Штип

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Штип
Панорама на Штип
Панорама на Штип
Знаме на Штип
Грб на Штип
Mестоположба
Mестоположбата на Штип

Координати : 41°44′45"N, 22°11′45"E
Часовен појас : CET/CEST (UTC+1/2)

Општи податоци
Име: Штип
Поштенски бр.: 2000
Повикувачки бр.: (+389) 032
Автомобилска ознака: ST
Заштитници: Свети Никола
Портал: http://www.stip.gov.mk/
Историја
Стари имиња: Астибо
Стипеон
Управа
Држава: Flag of Macedonia.svg Македонија
Регион: Logo of Eastern Region, Macedonia.svg Источен регион
Општина: Coat of arms of Štip Municipality.svg Општина Штип
Бр. на населби: Осми Ноември, Сењак (1-4), Пребег, Дузлак, Баби, Леваци, Деснаци, Стар Конак, Кадидере, Горно Маало, Ново Село , Пребег, Железничка, Македонка, Балканска
Градоначалник: Илчо Захариев
Географија
Површина: 13,5 km²
-вода: река Брегалница, река Отиња
Надм. височ.: 340 m м
Население
Население: 40 016
Образование:
Етнички групи: Македонци, Турци, Роми, Власи, Срби.


Штип е град во источниот дел на Република Македонија, по долината на реката Брегалница. Според пописот на населението од 2002 година, градот имал 40 016 (43 625) жители. Штип е седиште на Штипската Општина и центар на Источно-планскиот регион. Штип е еден од најстарите градови во Македонија.

Историја[уреди]

Во пишуваните документи, името Астибо за прв пат го споменува античкиот хроничар Полиен во 3 век пр. н.е, кој известувал дека во реката Астибо (денешна Брегалница), биле крунисувани пеонските кралеви. Македонскиот крал Александар Први околу 360 година п.н.е. го приклучил ова подрачје кон античко-македонското царство. Штип се спомнува во 1 век од н.е., во време на римскиот цар Тибериј (14-37 година) како пајонскиот град Астибо и се вбројувал меѓу поголемите и позначајни старопеонски градови во источна Македонија. Научниците го лоцираат Астибо на просторот од денешниот стар дел на градот Штип, на источните падини на ридот Исар и локациите Стар Конак, Тузлија и Горно Маало. Градот е забележен и во Табула Појтингемиана (античка карта од 4 век) како населба, една од станиците на патот за Стоби-Пауталија (Ќустендил) – Сердика (Софија).[1]

Штип кон крајот на XIX век

Во доцната антика и во раниот византиски период, населбата постоела под името Стипеон, а во средниот век, околу 6 и 7 век, таа го добила денешното име Штип. Во средниот век, некаде кон крајот на 4 век и во текот на 7 век, за време на освојувањата на Аварите и Словените на Балканот настрадале речиси сите доцноантички и рановизантиски градови, вклучувајќи го и Стипеон. Штип постоел и во времето на Самуиловото Царство, во периодот меѓу 976 и 1014 година, а подоцна го освоиле Византијците. Во 9 век, градот бил под бугарска власт, а по битката кај Велбужд крај (Ќустендил), Штип потпаднал под српскиот владетел Стеван Дечански.

Османлиско ропство[уреди]

Во 1395 година, Штип конечно паднал под власта на Османлиската Империја и постанал каза (нахија) во составот на ќустендилскиот санџак. Оттогаш, па сè до 17 век, постојат малку пишувани документи за судбината на Штип.

Со шпанската инквизиција во почетокот на XVI век голем број на Евреи - Сефарди побегнале на територијата на Османската Империја, а дел од нив се населиле во Штип, што може да се забележи од турските извори од 1519 година кога во Штип живееле 38 еврејски семејства или 200 души.[2]

Во еден документ од 1620 година, градот е спомнат како епископско седиште, а во 1661 година низ Штип поминал познатиот турски патеписец Евлија Челебија. Тој го опишал градот со следниве зборови:[3]

Пазарот и градскиот часовник во Штип во почетокот на XX век
Емир Ќучук Султанов мост на реката Брегалница во почетокот на XX век (изграден во 1672 година)

"Штип е кадилак со тврдина на ридот што чува стража. Во градот има џамии, бањи, голем карван-сарај и мала река."


За време на австро-турската војна, во 1689 година, Штип бил освоен од Австроунгарците, но во 1691 година повторно го зазеле Турците.[4]

Во 1830 година, во Штип било отворено првото училиште на народен јазик, а во 1868 година, Јосиф Ковачев (1839-1898) го отворил првото педагошко училиште. Нешто подоцна, во 1872 година започнало со работа првото народно читалиште "Дејателност". При крајот на 19 век, од 1894 до 1896 година, во училиштето (изградено во 1872 година) во Ново Село предавал Гоце Делчев, идеологот на македонското национално ослободително движење.[5] [6]

Балканските и светските војни[уреди]

За време на Балканските војни, Штипската област била окупирана од бугарските и српските војски, а демаркационата линија помеѓу двете војски е повлечена по реката Брегалница, така што Штип и селата од левата страна ги окупирала Бугарија, која овде започнува да воведува своја администрација. Териториите од десната страна на реката ги окупира Србија.

Истата судбина на овој народ му се случува и за време на Првата Светска војна. Меѓу 58 000 војници од Македонија опфатени со мобилизацијата има и многу штипјани кои учествуваат на многуте фронтови, како: Криволак 1915-1916, на Добруџанскиот фронт 1916 година и Македонскиот фронт од 1916 година. Меѓу другите ужаси и последици од Првата Светска војна во Штип и Штипско се појавата на заразни болести, меѓу кои маларијата, пегавиот тифус, колерата и страотниот шпански грип.

За време на Втората светска војна, на 7 април 1941 година Штип бил заземен од страна на 73-та пешадиска германска дивизија, а на 18 април истата година бугарскиот Генералштаб добил известување од командата на 12-та германска армија дека им се одобрува на единиците на Првата бугарска армија да навлезат во еден дел од Македонија.[7] Бугарската окупаторска власт во Штип била воспоставена на 26 април 1941 година.[7] На 11 март 1943 година, штипските Евреи (551 лице од 131 семејство) биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка, каде што биле убиени.[8] На 8 ноември 1944 година, единиците на НОБ го ослободиле градот. Штипјани учествувале активно во НОБ, при што во отпорот против окупаторите се вклучиле околу 2 000 борци. За време на окупацијата, 814 жители ги загубиле животите, од кои, 88 во директна борба против окупаторите.

Географија[уреди]

Саат-кулата во Штип
Железничката станица Штип

Градот Штип се протега на површина од 13,5 km2 и лежи на надморска височина од 300 m. Градот е поделен на многу маала, меѓу нив се Леваците и Деснаците, ситуирани на левата и десната страна од горниот тек на реката Отиња. Градот е лоциран меѓу висините на Исарот, Мерите и Кумлакот. Малата река Отиња (долга 3 км) тече низ центарот на Штип и го дели на два дела. Исто така, низ Штип поминува и реката Брегалница. Отиња се влева во реката Брегалница, во југозападниот дел на градот, во Штипско Ново Село. Составен дел на градот Штип е Ново Село, кое се наоѓа во јужниот дел на градот, во клисурата на Брегалница, веднаш зад Исарот, на патниот правец кон Радовиш. Ново Село продолжува во Кежовица маало, кое се простира до минералните геотермални извори Кежовица и Л'џи (со температура на водата меѓу 58 и 62 степени).[9]

Центарот се наоѓа помеѓу трговскиот центар и градската црква. Исарот е маало на падините на истоимениот рид. Во маалото Раданскиот пат, претежно живеат Роми. Од останатиот дел на градот, од постарите маала се: Стар Конак, Кадидере и Горно Маало. Од поновите маала, изградени претежно по Втората светска војна се: Осми Ноември (според денот на ослободувањето), Сењак (1-4), Пребег, Дузлак, Баби, Леваци, Деснаци и други.

Население[уреди]

Според пописот на Ќустендилскиот санџак, во чиј состав влегувала Штипската нахија, во 1519 година, Штип имал околу 2 700 жители, т.е. 201 турско семејство, 6 христијански маала со 333 семејства и едно еврејско маало со 15 семејства. Во 1797 година, Штип имал 3 000 жители, а во 1807 година, двојно повеќе. Во 1837 година, Штип веќе имал 17 000 жители, а во 1899 година, 20 900 жители.[10]

Според пописот од 2002 година, градот Штип (без Ново Село) броел 40 016 жители од кои:

Заедно со Ново Село, населението на Штип изнесувало 43 625 жители, од кои, 38 323 (87,85%) се Македонци.[11]

Стопанство[уреди]

Стара штипска куќа

Од Втората светска војна наваму, Штип важи за центар на текстилната индустрија во Македонија со 60 модни конфекции, кои вработуваат околу 6 000 луѓе. Така, во 1952 година започнала со работа текстилната фабрика "Македонка", со 60 работници, а само три години подоцна, тој број се зголемил на 1 224. На врвот од своето постоење, во 1987 година, во "Македонка" работеле дури 5 900 работници, со што таа претставувала заштитен знак на текстилната индустрија во Штип. Во 1962 година била формирана уште една модна конфекција - "Астибо", со 119 вработени. Во 1972 година, фабриката "Астибо" вработувала 2 000 работници, а во 1987 година - 4 800 работници.[12]

Текстилната индустрија сè уште е столб на штипското стопанство, бидејќи во 2011 година, оваа индустрија вработувала 5 610 работници, т.е. 40% од сите вработени во Штип. Некогашните текстилни комбинати-гиганти како „Македонка“ и „Астибо“ по распадот на СФРЈ и паѓањето во стечај, денес се поделени на повеќе приватни текстилни конфекции (вкупно 58 текстилни фирми), како што се: "Семак Фешан компани", "Текстил Логистик Македонија", "Албатрос", "Модена", "Мавис", "Максима", "Грација", "Беас-АБС", "Бритекс", "Штипко", "Штип-текс", "Вивенди", "Милано", "Фам мода" итн.[13]

Во Штип е развиена чевларската индустрија, во која се истакнува фабриката за чевли „Баргала“, како и неколку помали чевларски фирми. Исто така, во градот се развиени и прехранбената индустрија, градежништовото, телекомуникациите, производството на вино, металната индустрија итн. Во градот работат и неколку сместувачки капацитети (хотели и мотели), како што се: "Оаза", "Изгрев", "Гарни", "Ким" и "Ваго". Во контекст на развојот на туризмот, важно е работењето на бањата "Кежовица". Во Штип се регистрирани вкупно 4 387 претпријатија. Поважни стопански претпријатија во Штип се:[14] [15]

  • Фабриката за масло „Брилијант“,
  • фабриката за кондиторски производи "Мултикрем",
  • фабриката за прехранбени производи "Макпромет",
  • фабриката за безалкохолни пијалоци "Синада",
  • Винарската визба "Имако",
  • Винарската визба "Езимит вино",
  • Винарската визба "Аневски",
  • Фабриката за обувки "Мар Ева Мар",
  • Градежното претпријатие "Актива",
  • Градежното претпријатие "Бетон",
  • Градежното претпријатие "Пелагонија",
  • Градежното претпријатие "Коинг",
  • Дрвната индустрија "Бреза",
  • Дрвната индустрија "Мебел Инженеринг",
  • Дрвната индустрија "Радодизајн",
  • Металната индустрија "Метална и биротехника",
  • Кабелскиот оператор "Роби" итн.

Исто така, во Штип делуваат две јавни претпријатија - "Исар" и "Штип-проект".

Култура, спорт, образование и администрација[уреди]

Музејот во Штип
Центарот за култура „Ацо Шопов“

Култура[уреди]

Штип е познат по тоа што првата опера во Македонија е прикажана токму во овој град. Тоа била операта "Палјачи", изведена во 1924 година од страна на рускиот музиколог Сергеј Михајлов. Почнувајќи од 1989 година, секој ноември, во Штип се одржува најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија, “Макфест“. Исто така, почнувајќи од 1987 година, во градот се одржува "Штипско Културно Лето" - фестивал кој трае еден месец и се одржува од 1 јули до 1 август во културниот центар "Ацо Шопов". Домот на млади е организатор на џез-фестивалот "Астибо". Најпосле, секоја година, на 8 ноември, во Штип се одржува манифестацијата "Пастрмалијада".[16]


Поважни културни установи во Штип се:[17]

  • Завод и Музеј,
  • Народен театар,
  • Народна и универзитетска библиотека “Гоце Делчев“,
  • Центар за култура "Ацо Шопов",
  • Дом на млади,
  • Уметничка галерија "Безистен", и
  • Државен архив.


Заводот и Музеј е формиран во 1950 година како градска установа, а од 1953 година прераснал во Музеј на штипскиот крај. Во негови рамки има повеќе збирки и фондови од областа на археологијата, историјата, етнологијата и современата македонска уметност. Во музејскиот комплекс Аневи-Гочеви е поставена археолошка збирка со над 1 200 експонати, од неолитот до 18 век.[18]

Народниот театар започнал со работа во 1951 година, а првите театарски дејци биле учителите кои приредувале претстави со своите ученици. Оттогаш, театарот приредил над 300 премиери и над 5 000 репризни претстави, при што гостувал во над 100 градови низ Македонија и во странство, а неговите претстави ги посетиле околу еден милион гледачи.[19]

Корените на Народната и универзитетска библиотека "Гоце Делчев" датираат од 1872 година, кога штипските еснафи, со свои лични средства и преку донирање книги од домашните библиотеки, го помогнале отворањето на читалиштето "Дејателност". Во 1941 година, читалиштето го добило името "Гоце Делчев", а во 1946 година била формирана Народната библиотека "Гоце Делчев", која од 2003 година работи со статус на национална установа. Во рамките на библиотеката работи литературниот клуб "Искра", како и француска читална, во соработка со Францускиот културен центар во Скопје.[20]

Центарот за култура "Ацо Шопов" е изграден во 1979 година и располага со корисна површина од 3 100 м2, од кои 410 м2 отпаѓаат на сценскиот простор. Центарот располага со голема сала, со 615 седишта, и со мала сала, со 120 седишта. Во составот на Центарот за култура работат: Драмско студио, Ликовно студио и Хармоникашки оркстар. Секоја година, Центарот организира околу 130 културни настани од областа на музичко-сценската драмската, ликовната и литературната уметност, како и форуми, предавања, трибини итн. Притоа, како традиционални манифестации, Центарот е домаќин на: Биеналното студио за цртеж "Во чест на поетот", Музичкиот фестивал "Макфест" итн.[21]

Спорт[уреди]

Штип е познат и како спортски град. Градскиот стадион со капацитет од 6 000 гледачи е домаќин на фудбалскиот клуб "Брегалница", кој е формиран во 1921 година. Други позначајни клубови се: боречкиот клуб "Балканец", кој е добитник на бројни трофеи, ракометниот клуб "Текстилец", боксерскиот клуб "Баргала", кошаркарскиот и пинг-понг клубот при Универзитетот "Гоце Делчев" итн.[22]

Образование[уреди]

Градот има четири основни училишта:

ОУ "Димитар Влахов",


Во Штип работат шест средни училишта:


Во 2007 година, во Штип бил отворен четвртиот државен универзитет во Македонија -Универзитетот „Гоце Делчев“. Во составот на овој универзитет во 2012 година имало 13 факултети со околу 16 000 студенти. Универзитетот се состои од следниве факултети: Факултет за природни и технички науки, Факултет за образовни науки (поранешен Педагошки факултет), Филолошки факултет, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Правен факултет, Економски факултет, Факултет за музичка уметност, Факултет за медицински науки, Технолошко-технички факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, и Факултет за туризам и бизнис логистика.

Во состав на Универзитетот се вклучени и повеќе центри и институти: Центар за меѓууниверзитетска соработка, Центар за електронско учење, Центар за обезбедување квалитет, Центар за кариера и развој, Центар за односи со јавноста, Универзитетски спортски центар, Универзитетски културен центар, Центар за доживотно учење, ИТ центар, Институт за археологија и историја, Институт за исхрана, гастрономија и диететика и Институт за информатика. Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип има дисперзирани студии во речиси сите места во Источна Македонија: Кочани, Струмица, Радовиш, Берово, Виница, Свети Николе, Гевгелија, како и во Кавадарци и Скопје.

Како најголем град, а воедно и центар на источниот дел на Македонија, во Штип е седиштето на Основниот и Апелациониот Суд со апелационо подрајче над повеќе судови во градовите во источна Македонија. Исто така, Штип е седиште и на секторот за внатрешни работи (СВР) кој го покрива подрачјето на средишниот дел на Источна Македонија.

Културно-историски знаменитости[уреди]

Поглед на централното градско подрачје на Штип

Тврдината Исарот е главното обележје на овој град и воодушевува со прекрасната панорама на целиот град. Таа се наоѓа на истоименото возвишение, кое се издига на 120 метри над устието на Отиња во Брегалница, на западната периферија на градот. На ридот се најдени камени споменици кои потекнуваат од 2 век до 6 век, како и остатоци од ранохристијанска базилика од 6 век. Во воените походи против царот Самуил, византискиот цар Василиј II ја освоил тврдината Стипеон, а по освојувањето на Штип од страна на Турците, во текот на најмалку два века, тврдината била користена како нивно упориште. Денешниот изглед на тврдината потекнува од 14 век. Тврдината се состоела од два дела: дворец (замок) со должина од 160 метри и најголема широчина до 20 метри, и стопански дел, со должина од 250 метри и широчина од 50 метри. Во 2009 година, откриени се 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврдила легендата дека Штип бил освоен од Османлиите преку таен тунел под Исарот. Инаку, во своите патеписи, Евлија Челебија и Џаџи Калфа сведочат дека веќе во 17 век, Исарот бил запустен.[23]


Саат-кулата во Штип потекнува од 17 век, веројатно од 1650 година, а денес, таа претставува споменик на културата, заштитен од државата. Иако е позната како Саат-кула, всушност, таа претставува бегова кула, подигната за одбрана на имотот од некој турски бег, чие име не е познато. Првобитно, на кулата имале пушкарници и балкон, а еден век подоцна бил поставен часовник. Еден дел од кулата бил урнат во 1934 година.[24]


Хуса Медин Пашина џамија или Црква Свети Пророк Илија е изградена на ридот, над јужниот брег на реката Отиња. Местоположбата е на доминантна позиција над градот, поради тоа црквата во 1882 година била разурнета и претворена во џамија.[25] Црквата била позната како поп Стариева црква, изградена од Константин Дејановиќ во 1381 година.[26]Според некои извори џамијата потекнува од 17 век, додека брегалничката епархија наведува дека таа била изградена во 1882 година. Веднаш до храмот се наоѓа гробот на Хуса Медин Паша. За објектот се води и судски спор за сопственост.[27][28]


Во центарот на Штип се наоѓа Безистенот, кој порано била затворен пазар, но сега е уметничка галерија. Нема прецизни податоци за неговата градба, но се претпоставува дека потекнува од 16 век или 17 век, а бил уништен за време на австро-турската војна. Тој е граден од полн, масивен камен, има правоаголна основа и три издвојувања во висина, од кои, последната ја претставува куполата. Внатре, има три простории и голема купола, а на ѕидовите има мали прозорци.[29]


Емир Ќучук Султанов мост се наоѓа на влезот од Штип, а бил изграден во 1672 година. За време на Првата светска војна, преку мостот поминувала демаркационата линија, која го делела градот на српски дел (населбите од десната страна на Брегалница) и бугарски дел (левата страна на градот).[30]


Во Ново Село, во дворот на црквата св. Богородица се наоѓа училиштето во кое две години (1894 - 1896) работел Гоце Делчев. Денес, тоа е реновирано и во него се наоѓа ректоратот на универзитетот "Гоце Делчев". На едната страна од зградата, која е свртена кон црквата, поставен е релјеф во спомен на Гоце Делчев.[31]


Во Штип постојат и неколку споменици посветени на важни историски настани од поново време. Таков е Меморијалниот споменик на паднатите борци од НОБ, кој се наоѓа на источната страна на Исарот. Споменикот е дело на архитектот Богдан Богдановиќ, а е подигнат во 1974 година од страна на Собранието на Општина Штип. Во близина на зградата на музејот се наоѓа Споменикот на Евреите, изграден во 1985 година, во спомен на Евреите кои биле депортирани во нацистичките концентрациони логори. Споменикот е дело на уметникот Методи Андонов. Најпосле, во чест на војниците загинати за време на војната од 2001 година, во месноста Суитлак и во дворот на штипската касарна се подогнати спомен-обележја.[32]


Религиозни објекти[уреди]

Црквата „Св. Никола“ во Штип
Цркви[33]

Во Штип и околината се регистрирани над 300 цркви, а гордост на градот е црквата "Свети Никола", која е седиште на Брегалничката епархија. Според староста, особено се истакнува црквата "Свети Јован Крстител", која потекнува од 1350 година.


  • Црквата св. Никола е една од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип. Црквата е изградена од Андреа Дамјанов на местото на постара црква од 1341 година. Според натписот над главниот западен влез, црквата била завршена на 10 мај 1867 година.34 Црквата се одликува со грандиозен иконостас којшто содржи бројни вредни икони. На северниот дел од иконостасот има 16 икони, а на главниот иконостас се наоѓаат дури 67 икони, најголем дел од нив насликани во 1890 година од страна на Димитар Папрадишки. Во 1990 година, во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи меѓу 17 и 19 век. Исто така, во галеријата има и стари книги, сребрени крстови, чаши за богослужби, венчални круни, псалми, евангелија и други сакрални предмети. Во јужниот дел на галеријата има 29 икони од 18 век и 19 век, изработени од зографите: Џико од селото Осој, Константин и Петре Новев од Тресонче, Крсте Зографот од Велес итн. Во западното крило на галеријата има 32 икони од 19 век, дело на Данаил Коцов од Штип и на други зографи. Во северниот дел на галеријата има 31 икона, изработени од Петре Новев, Исаија Дебарлија, Константин Андонов итн.[34]
  • Црквата св. Спас се наоѓа на левата страна на реката Отиња. Таа претставува еднокорабна црква за која се смета дека ја подигнал војводата Димитар во 1369 година. Оригиналниот живопис на црквата не е сочуван, а по вторпат, таа била живописана во 1601 година од зографот Јован.[35]
Црквата „Св. Троица“ во населбата Баби
  • Црквата св. Богородица се наоѓа во Ново Село и претставува едно од ремек-делата на познатиот македонски мајстор Андреа Дамјанов и, според кажувањата, таа била градена 31 година. Според знакот што се наоѓа над влезот од јужната страна, црквата била реновирана во 1850 година. Црквата има голем иконостас со 90 икони.[36] Во рамките на црквата, во 1972 година била отворена галерија на икони која содржи дури 132 дела, изработени меѓу 1861 и 1866 година од сликарот Станислав Деспотоски од Самоков.[37]
  • Црквата св. Пророк Илија се наоѓа на јужната страна на реката Отиња, изградена е во 1381 од Константин Дејановиќ и приложена на манастирот Хиландер. Во 1822 година била срушена, односно од истата црква е адаптирана џамија, наречена Хуса Медин Пашина џамија. Во историските извори оваа црква се спомнува како црква на поп Старие. На празникот Св.Пророк Илија на 2. Август во црквата се одржува богослужба.[40][41]
  • Св. Константин и Елена - на 2 јуни 2013 година поставен камен темелник. Се наоѓа во населбата Балканска веднаш до споменикот на протераните македонци од Егејскиот дел на Македонија.[42]
Џамии
Теќиња

Медиуми[уреди]

Споменикот на Александар Македонски во центарот на Штип

Штип има различни медиумски установи. Првата приватна телевизија во Македонија (и во поранешна Југославија) беше формирана во овој град од Миле Кокотов во 1989 година. Оваа приватна телевизија беше наречена „ТЕКО ТВ“ но, денес повеќе не постои. Во Штип, активни телевизиските станици се „ТВ Ирис“ и „ТВ Стар“.

Штип има и повеќе радио станици, меѓу кои се истакнува „Канал 77“, првата приватна радио станица која има проширена мрежа низ североисточниот дел на земјата. Други поважни станици се "Радио Штип", радио 'Angelsfm' и непрофитната радио станица „УГД-ФМ“ која работи во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“. Во градот се печати локалниот весник, „Штипски Весник“.[44][45][46]

Познати личности[уреди]

За автоматски создадени списоци на лица родени или починати во Штип, погледнете: Категорија:Родени во Штип и Категорија:Починати во Штип
За рачно одржувани списоци на лица родени или починати во Штип, погледнете ги статиите: Список на луѓе родени во Штип и Список на луѓе починати во Штип

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 7.
  2. Цацков, Оливер (2013). „Штип од 1900 до 1912 година“. Скопје: Организација на резервните офицери на Република Македонија. стр. 77. ISBN 9789989211225. 
  3. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 4-7.
  4. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 7.
  5. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9-10.
  6. Историја на Штип]
  7. 7,0 7,1 Филов, Кире (2011). „Политичките и економските промени во Штип и Штипско низ архивската документација: 1944-1946 година“. Национална Установа - Универзитетска Библиотека „Гоце Делчев“ - Штип. стр. 13. ISBN 9789989147722. 
  8. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9-10 и 40-41.
  9. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 8-9.
  10. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 40 и 46.
  11. Историја на Штип]
  12. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 46.
  13. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 13, 25 и 46.
  14. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 16 и 24.
  15. Стпански развој во Штип
  16. „Cultural Manifestations“. 13 септември 2007. http://www.stip.gov.mk/?jazik=1&id=020401. конс. 13 септември 2007. 
  17. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 11.
  18. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 36-37.
  19. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 37-38.
  20. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 38-39.
  21. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 39.
  22. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 15.
  23. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9 и 28-29.
  24. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 29.
  25. епархија
  26. [епархија]
  27. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 30.
  28. [епархија]
  29. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 30.
  30. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 32.
  31. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 31.
  32. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 40-42.
  33. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). „Карта на верски објекти во Македонија“. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  34. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 32-33.
  35. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 31.
  36. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 31.
  37. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 34.
  38. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 35.
  39. Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 35.
  40. Канал 5 телевизија
  41. [епархија]
  42. Поставен камен темелник за нова црква во Штип
  43. ЛИТУРГИЈА НА „СВ. ПРЕПОД. МЧ –ЧКА ПАРАСКЕВА“ ВО ПАРАКЛИСОТ „СВ. ПЕТКА“ ВО НАС. СЕЊАК ВО ШТИП
  44. Тв Ирис
  45. Радио Штип
  46. Радио Черења
  47. Љупчо Шатевски, „Штипјани неколку децении раководеле и со Бугарската академија на науките“, Дневник, година XVIII, број 5553, петок, 29 август 2014, стр. 18.
  48. Љупчо Шатевски, „Штипјани неколку децении раководеле и со Бугарската академија на науките“, Дневник, година XVIII, број 5553, петок, 29 август 2014, стр. 18.
  49. Љупчо Шатевски, „Штипјани неколку децении раководеле и со Бугарската академија на науките“, Дневник, година XVIII, број 5553, петок, 29 август 2014, стр. 18.
  50. Љупчо Шатевски, „Штипјани неколку децении раководеле и со Бугарската академија на науките“, Дневник, година XVIII, број 5553, петок, 29 август 2014, стр. 18.

Надворешни врски[уреди]