Крушево
Оваа страница е заштитена од понатамошни измени додека содржината на текстот не се разреши на страницата за разговор.
За да ги видите претходните верзии, кликнете на врската историја.
| Крушево | |
|---|---|
Панорама на Крушево |
|
| Mестоположба | |
Крушево на картата на Македонија |
|
|
Координати : 41.368° N 21.248° E |
|
| Општи податоци | |
| Име: | Крушево |
| Прекар: | Град Музеј |
| Поштенски бр.: | 7550 |
| Повикувачки бр.: | (+389) 048 |
| Автомобилска ознака: | ПП (PP) |
| Мреж. место: | krusevo.gov.mk |
| Историја | |
| Управа | |
| Држава: | |
| Општина: | Крушево |
| Географија | |
| Надм. височ.: | 1350 м |
| Население | |
| Население: | 5 507 |
| Образование: | |
| Етнички групи: | Македонци (85,87%) Власи (13,50%) |
Крушево е град во западниот дел на Република Македонија. Тој е градот на некогашната Крушевска република. Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Во опширниот пописен дефтер Н0 4 од 1467/68 година, објавен од Архивот на Македонија, се наоѓа најстариот помен за Крушево, кога нему, како мезра, му било дадено на спахијата Хусеин-бег, заедно со Прилеп и со други 31 село. Сепак, градот го добил неговата денешна форма со доаѓањето на Власите од Москополе и Мијаците од околината, во текот на 18-тиот век. Заедно со Власите во Крушево дошле и поголем број православни Албанци, кои во текот на историјата се повлашиле. Во градот, покрај македонскиот, официјални се и влашкиот јазик (согласно новата одлука на Советот на Град Крушево од 30.05.2006 година) и албанскиот јазик.
Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350[1] метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров.
Содржина |
[уреди] Клима
[уреди] Температура
Просечната годишна температура во Крушево изнесува 8,4°С,просечната јануарска температура изнесува -1,3°С, февруарската е - 0,5°С март 2,6°С април 7,1°С мај 12°С јуни 15,6°С во јули 17,9°С август исто 17,9°С септември 14,6 октомври 8,3°С ноември 4,7°С и декември 0,4°С. Температурните инверзии, кои се честа појава во зимските месеци во ова подрачје, се една од причините за релативно високите температури во оваа сезона во Крушево и даваат посебно климатско обележје на овој локалитет од температурен аспект. Инверзиите влијаат во голема мера на зголемување и на средните месечни температури во зимските месеци кои се во однос на Пелагонија пониски, но не толку колку би требало да бидат во однос на разликата во надморската височина. Годишната температурна амплитуда изнесува 19,2°С. Во Крушево есента е значително потопла од пролетта. Просечната есенска температура изнесува 9,5°С, а пролетната 7,2°С. Септември е за 2,6°С потопол од мај, октомври за 2,2 од април и ноември за 2,1°С од март. Меѓумесечната температурна разлика на пролетните и есенските месеци не е битно изразена и преодот од зимата кон летото и од летото кон зимата не е нагол, така што и пролетта и есента се издвојуваат како преодни годишни сезони. Средногодишната минимална температура во Крушево изнесува 4,9°С, а максимална 12,1°С.
Просечно годишно во Крушево се јавуваат 178 мразни дена. Просечниот датум на есенскиот мраз е 25 октомври а најраниот есенски мраз е забележан на 22 септември. Просечниот датум на пролетниот мраз е 21 април, а најдоцниот пролетен мраз е забележан на 13 мај.[2]
| Климатски податоци за Крушево | |||||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Месец | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
| Просечна висока °C (°F) | 3 (37) |
7 (45) |
11 (52) |
17 (63) |
22 (72) |
26 (79) |
29 (84) |
29 (84) |
25 (77) |
18 (64) |
12 (54) |
5 (41) |
17 (62,6) |
| Просечна ниска °C (°F) | -5 (23) |
-2 (28) |
1 (34) |
5 (41) |
9 (48) |
12 (54) |
13 (55) |
13 (55) |
10 (50) |
6 (43) |
2 (36) |
-3 (27) |
5,1 (41,2) |
| Извор: weather.yahoo.com[3] | |||||||||||||
[уреди] Врнежи
Врнежите во Крушево се доста нерамномерно распоредени преку годината и ова подрачје спаѓа под медитеранскиот плувиометриски режим. Повеќето паѓаат во ладниот дел од годината, со максимум во ноември и зимските месеци, а минимум во летните месеци. Секундарниот максимум на врнежите е во мај, што води кон заклучок дека во ова подрачје во одредена мера се нарушува искажаниот плувиометриски режим. Просечната годишна сума на врнежите изнесува 798,6 mm, со максимум во ноември 97,6 mm, а минимум во август 39,3 mm. По сезони, најврнежлива е есента, 225,2 mm, потоа, пролетта 218,1 mm, зимата 213 mm и летото 142,3 mm. Апсолутно максималната дневна количина на врнежите изнесува 139 mm, забележано на 19 ноември 1979 година. Од вкупниот просечен годишен број на врнежливи денови (124), 85% се врнежливи денови со дневна количина рамна или поголема од 1,0 mm, 42% со количина рамна или поголема од 5,0 mm, 20% со дневна количина рамна или поголема од 10,0 mm и 7% со дневна количина рамна или поголема од од 20,0 mm. Врнежите во Крушево се од дожд но во значителна мера и од снег. Снегот се јавува од септември заклучно со мај. Максималната височина на снежниот покривач изнесува 135 cm забележана на 6 февруари 1954 година. Просечната годишна сума на сончевото зрачење изнесува 2109 часови, со максимум во јули 295 часови а минимум во декември, 99 часови. Просечната годишна релативна влажност изнесува 73% со максимум во декември 80% и минимум во јули 63%.[2]
[уреди] Ветрови
Подрачјето на Крушево е доста ветровито. Од вкупниот број на измерени случаеви претворени во промили, 739‰ се со ветрови од разни правци, а 261‰ е тивко без ветер т.е. со тишини. Со најголема зачестеност е западниот ветер со честина од 151‰, средна брзина на ветерот од 2м/сек и максимална јачина од 9 бофори. Втор по честина е североисточниот ветер со честина од 98‰, кој најчесто дува во доцната пролет и во летните месеци а со голема зачестеност е во зимските и есенските месеци. Средната годишна брзина му изнесува 3,3м/сек, а максималната јачина во Бофори до 10. Југозападниот ветер е со голема зачестеност од ноември до февруари и во април, а со нешто смалена зачестеност е во летните месеци. Годишната честината му е 89‰ средната годишна брзина му е 3,2 а максималната 10 бофори. Источниот ветар дува со честина од 75‰ средна брзина од 1,6 m/s и максимална јачина до 9 бофори. Северниот ветер дува со голема зачестеност преку целата година од 108‰. Нешто смалена зачестеност има само во април, мај и јуни а најчесто дува во јануари, март и јули. Средната годишна брзина му изнесува 2,6 а максималната јачина 10 бофори. Југоисточниот дува со честина од 58‰, средна брзина од 2 m/s. и максимална јачина до 8 бофори. Јужниот дува најчесто во ноември и декември, а со нешто смалена зачестеност се јавува преку целата година. Честината му е 64‰, средната годишна брзина му изнесува 2,4 а максималната достигнува до 10 бофори. Северозападниот ветар е со честина од 33‰ со средна годишна брзина од 3 m/s и со максимална јачина до 10 бофори.[2]
[уреди] Културата на Крушево
За културната историја на Крушево, од неговото создавање до шеесеттите години на 19 век, нема многу изворни податоци, барем засега.
Но, во првата половина од осумнаесеттиот век, според еден документ, во Крушево почнува еден процес на значително заживување на културен план. Кон крајот на 18-ти и во почетокот на 19-ти век, под насилствата на Турците во Јужна Албанија и арнаутските зулуми во Западна Македонија, настапува миграција на христијанскиот свет во Крушево, Битола и населбите во нивната околина. Се населуваат семејства на Власи од околината на Корча (градовите Москополе, Никулица, Шиписка, Грабова во првите налет, а подоцна и од планината Грамос и Пинд) и на Мијаци од селата на Мала Река. Меѓу населениците спаѓаат трговци, занаетчии, градители, зографи итн. Со време Крушево економски зајакнува, развива трговски врски со поразвиените центри на Балканскиот Полуостров и Средна Европа. Се создаваат услови за организирање урбан живот, засилена градежна и уметничка дејност. Во градот имало неколку училишта, а централното егзархиско и патријаршиско училиште биле главен културно-образовен центар за Крушево и околината [4].
Крушевските градители, зографи и резбари стануваат познати имиња и во други краишта на Македонија, како и во соседните земји. Меѓу најстарите сакрални објекти, што биле изградени во Крушево, се смета црквата “Свети Никола” (1832), опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Оваа главна црква е позната по прочуениот иконостас, работен од тајфата на Петре Филипович - Гарката, родум од с. Гари и неговиот помошник и зет Димитар Станишев, роден во Крушево. Двајцата резбари работат заедно скоро три децении.
По смртта на Петре Филипович - Гарката во Крушево (1854), Димитар Станишев формира своја тајфа, работејќи во Македонија, Бугарија и Србија. Умира на шеесетгодишна возраст (1866) во Крушево, а неговото дело го продолжува неговиот брат Антон Станишев.
Во непосредна околина на Крушево, на месноста Трстеник е подигната манастирската црква “Свети Спас”. Според една зачувана плоча, тоа станало за време на игуменот Глигорије во 1836 година. Во самиот град се подигнати три цркви. Тие се дело на домашни мајстори со прилично големи димензии. Црквата “Успение на света Богородица”, во Мијачката Маала, е од 1867 година, како и црквата “Света Троица”.
Во центарот на градот Крушево, во 1904/1905 година, е обновена од основа старата црква “Свети Никола” (1832 г.), но во знатно помали димензии. Само многу мал дел од опожарената црква “Свети Никола” денеска има во музејот на Илинденското востание и Крушевската Република и е зачуван цифеблатот (бројникот) на тогашната црква, чии камбани, како што се сеќаваа старите крушевчани, при опожарувањето и паѓањето се чуле, наводно до Прилеп.
И зографството било во подем во тие години. Според изборни податоци, зачувани пред сè на иконите во црквите, се спомнуваат имињата на повеќемина зографи, дојденци, или на оние од Крушево. Меѓу нив имаме истакнати личности со реноме на извонредни мајстори, чие сликарско дело оставиле трајни уметнички белези во средината каде што создавале. Таков пример се две зографски семејства - Зиси и Атанасови. Посебно Михаил и неговите синови Димитри и Никола (Лаќа).
Зографот Димитрие на едно место хроничарот забележал “..искусен во својот занает што во турска земја не може да биде друг…”.
Во областа на копаничарството, фрескосликарството и на традиционалното градителство, со специфичната крушевска куќа, има плејада поединци и дваесетина тајфи што крстареле и твореле не само на овие простори, но и подалеку по Балканот. Од архитектурата Крушево особено го трогнало познатиот француски архитект Ле Корбизје.
Радува податокот дека во оваа област како да се наѕираат и следбеници на истакнатите културни дејци од овој крај. Покрај неколкуте музеи, споменици, спомен-одбележја од подалечното минато, посебно од Илинденскиот период и навака, како: Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република (отворен 1953 г.), Галеријата на основоположникот на современата македонска ликовна уметност, крушевчанецот Никола Мартиноски (1968 год.); Споменикот на националноослободителната борба и Илинденското востание (1974 г.), Споменикот на Мечкин Камен на авторот Димо Тодоровски (1983 г.), Музејот на НОВ (1989 г.). Покрај овие, тука може да се вбројат: споменикот на Никола Карев, на Питу Гули, бистата на Веле Марков, споменикот на боиштето на Слива, а сега е во тек изградбата, односно реконструкцијата и адаптацијата на Леарницата за куршуми за Потребите на востаниците. Со ова Крушево ќе добие и уште музеј.
Ликовното и копаничарското дело го продолжуваат сликарите аматери: Перо Начески (професор во пензија), кој ги слика старите куќи од 19-ти век, кои забот на времето постепено ги подјадува, даровитите природни убавини, што го опкружуваат Крушево, се наоѓаат на платната на сликарот аматер-примариус д-р Матеја Хаџи (Хаѕи) Лега (сега во пензија), чие творештво е инспирирано од неговото Крушево, како и од мотивите на струшкото крајбрежје, а копаничарот Ѓоре Ќискоски кој чекори по даровитоста на Петре Филипович- Гарката, моментално работи на ликот на поглаварот на Македонската православна црква- Неговото блаженство Г.Г. Михаил, кому наскоро ќе му биде предаден овој копаничарски портрет на скопската митрополија. Во исто време добар творец е и Велко Петковски-Шулц. Сите овие, а има интерес и кај помладите, ќе ги надополнуваат и збогатуваат културните содржини на Крушево, а во скорешна иднина, па и сега може да се потврди дека овој град, бележит град по многу нешта и специфичности, го носи името Град Музеј.
[уреди] Демографија
Според пописот во 1994 година во Крушево живееле 5 507 жители. Според пописот од 2002 година било забележано намалување на македонското население од 4 554 на 4 273, а зголемување на влашкото од 891 на 1 020. Во 2002 година вкупното население во Крушево изнесувало 5 330 жители,[5] од кои:
[уреди] Музеи
- Споменик Илинден (Македониум)
- Музеј на Илинденското востание и Крушевската Република
- Музеј на НОВ
- Галерија Никола Мартиновски
[уреди] Познати личности од Крушево
- Александар Матковски (30 мај 1922 - 15 април 1992), доктор на историски науки и историчар ориенталист.
- Никола Бацарија
- Никола Карев - македонски револуционер и претседател на Крушевската република.
- Дину Вангели
- Питу Гули - македонски револуционер.
- Никола Киров Мајски - македонски револуционер.
- Никола Мартиноски - македонски уметник и академик.
- Васил Иљоски - македонски писател.
- Наум Наумовски-Борче
- Тоше Проески - македонски пејач.
- Манчу Матак (1920 - 25 мај 1944) - македонски комунистички деец и народен херој
[уреди] Наводи
- ↑ Општи податоци за Крушево
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Друштво за еколошки консалтинг (2008) (на македонски). „Студија за оцена на влијанието врз животната средина за поставување на ветерници во Крушево“. Скопје: Деконс-ЕМА.
- ↑ „Рекорди и просеци за времето во Крушево“. yahoo.com. http://weather.yahoo.com/climo/MKXX0006_c.html?woeid=482372. проверено на 16 јануари 2012.
- ↑ Историја на Крушево и Крушевско, Крушево, 1978
- ↑ „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика. http://www.stat.gov.mk/pxweb2007bazi/Dialog/varval.asp?ma=Popis_nm_1948_2002_NasPoEtnPrip_mk&ti=%CD%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5+%ED%E0+%D0%E5%EF%F3%E1%EB%E8%EA%E0+%CC%E0%EA%E5%E4%EE%ED%E8%BC%E0+%F1%EF%EE%F0%E5%E4+%E8%E7%BC%E0%F1%ED%F3%E2%E0%9C%E5%F2%EE+%E7%E0+%E5%F2%ED%E8%F7%EA%E0%F2%E0+%EF%F0%E8%EF%E0%E4%ED%EE%F1%F2%2C+%EF%EE++%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8+%EC%E5%F1%F2%E0%2C+%F1%EF%EE%F0%E5%E4+%EF%EE%EF%E8%F1%E8%F2%E5+%ED%E0+%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5+1948%2C+1953%2C+1961%2C+1971%2C+1981%2C+1991%2C+1994+%E8+2002++%E3%EE%E4%E8%ED%E0+%28%F1%EE%E3%EB%E0%F1%ED%EE+%F2%E5%F0%E8%F2%EE%F0%E8%BC%E0%EB%ED%E0%F2%E0+%EE%F0%E3%E0%ED%E8%E7%E0%F6%E8%BC%E0+%EE%E4+1996+%E3%EE%E4%E8%ED%E0%29&path=../Database/%CF%EE%EF%E8%F1%E8/%CF%EE%EF%E8%F1%E8%20%ED%E0%20%ED%E0%F1%E5%EB%E5%ED%E8%E5%201948%20-%202002/&lang=18.
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Крушево“ |
- Крушево „Етно град“ - репортажа на BBC
- Гратчето Крушево
- visitkrusevo.com.mk
|
||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||
|
|||||