Тиквеш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
За винарската фирма со тоа име, видете Тиквеш (фирма)
Тиквеш

Тиквеш (или Тиквешија) — низина и етно-географска област која се наоѓа централниот дел на Македонија (јужниот дел на Република Македонија). Најголемото населено место е Кавадарци, а по него е Неготино.

Географија[уреди]

Тиквешијата се наоѓа западно од реката Вардар (од нејзината десна страна) и ги опфаќа следниве релјефни целини: Тиквешката Котлина, северниот дел од висорамнината Витачево и долината на Раечка Река. На исток Тиквеш се граничи со Повардарието, на југ со Мариово (Тиквешко Мариово), на запад со Пелагонија, а на север преку врвот Ножот на планината Клепа е одделена од малата Изворска област и Азот односно поширокиот Велешки регион.

Во своите географски описи македонскиот револуционер Ѓорче Петров ги наведува следните граници на Тиквешкото Поле: на запад тоа е заградено со голите огранки на Клепа, на југ со Дамјанската Планина, од исток со Пајак Планина, при што во неговиот северен крај протекува реката Вардар, а по средината го пресекува Црна Река во своето долно течение[1]. Според Ѓорче Петров, релејфно-површински и орографски, Тиквеш претставува продолжение на Овче Поле преку Вардар, бидејќи по видот, карактеристиките и изгледот многу наликува на него[2].

Хидрографски Тиквеш е средно богат со реки и низ него течат Раечка Река, Дошница, Бошава, а низ Тиквешијата тече и Црна Река на која е изградено познатото вештачко Тиквешко Езеро кое е едно од најголемите вештачки езера во Република Македонија. Во Тиквешијата се изградени и 2 хидроцентрали и 1 термоцентрала за добивање електрична енергија: „ХЕЦ Тиквеш“, „ХЕЦ Дошница“ и „ТЕЦ Неготино“.

Население[уреди]

Во Тиквешијата живеат 57953 жители, од кои 55267 (95,37%) се Македонци, а останатиот дел се претежно Срби, Роми и Турци. Сепак најголем дел од населението е сконцентрирано во Кавадарци и Неготино, а како и во останатите македонски региони па така и во овој селата масовно се празнат.

Покарај двата града поголеми и поважни места во Тиквешијата се Ваташа, Росоман, Возарци, Сопот, Марена, Ресава, Дреново, Бегниште, Конопиште, Рожден и др.

Економија[уреди]

Лозје во Тиквешко

Главна гранка на економскиот живот на жителите на Тиквешијата и носител на стопанскиот развој во целиот регион е земјоделието односно лозарството, по кое Тиквешијата е најпозната во Македонија и на Балканот. Лозовите насади во Тиквешијата се распространети на околу 11.000 хектари (8.000 на подрачјето на Општина Кавадарци и 3.000 на подрачјето на Општина Неготино). Тиквешијата претставува најголемо виногорје во Македонија и на Балканот. Од сортите на грозје кое се одгледува најзастапени се „смедеревка“ и „кратошија вранец“, а на помали површини се одгледуваат и десертните и трпезните сорти грозје: „кардинал“, „хамбург“, „афус али“, „рибиер“ и др. Како резултат на големите лозови насади во Тиквешијата има голем број на винарски визби кои грозјето го преработуваат во вино и ракија кои се пласираат на странските пазари. Најголеми винарски визби се „Тиквеш“ Кавадарци (најголема во Македонија) и „Повардарие“ Неготино, а во поново време се повеќе се отвораат и приватни винарски визби како „Попови“, „Чекорови“, „Китвин“, „Бовин“ идр. Од земјоделието исто така многу застапена гранка е и овоштарството пред се одгледувањето на праски и кајсии кои највеќе се одгледуваат во околината на Росоман. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во своите записи, за Тиквеш наведува дека главни негови производи се виното, ракијата, афионот, оризот, оцетот, анасонот и сусамот[3].

Покрај земјоделието најголеми капацитети кои вработуваат многу луѓе се индустриските капацитети пред се од металургијата и металопреработувачката индустрија. Недалеку од Кавадарци се наоѓа комбинатот за феро-никел „ФЕНИ Мак“ во кој има и слободна економска зона „Долина на Никелот“. Комбинатот „ФЕНИ Мак“ се снабдува со никелова руда од рудникот „Ржаново“ кој заедно со Алшар се единствените рудници во Тиквешијата богати со најразлични видови руди. Други индустриски капацитети и фирми од металската индустрија се „Металекс“ Кавадарци, „ИГМ Трејд“, „МИК“ и други.

Етнологија[уреди]

Од етнолошки аспект тиквешкиот крај најповеќе е познат по специфичниот дијалект кој се зборува. Во Тиквешијата се познати и носиите од долните и горните села (во висорамнината Витачево, кон планината Кожуф и Мариово), како што етнографски се дели Тиквешијата. Од обичаите најпознати се Џоломарите од селата Бегниште и Ресава кој паганскиот обичај на маскирање за избркување на злите духови го зачувале до денес и традиционално секоја година се одржува на Василица (како и Вевчанскиот карневал), а Џоломарите редовно се претставуваат и на карневалот во Струмица. Џоломарите се најчесто облечени во дебели ленени костими, со вештачки бели бради и мустаќи, црно измачкани лица и со закачени ѕвонци на телата и рано изутрина одат низ селата започнувајќи го над илјада година стариот ритуал.

Културни знаменитости[уреди]

Тиквешкиот регион изоблиува со културни знаменитости како што се манастирите, црквите и пештерните цркви од средновековието. Познати манастари во Тиквешијата се Полошкиот Манастир „Свети Георги“ и Моклишкиот Манастир. Во средишниот дел на областа се наоѓаат двете познати пештерни цркви „Свети Лазар“ (во близина на село Бегниште) и „Свети Никола“ (во близина на селото Драдња).

Познати македонски личности од Тиквешијата[уреди]

Како и секој македонски регион така и Тиквешијата дала огромен број видни македонски личности, како што се борци и национални дејци за слободата на Македонија и Македонците, уметници, политичари, професори итн.

  • Добри Даскалов - македонски војвода од Тиквешијата во Илинденскиот период
  • Страшо Пинџур - македонски национален борец и деец, организатор на македонското национално-ослободително движење во втората светска војна, народен херој

Наводи[уреди]

  1. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.12
  2. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.12
  3. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.12 и 325