Чебрен

Координати: 41°7′52″N 21°40′50″E / 41.13111° СГШ; 21.68056° ИГД / 41.13111; 21.68056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Чебрен

Поглед на Чебренскиот манастир, на местото на некогашното село

Чебрен во рамките на Македонија
Чебрен
Местоположба на Чебрен во Македонија
Чебрен на карта

Карта

Координати 41°7′52″N 21°40′50″E / 41.13111° СГШ; 21.68056° ИГД / 41.13111; 21.68056
Регион  Пелагониски
Општина  Новаци
Област Мариово
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7211
Повик. бр. 047
Шифра на КО
Надм. вис. 680 м
Чебрен на општинската карта

Атарот на Чебрен во рамките на општината
Чебрен на Ризницата

Чебрен — историско село во областа Мариово, во Општина Новаци, Македонија.

Денес, во месноста е зачуван само Чебренскиот манастир со двете манастирски цркви и се наоѓа во атарот на селото Зовиќ.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Некогашното село Чебрен, односно денешниот Чебренски манастир, се наоѓа непосредно на брегот на Црна Река. До него се стигнува преку земјен пат во лоша состојба, кој се двои од асфалтниот пат до селото Зовиќ, во чиј атар денес селото потпаѓа.[2]

Месноста се наоѓа на издвоена вулканска купа или тумба, наречена Тумба Чебрен, во кањонот на реката Црна. Некогашното село се наоѓа јужно од тумбата. На овој простор, и денес може да се видат остатоците од повеќе периоди.[2]

Поради близината на Црна Река и предвидената изградба на ХЕ „Чебрен“, некогашното село и манастирскиот комплекс може да се најдат под вода.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Чебрен е место со богато историско минато во областа Мариово.[2][3]

На просторот на Чебрен, може да се видат антички остатоци, остатоци од средновековниот град, раселеното село Чебрен, како и делумно зачуваниот манастир.[3]

Антички период[уреди | уреди извор]

Според археолошките пронајдоци во селото, се смета дека тука се наоѓал градот Антанија, епископско седиште во V-VI век.[4]

Чебрен во минатото бил на локалниот планински пат кој ја сечел Мариовската Висорамнина и се качувал до пазувите на Кајмакчалан. Археолошките истражувања од шест стручни лица од Народниот музеј во Битола кај тумбата Чебрен го докажеле постоењето на раноантичка населба од времето на владеењето на македонските кралеви, според откриените монети од тој период.[3]

Со археолошките истражувања во изминатите години на овој простор (пониско крај реката), докажано е дека во доцната антика бил изграден кастел со замашни димензии, додека пониско на југ започнала да се развива населба, која била опфатена со истиот бедем. Целиот овој простор имал планско градско оформување со големина од 5 хектари.[3]

Среден век[уреди | уреди извор]

Според пишаните извори, во средниот век тука постоел средновековниот град Чебрен (или Чемрен). Овој град, според историските податоци, сѐ до 1331-34 година, кога бил освоен од царот Душан, се наоѓа во рамките на Византија.[2] Градот бил споменат од српскиот архиепископ Данило за време на владеењето на цар Душан во неговото дело „Животи краљева и архиепископа српских“.[3]

Откако Македонија била освоена од Отоманското Царство, средновековниот град престанал да постoи, а на неговото место останало малото село Чебрен со манастирот.[2] Селото со тек на време полека исчезнувало и останал самот манастирот.[3]

Манастирски комплекс[уреди | уреди извор]

Поволната местоположба на манастирскиот комплекс и фактот дека во Мариово не биле вршени исламизации на населението за време на отоманскиот период, комплексот го направиле да биде еден од најбогатите во Македонија. Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.[2]

Во XIX век според пишаните документи се дознава дека во манастирот работело ќелијно училиште на старословенски јазик. Во него се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села.[2]

Манастирот бил целосно разрушен за време на Првата светска војна.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во античкиот период, во населбата постоеле стари рудници за железо, чии траги се сретнуваат на повеќе места.[3]

Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока (овци, кози, крупен добиток), ниви, ливади, шуми и пасишта.[2]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наѓалишта[5]
  • Тумба Чебрен — утврдена населба од римско и доцноантичко време; и
  • Марта — некропола од железно време.
Цркви
Манастири

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-12-05.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Макриевска, Оливера. „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“ (PDF). www.novaci.mk. Посетено на 2021-12-06.
  4. F. Papazoglu, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957, 198 - 199.
  5. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 32. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]