Пресил

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пресил

Поглед на селото

Пресил во рамките на Македонија
Пресил
Местоположба на Пресил во Македонија
Пресил на карта

Карта

Координати 41°17′44″N 21°18′48″E / 41.29556° СГШ; 21.31333° ИГД / 41.29556; 21.31333Координати: 41°17′44″N 21°18′48″E / 41.29556° СГШ; 21.31333° ИГД / 41.29556; 21.31333
Регион  Пелагониски
Општина  Крушево
Население 574 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7525
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16018
Надм. вис. 640 м
Пресил на општинската карта

Атарот на Пресил во рамките на општината
Пресил на Ризницата

Пресил — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Сретселото

Селото се наоѓа во јужниот понизок дел на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Демир Хисар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Крушево селото е оддалечено 17 километри.[2]

Пресил е сместено помеѓу котлинската рамнина на исток и планинската падина на запад. Јужно од него се наоѓа селото Бучин, а на север е селото Свето Митрани, како и малото село Милошево. Водата за пиење се добивала од два послаби извори соѕидани во чешми, а во двориштата имало длабоки бунари.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Ограда, Васла Бара, Плоча, Конопиште, Трска, Камејца, Гробје, Штаверица, Штрбел, Мемедова Чешма, Млаки, Грнчарица, Средни Пат, Габер, Чобаница, Шулан, Голем Камен, Липа и Корија.[3]

Селото има разбиен тип, поделено на четири маала: Велевско, Горно, Долно и Ново Маало. Маалата се издвоени по една сува долина. Од 1928 година како се населувале Македонци, тие основале ново маало, сместено 1 километар на југ од главното село.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Пресил е старо село, првпат споменат во Слепченскиот Кодекс. Веројатно потекнува од XVI век, додека други пишани споменувања на селото се од XVII век.[3]

По своето население, тоа најпрвин било македонско село, но на почетокот на XIX век во него започнале да се населуваат муслимански Арбанаси. Поради тоа, старите македонски родови се иселиле. Последни иселеници биле Пулевци, кои се иселиле во Крушеани во 1900 година. Муслиманите се служеле со разни методи како би дошле до земјата на старите Македонци.[3]

Во јужниот дел на селото постои месноста Киша, сместено на мало возвишение, каде нема остатоци од старини. Таму се наоѓал храмот „Св. Ѓорѓи“ кога во него живеело македонското население, а на Ѓурѓовден се славела селската слава.[3] Денес, црквата „Св. Ѓорѓи“ е обновена и постои на истото место.

Арбанасите кои живеат во Пресил се доселувале од разни места во Северна и Средна Албанија, најмногу од околината на Елбасан и Пешкопеја. При доаѓањето кон Пресил дошле преку Кичево и Железник. Во минатото, овие Албанци одржувале брачни врски со муслиманите од Мургашево и Горно Житоше.[3]

По завршувањето на отоманската власт, Пресил бил чисто албанско село. Меѓутоа, од 1928 година на дел од имотите на иселените Албанци започнале да се населуваат Македонци, главно од Железник и Охридско.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 16,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 716 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 584 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 270 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948696—    
1953784+12.6%
1961745−5.0%
1971579−22.3%
1981556−4.0%
ГодинаНас.±%
1991521−6.3%
1994481−7.7%
2002444−7.7%
2021574+29.3%

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Пресил имало 320 жители, сите Албанци.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Албанци и 50 Македонци.[5]

Селото е средно село по големина, но со негативно популациско салдо. Така, во 1961 година селото броело 745 жители, од кои 336 биле Турци, а 334 Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 481 жител, од кои 323 Албанци, 121 Турчин и 37 Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Пресил живееле 444 жители, од кои 23 Македонци, 392 Албанци и 29 Турци.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 574 жители, од кои 42 Македонци, 529 Албанци, 1 Турчин и 2 лица без податоци.[7]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Пресил:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 696
1953 111 12 655 0 6 784
1961 394 0 336 3 12 745
1971 270 12 293 2 2 579
1981 147 34 259 3 113 556
1991 59 127 273 0 62 521
1994 37 323 121 0 0 481
2002 23 392 29 0 0 444
2021 42 529 1 0 0 2 574

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Пресил е мешано македонско-албанско село, Македонците се православни, додека Албанците муслимани. Сите родови во селото се доселенички. Некогаш ова село било чисто македонско, но како почнале Албанци да го населуваат Македонците почнале да се иселуваат. Па така во околните села постојат многу македонски родови со потекло од Пресил.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:

  • Албански родови во селото се: Рапајчевци (8 к.), први доселеници, доселени се на почетокот на XIX век од Горенци кај Дебар, основачот на родот имал православна жена; Журевци (9 к.), потекнуваат од браќата Исмаил и Фејзо, го знаат следното родословие: Мемет (жив на 70 г. во 1951 година) Мерсим-Синан-Исмаил кој се доселил од Жура во Албанија; Хасај (6 к.), доселени се од Хас во Албанија; Тафај (4 к.), доселени се од околината на Долен Дебар; Беќировци (9 к.), Ризмановци (6 к.), Рушитовци (6 к.), Суљовци (4 к.), Демировци (3 к.), Дудуковци (3 к.), Џаферовци (4 к.), Зеќировци (3 к.), Бубевци (2 к.), Спаиовци (2 к.), Ољај (2 к.), Суљчевци (2 к.), сите овие родови се доселени со непозната старина.
  • Македонски родови во селото се: Секуловци (2 к.), доселени се во 1928 година од селото Ракитница во Железник; Настевци (7 к.), доселени се од селото Куратица во Охридско; Трајковци (1 к.), доселени се од селото Бирино, во 1942 година, таму се доселени од некое село во Железник; Милошевци (3 к.), доселени се 1928 година од селото Железнец во Железник; Филиповци (1 к.) доселени се 1930 година од селото Базерник во Железник; Вељановци (1 к.), доселени се 1943 година од селото Ново Село во Железник; Буревци (2 к.), доселени се од селото Цер во Железник, во 1928 година и Левковци (1 к.), доселени се исто така од селото Цер, во 1933 година.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Кога се доселиле албанските родови, од селото се иселиле следниве родови по другите села: Бучин (Ѓурчиновци), Пашино Рувци (Пресилци, Јагуриновци, Маџаровци), Врбоец (Тодоровци), Свето Митрани (Талевци), Трн (Пресилци), Крушеани (Пулевци, Ненадовци), Могила (Пресилци), Турско (Наумовци) и Кукуречани (Колеви).[3]

Се знае и за иселувања на гранки од албанските родови. Од родот Бубевци се иселиле три семејства (во Мусо, Турција и Албанија), од родот Демировци едно семејство заминало во Истанбул, од родовите Хасај, Рушитовци, Рапајчевци и Меметовци по едно семејство се иселило во Битола. Од родот Тафај две семејства живеат во Истанбул, додека од родот Зеќировци едно семејство живее во Прилеп. Родот Суљовци живеат во планинското село Древеник.[3]

Панорама на селото

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Пресил било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бела Црква, во која покрај селото Пресил, се наоѓале и селата Бела Црква, Бучин, Воѓани, Обршани, Пашино Рувци и Света. Селото влегувало во рамки на Општина Свето Митрани во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Врбоец, Милошево, Пресил и Свето Митрани.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1195 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[8]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 384 гласачи.[9] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 400 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[11]
Цркви[12]
Џамии[3]
Споменици
  • Споменик во чест на борците во НОБ

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во јули 2018 година е оформен фудбалски клуб Влазрими Јуниор.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 244. Посетено на 24 декември 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 декември 2021.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  9. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. „Локални избори 2021“. Посетено на 24 декември 2021.
  11. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 203. ISBN 9989-649-28-6.
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]