Прејди на содржината

Карпошово востание

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Карпошево востание)
Карпошово востание

Уметничка претстава за смртта на Карпош. На сликата му се чита пресудата, а во позадина се гледа Камениот мост во Скопје.
Датум октомври 1689
Место Македонија, Османлиско Царство
Исход османлиска победа
Територијални
промени
Османлиите ги задушиле востаничките дејства во Кратово, Крива Паланка, Куманово и Скопје
Завојувани страни
Македонски востаници Османлиско Царство
Команданти и водачи
Карпош Селим I Гирај
Сила
3.000[1] 30.000
Жртви и загуби
Непознато Непознато

Карпошово востание — вооружено востание дигнато во 1689 г. на територијата на Македонија. Востанието го носи името по својот водач Карпош. Непосреден повод и охрабрување за подигање на востанието дала големата Австриско-турска војна, а неговите корени лежеле во незавидната економско-општествена и политичка положба на македонскиот народ.

Во чест на востанието бил наречен плоштадот „Карпошово востание“ на почетокот на Старата чаршија во Скопје. Од 2013 г. плоштадот го носи името „Филип II“.

Продирање на австриска војска во Македонија

[уреди | уреди извор]

Во 1683 година Османлиите по вторпат се обиделе Опсада на Виена (1683)да ја заземат Виена. Меѓутоа по двомесечна опсада, на градот му пристигнала помош од Австрија австриската, а исто така и полската војска предводена од полскиот благородник Јан Собјески, па турската војска претрпела пораз што довел до огромни територијални, материјални и човечки жртви. Набргу потоа, во март 1684, против Османлисото Царство била создадена Света лига, во која покрај Австрија и Полска, влегле и Венеција, а подоцна и Русија. Продирајќи постепено кон југ, Австријците стигнале дури до Македонија. Веќе на 25 октомври 1689 тие, предводени од генералот Силвио Пиколомини, влегле во Скопското Поле, каде што со радост ги пречекало населението од околните села. Истиот ден влегле во напуштениот град, кој бил полн со прехранбени производи и трговски стоки. Премногу оддалечен од својата главнина, Пиколомини решил веднаш да се повлече од градот, кој претходно Скопски пожар од 1689 го опожарил поради чума. Пожарот беснеел цели три дена на 26 октомври, 27 октомври и 28 октомври 1689 и го уништил најголемиот дел од Скопје. Скопје тогаш бил споредуван со Прага. Во писмото до австрискиот цар Леополд, генералот Пиколомини пишува: „Градот Скопје е голем речиси колку Прага. Тој е без ѕидини и ровови. Го најдов напуштен и лишен од сите скапоцености, но богато е снабден со стоки.“

По повлекувањето од Скопје, австријците извршиле уште неколку пробиви во длабината на македонската територија. Таков еден пробив извршил херцогот Холштајн, кој во меѓувреме го заменил умрениот од чума Пиколомини. Тргнувајќи од логорот крај кумановското село Оризари, австриските одреди се нашле пред Штип, во зорите на 10 ноември 1689. Тука дошло до најжестокиот и најголем судир помеѓу австриските и турските војски на територијата на Македонија. Оставајќи зад себе околу две илјади мртви, турските војски биле принудени на повлекување. Австријците го запалиле градот, а потоа на враќање, тие разбиле уште еден турски одред од 300 души. Во средината на ноември кон Тетово биле испратени доброволци Албанци-католици, кои успеале да уништат преку 600 Турци и да запленат неколку стотици грла добиток. Најпосле, на 20 декември од Приштина кон Велес тргнал еден австриски одред, во чиј состав имало и Срби, предводен од капетанот Саноски. Одредот влегол во Велес, каде биле отепани триесет Турци, а имало и заробени. Градот бил ограбен и делумно запален, но на враќање одредот бил нападнат од јаничари, при што Саноски добил смртоносни рани.

Подигање и тек на востанието

[уреди | уреди извор]

Во годините на Австриско-турската војна дошло до нагло влошување на економската и политичката положба на населението во земјата. Даночниот притисок, несигурноста и насилствата зеле дотогаш невидени размери. Воените операции ја гонеле државата да го засили принудниот откуп на житата, фуражот, добитокот, дрвата и на други селскостопански производи, по цени далеку под нивната вредност. Биле воведени и ред нови вонредни давачки. Во ова тешко време рајата страдала и од зулумите на турските вони дезертери и одметници од централната власт, меѓу кои посебно се истакнувал злогласниот Јеген-паша, бившиот румелиски беглербег, кој со околу 10.000 одметници пљачкосувал по Балканот. Централната власт успеала да го ликвидира дури во февруари 1689 година.

Воената катастрофа и хаотичната внатрешна положба во Османлиското Царство создале погодни услови за широк замав на ајдутството во сите делови од Македонија, а особено во Мариовско, Битолско, Тиквешко, Велешко, Штипско, во Доспат Планина и во северното гранично подрачје. Во таквата атмосфера, ненадејниот продор на австриската војска имал посебно дејство врз расположбата на македонскиот народ. Кон средината на октомври 1689, во севериостичниот дел на Македонија, на просторот помеѓу Ќустендил и Скопје избувнало востание, на чело со познатиот ајдутски арамбаша Карпош. Главно упориште на слободната востаничка територија станала Крива Паланка, која и пред тоа била ослободно турско утврдување, изградена во 1636 година. Тука на востаниците им паднале в раце шест топови. Освен тоа, востаниците изградиле и сосем ново утврдување кај Куманово. Не е исклучено тие да биле во врска и да содејствувале со австриските одреди, особено во времето на нивниот продор во Македонија. Современите турски хроники и месното народно предание го титулираат Карпош како „крал од Куманово“, која титула му ја дал или потврдил австриски цар Леополд I, праќајќи му притоа и калпак, како надворешен знак за признанието.

Пораз и последици од востанието

[уреди | уреди извор]
Плоча на Камен Мост во Скопје, во спомен на Карпош
Наредба за убиството на Карпош

Набргу дошло да пресврт на воено-политичката ситуација на Балканот, што имало пресудна улога за натамошната судбина на востанието. Османлиите презеле енергични чекори за стабилизација на ситуацијата во земјата и заполнале подготовките за напад против македонските востаници и австриската војска. На помош на турските војски им пристигнал кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и жестоки татарски одреди. На советувањето во Софија, на 14 ноември 1689, било решено во напад да се тргне преку Ќустендил, односно најпрвин да се ликвидира Карпошовото востание. Прва на удар била Крива Паланка, каде неколку илјади востаници се подготвувале за напад на Ќустендил. Дознавајќи за големата надмоќност на противникот, востаницте ја запалиле Крива Паланка и отстапиле кон Куманово. Веќе идниот ден турските и татарските одреди се појавиле и пред овој град. Востаниците го дочекале непријателот пред новоизградената тврдина. Во судирот бил заробен Карпош заедно со голем број востаници. Последен отпор бил даден од трврдината, која била преземена на јуриш, а нејзините бранители биле уништени. Победниците сега се упатиле кон Скопје, водејќи ги со себе заробените востаници. Во Скопје, крај Камениот мост на Вардар, Карпош бил изведен пред Селим Гирај, набиен на колец, а потоа избоден од татарските копја и фрлен во реката. Тоа се случило во првите денови на декември 1689 година. Трагичната смрт на Карпош го означувала истовремено и крајот на востанието.

Македонскиот селанец скапо го платил својот обид за ослободување. За мнозина единствен спас било бегањето далеку на север, зад Сава и Дунав. Дел од нив подоцна преминале дури и во Русија, создавајќи таму свои војнички колонии и одделен „Македонски полк“, кој дејствувал во состав на регуларната руска војска. Во запустените предели од северозападна Македонија започнало масовно населување на албанско население.

Манифест и заштитни писма од Леополд I

[уреди | уреди извор]

На 6 април 1690 година, светиот римски цар Леополд I (1657-1705) издал манифест, со кој ги повикува „сите народи кои по сета Албанија, Србија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Рашка живеат, да им се придружат на Австријците и против Турција на оружје да се дигнат“. Речиси истовремено, на 26 април 1690, Леополд издал и едно писмо со кое го земал под заштита македонскиот народ. Иницијатори на неговото изд

авање биле Марко Крајда, родум од Кожани и Димитри Георгија Поповиќ, родум од Солун. Во писмото меѓу другото, се декларира:[2][3][4][5]

Заштитно писмо за Македонскиот народ од светоримскиот цар Леополд I

Со ова известуваме дека двајца Македонци Марко Креида, роден во Кожани и Димитриј Георги Поповиќ, роден во македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со жар и ревност кон нашата служба, со сериозна намера е склоно да премине од преголемиот турски јарем под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост и сигурно покровителство. Поради тоа, согласно со нашата вродена добрина, со која, поттикнати од милоста да им укажуваме заштита на оние што ни се приврзани нам и на светата христијанска религија, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска милост во секој начин и вид гореспомнатиот македонски народ, љубезно препорачувајќи им, поединечно и на сите наши волни заповедници, да не го напаѓаат споменатиот македонски народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку според силите, секојпат и во секоја околнсот да го заштитуваат, бранат и да му помагаат за таа цел. Воопшто, да му овозможат нему сигурности и увереност за да запазат повеќе наши царски и кралски милости, права и слободи. Во случај некои наши припадници од истиот народ да посакаат да војуваат под водството на нашите гореспоменати капетани и под наше знаме, нека се настојува повеќе да се поттикне таквата намера одошто да се спречи. Исто така допуштаме, со претходно знаење и согласност на нашиот тамошен главен командант, да се собираат во одред и одделно да дејствуваат или да се поврзуваат со нашите, за да можат така да имаат сила да се борат против заедничкиот непријател. За таа цел тие ќе се пријавуваат кај спомнатиот командант, па според неговите наредби, со божја помош нека ги чуваат нашите краишта за општо дбро. Секој според силите, да не пропушта во секоја околност да соработува.

Дадено во Виена, на 26 април, 1690 година. Претставници: бранители на македонскиот народ кои преминале во краиштата на Царското Величество. Изложено во Виена на 26 април, 1690 година. М.Пауер. За Ветеранија.


На 31 мај 1690 царот издал уште едно писмо, со кое ја проширил својата заштита на населението во Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа Македонија одново станала длабока провинцијана Османлиското Царство, па манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое позначајно дејство врз рположбата на македонскиот народ.

Карпошовото востание како мотив во уметноста

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Карпошовото Востание (1689) (2007) од Ванчо Ѓорѓиев, ст. 9
  2. Јован Радоњиќ (1908). Prilozi za istoriju Srba u Ugarskoj u XI., XVII. i XVIII. veku. Нови Сад: Knjiga Matice Srpske. стр. 52–53. Недостасува |author1= (help)
  3. Shea, John (1997-01-01). Macedonia and Greece: The Struggle to Define a New Balkan Nation (англиски). McFarland. ISBN 978-0-7864-0228-1.
  4. Бранко Панов (1995). Ставот на австрискиот двор спрема Македонија и македонскиот народ непосреднопо ликвидирањето на Карпошовото востание (PDF). Скопје: ИНИ. стр. 194–195. Недостасува |author1= (help)
  5. nauki, ИНИ (1981). Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава. Скопје: Универзитет Кирил и Методиј. стр. 158–159.
  6. Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 113-115.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]