Прејди на содржината

Мариово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мариово на картата на Македонија

Мариово — област во Македонија карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа Мариово се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија.

Потекло и преданија за името Мариово

[уреди | уреди извор]
Глетка од прилепско Мариово

Уште од дамнешни времиња областа е позната под името Мариово. На повеќе места и пишани историски извори се среќаваат слични и малку видоизменети облици на името Мариово, како: Морихово, Мерихова, Марина, Марихово, Мориево. Најпознатото и раширено предание за потеклото на името е легендата во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање), да не се населуваат Турци и да се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај го дало името Мариово[1]. Меѓу населението е позната уште една слична легенда која вели дека името на Мариово потекнува од неговата владетелка Марија – Мара која се поврзува и со онаа легенда за настанокот на манастирот Трескавец. Имено, во овој крај живеела Марија која била прочуена по својата убавина заради што султанот Мурат ја зел за жена, додека едно друга верзија вели – посестрима во дворецот. Меѓутоа, девојката која Турците ја викале Кала Мара или Тамар Мара не сакала да се потурчи и покрај нивните настојувања таа продолжила да си ја исповеда христијанската вера. Поради ова со цел да ги смири духовните поглавари султанот би лприморан да ја тргне Мара од својот двор, а бидејќи ја сакал и почитувал ѝ предложил да се врати во својот роден крај и со него да управува, на штотаа се сложила. На пат за Мариово таа се задржала извесно време во манастирот Трескавец каде што изразила желба да се замонаши, што пак не ѝ било дозволено од свештениците кои ја сметале за „грешна душа“ и престапничка. Таа многу се налутила и дала заповед да се запали манастирот, по што го продолжила патот за Мариово каде се населила во селото Витолиште во „мирна земја“, останувајќи и владеејќи со целата област до крајот на животот. Од тогаш областа била наречена Мариово, а Турците ја викале Мариова што во превод значи Мариина земја. За потеклото на името Мариово, меѓу постарото население постоело уште едно постаро предание кое воопшто не се поврзува со личното име Марија. Имено, се смета дека уште во римско време оваа област го носела името Морина и дека настанала од море кое подоцна истекло по течението на Црна Река, за што сведочат некои пронајдоци од фосилни остатоци. Иако, преданијата за името се врзуваат со османлискиот период, постојат пишани записи за името Мерихово уште во византиско време и Марина во римско време.

Географија, местоположба, граници и поделба на Мариово

[уреди | уреди извор]

Областа Мариово зафаќа вкупна површина од 1038 км2 или 4% од вкупната територија на Република Македонија со надморска височина која се движи помеѓу 700 и 2362 метри, или во просек некаде околу 1090 метри. Некои извори наведуваат пак и дека Мариово зафаќа површина од 1390 км2. Мариово го зафаќа средното течение и сливно подрачје на реката Црна и од сите страни е заградено со пространи планински масиви, како: Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина на запад, Дрен Планина на север и Козјак со огранките на Кожуф од исток со што претставува своевидна посебна и специфична природна целина. Според релјефните одлики Мариово опкружено со планини може да се смета за котлина, но поради внатрешната разместеност на земјишните облици тоа претставува висорамнина, а во него се наоѓа и најдолгата клисура во Македонија – Скочивирската клисура на реката Црна чија должина изнесува 100 километри. Границите на Мариово се движат по сртовите на околните високи планини започнувајќи на југ од Ниџе (2362 м), продолжувајќи преку Козјак (1814 м) сѐ до Кожуф поклопувајќи се државната граница со Грција. Потоа свртувајќи кон север источната граница се искачува на врвот Чатена (1349 м) ја пресекува реката Блашница и избива кај реката Црна од каде започнува северната граница која преку Дрен Планина и нејзините врвови Голема Рудина (1430 м) и Смилева Тумба (1139 м) се спушта на познатиот превој Лигураса и оттаму преку врвовите Камена Струга (1500 м) и Ливада (1663 м) се спојува со источната граница која води по сртот на Селечка Планина и врвовите Висока (1472 м), Бобиште (1267 м) и Лисичарник (1033 м) спуштајќи сè до премниот Преслап на влезот на Црна Река од Пелагонија во Мариово, каде што воедно води патот од Битола за с.Маково и понатаму за Старавина и оттаму се искачува на врвот Гола Чука (1336 м) и по сртот Крапа и врвот Оштро (964 м) се соединува со планината Ниџе.

Прегледна топографска карта на Мариово

Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот во својот патописен запис насловен „Статистическо описание. Споменик за села називаеми Мориево прилепско“ објавен на 21 ноември 1859 ги опишал следните граници на Мариово: од север планина Бидимаж, од југ Кожуф со протегнати плешки – гора Кравица, Скочиврх, Ниџе, Петалино, Трибор, Рамна Бука, Рожденска во која има златна руда, од исток е земјата наречена Љубљан (Тиквеш) најплодоносна, а од запад Трнинско (Битолско) Поле кое прави пат на реката Црна што го раздвојува на две половини – северна и јужна[2]. За површината на Мариово, Џинот запишал дека тоа е квадратно 32 часа[2]. Опис на границите и местоположбата на Мариово дава и големиот македонски преродбеник, револуционер и сѐстран национален деец Ѓорѓија Пулевски кој во својата епохална книга „Славјано-маќедонска општа историја“ од 1892 каде запишал дека Мариово е една околија во Прилепски округ во содржина до 30 и неколку села,од Тиквешки округ кон југозапад до Скочивир и Битолски округ, а од Писокал и од Дедебалци кон исток до Ниџе и до Добро Поле, Кравица и Кожуф, по среде која тече реката Црна кон Тиквеш[3]. Во овие опишани граници Мариово се граничи со следните етногеографски области: на запад со најголемата македонска котлина и житница Пелагонија, на југ преку Ниџе и Кожуф со областа Меглен во егејска Македонија, на исток со Тиквешијата и висорамнината Витачево, а на север со пределот наречен Раец или долината на Раечка Река. Поради ваквата местоположба Мариово се одликува со многу изразити и посебни природно-географски реткости и одлики како и со етнографски одлики на населението, говорот, обичаите кои го прават надалеку прочуено по своето народно творештво, културно-историско етнолошко наследство и природни богатства.

Глетка од Градешка Река во Мариово

Просторот кој го опфаќа Мариово помеѓу населението е поделен на помали целини и предели кои се истакнуваат според природно-географските услови или административните граници. Така според течението на реката Црна, народот го дели Мариово на два дела: Старо или Големо Мариово кое се простира од десната страна на реката Црна и Мало или Младо Мариово кое се простирана нејизниот лев брег. Истовремено постои поделба и на Горно (Старо) и Долно (Младо) Мариово соодветно по горното и долното течение на Црна Река. На основа на овие поделби со својот шегобиен дух мариовци се делат и на салам Мариовци од селата во Старо или Горно Мариово од десната страна преку Црна и несалам Мариовци за жителите во селата лево од Црна во Младо или Мало Мариово. Врз основа на управно-административната поделба и гравитирањето на одредени мариовски села кон најблиските градски центри Мариово е поделено на три дела: битолско, прилепско и тиквешко. До 2004 година овие три делови на Мариово беа и засебни општини: Старавина во битолско Мариово, Витолиште во прилепско Мариово и Конопиште (средишниот и западниот дел) во тиквешко (кавадаречко) Мариово. Од овие пределни целини најголем е прилепскиот дел на Мариово кој зазема простор од 495 км2 или 47,7%, потоа следи битолскиот дел на Мариово со 333 км2 или 32% и најмал е тиквешкиот дел на Мариово со 210 км2 или 20,3%. Ваквата местоположба и релјеф со изразити и високи планини условила Мариово да има неповолна сообраќајна положба, поради што најверојатно настанала и познатата народна песна „По пат одам, за пат прашам, кој пат води Мариово“.

Историја на Мариово

[уреди | уреди извор]
Глетка од Мариово со врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во позадината
Црквата и манастир „Св. Никола“, изградени во 1095 и обновени во 1271 г.

На просторот на Мариово имало присуство на луѓе и население со организиран начин на живот уште од одамнешни времиња односно најраните историски периоди. Поради ова Мариово изобилува со многу богато и бројно историско наследство. Меѓу бројните пронајдоци уште од каменото и железното време, особено се истакнуваат античките и средновековните споменици и пронајдоци. Во древнина Мариово било дел од античка Македонија населен со племето Пелагонци чиј главен град се наоѓал на врвот Висока на Селечка Планина на источниот раб или граница на областа над селото Крушевица. Во раниот средновековен период по долготрајните борби и војни на Византија со средновековното бугарско, самоиловото и душановото српско царство Мариово потпаѓало под повеќе различни власти сѐ до целосното потпаѓање на Македонија под отоманско ропство кон крајот на XIV век. Познато е дека во XV век целата област била засебна политичка територијална управна единица – мариовски хас која над себе директно немала управа од турски паша, туку била полуслободна автономна единица со обврска да плаќа годишни даноци на земјоделските производи и стоката. За време на овој период Мариово ја задржало својата слобода и било управувано од земски кметови – наследни домашни господари кои сочинувале тело наречено Сбор кое имало судска власт до право на смртна казна, а Мариовците имале право да избираат „земски крсердар“ кој ја носел титулата „војвода на Мариово“, а имал должност да ја води „земската чета“ на народната самоодбрана заради заштита на областа од турските, арнаутските и други злосторнички и ограбувачки банди и арамии. Заради ова ваквиот начин на живот наречен „земско време“ кој траел сѐ до XIX век, кај Мариовците развила чувство на слободољубивост, бунтовност, непокорност и бестрашност. Така, заради зачестените грабежи на мариовски деца како на прилепскиот пазар така и од грабачки наезди во селата, зголемените давачки, даноци, подароци и самоволие кое го барале османлиските службени и неслужбени лица и сеопштата неиздржлива положба довеле до тоа Мариовците во 1564 да ја организираат и дигнат првата мариовска буна, која била воопшто прва побуна на поробеното христијанско население во Македонија и на Балканот. Имено, после грабачкиот поход организиран од прилепскиот кадија кога се извршиле тешки злосторства во Чаниште и целосно запалување и разурнување на селото Лисиче, Мариовците организирано дошле во Прилеп и го опколиле седиштето на кадијата предизвикувајќи општ метеж во градот во знак на револт против злосторствата. Знаејќи дека турската власт подоцна ќе преземе казнена експедиција, Мариовците ја осмислиле и својата одбрана основајќи бунтовнички штаб и во 1564/65 успеале на двапати да ги поразат аскерите на кадијата на мостот на Црна Река. Подоцна кон крајот на XVII век, Карпошевото востание и Австриско-турската војна се прошириле на југ сѐ до Тиквеш и Мариово кое во ова време било силен центар на ајдутството и отпорот. Во 1688/89 во знак на отпор заради земањето деца за јаничари Мариовците ја подгинале и својата втора буна против самоволието на насилничката отоманска власт. Оддалеченоста и зафрленоста на пределот на Мариово од главните градски, сообраќајни и трговско-економски средишта во овие векови го направиле Мариово средиште на силно развиено ајдутско движење на отпорот и засолниште на многумина борци и бунтовници. Вековната земска автономија и самоуправа на Мариово била укината во 1834 година, но тоа не значело крај на бутновноста и непокорот на Мариовци. Во првата половина на XIX век во Мариово познати биле Ѓорѓи Лажот кој го убил по зло прочуениот арамија Чучук Сулејман, потоа војводата Спиро Црне кои се опеани во народните мариовски песни, а кои го отвориле патот за нивните наследници прочуените македонски мариовски војводи Толе Паша од Крушевица и Крсто Ѓермов-Шакир. Поради своите географски одлики како оддалеченоста и зафрленоста Мариово во XIX век останало доста настрана од влијанијата на македонската кулутрно-просветна и национална преродба. Во овој период Мариово било настрана и од силната разгорена борба на соседните пропаганди во Македонија, а во него била најраширена грчката верско-просветна патријаршиска пропаганда која подоцна со своите андартски чети извршила неколку масакри и масовни убиства во селата Живово, Кален и др. За време на македонското националноослободително и револуционерно движење во Мариово започнуваат да се создаваат чети на ТМОРО уште од 1899 кога биле придобиени ајдутските дружини на Толе Паша и дедо Коле, а во селото Полчиште бил формирана првиот областен комитет на ТМОРО со Трајко Бешот како началник и познатиот Крсте Ѓермов-Шакир како сектретар[4]. За време на Илинденското востание во Мариово чета предводел познатиот македонски револуционер Ѓорче Петров. На 2 октомври 1903 на врвот Маргара кај селото Чаниште ќе се одвие познатата херојска битка кај Маргара помеѓу здружените чети на Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков и други војводи со околу 140 комити против турска пешадиска бригада од 5500 војници. Востаниците во оваа позната битка кај Чаниште имале само 4 загинати и 8 ранети, додека Турците имале загуби околу 200 до 400 души при што четите успешно ги одбиле нападите и се повлекле преку Црна Река.

Празнична софра во Мариово

Балканските и Првата светска војна ќе имаат ужасни последици по животот на луѓето и сеопштиот развој и положба на Мариово. Со поделбата на Македонија и поставувањето на границата на Мариово биле пресечени природните стопански, трговски и човечки врски со областа Меглен, Воденско и Солунско на југ со што Мариово започнало трајно стопански да опаѓа и назадува. За време на Првата светска војна линијата на познатиот Македонски или Солунски фронт минувала токму низ Мариово каде што се смета дека биле стационирани половина милион војници на сојузничките армии кои се задржале неколку години. Од борбите на Кајмакчалан и завојуваните војски во Првата светска војна сѐ до денес се останати бројни остатоци како шлемови, куршуми, бомби, гранати, воени објекти, патишта, ровови. За време на Првата светска војна во Мариово во разните војски биле мобилизирани околу 1400 мажи, биле уништени 50 илјади грла овци, 100 илјади кози, 10 илјади глави крупен добиток, до темел биле разурнати селата Старавина, Груниште, Будимирци, Зовиќ, Рожден, многу Мариовци загинале, а голем дел од населението настрадало од болести како тифус, колера и морало да бере желади и шишарки од борје кое ги мелело за да имаат прехрана да преживеат[4]. За време на НОВ во Втората светска војна Мариово било погоден терен преку кој се префрлале нови борци – македонски партизани во егејскиот дел на Македонија и обратно. Токму низ Мариово во февруари 1944 минал познатиот Февруарски поход во кој партизанските единици кои тргнале од селото Фуштани во областа Меглен во егејска Македонија, најпрвин во Витолиште, а потоа продолжувајќи и на други места во Мариовско, Тиквешко, Гевгелиско па сѐ кон Прилепско, Азот и Порече ги нападнале окупаторските сили за конечното ослободување на Македонија. Претходно партизанските единици во два наврати го нападнале рудникот Лигураса над с.Витолиште кој го експлоатирале Германците при што неколку борци ги положиле своите животи во тие борби. По завршувањето на Втората светска војна Мариово претставува еден од најзафрлените и стопански заостанати краишта, но со најголем природен прираст и стапка на раѓање во Македонија и тогашна Југославија која достигнувала дури и до 48 промили. Обидот за колективизација на селата во Мариово не успеал и со погрешните економски политики од чии обиди се откажала и самата власт довеле до осиромашување од кое населението никогаш не се повратило. Од 1956 година започнал масовниот бран на иселување од Мариово кој најпрво водел во блиските градови Прилеп, Битола, Кавадарци, Скопје, а подоцна и во Европа и прекуокеанските земји Канада, САД и Австралија. Изграбата на асфалтирани патишта, поврзувањето со струја и друга инфраструктура биле многу задоцнети за што и самите жители уште во осумдесеттите години велеле: „да беа пет-шеснаесет години порано, ќе останеше повеќе народ“. Мариово станало, а и денес важи, за најненаселениот или најретко населениот крај во Македонија со по неколку преостанати старци кои живеат во старите и разрушени камени куќи. По осамостојувањето на Македонија во Мариово се создаваат три посебни општини со намера преку самоуправата да се живне развојот и да се врати животот, меѓутоа малубројното преостанато претежно постаро население било главната причина за нивната нефункционалност и подоцнежно укинување. Сепак, на почетокот на XXI век е забележано раѓањето не неколку деца во Мариово, што е и искра на надеж за опстојувањето и враќањето на животот во Мариово.

Села во Мариово

[уреди | уреди извор]
Трите дела на Мариово
Селото Старавина е центар на Битолско Мариово

Битолско Мариово: Старавина, Маково, Рапеш, Зовиќ, Градешница, Будимирци, Груништа, Орле, Брник, Ивени и Петалино.

Прилепско Мариово: Витолиште, Бешиште, Вепрчани, Врпско, Дуње, Живово (на народен говор: Жиово), Кален, Кокре, Крушевица, Манастир, Полчиште, Пештани, Чаниште и Гуѓаково (на народен говор Гудјаково).

Тиквешко Мариово: Рожден, Клиново, Р’жаново, Мајден и Галиште.

Во турските пописни дефтери од XV и XIV век (1476/77 до 1544/45 година) во Мариово биле забележани и следниве села кои денес не постојат, но постојат месности со нивните имиња или слични имиња на тогашните села: Костеново, Чумагово (денес постои месност Смагово), Видришани (Видишани), Црничани, Сатока (од ова село бил водачот на првата Мариовска буна), Бистренци, Берани, Суденец, Осинец, Кириликово, Света Петка, Лесково.

Според одликите на местоположбата селата во Мариово се делат на долински - најголем дел во прилепско Мариово, ридски – најголем дел во битолско Мариово и ридско-планински – сите во тиквешкиот дел на Мариово. Според висинските зони до 750 м.н.в. има 11 села, од 751-900 метри има исто така 11 села и над 900 метри има 6 села.

Население и поделба на Мариово

[уреди | уреди извор]
Мариовска свадба - „свадбари“ ја водат невестата од Пештани во Дуње
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948 12 504—    
1953 13 682—    
1961 13 400—    
1971 9 730—    
1981 4 656—    
ГодинаНас.±%
1991 1 774—    
1994 1 378—    
2002 839—    
2021 271−67.7%
Извор: Податоците од 1948-2002 се според официјалните пописи[5]

Освен горенаведениве три под - области на Мариово, народот што живее во Мариово според течението на Црна Река областа ја дели на Мало (Младо) Мариово од левата страна на реката и Старо (Големо) Мариово од десната страна на реката. Истовремено, меѓу народот постои и шегобијната поделба на салам мариовци за жителите во селата десно („преку“) Црна и несалам мариовци за жителите во селата лево од Црна Река.

Според последниот попис во 2002 година Мариово севкупно имало 839 жители, од кои најголемиот дел или речиси сите се Македонци, а останатиот занемарлив број на други националности се неколку попишани Срби и останати.

Зачудувачки за Мариово е што за само 40 години населението и стапката на раѓање (наталитет) се неколкукратно намалени поради огромната стапка на миграција на неговите жители во Битола, Прилеп, Скопје и во странство. Мариово во пописот од 1948 година имало највисока стапка на раѓање (наталитет) вио тогашна СФРЈ со 41,8 промили за во последниве неколку години да бидат забележани раѓањата на само 3 деца (кои сепак се надеж за овој убав и богат Македонски крај).

На табелата е прикажано движењето на бројот на населението низ сите пописни години:

населено место 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1994 2002 2021
1. Брник 196 296 365 228 215 122 30 8 2 /
2. Будимирци 618 480 530 520 521 396 188 42 30 2
3. Градешница 1 170 1 200 1 013 1 085 1 019 770 687 115 89 35
4. Груништа 240 240 240 264 225 84 26 3 3 /
5. Зовиќ 420 320 338 356 388 317 145 54 31 11
6. Ивени 160 144 145 321 316 168 41 10 5 /
7. Маково 286 320 409 455 515 390 319 98 71 26
8. Орле 102 80 189 224 226 206 87 26 16 1
9. Рапеш 388 448 387 428 478 427 309 74 46 36
10. Старавина 590 560 666 741 655 405 217 26 23 8
11. Витолиште 1 225 1 320 1 091 1 343 1 291 1 110 664 290 170 41
12. Бешиште 1 047 1 280 1 101 1 228 1 171 1 016 238 93 22 14
13. Чаниште 620 856 514 614 694 552 348 83 47 21
14. Полчиште 696 800 835 914 824 479 193 45 31 6
15. Вепрчани 520 384 369 410 367 203 62 18 10 2
16. Пештани 280 304 190 221 210 149 63 18 20 1
17. Манастир 208 216 131 144 232 139 19 12 4 3
18. Живово 360 400 225 243 250 79 7 5 / /
19. Крушевица 436 464 555 599 637 595 284 117 87 41
20. Кокре 466 400 195 240 266 206 53 16 7 /
21. Кален 360 376 239 287 336 287 110 38 19 5
22. Врпско 230 224 124 135 137 46 5 2 / /
23. Дуње 1 224 1 024 594 713 778 731 333 145 77 10
24. Гуѓаково 280 240 119 133 132 41 4 / / /
25. Рожден 984 640 846 1 028 681 446 188 27 21 5
26. Мајден (Рожден) / / 105 ... ... 39 12 4 8 3
27. Галиште 700 / 420 399 418 292 15 2 / /
28. Р'жаново / / 77 ... ... 20 9 2 / /
29. Клиново 650 680 492 409 418 15 / 2 / /
ВКУПНО 14.456 13.696 12 504 13 682 13 400 9 730 4 656 1 375 839 271

Потекло на населението

[уреди | уреди извор]

Населението во Мариово отсекогаш било македонско и со христијанска вероисповед, а во Мариово немало ниту исламизација на населението, ниту пак воопшто имало населување на турско и муслиманско население за време на Отоманското Царство. За причините поради кои Мариово било поштедено од исламизација е поврзана легендата за името Мариово. Мариовците како составен дел од Македонската нација ги споменал Ѓорѓија Пулески во својата Историја. За потеклото на мариовските христијани, македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис објавен во 1859 година запишал дека се од најстарите славјани кои дошле во неизвесни векови со име Пејани и Мирмидони, при што наведува дека Плиниј и Страбон ги кажувале како најхрабриот скитски род кој секогаш оделе на бој напред со Александар Македонски[2]. Омир солунски ги нарекувал Мирмидони и ги вбројувал во едно со мегленските и бели јазоновци, а потеклото на името го толкува како изведено од Мориово, Мириево, Мирници, Мир-ми-давци, Мирмидони [2]. Истовремено за нив го наведува и името Чрни-борци - Чебренци, заради што нивниот обител (манастир) Св. Димитриј е наречен Чебрен, а исто така запишал дека и во тоа време сите биле јунаци[2]. Во однос на етнографските одлики за потеклото или припадноста, Ѓорче Петров во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1892, запишал дека мариовците според носијата и говорот се разликуваат од околното население при што најмногу заеднички црти имаат со Брсјаците од Пелагонија, заради што ги смета за Брсјаци, кои под влијанието на месните услови значително се оддалечиле од општиот брсјачки тип[6].

Одлики и особини

[уреди | уреди извор]
Мариовци на прослава на Митровден во с. Дуње, 1932 г.

Во Мариово отсекогаш во минатото па сѐ до денес живееле само православни Македонци. За време на Отоманското Царство и за разлика од сите околни и соседни области како Меглен, Тиквеш во Мариово немало ниту исламизација на населението, ниту пак воопшто имало населување на турско и муслиманско население. Поради природно-географските одлики и местоположбата како и заради општествено-управните услови во минатото жителите на Мариово развиле посебни душевни одлики и однесување кое ги разликувало и одликувало од сите останати околни жители во Македонија. Имено, послободниот живот во оддалечен и позафрлен планински крај подалеку од турските насилства и несигурности, кај мариовците развиле дух и одлики на слободољубивост, борбеност, храброст, непокорливост, јунаштво, бунтовност. Ваквиот живот ослободен растоварен од несреќи, непогоди, насилства придонел да се развие прилично весел дух и расположение кај мариовците кои се надалеку познати по својата шегобијност и хумор, за што се сведоштво големиот број шегобијни народни приказни за Итар Пејо мариовецот, шеги, досетки и вицови. Истовремено суровите планински услови придонеле мариовците да се одликуваат и со голема итрина, снаодливост, издржливост и мудрост.

Етнологија на Мариово

[уреди | уреди извор]
Вез од женска кошула од село Дуње од почетокот на XX век

Најпозната е мариовската (женска) носија која е меѓу колоритно најбогатите Македонски народни носии. Интересен е податокот дека невестинската Мариовска носија тежи цели 48 килограми! Мариово како област изобилува и со народно творештво особено со народни песни, митови, легенди и преданија, а огромен дел од нив се запишани во книгите на Марко Цепенков. Исто така мариовскиот живот и случувања се најголем мотив во делата на македонскиот писател Стале Попов кој е родум од мариовското село Мелница.. Мариово е и туристичка атракција, која привлекува со големите изобилства на митови во кои е опишувана. Мариово е област која е позната и по народните приказни. Според народните приказни наводно во Мариово живеел Итар Пејо, голем мудрец. Тоа е дело на македонскиот писател Марко Цепенков.

Економија и стопански можности на Мариово

[уреди | уреди извор]

Природните услови на Мариово кои изобилуваат со извонредно богати поволности и суровини условиле голем развој на основните стопански гранки како сточарство, земјоделство, шумарство и рударство низ дамнешните векови па сѐ до денес. Конфигурацијата на теренот кој претставува своевидна висорамнина која изобилува со благи тревнати ридови односно идеални природни пасишта како и климатските услови условиле голем развој на сточарството по кое Мариово било и е многу познато. Најраспространет добиток кој сѐ до денес се одлгедува во најголем број се овците и тоа од расите домашна и мешана овца - Аваси, а потоа следи крупниот добиток и говеда како крави, телиња, волови и бикови, како и козите чие чување денес е оживеано по долгогодишната забрана за времето на социјалистичкото управување. На крајот на осумдесеттите години на XX век сѐ до 1990 е установено дека Мариово располагало со 20604 грла овци по жител, а само селото Витолиште имало 4409 овци или околу 20% од вкупниот број овци во Мариово. Од овчото и крајвото млеко се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење или на мариовски наречено тепано сирење, додека од овчото и козјото млеко се произведуваат многу вкусни и висококвалететни сирења, кашкавали и урда. Сточарските производи на Мариово најмногу се пласирале во Прилеп, Битола, а сѐ до поделбата на Македонија и воспоставувањето на границата многу се носело и продавало и во Солун и Воден. Врз основа на расположливите услови на теренот и многу богатата речна полноводна мрежа во Мариово било развиено претежно ридско и планинско земјоделство или поледелство кое опфаќа одгледување на жита и тоа најмногу пченица и претежно стрните жита од кои особено многу се одгледува ‘рж, како и јачмен и овес, а многу помалку и пченка. Од градинарските култури најзастапени се компирот, гравот, а претежно за соспствени потреби и кромидот, лукот, краставицата, пиперките, патлиџаните. Од индустриските култури единствено во помали размери во прилепскиот дел во селата Крушевица, Витолиште, Дуње, Чаниште е застапено и одгледувањето на тутун. Идеалните теренски и климатски услови придонесуваат за широко распространето овоштарство по кое Мариово било и е доста познато. Најзастапени овошја се сливите и дивите некалемени круши, како и оревите, потоа следат јаболката, црешите, вишните, дуњите, кајсиите, праските и костените. Според кажувања на жители од селото Крушевица, крушовите насади кои во најголем дел се од зимните жолти круши (кантарки) имаат толкава родност што селаните береле по пет и повеќе товари круши, кои стасувале за јадење и употреба од Голема Богородица на крајот на летото до Благовец во средината на пролетта. Бројните цветни и тревнати ливади, како и многуте шуми од црн бор како и дрен, леска, смрека влијаат на голема и добра развиеност и широка распространетост на пчеларството со кое се занимава речиси секоја постојано или повремено населена куќа ви сите села во Мариово. Пчеларството во Мариово има долга традиција при што покрај постоењето на посебен вид на мариовска пчела, некои податоци говорат дека до Првата светска војна некои семејства одгледувале и до 1300 пчелни семејства. Денес одгледувањето пчелни семејства е застапено и во сандаци и во трмки. Прочуениот Мариовски мед е одлигкуван со златен медал и прво место на изложба во Букурешт кон крајот на осумдесеттите години на XX век. Истражувањата утврдиле дека потенцијалите за пчеларство во Мариово нудат можност за одгледување преку 30000 пчелни семејства со производство до 75 кг мед по една заедница или вагонски количини на мед, при што пресметките утврдиле дека со 50 пчелни заедници се остварува доход за живеење на едно четиричлено семејство. Шумите во Мариово покриваат 230208 хектари што претставува 26% од вкупната површина на шуми во Македонија. Најзастапени шуми во Мариово се од црниот и белиот бор – молика особено на Ниџе, бука, елка, даб – благун, бел габер, леска, цер. Ендемски видови дрва кои се застапени во шумите на Мариово се моликата, македонскиот даб, дивиот бадем и дивата фоја. Како во минатото, така и денес од шумите во Мариово се сече доста дрво за огрев како и дрвена граѓа за градежништвото. Интензивниот геолошки развој и големите остатоци од вулкански релјеф кои се наоѓаат во Мариово условиле разновидно и обемно рудно богатство што пак влијаело на појавата на рударството кое во Мариово е познато уште од антиката и раниот среден век. Поголеми рудни наоѓалишта од кои најголем дел се искористуваат се: „Р’жаново“, „Студена Вода“ и „Црна Тумба“ за никел, „Алшар“ за антимон, „Пулич“ „Зович“ и „Манастир“ за дијатомејска земја, „Рамна Нива“ и „Печиприсој“ за фелтспат, „Галиште“ за талк, „Чаниште“ за мермер кој во Мариово е црвеникав, „Лузев Говедарник“, „Копец“ за рубини и перлити, „Прилепец“ и „Бонче“ за дистен, мариовскиот јагленоносен басен, како и наоѓалиштата на градежен материјал како гнајсеви, камен-травертин, грандиорити распространети околу Манастир, Полчиште, Витолиште и низ цело Мариово. Доста важна е појавата на јадрени суровини како ураниумова руда во северзападниот дел на Мариово на Селечка Планина во непосредната околина на Дуње и Кокре и ториумовата руда во околината на Пештани и Витолиште, која заедно со богатиот воден потенцијал на Црна Река и слабата населеност се главната причина за идејата за изградба на јадрена термоелектрана во Мариово. Реката Црна со своите притоки Коњарка, Градешница, Витолишка и Блашница во Мариово има и многу голем хидропотенцијал. Високата моќност на водниот потенцијал заедно со слабата населеност се главните основи за идејата за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ за кои меѓународните повици за инвеститори од македонска влада досега беа неуспешни. При изградба и целосна работа на хидроелектричните централи тие би го имале следното производство на годишно ниво: „Чебрен“ 297,17 GWh, а „Галиште“ 261,88 GWh или заедно со веќе постоечката ХЕЦ „Тиквеш“ би имале производство од 776,91 GWH односно околу 13,5% од технички искористивиот хидроенергетски потенцијал во Македонија. Ваквите податоци укажуваат дека Мариово има и нуди значајни економски можности и потенцијали не само за потесното свое подрачје туку и пошриоко за цела Македонија. Стопанските можности кои ги нуди Мариово во однос на суровините и природните богатства и услови се добра основа за негово заживување и подобрување на катастрофалната демографска состојба и воедно за значаен удел во севкупниот екононмски развој и напредок на Македонија.

Мариово како тема во уметноста

[уреди | уреди извор]
  • „Итар Пејо, мариовците и дождот“ - расказ на македонскиот писател Стале Попов.[7]
  • „Мариовци - кршоборци“ - расказ на македонскиот писател Стале Попов.[8]
  • „Итар Пејо, мариовците и маглата“ - расказ на македонскиот писател Стале Попов.[9]
  • „Итар Пејо, мариовците и часовникот“ - расказ на македонскиот писател Стале Попов.[10]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Мариовски локални легенди“. 10bez10.com. Архивирано од изворникот на 2010-03-18. Посетено на 2010-10-15.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
  3. Пулевски, Ѓорѓија (1892). Блаже Ристовски (уред.). Славјано-маќедонска општа историја. Скопје: МАНУ. стр. 908.
  4. 4,0 4,1 Сталев, Ѓорѓи (1990). Мариово низ вековите (Зборник „Мариово-Меглен: вчера, денес, утре“. изд.). Витолиште: Друштво за организирање Мариовско-мегленски културни средби. стр. 57.
  5. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.
  6. Петров, Ѓорче (1896). Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија. Скопје: Единствена Македонија.
  7. Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980, стр. 10-11.
  8. Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980, стр ноември
  9. Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980, стр. 12-14.
  10. Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980, стр. 25.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]