Македонски фронт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) е фронт на територијата на Македонија, на која што се водат вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година. Фронтот се протега од демаркационата линија кај Охрид (меѓу градот и манастирот Свети Наум), преку планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе (Кајмакчалан) и Беласица, долж реката Места се до Орфанскиот залив во Егејското Море. Јужно од оваа линија се стационирани силите на Антантата (француски, британски, српски, а подоцна и италијански и грчки единици), а северно од неа се групите на Централните сили (бугарски, германски и австро-унгарски единици).

По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централните сили, нејзината Втора армија есента 1915 година ги зазема македонските градови Куманово, Штип, Велес и Скопје. Пролетта 1916 година потпомогната од своите германски и австро-унгарски сојузници, ја освојува Рупелската Теснина и, навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија, ги зазема градовите Сер, Драма и Кавала. Кон средината на август истата година бугарските сили, предводени од генерал Климент Бојаџиев ги разбиваат трупите на Антантата на просторот Добро Поле - Баница - Лерин и продирајќи кон Костур го заземаат Лерин со околните населби.

Со влегувањето на Романија во војната кон крајот на август 1916 година бугарските сили преминуваат во одбрана. На 11 септември 1916 година силите на Антантата, предводени од францускиот генерал Морис Сарај, преминуваат во контраофанзива во правецот на Горничево и Битола. Во жестокиот судир кај Горничево, српско-француските трупи ја пробиваат одбраната на бугарската Прва армија принудувајќи ја на повлекување. На 19 ноември тие ја заземаат Битола. По тешките тримесечни борби офанзивата на силите на Антантата спласнува и настанува затишје на целиот фронт.

Во текот на 1917 и првата половина на 1918 година, се водат повеќе позициони борби од локално значење кај р. Струма, Црна Река и долж Вардарската Долина, кои нема да предизвикаат некои поголеми територијални промени.

На 15 септември 1918 година силите на Антантата предводени од францускиот маршал Франше Д'Епере (наследникот на Сарај), започнуваат силна офанзива против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија на просторот Ветерник - Сокол. Борбите се пренесуваат во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Под жестокиот притисок на сојузниците бугарско-германските трупи се приморани на повлекување кон север и бугарската граница. Сојузниците заземаат повеќе делови во вардарскиот дел на Македонија. На 29 септември 1918 година Бугарија е принудена да потпише примирје согласувајќи се да ја напушти Вардарска Македонија. Ги задржува само Пиринска Македонија и Струмичката област со градот Струмица, која ќе ја загуби подоцна во корист на Србија со Нејскиот мировен договор од 1919 година.

Надворешни врски[уреди]