Гавран

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Гавран
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Врани
Род: Врана
Вид: Гавран
Биномен назив
Corvus corax
Linnaeus, 1758
Подвидови

8–11, вид. во Подвидови

Распространетост

Гавран (науч. Corvus corax) — голема црна птица од фамилијата на враните, од редот на врапчевидните. Се среќава низ целата северна хемисфера и е најшироко распространет од сите врани. Постојат најмалку 8 подвида со мали разлики во изгледот, иако последните истражувања покажуваат и генетски разлики. Тој е најверојатно најтешката птица од редот на врапчевидните, со тежина од 1,2 килограми. Може да живее над 21 година во дивина.[2] Младите птици летаат во јата, но откако ќе се спарат, двојката ја чува својата територија.

Гавранот со илјадници години има добар соживот со човекот, а во некои области е толку многуброен што се смета за штетник. Неговата успешност е делумо заради тоа што е сештојад, со исклучително широк спектар на исхрана, од мрши, инсекти, семиња, бобинки, овошје, мали животни, и секакви отпадоци фрлени од човекот.

Кај гавранот се забележани значајни начини на решавање проблеми, што води кон уверувањето дека тој поседува висока интелигенција. Низ вековите, тој бил предмет на митологијата, фолклорот, уметноста и литературата. Во многу домородни култури, вклучувајќи ги и оние на Скандинавија, античка Ирска и Велс, Бутан, на домородните народи на северозападниот дел од Северна Америка, домородните народи на Сибир и североисточна Азија, гавранот е почитуван како духовна фигура или бог.[3]

Таксономија и систематизација[уреди]

Гавранот е еден од многуте видови опишани од Карл Лине во неговата книга од 18 век Systema Naturae, и сè уште го носи изворното име Corvus corax.[4]

Подвидови[уреди]

Најблиски роднини на обичниот гавран се кафеавовратиот гавран (C. ruficollis), шарениот гавран (C. albus) од Африка, и чичуанскиот гавран (C. cryptoleucus) од југоистокот на Северна Америка.[5] Некои научници издвојуваат 11 подвида,[6] а други само осум:[7]

  • C. c. corax (номинираниот подвид) кој е распространет од Европа, источно до Бајкалско Езеро, јужно до Кавказ и северен Иран. Има релативно краток, заоблен клун;
  • C. c. varius живее во Исланд и Фарски Острови. Тој е помалку сјаен од C. c. principalis или номинираниот corax, среден е по големина и основата на пердувите на вратот се белкасти (но, не се забележуваат од далеку);
C. c. varius во лет
C. c. principalisво лет
  • C. c. subcorax го има од Грција, на исток до северозападна Индија, централна Азија и западна Кина. Поголем е од номинираниот подвид, но со пократки пердуви на вратот;
  • C. c. tingitanus ја опфаќа северна Африка и Канарски Острови. Ова е најмал подвид, со кратки пердуви на вратот и маслинест сјај на пердувите. Клунот му е краток, но цврст;[6]
  • C. c. tibetanus живее на Хималаите. Најголем и најсјаен подвид, со најдолги пердуви на вратот;
  • C. c. kamtschaticus распространет е во севроисточна Азија, мешајќи се со номинираниот подвид кај Бајкалското Езеро;
  • C. c. principalis живее во северна Сверна Америка и Гренланд. Има најголемо тело и клун;
  • C. c. sinuatus, живее во Централна Америка и јужниот дел на САД, помал е, со помал и поостар клун.[6]


Опис[уреди]

На зајдисонце, со сјајно пурпурно перје

Возрасниот гавран е долг од 56 до 78 сантиметри, со распон на крилјата од 100 до 150 см,[8][9][10] со тежина од 0,69 до 2 килограми,[11][12] што значи, е еден од најтешките врапчевидни птици. Генерално, птиците од постудените региони, како Хималаи и Гренланд, се поголеми, со малку поголеми клунови, додека од потоплите, се помали.[13] Клунот на гавранот е голем и малку свиен надолу, со должина од 5,7 до 8,5 см. Има долгнавеста, цврста опашка долга од 20 до 26,3 см., претежно црна, и темнокафеави очи. Пердувите на вратот му се малку подолги и напрчени со малку посветла кафеавосива боја. Нозете и стапалата му се со соодветна големина, стапалото (тарзусот) е долго 6-7,2 см.[14][15] Перјето на младенчињата е слично, но малку посветло и имаат синосиви очи.[16]

Освен по големината, гавранот се разликува од сродните врани и по поголемиот и поцврст црн клун, бушавите пердуви на вратот и над клунот и поострата опашка. Видот има карактеристичен, длабок, резонантен повик прррук-прррук-прррук, кој на искусните слушатели им е единствен меѓу враните. Гавранот произведува повеќе звуци, како, високо чукање ток-ток-ток, суво крааа, ниско штракање и некои речиси музикални тонови.[17] Во лет, пердувите му произведуваат крцкав звук што потсетува на шушкање свила.

Гавранот може да биде долговечен, особено ако е заштитен, тој живее и по 40 години.[11] Во дивина живеат пократко, од 10 до 15 години, или најдолго што е регистрирано 23 години и 3 месеци.[18]

Распространетост и живеалиште[уреди]

Типично живеалиште на гавранот
Две младенчиња во Исланд

Гавранот се приспособува кон различни климатски услови и овој подвид има најголема распространетост од сите други,[19][20] и е најголем од врапчевидните.[21] Распространет е низ Холарктикот, од Арктикот и умерените подрачја на Северна Америка и Евроазија, до пустините на северна Африка и островите на Тихи Океан. На Тибет, се забележани на надморска височина над 5000 метри, односно до 6350 метри на Монт Еверест.[20][22]

Освен птиците што живеат во најсеверните делови,[23] другите се резидентни (не се преселници) преку целата година. Младите птици може да се расселат, но локално.[24]

Вообичаено, гавранот претпочита места со шума, со големи пошироки пространства во близина, или крајбрежја за гнездење и хранење. На места со густа човечка популација, како на пример, Калифорнија во САД, тие ги искористуваат предностите на обилното снабдување со храна и затоа таму нивниот број е многу зголемен.

Однесување[уреди]

Гавраните обично патуваат во „брачни“ двојки, а младите може да формираат мали јата. Односите помеѓу гавраните се обично кавгаџиски, но покажуваат извесна приврзаност кон семејството.[25]

Исхрана[уреди]

Исхрана

Гавраните се сештојади, а исхраната се разликува според местото, сезоната или среќата.[26]

На некои места гавраните се „чистачи“, хранејќи се претежно со мршамрши, но бидејќи нивниот клун не е приспособен за тоа, чекаат некој друг да го отвори пленот.[27] Растителната храна што ја јадат, вклучува житни зрна, бобинки и плодови, а животинската, мали без'рбетници и водоземци, влекачи, мали цицачи и птици.[28] Гавранот, може, исто така, да конзумира несварен животински измет, како и отпадоци од човечка храна. Вишокот, особено онаа храна што содржи масти, го кријат и чуваат.[24] Тие може да ја украдат храната од други видови,[29] или, понекогаш да следат волци во зима, и да чекаат на нивниот плен.[30] Тие се редовни грабливки на птичји гнезда, на грабнување на јајцата, како и на поголемите птици, ако им се пружи можност.

Јато се храни во депонија

Гавраните почесто гнездат во близина на човечко ѓубре или крај патишта каде страдаат животни во сообраќајот. Младенчињата на ваквите места се поуспешни. [31]

Грабливци[уреди]

Поради големината и одбранбените способности, гавранот има само неколку природни предатори. Јајцата им ги крадат бувот и куната, како и другите гаврани. Тие се енергични во одбраната на младенчињата и ги напаѓаат потенцијалните предатори од страна со летање кон нив и клукајќи ги со своите големи клунови. Луѓето може да бидат повремено нападнати ако се близу до гнездото на гавранот. Поретко, сепак, големите цицачи предатори, како што се: рисот, којотот, волкот и пумата и, исто така, може да го нападнат гавранот, но тоа се случува ако другите извори за храна им се ограничени. [32]

Размножување[уреди]

Младенчиња во гнездо
Гавран (Corvus corax)

Младите птици започнуваат со додворување многу рано, но може да не се врзат две-три години. Воздушните акробации, демонстрирање на интелигенцијата, способноста да се обезбеди храна, се клучните елементи на додворувањето. Кога еднаш ќе се спарат, остануваат заедно цел живот и најчесто на истата територија.[25] Случаи на немоногамија се забележани само кога мажјак посетува гнездо на женка чиј партнер го нема.

Паровите прво ја обезбедуваат територијата за гнездење и исхрана, а потоа започнуваат со репродукција. Големината на територијата зависи од изворите на храна. [11] Гнездото претставува длабок сад направен од големи стапчиња и гранчиња, врзани во внатрешниот слој со корења, кал и кора, а послани со помек материјал, на пример, со крзно од елен. Гнездото го сместуваат на големо дрво или на карпа, а поретко во стари куќи.[33]

Женката несе меѓу 3 и 7 светли синозелени, со кафени дамки, јајца. Ги квачи само женката 18 до 21 ден. Мажјакот може да стои или лежи до малечките, заштитувајќи ги, но не ги квачи.[34] Младенчињата се здобиваат со перје по 35 до 42 дена, а за тоа време ги хранат обата родитела. По оперјувањето остануваат со родителите уште 6 месеца.[35]

Огласување[уреди]

Огласување

Како и другите врани, гавраните се во состојба да ги имитираат звуците од своето опкружување, вклучувајќи го и човековиот говор. Тие имаат широк спектар на огласување, што е објект на интерес на многу орнитологисти. Петнаесет до триесет категории на огласување се снимени за овој вид, од кои повеќето се користат за социјална интеракција. Тука се вклучуваат: алармни, за потера и летечки повици. Невокалните звуци произведени од страна на гавранот се свирежите со крилјата и штракање со клунот. Плескањето или кликањето е почесто кај женките. Ако еден од партнерите се изгуби, придружникот ги произведува неговите звуци за да го охрабри да се врати.[36]

Интелигенција[уреди]

Мозокот на гавранот е најголем од сите видови птици. Тие решаваат проблеми, и други когнитивни процеси, како имитирање и сфаќање.[37]

Лингвистот Дерек Бикертон, врз основа на работата на Бернд Хајнрих, неодамна тврдеше дека гавраните се едно, од само четирите познати животни (другите се пчела, мравка, и човекот), кои покажуваат спосбност за комуницирање за објекти или настани кои се оддалечени во просторот или времето на комуникацијата. Младите, неспарени гаврани спијат заедно во текот на ноќта, но обично се хранат сами во текот на денот. Меѓутоа, кога некој ќе открие голем труп (мрша), чуван од страна на еден пар возрасни гаврани, тој ќе се врати во ноќевалиштето и ќе комуницира со другите за своето откритие. Следниот ден, јатото млади гаврани ќе отиде кај мршата и ќе ги избркаат возрасните. Бикертон тврди дека способната за ваква комуникација е можеби најважниот настан во еволуцијата на човековиот јазик, и дека гавраните се единствени 'рбетници кои ја делат таа способност со луѓето.[38]

Направен е еден експеримент за да се оцени способноста за сфаќањето и решавањето на проблемите од страна на гавраните. На врвка е закачено парче месо кое виси од гнездото. За да стигне до храната гавранот треба полека да ја влече врвката и во еден момент да застане на неа и да ја закачи на јамка. Така постепено треба да ја скратува врвката и да дојде до месото. Четири од пет гаврани на крајот успеале да го решат проблемот. Порано се мислело дека решавањето на проблемите од страна на гавраните е инстинктивно, но сега станува јасно дека гавраните се интелигентни.[39]

Гавраните се набљудувани како манипулираат со други за да завршат некоја работа за нив, како на пример, повикувањето на волците или којотите за да им го раскинат месото на мршата. [37] Тие, исто така, гледаат каде другите гаврани си ја кријат храната ѝ ја запомнуваат местоположбата за да можат да им ја украдат. Ова е толку вообичаено, што гавраните ќе летаат подалеку, само за да најдат посигурно место,[40] или ќе се преправаат дека закопуваат храна за да ги прелажат другите гаврани.[41] Гавраните се познати по крадењето и фаќањето сјајни предмети како камчиња, парчиња метал или голф топчиња. Едната теорија е дека го собираат ова „богатство“ за да ги импресионираат останатите гаврани.[42] Други, пак, сметаат дека младенчињата се премногу љубопитни за сите нови нешта, и дека се привлечени од сјајните округли предмети зашто се слични на птичјите јајца. Возрасните птици го губат својот интерес за невообичаените работи, и со текот на годините стануваат неофобични. [43]

Играње[уреди]

Последниве години, биолозите признаваат дека птиците имаат афинитети кон играњето. Младнечињата гаврани се најразиграни од сите видови птици. Набљудувани се како се лизгаат по снежни брегови, само заради забава. Се случува да си играат и со други видови, како на пример „фати ме ако можеш“ со волци, видри и кучиња.[44] Познати се по спектакуларни летови со лупови, пируети и летање со друга птица фатени со канџите.[45][46]

Тие, исто така, се едни од малкуте диви животни кои си прават сопствени играчки. Се случува да си скршат гранче за да си играат со друга птица.[47]

Гавраните во литературата[уреди]

Во минатото[уреди]

Низ својата широка распространетост, и низ човековата историја, гавранот бил моќен симбол и популарен лик во митологијата и фолклорот.

Во многу пренаменети западни култури, гавранот подолго време се смета за кобна птица и предвесник на смртта, делумно поради негативната симболика на нивните црни пердуви и хранењето со мрши.[48] Во Шведска, гавраните се познати како духови на убиените луѓе, а во Германија како души на проколнатите.

Во христијанството[уреди]

Во јудео-христијанската традиција, гавранот е првото животно што го испраќа Ное надвор од ковчегот за да провери дали се појавило копно по потопот.[49]

Во Македонија[уреди]

Во македонскиот фолклор името на гавранот му го дал Адам, како и на повеќето птици: „Заграчил гавранот гра, гра, гра, му клаил името гавран.“[50] Гавранот се смета за птица која навестува нешто лошо и се смета за кобна птица. Ако наутро се слушне дека грака гавран, значи дека коби нешто и дека ќе се случи несреќа: „Гаврано кога грачит во зимно време приквечер жалојно, не било на арно. Или зима ќе искобит, или некој чоек ќе умрит, или ќе пцоисуат волои и други имање.“ Во малешевијата се верува дека ако се спушти гавран врз некоја куќа, некој ќе умре.

Но, сепак, гавранот е претставен и како интелигентен и досетлив, малку циничен, суштество кое ја сака својата слобода и не сака да му се мешаат во начинот на живот. Во приказната „Гавранот и домазетот“[51] гавранот му докажува на штотуку оженетото момче дека животот му е поцрн, без своја куќа, отколку неговиот.

Во современоста[уреди]

И во современата литература гавранот е честа инспирација на поетите и писателите, како, Шекспир и Чарлс Дикенс[52], на пример, или, пак, најпозната песна од Едгар Алан По, „Гавранот“, како и многу други.



Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2009). „Corvus corax“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 23 November 2009.
  2. Wasser, D. E.; Sherman, P.W. (2010). „Avian longevities and their interpretation under evolutionary theories of senescence“. „Journal of Zoology280 (2): 103–155. doi:10.1111/j.1469-7998.2009.00671.x. 
  3. Jones, Noragh (1995). „Power of Raven, Wisdom of Serpent“. Floris Books. ISBN 0-940262-66-5. 
  4. (латински) Linnaeus, Carl (1758). „Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata.“. Holmiae. (Laurentii Salvii).. стр. 105. „C. ater, dorso caerulescente, cauda subrotundata.“ 
  5. Goodwin. pp. 70–72
  6. 6,0 6,1 6,2 Marzluff, J. M. (2009). Common Raven (Corvus corax). pp. 638–639 in: del Hoyo, J., A. Elliott, & D. A. Christie. eds. (2009). Handbook of the Birds of the World. Bush-shrikes to Old World Sparrows. Lynx Edicions, Barcelona. ISBN 978-84-96553-50-7
  7. Clements, J.F. (2007). The Clements Checklist of the Birds of the World. 6th edition. Christopher Helm. ISBN 978-0-7136-8695-1
  8. Common Raven. Nature.ca. Retrieved on 2012-12-19.
  9. Raven. Garden-birds.co.uk (2010-07-01). Retrieved on 2012-12-19.
  10. Common Raven. Geobirds.com. Retrieved on 2012-12-19.
  11. 11,0 11,1 11,2 Boarman, W.I.; Heinrich, Bernd; Poole, A.; Gill, F. (1999). Poole, A.; Gill, F.. уред-ци. „Common Raven (Corvus corax)“. „Birds of North America“ 476: 1–32. doi:10.2173/bna.476. 
  12. Common Raven. Oiseaux-birds.com. Retrieved on 2012-12-19.
  13. Goodwin, pp. 138–139
  14. Oberholser, Harry C. (1918). „The Common Ravens of North America“. „The Ohio Journal of Science“ 18 (6): 213–225. ISSN 0030-0950. https://kb.osu.edu/dspace/bitstream/handle/1811/1993/V18N06_213.pdf;jsessionid=471673184659A2966D0CCB7E6DAE8257?sequence=1. 
  15. Common Raven – Corvus corax. Avis.indianbiodiversity.org. Retrieved on 2012-12-19.
  16. Goodwin, p. 138
  17. (германски) Gwinner, E. (1964). „Untersuchungen über das ausdrucks und Sozialverhalten des Kolkraben (Corvus corax L.)“. „Zeitschrift für Tierpsychologie“ 21 (6): 657–748. doi:10.1111/j.1439-0310.1964.tb01212.x. 
  18. „European Longevity Records“. European Union for Bird Ringing. http://www.euring.org/data_and_codes/longevity-voous.htm. конс. 5 април 2011. 
  19. Goodwin, p. 70
  20. 20,0 20,1 Madge, Steve (1999) [1994]. „Crows and jays : a guide to the crows, jays and magpies of the world“. Helm Identification Guides. London: Christopher Helm. ISBN 0-7136-3999-7. 
  21. Audubon Society of Portland (2012). „Common Raven“. Audubon Society. http://audubonportland.org/wcc/edbirds/raven. конс. 6 ноември 2012. 
  22. Hingston, R W G (1927). „Bird notes from the Mount Everest expedition of 1924“. „J. Bombay Nat. Hist. Soc.“ 32 (2): 320–329. 
  23. Salomonsen, Finn (1950). „Gronlands Fugle = Birds of Greenland“. Copenhagen: Munksgaard. 
  24. 24,0 24,1 Goodwin, p. 139
  25. 25,0 25,1 „Oregon Zoo Animals: Common Raven“. „Oregon Zoo“. архивирано од оригиналот на 29 април 2007. http://web.archive.org/web/20070429120446/http://www.oregonzoo.org/Cards/BirdsOfPrey/commonraven.htm. конс. 19 мај 2007. 
  26. Nogales, Manuel; Elizabeth C. Hernández (1997). „Diet of Common Ravens on El Hierro, Canary Islands“ (PDF). „Journal of Field Ornithology“ 68 (3): 382–391. http://sora.unm.edu/sites/default/files/journals/jfo/v068n03/p0382-p0391.pdf. конс. 16 мај 2007. 
  27. Nelson, A.L. (January 1934). „Some early summer food preferences of the American Raven in southeastern Oregon“ (PDF). „Condor“ (Cooper Ornithological Society) 36 (1): 10–15. doi:10.2307/1363515. http://sora.unm.edu/sites/default/files/journals/condor/v036n01/p0010-p0015.pdf. конс. 16 мај 2007. 
  28. Gaston, A.J.; R.D. Elliot (1996). „Predation by Ravens Corvus corax on Brunnich's Guillemot Uria lomvia eggs and chicks and its possible impact on breeding site selection“. „Ibis“ 138 (4): 742–748. doi:10.1111/j.1474-919X.1996.tb08831.x. 
  29. Careau, Vincent; Nicolas Lecomte, Jean-François Giroux and Dominique Berteaux (January 2007). „Common ravens raid arctic fox food caches“. „Journal of Ethology“ 25 (1): 79–82. doi:10.1007/s10164-006-0193-7. 
  30. Stahler, Daniel; Bernd Heinrich and Douglas Smith (August 2002). „Common ravens, Corvus corax, preferentially associate with grey wolves, Canis lupus, as a foraging strategy in winter“. „Animal Behaviour“ 64 (2): 283–290. doi:10.1006/anbe.2002.3047. 
  31. Kristan, William B.; William I. Boarman and John J. Crayon (March 2004). „Diet composition of common ravens across the urban-wildland interface of the West Mojave Desert“ (PDF). „Wildlife Society Bulletin“ 32 (1): 244–253. doi:10.2193/0091-7648(2004)32[244:DCOCRA]2.0.CO;2. ISSN 0091-7648. http://www.werc.usgs.gov/sandiego/pdfs/kristan%20boarman%20and%20crayon%202004%20WSB.pdf. 
  32. Common Raven – Corvus corax. Animaldiversity.ummz.umich.edu. Retrieved on 2012-12-19.
  33. Savage, p. 35
  34. (германски) Gwinner, Eberhard (April 1965). „Beobachtungen über Nestbau und Brutpflege des Kolkraben (Corvus corax L.) in Gefangenschaft“. „Journal of Ornithology“ 106 (2): 145–178. doi:10.1007/BF01793758. 
  35. Goodwin, p. 141
  36. Goodwin, p. 142
  37. 37,0 37,1 „PBS Nature: The Bird in Black“. Public Broadcasting Service. http://www.pbs.org/wnet/nature/ravens/ravens.html. конс. 7 мај 2007. 
  38. Bickerton, Derek (2009). Adam's Tongue. Hill and Wang. ISBN 978-0-8090-2281-6.
  39. Heinrich, Bernd (1995). „An Experimental Investigation of Insight in Common Ravens (Corvus Corax)“ (PDF). „The Auk“ 112 (4): 994–1003. doi:10.2307/4089030. http://sora.unm.edu/sites/default/files/journals/auk/v112n04/p0994-p1003.pdf. конс. 16 мај 2007. 
  40. Rozell, Ned. „The Raven's Game of Hide and Seek“. „Alaska Science Forum“. Geophysical Institute, University of Alaska Fairbanks. http://www.gi.alaska.edu/ScienceForum/ASF14/1426.html. конс. 7 мај 2007. 
  41. Marzluff and Angell, p. 230
  42. Marzluff and Angell, p. 232
  43. Kijne, M. and Kotrschal, K (2002). „Neophobia affects choice of food-item size in group-foraging common ravens (Corvus corax)“. „Acta ethologica“ 5 (1): 13–18. doi:10.1007/s10211-002-0061-6. 
  44. Savage, pp. 70–71
  45. Savage, p. 76
  46. Heinrich, B. (1999). Mind of the Raven: Investigations and Adventures with Wolf-Birds p. 290. New York: Cliff Street Books. ISBN 978-0-06-093063-9
  47. Heinrich, B. (1999). Mind of the Raven: Investigations and Adventures with Wolf-Birds pp 282. New York: Cliff Street Books. ISBN 978-0-06-093063-9
  48. Schwan, Mark (January 1990). „Raven: The Northern Bird of Paradox“. Alaska Fish and Game. http://www.wildlife.alaska.gov/index.cfm?adfg=birds.raven. конс. 12 февруари 2007. 
  49. Genesis 8:6–8 (New King James Version). Biblegateway.com. Retrieved on 2012-12-19.
  50. Цепенков, Марко „Македонски народни приказни“ книга петта, Македонска книга, 1989; „659. „Адам им дава име на сите божји созданија“
  51. Цепенков, Марко, „Македонски народни приказни“ книга прва, Македонска книга, 1989;стр.27
  52. Dickens, Charles (1841) Barnaby Rudge: A Tale of the Riots of 'Eighty online
  • Goodwin D. (1983). „Crows of the World“. Queensland University Press, St Lucia, Qld. ISBN 0-7022-1015-3. 
  • John M. Marzluff; Tony Angell (2005). „In the Company of Crows and Ravens“. New Haven: Yale Univ. Press. ISBN 0-300-10076-0. 
  • Savage, Candace (1995). „Bird Brains: The Intelligence of Crows, Ravens, Magpies and Jays“. Toronto: Douglas & McIntyre. ISBN 1-55054-189-7. 

Литература[уреди]

  • Heinrich, B. (1999). Mind of the Raven: Investigations and Adventures with Wolf-Birds. New York: Cliff Street Books. ISBN 978-0-06-093063-9

Надворешни врски[уреди]