Никола Вапцаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Вапцаров“ пренасочува тука.
Vista-password.png

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници кои треба да се дискутираат на страницата за разговор.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

Никола Вапцаров
Vapcarov.jpg
македонски писател
Роден 7 декември 1909
Банско, Отоманска Империја, денес Бугарија
Починал 23 јули 1942(1942-07-23) (на 32 год.)
Софија, Бугарија
Занимање Писател и поет


Никола Јонков Вапцаров (бугарски: Никола Йонков Вапцаров) бил македонски[1] писател од Бугарија[2], роден во Банско, Пиринска Македонија, Отоманска Империја, (денес Бугарија) на 7 декември 1909, а починал на 23 јули 1942 во Софија, Бугарија. Тој бил член на Сојузот на бугарските писатели.

Никола Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни пѣсни“ содржи 20 песни напишани на бугарски јазик. [3] Нему му е доделено едно од видните места во бугарската литература, иако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец и дека ништо друго не би можел да биде и покрај тоа што создавал на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.[4]

Биографиjа

Вапцаров е роден во Банско во Пиринска Македонија во 1909 година во семејство кое било посветено на македонското ослободително движење. Неговата мајка била учителка и со самите нејзини контакти со месното население се вклучила во ослободувањето на Македонија[5].

Завршил основно училиште и шести клас гимназија во Разлог. Тој тогаш го прекинал образованието во гимназијата и се запишал во Морнарско-машинското училиште во бугарскиот пристанишен град Варна, каде се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал активист на кружокот. Овде го публикува своето прво поетско дело - стихотворбата „Кон светли идеали“. По завршувањето на школувањето во 1932 Вапцаров станал машински техничар, отпрвин на еден брод со кој патувал по северниот брег на Африка. Поради ограничената комуникација со луѓе тој ја напуштил таа служба и се вработил во селото Кочериново како техничар во фабрика за хартија и мукава. Во 1933 година бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Нешто потоа на патот од Горна Џумаја за Кочериново бил извршен и неуспешен атентат врз него, поради што Никола напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зашто сакаат да го убијат. Овој настан подоцна ќе ја инспирира стихотворбата „Песна“.

Поради фактот што тој бил марксист-ленинист, се заложил да ја пропагира идејата за класен преврат, но ова не било добредојдено за бугарските власти кои почнале да го притвораат, распрашуваат и малтретираат Вапцарова за таа заложба. Како додатен проблем, покрај тие од страна на бугарската власт, Вапцаров добил отказ од фабриката каде работел. По отказот од фабриката Вапцаров се вработувал повеќе пати и повеќе пати се здобивал со откази. Така тој работел како машинист во парна мелница, а потоа како ложач во локомотива.

Неговите промени на работа потрајале подолго време. Со секоја акција на бугарската полиција против него, кај Вапцаров се разгорувала реакцијата против постојаниот капиталистичко-фашистички систем.

Вапцаров, покрај основната работа за егзистенција, се занимавал со книжевна дејност. Тој е еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија. Од самите членови бил сметан за „срж“ на кружокот. Тој се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието „Литературен критик“.

Во тој временски интервал (1936-1942) Вапцаров ги создал најзначајните стихови. Колку што е активен во непосредната револуционерна работа, исто толку е интензивен и во својата литерарна дејност: во 1940 година ја издава својата прва и последна поетска збирка „Моторни песни“.

Никола Вапцаров бил против фашизмот и неговите политички заложби биле настроени против таа идеологија. Раководителот на пиринското партизанско движење, Никола Парапунов, го поканил да им се приклучи во раководството на движењето, ценејќи ги неговите диверзантски и разузнавачки акции врз важни објекти со кои се служеле фашистите во Бугарија. Вапцаров ја прифатил поканата, но не добил дозвола од раководството на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти). Вапцаров таа постапка не можел да ја разбере па продолжил со диверзантските акции.

Во 1940 собира потписи низ Пиринско во тнр. „Соболева акција“. Затоа е уапсен, суден и интерниран во Годеч. По враќањето од Годеч (септември 1941 г.) зема учество во саботажи против германските војски, снабдување со оружје, набавка на документи и соби за илегалци. Како соработник на воената организација на БКП набрзо бил фатен од бугарските власти, а заедно со него биле и Македонците Атанас Романов и Антон Попов. Под притисок на своите роднини, Никола напишал молба за помилување, која гласела:

„До Негово величество царот - Софија

Осуден сум на цмрт со стрелање кривичен закон дело нр 585 Софиски военополски суд. Молам пресудата да биде заменета со доживотен затвор.

Никола Иванов Вапцаров. Централен затвор”. [6]

И покрај тоа, на 23 јули 1942, македонските писатели Никола Вапцаров и Антон Попов биле стрелани во дворот на една софиска касарна од страна на бугарските власти.

По промената на односот на БКП кон македонското прашање, комунистичката власт во Бугарија ќе се обиде да го искористи талентираниот писател за зацврстување на сопствениот авторитет, при што во 1963 година ќе бида изработен фалсификат на партистки протокол за божемно членство на Никола Вапцаров во партиската организација на БКП во село Стоб. [7]Посмртно е добитник на почесната Меѓународна награда за мир во 1952 година.

Книжевна дејност

За време на својот живот, Вапцаров објавил само една збирка поезија под наслов „Моторни песни“. По паѓањето на фашизмот во Бугарија била објавена збирката „Антологија“, како и книгата за деца „Пролет“.

Делата се напишани на бугарски јазик бидејќи родниот крај на Вапцаров, Пиринска Македонија, бил анектиран од Бугарија и својот живот го поминал во Бугарија. Неговите дела се преведени на македонски јазик.

Првиот циклус во збирката „Моторни песни“ е насловен „Песни за човекот“ и во него се обработуваат проблемите на работникот и на обичните луѓе. Тука се издвојуваат песните „Спомен“, „Писмо“, „Песна за човекот“ и други.

Вториот циклус носи наслов „Песни за татковината“. Преку песните во овој циклус, Вапцаров се претставува како патриот- Македонец, најмаркантно преку песните „Земја“, „Татковина“, „Ајдутска“, „Илинденска“, „Крали Марко“, „Мајка“, „Песна“ и други.

Третиот циклус во збирката, насловен „Песни за една земја“, се однесува на Шпанската граѓанска војна.

Песната „Земја“

Една од најмаркантните песни на Вапцаров е песната „Земја“, покрај песната „Илинденска“. Оваа песна е дел од првиот циклус на патриотски- македонски песни и во неа според македонските научници Вапцаров најотворено ја изразува својата национална припадност и својата татковина Македонија. Во песната дава поетска слика за делови од својата татковина потенцирајќи ги Пирин, Охрид и Егеј. И покрај фактот што живее во Бугарија, во песната го изразува чувството дека Бугарија не можел да ја чувствува за своја татковина[8]. Според бугарските научници во песната Вапцаров не искажувал политички или етнички ставови.[9] [10] Во писмо до неговата мајка Вапрацов јасно кажува јасно која е „неговата“ татковина и Пирин како дел од таа.[11][12]

Песната „Илинденска“

Во песната „Илинденска“ Вапцаров се јавува како обвинувач против оние што го дигнале Илинденското востание предвреме, иако свесни дека не е доволно организирано, нема да успее и дека потоа би имале „морално“ право да докажуваат дека без „братската“ помош, без воената интервенција од бугарска страна, македонскиот народ не би можел да се ослободи. Според Вапцаров, сторена е „сотонска вина“ кон тој народ, но историјата ќе го каже својот суд. И самиот Гоце Делчев бил против предвременото кревање на востанието. Но него го ликвидирале со посредство на предавници и тука веќе ништо не можело да се стори. Гласачката машина на софискиот двор се наложила. Поентата на песната е јасна: дека Македонците ја сакаат слободата, издвојувана со сопствени сили, онака како што ја замислувал Гоце Делчев; сè за слободна Македонија[13].

Реферат

Значајно место во неговата оставнина претставува и рефератот напишан за основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок. Оригинален и самокритички, тој има за цел да ги покаже вистинските патишта на постоењето и патот на писателот, на литературата која толку многу му е потребна на македонскиот народ. Постојано споменуван и уважуван како посебно значаен труд не само за Вапцаров, туку и за македонската литература воопшто, неговата целина останува долго време непозната. Прв пат мали делови и почетните реченици ги соопштува Блаже Ристовски во 1963 година, но поопширно во студија во следната 1964 година[14], кој имал можност да потѕирне во тетрадка 33 во музејот „Никола Вапцаров“ во Софија, заведен како „Доклад от Никола Вапцаров върху Македония и задълженията на писателите-Македонци към нея, които трябва да следват революционните идеи на Гоце Делчев и Даме Груев“. Прв пат интегрално е објавен во книгата на Михаил Сматракалев „Македонскиот литературен кружок“. По политички причини, наскоро по неговото прво делумно објавување, рефератот е повлечен од Архивата на Домот-музеј и ден денес е недостапен за истражувачите, со исклучок на тесен круг бугарски научници. Во Бугарија рефератот е објавен прв пат дури во 1995 година.[15]. Тоа ќе даде повод Вапцаров да биде прогласен за негатор на бугарскиот јазик и проводник на македонизмот.[16]

Мисли на Никола Вапцаров

„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“

—Никола Вапцаров, „Реферат“, 1938

„Никаде нема поубава од нашата Бугарија, мамо. А нашиот Пирин со ништо не може да се спореди.“[17][18]

—Никола Вапцаров

Чествување на 100 годишнината од раѓањето на поетот

По повод 100 годишнината од раѓањето на Никола Вапцаров, Друштвото на писателите на Македонија и Институт за македонска литература, одржа свечен собир, со кој ја одбележале 100-годишнината од раѓањето на поетот Никола Јонков Вапцаров, чија поезија е преведена на многу јазици во светот. [19]

Амбасадата на Република Бугарија во Македонија и Културно информациониот центар на Република Бугарија во Република Македонија исто така организираат „Вапцарова вечер“.[20]

Фамилијата и Никола

Значајно е дека изјавите на фамилијата за него се во голема зависност од политичката состојба во Бугарија. Така за време на судскиот процес, мајка му Елена напишала молба до царот Борис ІІІ „Ваше величество, младите години си ги дадов за Бугарија, залакот од устата и оној на децата го делев со сите апостоли за слободата на Бугарија .... Мојата молба е милост, милост, Ваше величество, дарувајте му го животот, преземам одговорност дека ќе се потрудам да му влијајам, дека тој ќе стане добар Бугарин“ (15 јули 1942 година). Во две други молби до министерот за одбрана исто така се заложува дека „Тој ќе стане добар Бугарин и своите сили и способности ќе ги положи пред олтарот на својата Родина.“[21] Во очајните обиди да го спасат неговиот живот, сестра му Рајна ќе оди дури подалеку во својата молба до царот: „Мајка беше вистинска Бугарка и за неa родината беше најскапото нешто. Таа сакаше да ја види слободна од „Дунав до Егејот бел, и од Албанската пустина до Црноморските води“. И сега кога срцата на сите се радуваат, мојата мајка не може да се радува, оти нејзината мечта се остварила, бидејќи нејзините двајца синови се обвинети како комунисти.“ [22] Неколку години подоцна, за време на културната автономија во Пиринска Македонија, при средба со македонски писатели Елена Вапцарова ќе изјави „Најпосле дочекав да се сретнам со македонски писатели, колеги на мојот Кољо. И тој со нив ќе дојдеше ако беше жив, но го убија крвниците... Некои после ослободувањето, ме прашаа - чиј поет е тој? Одговорив со неговите зборови: „Над мојата земја в небото се опира Пирин, и мурите в бури илинденски приказни пејат, над Охрид лазурот е просторен и син, а уште надолу е светлиот брег на Егејот” Секако, поетот не може да поседува со тапија, но ако постои тоа, во тој случај тапија ќе бидат неговите стихови.“ [23]

Братот на Никола, Борис, градил успешна кариера како комунистички функционер и целосно ја следил политиката на БКП, вклучително и во однос на македонското прашање.[24] Неговите деца Маја[25] и Никола на ист начин го продолжуваат искачувањето кон тоталитарната елита. Падот на нивната злоупотреба со името на Никола Вапцаров за корисни цели ќе заврши со уништување на неговиот гроб во повеќемесечен скандал.[26]

Извори

  1. Македонски крем на бугарското општество
  2. Елена Вапцарова в писмо от 1968 г.: Родината за Вапцаров е България, 20 ноември 2009, Агенция "Фокус"
  3. Никола Йонков. "Моторни пѣсни", София, 1940
  4. стр. 153, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995.
  5. стр. 153, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995.
  6. ЦВА, ф.16, оп.ІІ, а.е.112, л.329
  7. http://www.epochtimes-bg.com/2008-03/2008-12-22_08.html
  8. стр. 157, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995.
  9. Цвета Трифонова, За урбанистичките фобии на Вапцаров.
  10. Борис Данков, „Никола Вапцаров, народност - българин“
  11. Елена Вапцарова, „Спомени за моя син“, София, 1960, Издателство „Народна младеж“, стр. 121, 122 - „Никаде нема поубава од нашата Бугарија, мамо. А нашиот Пирин со ништо не може да се сравни“
  12. Пенчо Дончев, „Преди и след разстрела“, София, 1979, Издателство „Български писател“, стр. 111
  13. стр. 158, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995.
  14. Блаже Ристовски, „Современост“, Скопје, 1964.
  15. Цвета Трифонова, Литературен форум, број 7 и 8, 1995 година
  16. Тодор Балкански, Никола Вапцаров, България и българите.Към проспографията на поета, Велико Търново, 1996. „Вапцаров е еден од иницијаторите за исполнување на коминтерновската порачка наречена ’македонски јазик’, со што стои на почетокот на најголемата кампања, реализирана воопшто некогаш против бугарскиот јазик. Тој е меѓу најголемите негатори во историјата на бугарскиот македонизам во однос на бугарскиот јазик како присушт на македонските Бугари.“
  17. Елена Вапцарова, „Спомени за моя син“, София, 1960, Издателство „Народна младеж“, стр. 121, 122
  18. Пенчо Дончев, „Преди и след разстрела“, София, 1979, Издателство „Български писател“, стр. 111
  19. Утрински весник број 3163, петок, 18 декември 2009: Вапцаров е значајно поглавје во македонската литература
  20. Вапцарова вечер Агенција "Инпрес", 16 декември 2009
  21. ЦВА, ф. 15, оп.ІІ, а.е.112, л.297
  22. ЦВА, ф.16, оп.ІІ, а.е.112, л.491-492
  23. Весник „Нова Македонија“ 7 мај 1948 година
  24. http://www.nbu.bg/webs/historyproject/dokumenti_44-62/razdel1t1/f1op5ae134.pdf
  25. http://liternet.bg/publish/ctrifonova/otgovor.htm
  26. http://www.btv.bg/news/news_details.pcgi?cont_id=135833

Галериjа

Надворешни врски