Ѓорче Петров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ѓорче Петров
Ѓорче Петров.jpg
македонски револуционер
Роден 1864/ 1865
с. Варош, Прилеп, Македонија
Починал 28 јуни 1921
Софија, Царство Бугарија

Ѓорче Петров, целосно име Георги Петров Николов, (2 април, 1865, с. Варош, Прилепско - 28 јуни, 1921, Софија, Бугарија)[1] бил професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).

Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Член на Централен комитет на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).

Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901). Учествувал во редактирањето на револуционерниот хектографиран весник На оружје. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.

Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Убиен по наредба на Тодор Александров.

Биографија[уреди]

Ѓорче Петров како ученик, последниот во првиот ред - десно.
Гимназијално свидетелство на Ѓорче Петров от Пловдив.
Од лево на десно, прв Ѓорче Петров, четврт Тодор Александров, шести Андреј Љапчев, седми Симеон Радев, осми Војвода Стаматов

Тој е роден во ситно трговско семејство. Се школувал во Прилеп, Битола и Солун. Во солунската гимназија останал до 1885 година кога поради учество во ученичкиот бунт бил исклучен со група од 12 македонски ученици меѓу кои и еден друг иден револуционер, Пере Тошев.

Престојувал во Источна Румелија каде собирал финансиски средства за набавка на оружје за идните востанички акции во Македонија. Во 1885 година завршува 6-ти клас во обласната гимназија во Пловдив. Поради слабото здравје се вратил во татковината како егзархиски учител во Штип, 1885 година.

Во 1888 година заминал во Солун како коректор во основаната печатница на Коне Самарџиев. Во 1889 година станал учител во скопската бугарска гимназија сè до 1890 каде се запознал со владиката Теодосиј, заговорник за обновување на охридската архиепископија. Потоа заминал во Бугарија, време кое се покажува решавачко за создавање на ВМРО. Тој учествувал во испраќањето на ќирџијата Доне со пратки бомби од Штип до Битола.

Во март 1895 година во Солун бил кооптиран за член на ЦК на ВМРО каде на Солунскиот конгрес 1896 година заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата. Подоцна со налог на организацијата занимал како задграничен претставник во Софија каде имал средби со Ризов и Лапчев кои го уверувале дека населението во Македонија не била подготвено само да се бори, да крева востание и дека им била потребна помош од врховниот комитет и од бугарските власти. Единствено тој и Гоце Делчев се спротиставиле за кревање на Илинденското востание поради неговата неподготвеност и избрзаност.

Своите погледи ги образложувал во својот весник „Бунтовник“ каде во средиштето на неговата идеологија лежеле паролата „Македонија на Македонците“. Иако не го поддржувал, тој сепак учествувал во Илинденското востание и тоа со четa во борбите кај прилепско-мариовскиот крај. На Рилскиот конгрес бил избран повторно како задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во 1896 година кога во Македонија пристигнале претставници од македонскиот врховен комитет на чело со Луков и Сарафов тој рекол: „Ги пречекавме како Господ, за да потоа заклучиме дека не заслужуваат никакви почести. Станува збор за сосема друга спротивна политика кои ја воделе отцепените претставници, наречени врховисти.“

Заради своите чисто македонски позиции станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на врховистите. Конечно, како цел на братоубиствената политика во Бугарија на 28 јуни 1921 година бил убиен од платениците на Тодор Александров среде градот Софија.

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Нови откритија за Ѓорче Петров Нова Македонија. Д.Ј.; 04-04-2011
    "Денес, како точен датум на раѓањето и смртта на Ѓорче Петров се земаат 2 април 1865 година и 28 јуни 1921 година“, заклучува д-р Трајановски."

Надворешни врски[уреди]