Славко Јаневски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Славко Јаневски
Славко Јаневски.jpg
Портрет на Славко Јаневски
Занимање раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар
Националност Македонец
Народност Македонец
Државјанство македонско и југословенско
Образование Средно стручно училиште
Период 1945-2000
Тематика поезија и проза за возрасни, книжевна есеистика, сценарија, романса
Правец современа македонска книжевност
Значајни дела Село зад седумте јасени“ и др.
Значајни награди „АВНОЈ“, „11 октомври“ и др.

Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 — Скопје, 20 јануари 2000) бил истакнат македонски раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.

Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски бил одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која била пуштена со работа во 2013 година.

Во 2013 година, Комисијата за лустрација на Македонија објавила дека дошла до заклучок дека Славко Јаневски бил соработник на југословенските тајни служби. Ова резултирало со остри реакции и неприфаќање на одлуката од страна на МАНУ, ДПМ, и пошироката македонска јавност.

Биографија[уреди | уреди извор]

Славко Јаневски е роден во Скопје, каде што завршил основно и стручно-техничко училиште. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се: списанието за деца „Титовче“, списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работел како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.

Во 1946 година, во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело 7 члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.

Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 година, тој ја адаптирал класичната историска драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов; соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица; и ја адаптирал сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“, во режија на Кирил Ценевски.

Лустрација[уреди | уреди извор]

Во јуни 2013 година, Комисијата за лустрација против Славко Јаневски спровела процес на лустрација, во којшто утврдила дека соработувал со тајните служби. Имено, според Комисијата, тој следел писатели и уметници, користејќи го псевдонимот „Славјан“, и тврдел дека нивните дела претставуваат лоша литература.[1][2][3] Реакции против ваквата одлука пристигнале од страна на МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН-центар и пошироката културна јавност во Македонија.[4][5][6] МАНУ дури јавно побарала преиспитување на одлуката,[7] но барањето било отфрлено од страна на Комисијата за лустрација како неаргументирано.[8][9]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВПБраќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“.[10] Исто така, тој е добитник на две златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовитеВолчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974).

Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година, во паркот „Жена-борец“ во Скопје бил откриен негов споменик, дело на академскиот скулптор Томе Серафимовски. Исто така, во Општина Центар во 2013 година била отворена читална именувана во негова чест.

Творештво[уреди | уреди извор]

Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици. Според Георги Старделов, поезијата на Јаневски се одликува со повеќе карактеристики, како: хумор, фантастика, критичност, магија, сублимација и жива човечка историја. Во основата на неговата поетска имагинација лежи хуморот, т.е. неговата поезија е неделива од хуморот, кој најмногу доаѓа до израз во разорувањето на конвенциите. Истовремено, тој дава една од најбезмилосните критика на балканската варварска иделогија. Тој е поет на изненадувањето, на авантурата, на овоземните миракули, поет на нескротлива, еруптивна поетска имагинација, кој го отфрла секој можен ред и поредок. Во поетското искуство на Јаневски се напластиле: словенско-паганска емоционалност, сетилност и хедонизам, пантеизам и во неговата поезија е сублимирана македонската поетска митологија, космологија, демонологија, етнологија итн.[11]

Творештвото на Јаневски ги опфаќа следниве дела:[12] [13]

  • Крвава низа: лирски фрагменти (поезија, Култура, 1945)
  • Песни (со Ацо Шопов, Блаже Конески, Гого Ивановски и Лазо Каровски) (поезија, Главен одбор на НОМС, 1946)
  • Пруга на младоста (со Ацо Шопов, поезија, Главен одбор на Народната младина на Македонија, 1946)
  • Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки (поезија за деца, Државно книгоиздателство на Македонија, 1946)
  • Распеани букви (поезија за деца, Државно книгоиздателство на Македонија, 1946)
  • Милиони џинои: приказни за Петгодишниот план (поезија за деца, Нопок, 1948)
  • Песни (1944-1948) (поезија, Државно книгоиздателство на Македонија, 1948)
  • Снешко (поезија за деца, Нопок, 1948)
  • Егејска барутна бајка (поезија, Нопок, 1950)
  • Улица (повест, Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950)
  • Лирика (Кочо Рацин, 1951)
  • Село зад седумте јасени (роман, Кочо Рацин, 1952)
  • Шеќерна приказна (сказна за деца, Детска радост, 1952)
  • Кловнови и луѓе (раскази, Кочо Рацин, 1954)
  • Две Марии (роман, Кочо Рацин, 1956)
  • Леб и камен (поезија, Кочо Рацин, 1957)
  • Месечар (роман, Кочо Рацин, 1958)
  • Сенката на Карамба Барамба (поезија за деца, Кочо Рацин, 1959)
  • Марсовци и глувци (поезија за деца, Кочо Рацин, 1959)
  • Горчливи легенди (патописна проза, Кочо Рацин, 1962)
  • Сиромавиот црн Џо (поезија, Кочо Рацин, 1962)
  • Темни кажувања (со Кирил Ќамилов и Мето Јовановски) (Кочо Рацин, 1962)
  • И бол и бес (роман, Кочо Рацин, 1964)
  • Стебла (роман, нова верзија на „Село зад седумте јасени“, Култура, 1965)
  • Евангелие по Итар Пејо (поезија, Кочо Рацин, 1966)
  • Глуви команди (поезија, Мисла, 1966)
  • Танчарка на дланка (поезија, Просвета, Белград, 1966)
  • Песни (поезија, Македонска книга и Детска радост, 1967)
  • Црни и жолти (поезија за деца, Македонска книга, 1967)
  • Каинавелија (поезија, Македонска книга, 1968)
  • Барам, барам, барамбаш (поезија за деца, Наша книга, 1969)
  • Војник два метра в земја (поезија, Мисла, 1969)
  • Најголемиот континент (Наша книга, 1969)
  • Тврдоглави (роман, Наша книга, 1969)
  • Омарнини (раскази, Нова Македонија, 1972)
  • Плакета на поезија: библиофилско издание (поезија, Центар за култура и информации - Скопје, 1975)
  • Поезија (поезија, Струшки вечери на поезијата, 1975)
  • Итар Пејо Каинавелиски како Евангелие (поезија, Центар за култура и информации - Скопје, 1976)
  • Ковчег (раскази, Наша книга, 1976)
  • Оковано јаболко (поезија, Мисла, 1979)
  • Астропеус (поезија, Македонска книга, 1980)
  • Горчиновци (поезија, Македонска книга и Мисла, 1980)
  • Одбрани раскази (Култура, 1980)
  • Змејови за игра (поезија, Македонска книга, 1983)
  • Легионите на Свети Адофонис (роман, Култура, Македонска книга и Мисла, 1984)
  • Кучешко распетие (роман, Култура, Македонска книга и Мисла, 1984)
  • Чекајќи чума (роман, Култура, Македонска книга и Мисла, 1984)
  • Девет Керубинови векови (роман, Култура, 1986)
  • Децата од светот (поезија за деца, Детска радост, 1987)
  • Миракули на грозомората (трилогија, Македонска книга, 1987)
  • Забранета одаја (Мисла, 1988)
  • Глуви команди (поетски избор, 1988)
  • Песји шуми (поезија, Мисла, 1988)
  • Чудотворци (роман, Македонска книга, 1988)
  • Рулет со седум бројки (роман, Мисла, 1989)
  • Скаменетиот Орфеј (поетски избор, Култура, 1990)
  • Пупи Паф (проза во стихови за деца, Детска радост, 1992)
  • Орач меѓу скелети (поезија, Македонска книга, 1992)
  • Зад тајната врата (раскази, Македонска книга, 1993)
  • Палетата на проклетството (поезија, Мисла и Римако, 1995)
  • Континент Кукулино (проза, Мисла, 1996)
  • Пупи Паф во Шумшул град (книга за деца, Детска радост, 1996)
  • Пупи Паф гледа од вселената (Детска радост, 1996)
  • Пупи Паф - господар на соништата (Детска радост, 1996)
  • Додека спиеја кртовите (поезија, Детска радост, 1998)
  • Депонија (роман, ЗУМПРЕС, 2000)
  • И петто годишно време (раскази, МАНУ и Фондација „Трифун Костовски“, 2001)
  • Измислена тврдина (поезија, МАНУ и Фондација „Трифун Костовски“, 2002)
  • Книжевно наследство, Том 1: Галерија Универзум (МАНУ и Фондација „Трифун Костовски“, 2005)
  • Книжевно наследство, Том 2: Разговори со Јаневски (МАНУ и Фондација „Трифун Костовски“, 2007)



Покрај редовните изданија, во повеќе наврати се издадени избрани дела на Јаневски, и тоа:[14]

  • Славко Јаневски, Избор (Наша книга, Скопје, 1969)
  • Најголемот континент
  • Итар Пејо Каинавелиски
  • Улица. Кловнови и луѓе
  • Горчливи легенди
  • Две Марии. Месечар
  • И бол и бес
  • Стебла
  • Тврдоглави


  • Славко Јаневски, Избор (Наша книга, Скопје, 1976)
  • Омарнини
  • Ковчег
  • Улица. Кловнови и луѓе
  • Горчливи легенди
  • Две Марии. Месечар
  • И бол и бес
  • Стебла
  • Тврдоглави
  • Славко Јаневски во книжевната критика


  • Славко Јаневски, Избор (Мисла, Скопје, 1983)
  • И бол и бес
  • Одбрани песни
  • Тврдоглави


  • Славко Јаневски, Избрани дела - Јубилејно издание (Македонска книга, Скопје, 1989/1990)
  • Девет Керубинови векови
  • Легионите на свети Адофонис
  • Кучешко распетие
  • Чекајќи чума
  • Чудотворци
  • Тврдоглави
  • Омарнини
  • Рулет со седум бројки

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Лустриран и писателот Славко Јаневски, Утрински Весник, 28 јуни 2013.
  2. Лустриран мртов академик со псевдоним „Славјан“, Канал 5, 28 јуни 2013.
  3. Лустриран Славко Јаневски!, Телма, 28 јуни 2013.
  4. Лустрацијата на Славко Јаневски удира во темелите на државноста, Утрински Весник, 30 јуни 2013.
  5. Писателите огорчени и бараат одговорност, Нова Македонија, 1 јули 2013.
  6. МАНУ со остра критика за лустраторите, тие не отстапуваат од лустрирањето на Јаневски, Канал 5, 1 јули 2013.
  7. МАНУ не го дава Славко Јаневски
  8. Комисијата за лустрација ги отфрли реакциите за Јаневски, Телма, 1 јули 2013.
  9. За лустраторите не се важни ликот и делото на Славко Јаневски, Deutsche Welle, 1 јули 2013.
  10. Блесок
  11. „Георги Старделов за поезијата на Славко Јаневски (фрагменти)“, во: Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми, Скопје: Темплум, 2014, стр. 140-143.
  12. „Славко Јаневски - перо кое пишува на македонски и по неговата смрт...“, Македонска нација, 3 февруари 2010.
  13. „Библиографија на делата на Славко Јаневски“, во: Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми, Скопје: Темплум, 2014, стр. 133-136.
  14. „Библиографија на делата на Славко Јаневски“, во: Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми, Скопје: Темплум, 2014, стр. 136.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]