Преспанско Езеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преспанско Езеро
Преспанско Езеро - Карта на Преспанското Езеро
Преспанско Езеро - Карта на Преспанското Езеро
Карта на Преспанското Езеро
Satelitska-Prespansko.jpg
Место Македонија, Албанија, Грција
Координати 40°54′N 21°02′E / 40.900° СГШ; 21.033° ИГД / 40.900; 21.033
Вид тектонско
Земји во сливот Македонија, Албанија, Грција
Најг. должина 28 км
Најг. ширина 17 км
Површина 276,40 км2
Прос. длабочина 54 м
Најг. длабочина 76 м
Надм. височина на површината 853 м
Замрзнато 2002
Острови Голем Град, Мал Град
Глетка на Преспанското Езеро од падините на планината Баба над селото Сливница
Поглед на Преспанското Езеро од местото викано Ветарник

Преспанско Езеро — природно езеро кое го делат три држави: Македонија (најголем дел), Грција и Албанија. Во рамките на Македонија, тоа се наоѓа во југозападниот дел од земјата. Претставува важно водно живеалиште и затоа е прогласено за рамсарско место. Прогласено е за споменик на природата во 1977 година.

Преспанско Езеро се соочува со сериозна еколошка катастрофа.[1] Во 2020 година е забележано најголемото досегашно опаѓање на нивото на езерото, кое на места изнесува минус 250 до 260 сантиметри во висина, односно под нормалното ниво на водостојот.[2] Нивото на водата е намалено за 9 метри, а зафатнината за 50 %, крајбрежната линија е повлечена за 3,5 км, има исушени блата, мал дотек на чиста, свежа и богата со кислород вода, големо присуство и концентрација на сулфати и пестициди, продор на сончевите зраци до дното, дислокација и наголемување на количината и просторот со присуство на разни видови алги, намалената чистота на водата и друго.

Географски одлики[уреди | уреди извор]

Кога зборуваме за Преспанското Езеро, мораме да појдеме од котлината затоа што е тоа производ на природните случувања во неа и нејзин составен дел. Преспанската котлина се наоѓа во западниот дел на етничка Македонија и на крајниот југозападен дел на Реублика Македонија. Делбите почнале на карта 1912 г., а практично на терен завршиле во 1924 г. Така сега од вкупната површина на хидролошкиот слив на Преспанска Котлина 1350,00 км2 припаѓа на:

  • Република Македонија дел со површина од 761,6 км2, или 56,42 %
  • Република Грција дел со површина од 321,6 км2, или 23,82 %
  • Република Албанија дел со површина од 266,8 км2,или 19,76 %

Преспанската Котлина северната граница ја има на 41 степен и 25 минути, јужната на 40 степен и 40 минути северна географска широчина и источната на 21 степен и 16 минути и западната на 20 степен 49 минути и 40 секунди источна географска должина.

Од источната страна е Пелагониската Котлинa, од западната Охридската Котлина, од северната Охридската и Демир-Хисарската Котлина и од јужната Костурската, Билиштанската и Корчанската (Горичката) Котлина. Котлинската рамка е повисока од котлинското дно, нивото на езерото, од 1.548 метри на Баба Планина, до 25 метри на превалот во клисурата "Грло", на крајниот југозапад на Малото Преспанско Езеро (МПЕ). Иако има висока рамка, преку превалите "Ѓавато" 1.167 мнв., "Превал“ 1.035 мнв, "Грло" 875 мнв, "Превтис" (Ѕвезда) 1.085, "Полце" (Пресека) 1.568 мнв и "Буково" 1.207 мнв е лесно (патно сообраќајно) до соседните котлини и пошироко.

Котлината има издолжена, неправилна форма во меридијален правец, облик на круша. Најголемата должина е 60,00 км, а широчината изнесува од 7,00 до 30,00 км. На јужниот дел на котлината, е природната акумулација Преспанско Езеро, со надморска височина при максимално ниво на водата 851,83 метри. При пониско ниво езерото со планината Сува Гора и песочниот провлак "Гладно Поле" (во насока с. Р'би - с. Перово, Кула по грчки) е поделено на Големо и Мало Преспанско Езеро. Површинска врска помеѓу двете езера, е Перовска Река која има максимална должина до 300,00 метри при ниско ниво, а при максимално не постои, се поплавува песочниот провлак, а двете езера стануваат едно (1918 г., 1941 г., 1948 г., и 1963 г.)

Големото Преспанско Езеро се наоѓа на надморска височина од 853 метри и има површина на воденото огледало од 276,2 км2[3], од кои во Македонија 191.4 км2, во Грција 37,6 км2, во Албанија 46,2 км2. Најголемата длабочина на Преспанското изнесува 76 метри и се наоѓа кај месноста Казан пред северниот одрон на Пречна Планина, додека максималната должина изнесува 28 километри, а најголемата широчина 17 километри[3].

Малото Преспанско Езеро се наоѓа на 856 метри надоморска височина и е за 3 метри повисоко до Големото Преспанско Езеро при што негоите води преку природен прокоп кај јужниот дел на провлаката Гладно Поле и некогашното старо село Долно Перово истекуваат во Големото Преспанско Езеро[3]. Малото Преспанско Езеро има површина од 50,7 км2, од кои во Грција 45,9 км2 и во Албанија 4,8 км2.

Вкупната површина на Преспанското Езеро изнесува 325,9 км2. (Податоциве се читани, мерени, пресметувани од топографски карти во размер 1:100.000 и 1:50.000).

Во Преспа на островот Ахил во Малото Преспанско Езеро, во 976 г. се создало Самуиловото Царство.

Геолошки одлики[уреди | уреди извор]

Топографска карта на охридско-преспанскиот крај

Геолошките истражувања во Преспанската, заедно со Битолската и Охридската Котлина се започнати уште во почетокот на 19 век. Во континуитет траат и до денес. Така што можеме да кажеме дека имаме една добра база за геолошката состојба во котлината. Источната гранична рамка, блокот на Баба Планина со Бигла и Плаќенска Планина во основа се гранитни, водонепропустливи стенски маси. Површинскиот (фреатскиот) слој со длабочина 12,00 - 15,00 метри е водопиен, вододржлив и изворски и кладенски. Затоа на источната рамка имаме повеќе постојани и повремени водотеци.

Западната рамка, блокот на Галичица со Стара Планина, Иван Планина и Корбец, се варовнички и порозни. Врнежите што паѓаат на нив, ги впиваат водите и преку подземни канали ги носат во Охридската Котлина и Езеро. Пр. Велгошките Извори, Студенчишта и многу подводни извори до Св.Наум како и изворите во с.Тушемиште и Загоричани во Албанија. Дното на Охридското Езеро е пониско од Преспанското за 400,00 метри, а разликата во нивоата на водата изнесува околу 150,00 метри. На делот од Сир Хан до клисурата Грло, нема нуту едно поточе што носи вода во Преспанското Езеро. Таквиот геолошки состав и одлика на стените овозможил природен понорен-подземен истек на водата од Преспанското Езеро. Практично Преспанското Езеро и Преспанската Котлина се извориштето на реката Црн Дрим. Изворите кај Св. Наум се површинска појава на водата од "големиот природен кладенец" Преспанско Езеро, која понира преку понорот Завер.

Котлинското дно го сочинуваат: чакалесто песокливи и глинести седименти од с. Избиште до Сир Хан; чакалестопесочни седименти источно од с.Јанковец до Макази; флувиоглацијални наслаги од Макази до Маркова Нога; алувијални наслаги во средишниот дел, Ресенско Поле, Асамати и Наколец; езерски и барски седименти северно од с. Перово и јужно од с. Стење; органогено мочуришни седименти во Перовско и Езеренско Блато;пролувијални наслаги во Стенска увала.

Тектонски одлики[уреди | уреди извор]

Преспанската Котлина е дел од Западно-македонската тектонска зона. Неа ја формираат морфоструктури на издигање и тонење со надолжен правец), како последица на радијалните движења на Земјината кора и неколкуте напречни раседи. Морфоструктурите на издигање ги прават: на исток блокот на Баба Планина долг повеќе од 45,00 км, на север одвоен од блокот на Бигла, Илинска и Плаќенска Планина со Ѓаватскиот расед, на запад блокот на Галичица во кој влегуват, Петринска Планина, Исток Планина, Галичица и Сува Планина и на југ Иван Планина и Корбец. Морфоструктурата на тонење е самата котлина-котлинското дно, на чиј југ е природната акумулација Преспанското Езеро. Дното на котлината е наведнато од север кон југ до правецот с.Герман-с.Горица и од југ кон север до истиот правец, од каде како најнизок дел со пад кон заливот Завир влегува во понорот Завир. Со испитувањата кои биле извршени во 1925 година, било утврдено дека од понорот Завер истекува во Охридското Езеро, а со незапаметеното повлекување на водата во 2002 година понорот Завер за првпат се нашол на копно.[4]

Како последица на тектонските движења во езерото се формирале четири острови и тоа: Голем Град во делот на Р Македонија и Мал Град во делот на Р Албанија, во големото Преспанско Езеро и Ахил и Видринец во Малото Преспанско Езеро во делот на Р Грција.

Во самиот езерски простор постои потонатина, напречна, на правците Отешево Асамати на север и Стење-Казан-Лиса-рот Коњски. Почнува од Отешево-Стење и кај Асамати има длабочина на денивелацијата 21 метри. Од тука продолжува надолжно до Долно Дупени, каде има денивелација 22,00 метри.

Варовничкото крајбрежје од Казан (Стење) до Пустец и од Ротино до Перово и околу островите, е со вертикални спили високи 30.00 до 50,00 метри. На нив и во нив, ударите на брановите направиле поткапини и пештери. На повисоките, над нивото на водата, монасите направиле пештерни цркви, молитвеници, свети места и исцртале фрески на повеќе светци.

Климатски одлики[уреди | уреди извор]

Географската положба, надморската височина, високите рамковни планини, присуството на природно акумулираната вода во езерото и др., ја прави климата во котлината специфична.

Северниот дел на котлината има континентална клима со поладни зими, а јужниот е под влијание на продорот на средоземната клима со побллаги зими. Езерото е/беше катализатор на климата во котлината.

Во Преспанска Котлина мерењето на врнежите е започнато во 1930 г. Тогаш во с. Брајчино формирана е првата станица за мерење на врнежите. Во април 1935 год во с.Стење, е поставена нивомерна летва за мерење на нивото на водата во Големото Преспанско Езеро. Мерната станица ја поставил Милорад Сибиновиќ дипл.инж.хидролог, којшто започнал трајни хидролошки истражувања во Преспанската и Охридската Котлина. После Втората светска војна, формиран е Републичкиот Хидрометеоролошки Завод, којшто официјално ги извршувал овие задачи. Воспоставени се станици за мерење на врнежите во Ресен, Стење, Асамати, а нивомерни во Асамати и Наколец. Грците започнале со мерење во 1954 г. со нивомерни летви во Перово (Долно Перово), Кулата, една за малото, една за големото Преспанско Езеро. Тие работеле до 1992 г., до смртта на човекот што ги вршел мерењата. На просторот околу МПЕ поставиле и неколку станици за мерење на врнежите. Албанците пак ги користеле нашите податоци објавувани во годишните извештаи на СФРЈ.

За хидролошкиот период 1961 г. до 1991 г. регистрираме:

  • Апсолутно најниската температура на воздухот изнесува -26,5°С, регистрирана на 14 јануари 1968 г. Апсолутно максималната температура изнесува +37,6°С, регистрирна на 6 јули 1988 г. Пролетта е поладна од есента. Мај е поладен од септември.
  • Мразот најрано се јавува во октомври, а најдоцна во мај. Просечниот мразен период изнесува 167 дена, а екстремниот 232 дена,
  • Врнежите се под влијание на средоземниот плувиометриски режим. Просечната годишна сума на врнежи изнесува, 730,1 мм/м2/ год. Врнежите паѓаат во ладниот дел од годината, ноември до мај (јуни). Јули и август може да бидат и без врнежи. Снегот просечно се јавува од крајот на ноември до крајот на март.
  • Котлината има подолготрајно сончево зрачење. Просечно годишно имаме 2295 сончеви часови.
  • Од ветровите најголема зачестеност има северниот и источниот ветер. Од другите правци ветровите се со помала зачестеност. Одлика е што во текот на денот дуваат од копното кон езерото, а во другиот дел од езерото кон копното.
  • Маглата е ретка појава. Просечно годишно се јавува 3-5 денови и тоа во зимскиот период од годината.
  • Просечната релативна влажност на воздухот изнесува 73,5%.

Хидрографски податоци[уреди | уреди извор]

Хидрографијата на котлината ја прават: подземните води, изворите, природните водотеци, изградените од човекот водни објекти и природната акумулација езерото.

  • Подземни води: Досегашните истражувања и сознанија кажуваат дека:

источната рамка во слој со длабочина 12-15м. е водовпивателна, вододржлива и издашна. Тука се јавуваат постојаните и повремените водотеци: Стара(Германска) Река, со постојан водотек и влив во ГПЕ, Брајчинска Река идентична на претходната, Кранска Река (Шара), Сливничка Река со повремен водотек, Курбинска река, со повремен водотек, Сопотска Река, Чешинска (Златарска) Река и Лева Река со повремен водотек;

  • На северниот дел: Голема Река која беше со постојан водотек, после каптирањето на изворите за регионалниот водовод и пренасочувањето на Болнска Река во Источка Река стана река со повремен водотек;
  • Северозападно се повремените водотеци: Болнска Река, Источка Река, Евлска Река, кои имаат карстни извори и се со повремен водотек;
  • Од западната страна се: Стипонска Река, Лавчанска Река, Прељупска Река, Крива (Отешевска) Река и карстниот извор, постојан, во Сир Хан.
  • Во подлабокото подземје, субартеско и артеско, утврдено е дека: северниот дел на котлината до одвојакот на патот за с. Горно Дупени е безводно и со присуство на минерализирана, закиселена вода. Јужно од оваа граница, на длабочина поголема од 30,00 м, под водонепропустливиут слој се наоѓа слатка вода со субартески и артески карактер. Таа со цевкасти бунари се користи за регионалниот водовод. Сметам дека таа вода е во непосредна врска со водата во езерото. Го намалува (снижува) нивото по динамиката на снижување на нивото на водата во езерото.
  • Во малото Преспанско Езеро од планината Горбец и Сува Гора дотекуваат неколку повремени водотеци, после врнежите од дожд и топењето на снегот.
  • При пониско ниво на водата од максималното, единствена површинска врска помеѓу двете езера е Перовска река. Нејзината најголема должина изнесува до 300,00 метри. При максимално ниво таа се губи, затоа што нивоата се изедначуваат, а песочниот провлак е поплавен.
  • Антропогени објекти: Во втората половина на минатиот век изградени се три хидромелиоративни системи за наводнување:
    • Во Народна Република Македонија во периодот 1957-1960 г. изграден е системот за наводнување на Ресенско Поле, површина од 3.500,00 хектари со сезонски капацитет, 01.06 до 15.09. во годината, од 15 милиони метри кубни. Извор за вода е големото Преспанско Езеро. За овој систем заседавала мешовита комисија со членови од НРМ и НРА и дала согласност.
    • Во кралевина Грција во 1962-1964 г. изграден е систем за наводнување на полето од с. Рби до с. Л'к, со површина од 2.250 хектари и сезонски капацитет од 10 милиони метри кубни. Извор за вода е малото Преспанско Езеро и Стара (Германска) Река која се влева во Големото Преспанско Езеро. За изградбата на системот не се информирани соседните земји.
    • Во НР Албанија во периодот од 1972 до1976 г., изграден е водоцрпен систем за наводнување на Билиштанско-Корчанско Поле со површина од 22.500 хектари, со сезонски капацитет од 90 милиони метри кубни вода. Извориште за вода за овој систем е Малото Преспанско Езеро. Изградбата на системот не е најавена на сосeдните држави. Изборот на извориштето е спротивен на природните закони, и сите позитивни закони, повелби, напатствија и препораки од човекот и неговите здруженија. Во случајов се користи вода од неприпаден хидролошки слив. Проектантите свесни за ова, оправдување нашле со враќање вода во езерото во не вегетативниот период, од реката Девол и суводолиците. При тоа направиле уште две грешки: што ако има сув период, без врнежи? и не дале решение за собирање на милот-наносот пред внесувањето на водата во Малото Преспанско Езеро.

Геологија на Преспанското Езеро[уреди | уреди извор]

Во Големото Преспанско Езеро има два острови: Голем град или Св. Петар и Мал Град. Островот Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки одлики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот Голем град е долг 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Островот Св. Павле е помал - долг е 300 м, а широк 150м со 25-30 м највисок дел на езерото. На Голем град секоја година се вршат археолошки испитувања, постојат археолошки наоѓалишта од ранохристијанскиот период и базилика од словенскиот период. Островот е ненаселен.

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Преспански сунѓер (Spongilla prespensis), ендемски вид кој живее во езерото

Спрема местата на своето опстојување и развој флората и фауната во Преспанската Котлина, можеме да се поделат на: езерска, крајбрежна, блатна, котлинска до 1.000 мнв, планинска и високопланинска.

Во котлинскиот копнен дел до 1.000 мнв застапени се скоро сите видови културни растнија. Најподобна е за овошјето, особено за јаболкото, кое е најзастапено и најдоходовно. Застапени се и градинарските растенија, ама поради касното созревање, се одгледуваат само за поединечни потреби. Житариците се сега скоро потполно напуштени, од причини на слаб доход (ниски цени ), а нема потреба ни за храна и крма за крупната и ситната стока. Ситната стока ја нема од поодамна, а крупната поради механизираноста и немоќта - староста на популацијата, веќе исчезнува. Поранешните ливади се преорани и пренаменети во овоштарници или потполно напуштени и обраснати со некултурни и диви видови растенија.

Природното-арско шталско ѓубре и ѓубрењето со испаша на стоката веќе ги нема. Доминантно е вештачкото ѓубриво и остатоците и штетните последици од него за самата почва, подземјето, водотеците и езерото. Пестицидите што се употребуваат за заштита на јаболкото се посебна „приказна“ за штетата и загрозеноста на животната средина во воздухот, почвата, подземјето и водениот езерски простор.

Блатните растенија застапени беа скоро по целата должина на северното крајбрежје на Големото ПЕ, односно во Перовско-Езеренското Блато, Стенското Блато, северното крајбрежје на Малото ПЕ и јужно од селата Трново и Дреново, во тесниот и плиток дел на Малото ПЕ.

Сега, поради повлекувањето на крајбрежната линија за околу 3,5 км на југ, блатата ги нема. Поранешниот блатен простор е населен со досега непознати растителни видови за овој дел од котлината.

Фауната на Преспанското Езеро е помалку истражена во однос на Охридското Езеро. Меѓутоа утврдено е дека е типично олиготрофна со доста голем број на реликтни и ендемски организми. Посиромашно е со риби од Охридското Езеро. Најзастапена е белвицата-нивичка, бела слатка риба најдолга до 10-15 см. Најмногу ја има во длабоките и чисти води во атарот на с. Нивици, по кое го добила името нивичка. Посолена, нанижана во низи и сушена на сонце, на пазарот ја има под името циронка.

Крапот е најквалитетната и претставителна риба во Преспанското Езеро. На жалост, во 1974 г. со употрeба на погрешен пестицид за авионско прскање од комарци, крапот во големи количини беше затруен. Подолго време се регенерираше, го немаше во поголеми бројни количини и поединечни големини. Со прекинот на водотечната врска помеѓу Малото и Големото ПЕ прекинато беше и движењето на рибите помеѓу Малото и Големото ПЕ. Грците го порибуваа Малото ПЕ со други не домицилни видови риби. И Албанците вршеле порибување на Големото ПЕ со риби. Во деведесеттите години од минатиот век се појавија мали сомови и аквариумски караси со големина до 10 см. Рибарите, поради разните и убави бои ги нарекоа телевизори. Ги имаше во поголеми количини. Поради оштрите, тврди и назабени перки, многу беше тешко и болно нивното вадење од мрежите.Рибарското стопанство од сир Хан во Р. Македонија во рибникот во с. Езерени одгледуваше израелски крап. Тој се насели и во атарот на Големото ПЕ. Средината му погодуваше и напредуваше добро. Присутен е и сега, ама неговиот квалитет значително заостанува зад домашниот преспански крап.

Следна риба по квалитет и застапеност е скобустот, бојникот. Тој е квалитетна бела, слатководна риба, најслатка за конзумирање уловена до пред мрестот, во месец март и април. После мрестот во мај до крајот на септември се повлекува и не е со таков квалитет како во пролет.

Најзастапена и секогаш присутна риба е плотицата (црвеноперка, писа). Таа е слатка бела риба, попогодна за конзумирање до пред мрестот во пролет. Има повеќе ситни коски, па недоволно вештите за чистење на коските конзуматори ја избегнуваат.

Мренката е малку застапена, ама овде е квалитетна, со малку коски и многу вкусно и слатко месо.

Кленот е најмалку застапен. Се јавува во големина и до 1,0 -1,5 кгр. Неговото месо е со бела сивкаста боја и киселкаст вкус. Рибарите го класифицираат како риба со најслаб квалитет.

Јагулата беше и се’ уште е присутна риба. Додека беа во употреба коците-далјаните почесто беше уловувана. Во мрежите ноќници реткост е и тешко да се улови, затоа што телото и’ е мазно и лизгаво-лигаво. Доколку се закачи со забите, многу лесно го сече конецот и се ослободува. Беше уловувана во големина до 1,2 метри и тежина 3-5 кгр. До изградбата на браните за ХЕЦ Глобочица и Шпилје, доаѓаше од Саргаско Море во Охридското Езеро, а од таму низ подземниот истек и во Преспанското Големо Езеро. И сега, тие јагули што се носат со авионски или друг транспорт во Охридското Езаро, доаѓаат во Преспанското Големо Езеро.

Птичјиот свет многубројно разновиден и присутен во блатата, крајбрежјето и Езеренската Корија, беше посебна убавина, богатство и задоволство за човекот. Ќе наведеме некои од тие видови:

  • Постојано присутни водни: лиска (корморан), нор (нуркач), дива патка, пеликан, црн гавран
  • Надводни барски: разни видови врапци и појни птици.
  • Крајбрежни: белиот галеб, разни видови чапји, штркот.
  • Копнени: питома ластовица, дива ластовица, галица (чавка), страчка, гавран, сколовранец, врапци, и др.

Сега повеќе од овие видови птици ги нема во просторот на северното крајбрежје, пр. штркот, питомата ластовица, галицата (чавката) и др.

Туризам[уреди | уреди извор]

Бистрата езерска вода со температура од 24-28°С, долги песочни плажи, присуство на многу сончеви денови, немање на магловити денови, свежи ноќи, еколошки чиста средина, планини со бујна вегетација и изградени туристички капацитети, скијачки терени - се основите за развој на туризмот во Преспа, кој за жал и покрај компаративните предности не е во доволна мера застапен.

Легенда за настанокот на езерото[уреди | уреди извор]

На местото на денешното убаво Преспанско Езеро, според легендата се простирало широко плодородно поле. Во близината на ридот имало седум кладенчиња, кои никогаш не замрзнувале. Нивните бистри води биле гордост за цела долина. Навечер кладенчињата со чепови (цифуни) се затворале. Во тоа време, две племиња, непрестајно војувале за убавата долина. Ќерката на кнезот од едното племе Преспа, била многу убава. Таа секоја вечер одела под ридот, до кладенчињата, по вода. Еднаш, кај кладенчињата Преспа го видела синот на кнезот од другото племе. Нивните погледи се сретнале. Срцата им затрепериле. Се родила љубов. Оттогаш, младите почнале скришум да се сретнуваат. Една вечер, младиот син на кнезот кој се викал Лабид, ја чекал убавицата недалеку од кладенчињата. Таа стрчала, неосетно му се приближувала убвата девојка, лесна како срна. Таа стрчала, намерно ги извадила седумте чепа од кладенчињата и водата бликнала на долж и шир по долината... Кога ја видел младичот, со неколку скока ѝ го попречил патот и се нашле лице в лице ... Се фатиле за раце и тргнале кон ридот. Се качиле на врвот. Се прегрнале и паднале во љубовна игра. Шумолењето на водата и љубовната игра ги успала двајцата млади. Кога се разбудиле, во раните зори, пред нивните очи светнало едно сиво-зеленикаво езеро ... Дотогаш, стражарите на двете племиња ги известиле своите кнезови за покачувањето на нивото на водите и тие, племињата тргнале на пат - едното тргнало на југ, а другото се населувало во полите на Галичица... Лабид ја прегрнал Преспа и бакнувајќи ја, му рекол: “Сега нема за што да војуваат нашите племиња!“ Младите стапиле во брак, а настанатото езеро, во чест на убавицата се нарекло Преспанското Езеро а населбата околу него го добила името Преспа.

Галерија[уреди | уреди извор]

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Турски документи за историјата на македонскиот народ:
    • Опширен пописен Дефтер за казите Горица (Корча), Биглишта и Хрупишта од 1568/69 3 г., Скопје 1997.
    • Опширен пописен Дефтер за Охридски санџак од 1583 г., Скопје 2000.
  • Виктор Григорович: „Осврт од патувањето по Европска Турција, со карта на околината на Охридско и Преспанско Езеро“, Казан 1848.
  • Јован Цвииќ, „Атлас за езерата на Македонија ,Стара Србија и Епир“, Белград 1902.
  • Јован Цвииќ, „Основи за Географијата и геологијата на Македонија и Стара Србија“, Белград 1911.
  • Геолошки завод на Р Македонија, Скопје, Геолошки податоци за Преспанска Котлина.
  • Георги Трајчев, „Преспа“, „Софија“, 1923.
  • Градежен институт „Македонија“, Скопје, Геолошки податоци за Преспа.
  • Институт за просторно планирање, „Просторен план на охридско-преспанскиот регион Охрид“, Скопје, 1972.
  • Институт за просторно плаирање, „Просторен олан на крајбрежниот простор на Праспанско Езеро“, Охрид, 1988.
  • Л. Милетич, Славејко Арсов-Сеќавања, „Востаничкото движење во југозападна Македонија“, Софија, 1925.
  • Милорад Сибиновиќ, „Езера-Преспанско и Охридско Езеро“, Скопје, 1987.
  • Благоја Тодоровски и Славко Кипровски, „Влијание на Преспанскиот слив врз режимот на Охридското Езеро“, Скопје, 1974.
  • Влогимјеж Пјанка, „Топономастиката на охридско преспанскиот базен“, Скопје, 1970.
  • Пеце Ристевски,„Испарувањето од слободна површина на Преспанското Езеро“, ракопис, Скопје, 1995.
  • РХМЗ на РМ, Скопје, „Податоци за водостоите на Големото Преспанско Езеро, врнежите и другите климатски податоци во преспанскиот регион“.
  • Ангел Лазаревски, „Климата во Македонија“, Скопје, 1993.
  • Нико Пано, АНУА-ХМИ , Тирана, „Хидрологија на Албанија“, Тирана, 1984.
  • Томе Андоновски, „Картните полиња во Македонија“, Скопје 1989 год и „Пештери во општина Охрид“, Скопје, 1990.
  • Михаило Зиков, „Водните ресурси и водоснабдувањето во планирањето и организацијата на просторот“, Скопје, 1989.
  • Јосиф Милевски, „Хидролошка основа за ХЕЦ, Брајчино“, Скопје, 1988.
  • Зборник на трудови од Симпозиумот за заштита на Преспснското Езеро, Корча, октомври 1997.
  • Зборник на трудови од Симпозиумот за заштита на Преспанско Езеро, Отешево, 2001.
  • Тодор Ановски, „Прилог кон студијата за утврдување на потеклото на водите од изворите кај св. Наум-Охридско Езеро“, Центар за примена на радиоизотопите во стопанството, Скопје, 1985.
  • Ален Џ. Кривели и Георгиос Кацадоракис, „Езеро Преспа, северозападна Грција Уникатно Балканско Блато“, Белгија, 1997.
  • Георгиос Кацадоракис, „Преспа“, Атина, 1999.
  • Топографски карти мерка 1:100.000, 1:50.000, военогеографски институт на ЈНА, Белград.
  • Илија Чавкаловски, „Преспанско Езеро-осцилациите на нивото на водата“, Скопје, 1997.
  • Илија Чавкаловски, „Преспа“, Скопје, 2001.
  • Воена Енциклопедија на ЈНА, Белград, 1973.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сребра Ѓорѓијевска, „Има ли спас за Преспанското Езеро?“, „Факултети“, 26.2.2020.
  2. „Голем пад на водостојот“[мртва врска], ТВ Телма, 7.12.2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002, стр. 14
  4. Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002, стр.155

Надворешни врски[уреди | уреди извор]