Кочани
| Кочани | |
|---|---|
Кочани панорама |
|
| Mестоположба | |
Општина Кочани на картата на Република Македонија |
|
|
Координати : 41°55′0″N , 22°25′0″E |
|
| Општи податоци | |
| Име: | Кочани |
| Прекар: | Град на оризот и геотермалната вода |
| Поштенски бр.: | 2300 |
| Повикувачки бр.: | (+389) (0)33 |
| Автомобилска ознака: | КО[1] |
| Заштитници: | Св.Петар и Апостол Павле |
| Портал: | Кочани |
| Историја | |
| Основан: | 1337 год. |
| Стари имиња: | Tranupara |
| Управа | |
| Држава: | |
| Регион: | |
| Општина: | |
| Бр. на населби: | 28 |
| Градоначалник: | Ратко Димитровски |
| Географија | |
| Површина: | 382 |
| -вода: | 0,19 km² |
| Надм. височ.: | 350 - 420 м |
| Население | |
| Население: | Kочани - 28 330
општина - 38 092 |
| -мажи: | 19 192 |
| -жени: | 18 900 |
| Образование: | |
| -високо: | 1 090 |
| -средно: | 12 417 |
| -основно: | 9 425 |
| -неписмени: | 1 468 |
| Етнички групи: | 8 |
Кочани е град во источниот дел на Република Македонија со 28 330 жители, седиште на истоимената општина. Градот лежи во Кочанското Поле и е познат по кочанскиот ориз и геотермалната вода.
Содржина |
Легенда за потеклото на името [уреди]
Многу одамна, на печалба во Кина бил еден човек по име Кочо. Работел што работел, по долги години решил да се врати во родниот крај. Бидејќи во Кина оризот бил основна храна, на заминување решил со себе да понесе и ориз со надеж дека оваа земјоделска култура ќе успее во неговиот крај. Со себе понел мала количина од ова бело злато со цел лесно и без проблеми да го пренесе од царство во царство. При влегувањето во царството во кое се наоѓало и неговото родно место наишол на проблеми: оризот бил забранет за внесување во каква било форма.
Сепак, Кочо не сакал да се откаже од намерата да го внесе оризот. Се мислел и на крајот се сетил. Дознал дека гуските како трговска стока не биле забранети за внесување. Купил гуски, им го дал оризот да го изедат, а потоа ги заклал. По влегувањето ги очистил и од нив го извадил оризот.
Така Кочо го пренел оризот од Кина, започнал да го произведува, со што му дал нов белег и култура на овој крај, а според неговото име, местото каде што започнал да се одгледува оризот – го добило името Кочани.[2]
Историја [уреди]
Антика [уреди]
Како и за други населби во Македонија и за Кочани со сигурност не може да се тврди кога е основано. Според преданијата, раширени меѓу населението, Кочани настанало од населбата што се наоѓала северно од денешната местоположба, во долината на Кочанска Река. Траги од таа населба (остатоци од висок бедем, римска и византиска керамика, питоси и сл.) се пронајдени на локалитетот Долно Градиште во реонот на селото Долно Гратче. Во извесен период жителите на населбата се повлекле кон рамнината и го населиле просторот на денешното Кочани. Во градот и неговата околина се откриени повеќе локалитети од железното време, меѓу кои извесни истражувања се вршени на локалитетите Текешински лозја, Барутница и Алењак. Исто така, направени се сондажните истражувања на локалитетот Локубија каде е откриена некропола од Римскиот период, односно II - III век, во која се пронајдени предмети од керамика и друг движен материјал, како и остатоци од бедем што упатува на постоење на тврдина или заштитен бедем на некој град или пак населено место.
Археолошкиот материјал, откриен на левиот брег на Кочанска Река во реонот на денешниот град, укажува дека овој простор бил населен уште во најстари времиња. Тоа води кон заклучок дека ова населено место израснало од некогашната трачка станица Транупара, која според Табула Појтингериана (Tabula Peutingeriana - карта на воените патишта на Западното Римско царство од IV век) се наоѓала на околу 30 милји од градот Астибо.
Среден век [уреди]
За првпат во пишан документ Кочани (Кочъни) се споменува во 1337 година во една грамота, во која деспотот Јован Оливер му ја доделува црквата “Св. Димитрија” на градот. Ако се искористат податоците што ги нуди грамотата на Јован Оливер, може да се констатира дека Кочани, како населба под тоа име, постоело многу порано од 1337 год. бидејќи тој не ја подигнал црквата. Таа постоела и имала поголем неподвижен имот во кој спаѓало и селото Јастребница (денешно Јастребник). По Јован Оливер овде завладеал феудалецот Константин Дејанов, а потоа градот потпаднал под ропство на османлиските Турци.
Според пишувањата на турскиот патописец Евлија Челебија, при пописот од 1519 год. Кочани било село со едно муслиманско и 54 христијански семејства и 12 неженети христијани (Tapu defteri 169, 170). Состојбата битно не се изменила ни во наредните децении. Во пописот од 1573 год. е забележано дека се уште преовладува христијанското население (50 семејства и 50 неженети), бидејќи и во таа година само едно семејство било муслиманско (Tapu defteri 85, 446-447). Како населено место, Кочани плаќало пазарна такса која во истата година изнесувала 2.201 акче (турска платежна единица од тоа време) (Tapu defteri 437). Интересно е дека едно од двете кочански маала во тој период го носело името Самоков, веројатно по самоковот кој тука работел и на феудалецот му носел годишна рента од 60 акчиња. Според Челебија, во 1660 год. Кочани брои 600 куќи, со околу 3.000 жители, исто колку и Куманово, на пример. Од овој период потекнуваат и двете, постојни, средновековни кули во градот, од кои едната е обновена и во неа се наоѓа мала музејска збирка.
Кон крајот на 18. и почетокот на 19. век, Кочани броело само 300 куќи и околу 1.200 жители бидејќи целиот регион бил зафатен од колера. Кон крајот на 19. век градот се зголемува за околу 150 куќи, со доселувањето на маџири и крушевски Власи. Според податоците на В. К'нчов во овој период Кочани броело околу 6.000 жители.
20. век [уреди]
Во областа на политиката активно учествувале и жителите на тогашната општина Кочани, која се наоѓала во состав на Кралството СХС (Србија, Хрватска и Словенија). Така, на изборите за тогашната Уставотворна скупштина што се одржале на 28. ноември 1920 год. е регистрирано дека во Кочани имало вкупно 930 избирачи, а во целата Кочанска околија нивниот број изнесувал 5.678. На изборите во 1927 год. бројот на избирачите се зголемил на 1.173, а во 1935 год. на 1.387.
Во однос на занаетчиството, забележано е дека во 1918 год. во Кочани имало вкупно 140 занаетчии, во 1934 год. нивниот број изнесувал 215, а до почетокот на Втората светска војна имало 369 занаетчиски дуќани.[3]
Статистичките податоци од 1965 год. говорат за зголемување на бројот на жителите на околу 13.000, а денеска Кочани е општински и регионален центар со околу 30.000 жители.
Општи податоци [уреди]
Градот Кочани се наоѓа на 120 км одалеченост од главниот град Скопје, поточно ја завзема северната страна на Кочанска Котлина и го зафаќа просторот од двете страни на Кочанска Река. Градот има јужна поставеност во однос на 2252 метри високите Осоговски Планини, а 8 км јужно од Кочани плодното Кочанско поле завршува и почнува планината Плачковица. Кочани лежи на 350 до 450 метри надморска височина. Во близина на Кочани е познатиот зимски туристички центар Пониква до кој води асфалтиран пат во одлична состојба, долг околу 20 км.
Сообраќајна поврзаност [уреди]
Низ градот поминува магистралната сообраќајница M-5 која тргнува од Охрид, и преку Битола, Прилеп и Велес (70 км) се поврзува со Штип (30 km), а преку неа излегува на автопатот Е-75 (Скопје-Гевгелија), односно со оваа собраќајница Кочани е поврзан со Централна и Западна Македонија. На исток овој патен правец продолжува кон Македонска Каменица (30 км), Делчево (55 км) и граничниот премин со Република Бугарија (65 km), односно Благоевград. На југоисток, кон Виница (10 км) води квалитетен пат чија траса продолжува кон Берово (60 км), односно. На север, кон Осогово, од Кочани водат три патни правци; едниот по долината на Кочанска Река, до вештачкото езеро Гратче (6 км), а потоа по планински пат преку Јастребник до месноста Лопен; вториот преку селото Бели води до Пониква и понатаму по земјен пат до истата месност, од каде двата патни правца продолжуваат до Крива Паланка; третиот правец води преку Припор и Речани до подножјето на Царев Врв. На северозапад Кочани е поврзан со Пробиштип (36 km) и Кратово (48 km).
Исто така, во 1926 г. до Кочани е изградена железничка пруга која го поврзува со Штип, Велес и Скопје.
На близина на врвот Пониква на Осогово, на самиот асфалтен пат, во средината на 70-те години е изграден мал спортски аеродром долг 1.200 метри, чија првична намена била планирана за воени цели.
Население [уреди]
Општина Кочани има 38 092 жители[4]) од кои:
- Македонци 35 472 (93,12%)
- Роми 1951 (5,12%)
- Турци 315 (0,83%)
- Власи 194 (0,50%)
- Срби 63 (0,17%)
- останати 97 (0,26%)
Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија, во 2007 година во Кочани разликата меѓу живородените деца и бројот на умрените лица во однос на просечниот број жители, сметано на 1000 лица, има мал пораст, односно забележана е позитивна стапка на природен прираст од 0,9 промили.[5] Во апсолутен износ, природниот прираст на населението во третиот квартал од 2009 година изнесувал 20 лица. [6] Во 2008 година биле склучени вкупно 227 бракови.[7]
Табела 1 - старосна структура на населението во општина Кочани[8]
Табела 2 - полова структура на населението во општина Кочани[9]
![]()
Попис на населението 
Населението во Кочани зборува на штипско-кочанскиот дијалект, како дел од источната група на источното и јужното наречје на македонските дијалекти.
Географија [уреди]
Кочани е сместен на северната страна од Кочанска Котлина, на местото каде што Кочанска Река ја напушта Осоговијата и ја проширува својата долина. Сместен е на двата брега на реката, од исток заграден со Доклевски рид (450 м.) и од запад со Локобија и Алењак (524 м.). Спрема југ е отворен и нема граница, бидејќи на таа страна е Кочанско поле, додека на север е долгата и тесна клисура која постепено се затвора.
Кочани лежи на географска широчина од 41 степен и 55 минути (што значи дека е понајуг од Скопје), а на географска должина од 22 степени и 25 минути источно од Гринич. Надморската височина на која се наоѓа се движи меѓу 320 и 400 м.
Климата во Кочани во голема мера зависи од положбата на градот, како и од конфигурацијата на теренот. Таа се одликува со релативно високи температури и малку врнежи. Просечната годишна температура изнесува околу 13,5о С, што значи дека е иста со онаа во Струмица, а повисока од онаа во Скопје или Прилеп. Годишната температурна разлика во Кочани е доста голема и таа изнесува 22,4о С. Се јавуваат екстремно високи и ниски температури. Така на 22. август 1952 год. е забележана температура од 39,8 степени Целзиусови, а на 26. јануари 1963 год. живата во термометарот се спуштила на - 22,6о С.[10]
Природни ресурси [уреди]
Кочанската Котлина е најголем термален басен на води со високи температури на Балканскиот Полуостров. Во него досега се направени 18 дупнатини од кои 14 се самоизливни, а водоносните хоризонти се јавуваат на длабочина од 86 до 1096 метри, со штедрост од 2,2 до 350 л/сек и температура од 50 до 80о С.
Термални изворишта се јавуваат кај селата Долни Подлог и Бања, при што кај Долни Подлог се користат две дупнатини длабоки 35 и 460 метри, со штедрост од 300 л/сек и просечна температура од 78о С. Во селото Бања има самоизливни термални води со штедрост од 30 л/сек и температура од 63о С.[11]
Економија [уреди]
Според податоците од Државниот завод за статистика во 2007 година во Кочани имало вкупно 4.859 индивидуални земјоделски стопанства со вкупна расположива површина на земјиштето од 6.137 ха. Од оваа површина под жито засеани биле 3.086 ха, под зеленчук 451 ха, под фуражни култури 177 и под индустриски култури 29 ха.[12]
Во 2008 година пак, имало 558 трговски објекти на мало и 77 угостителски објекти.[13][14]
Образование [уреди]
Основното обрзование во Кочани се изведува во четири основни училишта во градот (“Никола Карев“, “Св. Кирил и Методиј“, “Раде Кратовче“ и “Малина Попиванова“) и едно во населбата Оризари (“К. П. Мисирков“). Средното образование е застапено во двете средни училишта - гимназијата “Љупчо Сантов“ (каде има и економски паралелки),електро-машинското училиште “Ѓошо Викентиев“. Од 1956 год. работи и основното музичко училиште "Ристо Јуруков". Во Кочани се наоѓа и Правен факултет којшто работи во состав на Универзитетот Гоце Делчев - Штип.
Од јуни 1941 година во Кочани работи и библиотеката “Искра“, што ги опслужува граѓаните од општината и регионот.
Култура [уреди]
Кочани е домаќин на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), културна манифестација од национален карактер што се одржува еднаш годишно, во последната седмица на мај, и на која настапуваат најдобрите аматерски драмски ансамбли од Македонија. Исто така, значајна е културната манифестација Денови на оризот, посветени на кочанското “бело злато“, исполнета со низа свечености и празнувања на почетокот на жетвата на оризот во кочанскиот регион, како и манифестацијата “Петровденски конаци“[15], поврзана со одбележувањето на празникот на градот - Петровден.
Литературниот клуб „Копнеж“, што работи во рамките на библиотеката „Искра“, е носител на две културни манифестации: Детскиот поетски фестивал „Мајски цвет“ (од национален карактер) и Месец на книгата.
Збратимени градови [уреди]
Во изминатите години Кочани е збратимен со следните градови:
Личности [уреди]
- За автоматски генерирани списоци на лица родени во Кочани, погледни: Категорија:Родени во Кочани
- За мануелно одржувани списоци на лица родени во Кочани, погледни ја статијата: Родени во Кочани
- Александар Алексиев, романсиер, критичар, книжевен историчар и театролог
- Александар Манов, офицер и војвода на ВМОК
- Борис Стојчев, театролог и публицист
- Бранко Пендовски, писател
- Благоја Попов, политичар
- проф. д-р Благој Попов, математичар
- Кирил Ѕ'мбов, нуклеарен физичар
- д-р Константин Апостолов, лекар специјалист по микробиологија
- Кочани Оркестар, блех оркестар
- Лазар Бабамов, агроном
- Малина Попиванова, револуционерка
- проф. д-р Миле Хаџи Василев, правник
- Насе Насев, спортски работник
- Никола Вражалски, правник
- Ристо Јуруков, музички педагог
- Сашко Насев, писател и драматург
- Стефан Попиванов, револуционер
- Стево Теодосиевски, музички уметник
- Симеон Иванов - Канго, гитарист, рок-музичар
- Цеко Стефанов, поет, прозаист, драмски автор, новинар и публицист
- Харалампие Манчев, лекар специјалист, прв македонски медицински истражувач
Фотогалерија [уреди]
-
Ориз - клас
Поврзано [уреди]
- Драмски аматерски фестивал
- Кочанска Котлина
- Долно Градиште
- Споменик на слободата
- Стадион Никола Мантов
- Етно-куќа (Кочани)
- ОМУ "Ристо Јуруков" - Кочани
- Средновековни кули во Кочани
Наводи [уреди]
- ↑ МВР - Презентирани новите регистарски таблички чие официјално користење стартува од 20 февруари 2012
- ↑ Публикација “Оризопроизводството низ фотографии“, Национална установа Центар за култура “Бели мугри“ - Кочани, октомври, 2009
- ↑ Кочани - монографија, издавач: Општина Кочани, декември 2003 г.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - книга XIII, Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Демографски показатели за природното движење - по општини 2007, Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Живородени и умрени по општини во Република Македонија, III квартал 2009 г., Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Склучени бракови по општини во 2008 г., Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - книга XIII, Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - книга XIII, Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Кочани - монографија, издавач: Општина Кочани, декември 2003 г.
- ↑ http://www.kocani.gov.mk/pdf,%20ppt/LEAP%20Kocani.pdf
- ↑ Попис на земјоделството, 2007 година - Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Попис на продажните капацитети во трговијата на мало, 2008 година - Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Попис на капацитети во угостителството, 2008 година - Државен завод за статистика на Република Македонија
- ↑ Започна манифестацијата “Петровденски конаци“, www.kocani.gov.mk
Надворешни врски [уреди]
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Кочани“ |
- Официјална веб-страница на Општина Кочани
- Општински весник “Инфо-Кочани“
- Карта на Кочани
- Фотографии од старо Кочани
- Кочани низ музика
- Временска состојба
- Сателитска карта (Wikimapia)
- Кочани Гигапан 1
- Кочани Гигапан 2
- Официјална веб-страница на селото Полаки
- Официјална веб-страница на КЈП “Водовод“
- Руен И.Т. - Официјална веб-страница на фабриката за автомобилска индустрија
- Ресторан Осоговски Бисер - Пониква, Кочани, Македонија
|
|||||||
| Одредници од КОЧАНИ | |||||||||||
| Злетово, Пробиштип, Кратово, Куманово, Скопје | Гратче, Пониква, Царев Врв, Руен, Крива Паланка |
Македонска Каменица, Цера, Саса | |||||||||
| Облешево, Свети Николе, Велес |
|
Истибања, Калиманци, Делчево | |||||||||
| Штип, Неготино | Зрновци, Мородвис, Плачковица, Радовиш, Струмица |
Виница, Берово | |||||||||
|
|||||||