носат децата на ладните извори и се замиваат со вода и се протрлува лицето со насобраните гранки.

Најинтересно е тоа што Горанците го слават и Божиќ на свој начин. Тие на самиот ден готват пченка и потоа ја делат на соседите. Со гранки од брест се китат влезните врати и просториите каде што се чува добитокот. И на крајот се замесува божиќен колач во кој се става метална паричка и дака се дели помеѓу домашните. Кој ќе ја најде паричката, се смета дека ќе го следи цела година среќа. Овој обичај е потполно идентичен со православниот македонски божиќен обичај.

Исламизација[уреди | уреди извор]

Со самиот факт дека целиот регион Гора е надостапен и ридско-планински, тука жителите имале тежок и сиромашен живот. Сиромаштија условувала на печалбарство, а отсуството на мажите било мета на арнаутските банди, особено на познатото племе Љумани, кое пустошело во регионот на Гора и Полог. Поради притисокот од Љуманите, а и од Турците населението постепено почнало да се исламизира. Првото поголемо исламизирање е забележано за време на големата селба на словенско население на Балканскиот Полуостров во XVII век. Последниот забележан христијанин е извесна Баба Божана која починала во 1856 година.

Постои и верзија дека Горанците пред исламизацијата биле Богомили и дека ги снашла истата судбина како Бошњаците, односно полесно потпаднале под налетот на менување на верата.

Асимилација[уреди | уреди извор]

Од дамнешни времиња имало обиди да се асимилира горанското население. Во почетокот кога сѐ уште биле христијани, Србија ги сметала за Срби, кои зборуваат на специфичен српски дијалект. Со самата исламизација населението се присилувало да се изјавува како турско или албанско. Во денешно време на територијата на Косово, врз Горанците има невиден притисок да се албанизира[5], но и притисок од страна на Бошњаците да се прикажат за Бошњаци. Во последните години присутна е и бугарската пропаганда која се труди да ги прикаже како „Бугари“ кои живеат на Косово. Но кај Горанците е силен идентитетот и тие полека полека почнуваат да учат на својот мајчин јазик - македонски, кој владата на Косово го призна како јазик на кој ќе се школуваат горанските деца. Постојат и неколку македонски друштва и организации кои се трудат да го задржат населението на тие простори и да ја спречи асимилацијата и иселувањето.

Јазик[уреди | уреди извор]

Етничко знаме на македонците
Етничко знаме на македонците

Дел од темата
Македонци

Култура
Книжевност · Уметност
Фолклор · Музика · Носии
Кино · Кујна · Спорт
· Архитектура

Историја
Национална преродба
НОБ (1941-1944)
НОФ (1945-1949)

Државност
АСНОМ
Н.Р Македонија (1944-1991)
Р Македонија (од 1991)

Распространетост
Албанија · Бугарија
Грција · Србија
Македонска дијаспора

Тематски
Православна Црква
Македонци муслимани
Македонски јазик

Повеќе во делот: Горански дијалект

Горанците зборуваат на македонски јазик, односно на горански дијалект кој е сличен со северозападните македонски дијалекти од Долни Полог. Поради исламизацијата и обидот да се асимилираат во нивниот јазик има голем број на Турцизми. Горанците во Македонија и на Косово пишуаваат на Кирилица, додека во Албанија на латиница. Но Мифтар Аџеми, кој е трговец од Призрен, а по потекло од селото Долно Љубине, Жупа измислил своја азбука која ја нарекол нашиница - азбука за нашенскиот јазик. Тој самиот, како и некои други интелектуалци од Косово, пишуваат проза и поезија на горанскиот говор со таа азбука. Следува пример на позната горанска песна

Што се бели, горе Шар планина?
Да л' је снегче, ил' је бело стадо?
Нит' је снегче, нит' је бело стадо.
Да је снегче, би се растопило,
Да је стадо, би се растурило.
Веч тој беше Милкино чадорче,
Под чадорче болна Милка лега.
Брата и гу Турци заробили,
Заробили, пај га обесили.

Горанците денес[уреди | уреди извор]

Погодени поради тешката ситуација на Косово последните години, Горанците масовно се иселуваат од своите вековни огништа. Главни причини се сиромаштијата и постојаниот притисок од Албанците на се асимилираат. Слична е состојбата и во албанскиот дел, каде поради непристапноста на теренот, животот на Горанците е невозможен во денешни услови. Поради тоа што во Република Македонија има само две села, не може да се даде пример за ситуацијата и со самиот факт што тие две села се скоро иселени и жителите живеат во Тетово.

Горанска дијаспора[уреди | уреди извор]

Поради неразвиеноста на Гора и неможноста на луѓето да се вработат, тие често низ историјата оделе и одат на печалба. Најмногу иселени има во Централна Србија (претежно Белград: 3.340), Војводина (606), Република Македонија (претежно во западните делови), Италија и Турција, и бегалците од комунистичкиот режим од Албанија и Југославија во доцните 1940-ти кои се иселиле во САД (претежно Њујорк и Лос Анџелес).

Познати Горанци[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горанците велат - Ние сме Македонци Интервју на Исмаил Бојда за А1 телевизија
  2. Македонските Горани во консултативниот Совет за малцинства на Косово
  3. Фала за 13.000 државјанства -Интервју на Исмаил Бојда во Време[мртва врска]
  4. Dokle, Nazif. Reçnik Goransko (Nashinski) -albanski, Sofia 2007, Peçatnica Naukini akademiji "Prof. Marin Drinov", s. 5, 11
  5. „Обиди да се албанизитаат Горанците, Политика“. Архивирано од изворникот на 2008-06-19. Посетено на 2008-06-16.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]