Алшар

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Алшар е рудник на планината Кожуф во кој за првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит[1].

Историјат на рудникот[уреди]

Историјата на Алшар започнува уште од времето на античка Македонија, преку римскиот период и Османското Царство до денес. Историјата на рудникот Алшар е многу интересна, но малку позната и документирана. Станува збор за рудник што има особено голема традиција. Минерали од Алшар се најдени и во археолошките остатоци на Стоби. Во пишувани документи рудникот рудникот Алшар се споменува во турските дефтери од 1481 година. Во овој документ, кој се однесува на Рожденскиот атар (селото Рожден е во близина на Алшар), се споменува годишниот приход на турскиот султан кој изнесувал 13,380 акчиња, од кои 1,500 акчиња се дел од продажбата на арсенската руда од Алшар. Во текот на 15 и 16 век регионот бил добро развиен како резултат на дејноста во рудникот Алшар.

Следни податоци за работата на рудникот се среќаваат во документи од 1877 година, кога почнала да се формира и рударската населба Мајден. Во тој период Алшар бил даден под концесија на англиско-француска компанија со седиште во Солун, а работите во рудникот ги надгледувал инженерот Шарто. Во почетокот во рудникот биле вработени 500 работници. Денес, во долните делови на селото Мајден се забележуваат траги од старата сепарација на арсенската руда. Вака издробената и сепарирана руда со каравани со коњи и маски се транспортирала во Солун, а оттаму со воз во топилниците во Фрајберг, Германија. Токму од тие вагони биле земени и првите примероци во кои било откриено присуството на минерали на талиум (крај на 19 и почеток на 20 век). За време на балканските и Првата светска војна рудникот престанал со работа.

Геолошки истражувања[уреди]

По Втората светска војна рудникот бил главно геолошки истражуван, а редовно експлоатирање не било воведено. Истражувањата до 1965 година резултирале со откривање количество руди на антимон, арсен и на талиум. При истражувањето е утврдено постоење на талиум во концентрации од 0,11-0,22%, посебно во северниот дел на наоѓалиштето наречено Црвен Дол.

Во почетокот на 80-тите години на 20 век за минералите од Алшар (особено за минералот лорандит) се заинтересирал и американскиот астрофизичар Мелвин Фридман, од аспект на употреба на талиумските минерали од Алшар како детектори на неутрината по потекло од Сонцето. [2]



Наводи[уреди]

  1. С. Јанковиќ, Б. Боев и Т. Серафимовски, Магматизам и Терциерна минерализација во Кожуфската металогенетска област во Македонија со посебен осврт на наоѓалиштето Алшар, Посебно издание бр. 5, РГФ, Штип, 1997
    • Саревска Тодоровска, Марија и Шувака-Хоџиќ, Лавинија (2012). „Чудесна Македонија“. Скопје: Младинска книга. ISBN 978-608-4500-31-5.  (библ.)