Антимон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Антимон

Антимонот е сјаен, сив метал. Неговиот симбол, Sb, потекнува од латинскиот збор за овој елемент – стибиум, а неговиот атомски број е 51. Често се наоѓа заедно со сулфур, кој го врзува цврсто, а најчест извор на антимон е сулфурниот минерал стибнит (Sb2S3).

Антимонот нема позната биолошка улога, но е потенцијален токсин, со ефекти слични на труење со арсен. Кога се внесува во организмот, антимонот силно се врзува за ензими кои содржат сулфур, и со тоа ги прави неактивни. Антимонот е уште потоксичен кога се вдишува како гас, стибин, SbH3. Труењето со антимон се манифестира како болки во желудникот, а големи дози предизвикуваат повраќање, оштетување на бубрезите и црниот дроб, а неколку дена подоцна следи смрт.

Викторијанските лекари биле свесни за ова својство на антимонот и го користеле за да се ослободат од несаканите сопруги, девојки и роднини. И покрај недостигот од модерна дијагностичка технологија, најмалку неколку луѓе биле егзекутирани поради тие злосторства.

Можеби најпознатата жртва на труење со антимон е композиторот Волфганг Амадеус Моцарт. Како што е познато од филмот „Амадеус“ од 1984 година, некои луѓе сметале дека тој е жртва на труење од ривалскиот композитор Антонио Салиери, иако историчарите не веруваат во таа хипотеза. Всушност, многу поверојатно е дека Моцарт бил отруен од неговите лекари. За него било познато дека поради обилното пиење премногу го користел популарниот лек за мамурлак во тоа време – калиум антимонил тартарат C4H4KO7Sb, што му го давале лекарите.

Соединенијата кои содржеле антимон се користеле како антипаразитски лекови за лекување и луѓе и животни од шистосомиоза, филариоза и лајшманиоза. Но, денес се користат побезбедни препарати, така што антимонот се употребува само за лекување на лајшманиоза.

Антимонот бил познат од античко време кога се користел како козметичко средство за очи во Египет. Дури имал сопствен египетски хиероглиф.

Антимонот има неколку индустриски примени. Најголем дел од прочистениот антимон во светот се користи како забавувач на оган, но, исто така, се меша со олово и се употребува во батерии, лагери и лемила.