Кирил Пејчиновиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
За други значења видете на појаснителната страница
Кирил Пејчиновиќ
Kirilpeichinovich.jpg
македонски просветител
Роден 1771
Теарце, Тетовско
Починал 12 март 1845
Лешочки манастир, Лешок, Тетовско

Кирил Пејчиновиќ - Тетоец (1771 - 1845) е македонски [1][2] просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност. Пејчиновиќ исто така се смета за дел од бугарската книжевност[3], иако пишувал на македонски, тетовски говор.

Биографија[уреди]

Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во Дебарскиот манастир "Свети Јован Бигорски". Меѓутоа, потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со неговиот чичко одат во Света Гора каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во Кичевскиот манастир "Света Богородица Пречиста".

Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир, кој решил да го обнови. Манастирот бил речиси уништен, меѓутоа Кирил успеал да издејствува помош од верниците, па конаците и манастирот биле обновени. Во наредните 17 години (до 1818 година), тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век. Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга Книга сија глаголемаја Огледало, која била отпечатена во 1816 година во Будим. По дваесет години минати во манастирот, под притисок на грчкиот владика од Скопје, го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ги подучувал младите и старите. Патувал и како проповедник собирајќи книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор.

Етнички димензии на делото на Пејчиновиќ[уреди]

Предговор на Утешение грешним.

Современите бугарски стремежи насочени кон културното и историско наследство на Република Македонија не го одминуваат ни Пејчиновиќ. Имено, бидејќи на првата страница од книгата Огледало стои дека книгата е напишана ради потреби и ползованија препростејшим и не книжним јазиком Болгарским долнија Мисии..., БАН тврди[се бара извор] дека тоа е израз на националната освестеност на тогашните народни маси од Македонија како Бугари. Интересно е дека во втората објавена книга "Утешение грешним" во предговорот, напишан од Теодосиј Синаитски, стои дека книгата е напишана на простиј јазик Болгарскиj долниjа Мисии Скопскиj и Тетовскиj. Неговата книга Утешение грешним е напишана само на простиј јазик, не прецизирајќи поподробно. Виктор Фридман тврди дека Кирил Пејчиновиќ имал "желба за единствен македонско-бугарски jазик, што ќе биде базиран на компромис меѓу различните диjалекти".[4] Блаже Конески тврди дека независно од тоа што Пејчиновиќ го нарекувал неговиот jазик "бугарски", неговото дело е напишано на тетовски диjалект.[5]

Книжевната дејност на Пејчиновиќ[уреди]

Пејчиновиќ зад себе оставил три книги: првата е Книга сија глаголемаја Огледало, втората е Утешение грешним и последната е Житие на кнез Лазар, од кои отпечатени му се првите две. Делото Житие на кнез Лазар е всушност последната хагиографија во македонската и во јужнословенската книжевност, воопшто. Освен ова, Пејчиновиќ напишал и еден епитаф во кој е сместена целата негова биографија и денеска претставува надгробен натпис на Кирил во манастирот во Лешок.

Првата книга на Пејчиновиќ[уреди]

Првата страница на Огледало.

Огледало (1816, Будим) е првата книга на овој наш просветител. Таа е неопходна книга - прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди. Првиот дел го сочинуваат молитви и верско-обредни текстови на црковнословенски јазик со македонски народни црти, а вториот дел го сочинуваат беседите напишани на тетовски говор со елементи на скопскиот и други македонски говори. Во првиот дел од книгата, Пејчиновиќ дава коментари на Библијата, а во вториот, во беседите, поучува и критикува. Ги напаѓа суеверието и паганските обичаи на народот. Во овој текст, Пејчиновиќ мошне интересно ја поистоветува верата со народноста. И тој како и Крчовски, ги критикува своите колеги-поповите. Им забележува дека себично се здружиле со Турците и го измачуваат сопствениот народ. Неговата просветителска насоченост се согледува во пропагандата на книгите.

Втората книга на Пејчиновиќ[уреди]

Првата страница од Утешение грешним.

Втората книга на Пејчиновиќ е Утешение грешним (1840, Солун) која, иако е продолжение на првата книга, има повеќе значења. Книгата е составена од два дела - молитви и беседи. Пејчиновиќ оваа книга му ја испратил на кнез Милош во Србија, надевајќи се на помош за печатење од христијанскиот владетел. Црковната цензура не го дозволила печатењето на оваа книга (содржела бројни турцизми, а и тетовскиот говор пречел), па Пејчиновиќ, обесхрабрен, сторил напори да се обнови солунската печатница на Теодосија Синаитски. Конечно, на теренот на кој живеел македонскиот народ се отпечатила првата книга на македонски народен говор.

Во делото е поместен предговорот на издавачот (на Теодосија Синаитски). Текстот го содржи Нифонтовиот тропар,кој содржи различни молитви, приказната за војникот Таксиот кој воскреснал од мртвите, а најобемниот и најоригиналниот дел од оваа книга е Поуката за бракот. Како извори за оваа книга послужиле различни беседи на Илија Минијат, Софрониј Врачански и делата на Јоаким Крчовски.

Значењето на Кирил Пејчиновиќ[уреди]

Кирил Пејчиновиќ, речиси полуписмен калуѓер, е многу значаен културен деец во нашата историја. Неговите книги напишани на народен јазик, иако не сосем чист, туку со примеси од црковниот и со турски зборови, биле примени од народот со задоволство бидејќи ги разбирал и читал. Нивното печатење било овозможено со помош на македонските занаетчии и трговци. Така се создал поттик и интерес среде народот за книга на народен јазик што ќе биде од далекусежни последици за развитокот и усвојувањето на народниот јазик во писмениот говор во натамошните децении.

Значењето на "Слово на празниците" на Пејчиновиќ[уреди]

Оригиналната проповед Слово на празниците на Кирил Пејчиновиќ најсилно ни ги претставува неговите погледи. Оваа проповед се отклонува од традицијата со тоа што проповедите обично поаѓаат од "книшки" (од Библијата), пример кој потоа може да се догради со примери од животот. Оваа проповед своите примери ги зема од животот, па често пати неговите повикувања на одредена ситуација ни откриваат некое конкретно однесување на нашиот народ од почетокот на минатиот век. Всушност во текстовите на Пејчиновиќ се согледуваат болните вистини за заостанатоста на народот во неговото време.

Кирил Пејчиновиќ во своето дело, со воведување на народниот јазик, но и со животот во кој доследно живеел живот на народен учител кој подучува, оставил скапоцен придонес во македонска култура. Со просветителските идеи за собирање книжно наследство, за пишување и печатење книги на јазик кој ке биде разбирлив станува голем културен деец на македонското просветителство.

Епитафот на Пејчиновиќ[уреди]

во 1835, Пејчиновиќ за себе составил надгробен натпис (епитаф) во облик на стихотворба. Ова е најраниот познат авторски пример на пишување стихови на народен говор во развитокот на македонскиот јазик. Епитафот гласи:

Теарце му негово рождение
Пречиста и Хилендар пострижение
Лешок му е негоо воспитание
Под плочава негоо почивание
От негово свое отшествие
До Христово второ пришествие
Молит вас бракя негои любимия
Хотящия прочитати сия
Да речете Богза доброе дело

Контроверзии околу епитафот во најново време[уреди]

Во последно време, токму последниот стих од првата строфа на епитафот на Кирил Пејчиновиќ се предмет на расправи и проучувања од македонските свештени великодостојници, книжевници и графолози. Сметајќи дека стиховите зере у гроб црвите ги гостил се пречка за прогласување на Кирил Пејчиновиќ за светител, МПЦ во 2010 повела иницијатива за графолошко испитување на резбањето на овој стих со цел да се утврди дали ги изрезбал самиот Пејчиновиќ или бил подметнат од некој друг[6]. Македонскиот еминентен научник Х.Поленаковиќ уште во минатото, како и повеќемина денешни научиници сметаат дека тој стих е додаден од Кириловиот помошник во манастирот, јеромонахот Арсениј, на чии текстови на 2 места можеле да се забележат исти содржини како овој стих.[7]. Во повеќе книги е забележано и дека јеромонахот Арсениј имал крајно влошени односи со Кирил, особено од кога Кирил за свој наследник како игумен на Лешочкиот манастир го назначил својот најдобар ученик Серафим, наместо Арсениј. Поткрепа на тоа дека стихот не бил напишан од Кирил Пејчиновиќ е тоа што овој стих е во спротивност со неговите сфаќања и верувања како православно свештено лице и многу побожен човек, дека човековото тело е трајно и бесмртно до второто исусово пришествие[8]. Според МПЦ, докажувањето дека овој стих не бил издлабен од рацете на Кирил Пејчиновиќ ќе го отвори патот кон неговото прогласување за светец[9].

Училишта чиј патрон е Кирил Пејчиновиќ[уреди]

Извори[уреди]

  1. ДАРМ, Бугарски генерален конзулат (БГК) - Солун 1896-1915, мф. Бр. 4278, Но. 181, 20 февруари 1904.
  2. Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов и солунскиот валија Хасан Фехми паша во почетокот на 1904 година имале разговор, при што валијата постојано се оплакувал од Македонците и го прашал Шопов: „Дали Македонците уште бујствуваат во Бугарија?“ На тоа Шопов одговорил: „Како да не бујствуваат паша ефенди кога денес поголем дел од македонското население е во Бугарија, поголемиот дел од жителите на Софија се Македонци; голем дел од офицерите во армијата се Македонци; голем дел од видните чиновници се Македонци; целата македонска интелигенција од Македонија е во Бугарија. Македонска е и толпата по улиците“. По оваа валијата констатирал дека Македонците играат важна улога во Бугарија. На што Шопов додал „многу важна паша ефенди, поважна од секогаш. Улогата на Македонците во судбината и животот на Бугарите во општо секогаш била важна“. За поткрепување на изнесеното, Шопов го потенцирал придонесот што го дале Македонците на културен план за Бугарите. Во тој контекст ги наведува: отец Паисиј како автор на првата бугарска историја; Кирил Пејчиновиќ и неговото дело кое наводно е на бугарски јазик; Теодосиј Синаитски кој ја отворил првата бугарска печатница во Солун и го испечатил првиот бугарски буквар; потоа Неофит кој го отворил првото бугарско училиште во Габрово поради што се сметал за патријарх на бугарското училиште. Посебен впечаток остава фактот дека за ниту еден од нив не се вели дека е Бугарин, туку се потенцира дека тие се Македонци по род. Истовремено А. Шопов, потенцирал дека Македонците дале значаен придонес и за бугарското црковно прашање. На повторната констатација од страна на валијата дека Македонците принеле значајни заслуги за бугарскиот народ, следи образложение: „не само за бугарскиот, туку и за грчкиот... во време на грчкото востание...“ На крај од разговорот Шопов истакнал:Така што гледате паша ефенди какава улога играле секогаш Македонците во животот на бугарскиот народ. Уште поважна играат сега. Ако работата е за оплакување, ние од Бугарија имаме повеќе право од Вас (Турците б.н) да се оплакуваме од Македонците, зошто тие ни ја превзедоа нашата сила, тие ни ги зедоа најдобрите места и служби, тие ни ги превзедоа финансиите и градовите, тие ни ја презедоа војската и нашите министерства, тие ни ја презедоа трговијата, тие презедоа речи си с¢ во Бугарија... Избавете нe од нив заради Бога.
  3. Афанасий Селищев, "Славянское население в Албании", глава I. Юго-западная граница болгарской языковой области в настоящее время, стр. 13. (руски)
  4. Виктор Фридман, "Модерниот македонски стандарден jазик и неговата врска со модерниот македонски идентитет", "Македонското прашање", "Евро-Балкан Прес", Скопjе, 2003, стр. 250.
  5. Блаже Конески, "За македонскиот литературен jазик", "Култура", Скопjе, 1967, стр. 88.
  6. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=063FC5252FD60C4A8C7BAA4FEE741163
  7. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=063FC5252FD60C4A8C7BAA4FEE741163
  8. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=063FC5252FD60C4A8C7BAA4FEE741163
  9. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=063FC5252FD60C4A8C7BAA4FEE741163

Надворешни врски[уреди]