Стара скопска чаршија
| Оваа статија моментално е под поголема промена за 5 дена. Како учтивост, Ве молиме не уредувајте ја оваа страница додека е прикажана оваа порака. Корисникот кој ја ставил оваа ознака ќе биде означен во историјата на страницата. Ако страницата не е уредувана веќе неколку часа, Ве молиме отстранете го овој шаблон. Оваа порака е наменета за редуцирање на уредувачки конфликти; Ве молиме отстранете ја меѓу уредувачки сесии за да им овозможите и на другите да ја уредуваат оваа страница. Оваа страница била последен пат уредена од Kiril Simeonovski (придонеси • дневници) пред 344 минути . |
Старата скопска чаршија е трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава.[1]
Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија се стари од 12 век.[2] Во време на османлиското владеење со градот, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Денес во чаршијата преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската,[2] а местото е побогато и за неколку цркви.
На 15 октомври 2008 година, со закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија, Старата скопска чаршија беше прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.[3]
[уреди] Историја
[уреди] Ран период
Најстарите археолошки пронајдоци пронајдени на Скопското кале посочуваат дека околниот простор бил населен уште 4.000 години п.н.е., додека првите историски податоци наведуваат дека први кои се населиле на просторот биле Пајонците во VI век п.н.е.[4]
Со завладејувањето на Скупи од страна на Римјаните, започнала изградбата на храмови, бањи и театри, со што градот станал значаен верски и културен центар во Римската империја, што придонело и за развој на просторот на денешната чаршија.
Во 518 година, Скупи бил разурнат од катастрофален земјотрес, па со доаѓањето на власт на Јустинијан I била изградена нова престолнина која оддалечена од просторот на разурнатиот град. Сепак, за да се заштити населението кое го напуштило градот, се населило на еден рид на којшто императорот Јустинијан г изградил денешното Кале.[4]
Со создавањето на Самоиловото царство, Скопје добил стратешко, политичко, економско и културно значење, а просторот околу Скопското кале бил утврден со изградба на бедеми, со цел да се сочуваат неговите богатства. Во времето на Цар Самоил, на бедемите била изградена и голема градска порта, подоцна позната како „Порта до водната кула“, која послужила за одбрана од нападите на византискиот император Василиј II во 1001 година.[5]
[уреди] Среден век
[уреди] Византиска власт
По потпаѓањето на Самуиловото царство под визатиска власт во 1018 година, императорот Василиј II го претворил Скопје во седиште на тема и црковно седиште, на чело со епископ кој бил избиран на секои четири години. По смртта на Василиј, неговиот наследник, Роман III Агрир, презел активности за обновување на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“, кој според грамота од 1300 година на српскиот крал Стефан Урош II Милутин се наоѓал на брегот на реката Серава, на ридот наречен „Виргин“, односно на местото каде денес се наоѓа Султан-муратова џамија и бил еден од најбогатите и најугледни манастири на поголем дел од Балканскиот Полуостров во тоа време.[6]
Според зачуваната Виргинска грамота од 1277 г., императорот му дал одобрение на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ да организира годишен панаѓур на празникот „Воведение на Богородица“ на 21 ноември секоја година, со право да наплаќа одредени давачки заради негово издржување, како и неделен пазар најнапред во секој петок, а подоцна и во вторник. Ваквите настани биле организирани во периодот од 1028 до 1034 година, на простоот на манастирската ливада, која се наоѓала на надворешноста на тогашното скопско подградие Доленград, крај десниот брег на реката Серава, односно на местото на кое денес се наоѓа Бит-пазар.[6]
Со доаѓањето на власт на династијата на Комнените на почетокот на 12. век, градот бил избавен од постојаните воени закани и во овој релативно мирен период бил забржан значителен развој. Развојот бил проследен со изградба на бедеми и одбранбени кули околу Доленград, а биле градени и манастири и цркви. Со изградбата на бедемите, просторот на кој се одржувал панаѓурот се нашол веднаш под нив, покрај северната порта, од која се излегувало на патот кон Цариград. Силниот развој на трговијата придонел за градот да се расчуе како значаен трговски центар, па раширувањето на трговските односи е одбележано и со присуството на панаѓурот и неделниот пазар дури и од страна на дубровачките и венецијанските трговци. Во своето дело „Стара скопска чаршија“, Коста Балабанов наведва дека се појавила неможност трговците да ги продадат донесените производи во еден ден, со што се појавила потребата да преноќат и тие започнале тоа да го прават на манастирската ливада. Меѓутоа, управата на манастирот, која ги наплаќала давачките и управувала со просторот, не дозволвуала тој да се користи за подигнување на трајни градби. Поради тоа, некои трговци започнале да се засолнуваат во внатрешната страна од бедемите на Доленград, чии порти навечер се затворале. Со тек на време, започнало постепеното засолнување во внатрешноста од градот, понувајќи од северната, па сè до јужната порта. Кон крајот на 12. век, веќе биле подигнати трајни простории за складирање на стоката, биле воведени давачки за користење на градското земјиште и започнало продавањето на стока од овие простори, не само за време на пазарните денови, туку и надвор од нив, со што практично бил создаден трговски простор кој се развил во денешната чаршија.[6]
Во текот на 13. век, трговскиот протстор продолжил да се развива, иако градот повторно бил подложен на воени судири, освојувања и грабежи. Бројот на дуќани започнал да се зголемува, а просторот бил проширен и околу северната порта, внатрешноста на Доленград и околу црквата „Св. Богородица Трорачица“.[7]
И покрај постојаните воени судири, Скопје во тој период го добил својот прв трговски центар, трговско-занаетчиска градба, која во тоа време била една од најголемите и најскапите на Балканот. Оваа градба се наоѓала во јужниот дел од Доленград, крај бедемот покрај кој минувале заштитниот канал со вода и коритата на реките Вардар и Лепенец. Имал 15 издолжени сводови, под кои се наоѓал простор кој зафаќал површина од 1.200 m2. Последните негови остатоци биле разрушени во првата половина од 20. век, а тој целосно е видлив на гравура од холандскиот графичар Јакобус Хаверин, изработена во 1594 година и објавена во Нирнберг.[7]
[уреди] Српска власт
Во 1282 година, српскиот крал Стефан Урош II Милутин го освоил Скопје, со што градот влегол во составот на Рашка, а подоцна и во рамките на средновековната српска држава. Овој период се одликува со изградбата на многубројни црквии, манастири и дворци во и околу градот. За време на својот престој во Скопје, во 1299 и 1300 г., византискиот пратеник Теодор Метохит забележал дека освен Горенград, постои и Доленград, кој бил заштитен со ѕидини.[8]
Како најсветол период од српското владеење се смета времето на царот Стефан Душан, кој во 1345 година го прогласил Скопје за престолнина на својата држава, а веќе следната година бил во него и крунисан за цар. Во негово време, чаршијата не се споменувала како посебен трговски центар, туку градот, општо, се наведува како главно трговско место, со развиено занаетчиство, каде што посебна улога имале дубровачките и венецијанските трговци. Според Стојан Новаковиќ и Гедеон Јуришиќ, за време на владеењето на царот Душан дури бил изграден и Куршумли-ан, кој служел како воена касарна. Освен тоа, некои автори сметаат дека на местото на денешната Султан-муратова џамија се наоѓал и Душановиот царски дворец.[8]
По смртта на Стефан Душан, градот бил под српска власт сè до 1392 година, кога Вук Бранковиќ им го предал на Отоманците, со што влегол во рамките на Отоманската Империја.[9][10]
[уреди] Отоманско време
[уреди] XV век
Со освојвуањето на Скопје од страна на отоманските Турци, забрзано започнал да се менува етничкиот состав на населението во градот. Исто така, богатството со коешто располагале месните цркви, манастири, а и самото население преминало во рацете на Турците. Градот бил претворен во воено упориште и во негови рамки започнала изградбата на величествени објекти од сакрален карактер, кои видно ја имзениле и архитектурата на градот.[11]
На просторот на Доленград и средновековната чаршија започнала изградбата на голем број капитални и сакрални објекти, кои се јавиле како неопходни да ги задоволат потребите на нараснатото муслиманско население. Така, на темелите на тогашните црки започнала изградбата на џамии, а наскоро започнале да се градат и разни други објекти од стопански карактер. Уште во првите декади на 15. век, освојувачот на градот, Паша Јигит-бег, на местото на коешто тогаш се наоѓала црквата Св. Врачи ја изградил Меддаховата џамија.[11]
Големи промени на архитектонскиот карактер на чаршијата настанале во времето на вториот отомански намесник на Скопје, Ишак-бег, и во времето на неговиот син, Иса-бег. На темелите на манастирот „Св. Ѓеорѓи Горгос Скоропостижник“ Исак-бег ја започнал изградбата на Султан-муратовата џамија, чијашто изградба била завршена во 1436 година. Во 1438, на просторот на манастирската ливада, тој ја започнал изградбата на Ишак-беговата (Шарена) џамија, во чиишто рамки е изградено и турбе, каде што бил погребан. По неговата смрт, започнувајќи од 1445, па сè до 1469 година, неговиот син и наследник, Иса-бег, изградил бројни објекти а просторот на чаршијата, кои биле неопходни за стопанскиот развој на градот. Така, во негово време биле изградени: Безистенот, Чифте амамот, караван-сарајот Сули ан и конакот Капан ан. По смртта на Иса-бег, по негов завет е изградена Иса-беговата џамија (1475), а подоцна и Хаџи-касамовата џамија (1489-1490) и Мустафа-пашината џамија (1492).[11]
Во периодот од 1489 до 1497 година, познатиот дарител, Даут-паша, вложил во изградбата на повеќе објекти во чаршијата, меѓу кои најпознат е Даут-пашиниот амам. Истовремено, како придружни градби на големите џамии биле изградени и имарети, т.е. јавни куји во кои се приготвувала и служела храна за бездомниците и патниците кои престојувале во градот.[11]
Скопската чаршија во својот историски развој претрпувала значителни штети од големи пожари, земјотреси и поплави, кои оставиле длабоки траги врз изгледот на чаршијата. Таа многу настрадала во опожарувањето на Скопје во 1689 год. што го извршил австрискиот генерал Пиколомини. Следните два века, таа останала мала чаршија со скромна понуда. Во втората половина на XIX век чаршијата почнала да заживува, но во 1908 год. повторно настрадала во пожар. Огромна штета претрпела и во земјотресот од 1963 год. Сепак, таа претставува единствен споменик на културата во Македонија во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.
[уреди] XVI-XVII век
Во периодот на 16. и 17. век, чаршијата го достигнала својот урбан и стопански зенит, развивајќи се во една од најголемите ориентални чаршии на Балканот. Забрзаниот развој на трговијата и изградбата на нови дуќани и објекти продолжила и понатаму. Во 1504 година, во непосредна близина на чаршијата, Јахја-паша изградил џамија, која денес во негова чест е позната како Јахја-пашина џамија.[12] Забележително во тој период е што се појавиле повеќе помали чаршии, во зависност занаетите кои биле застапени на просторот. Така, на просторот на чаршијата постоеле: кожарско-ќурчиска, калајџиска, железарска, платнарска, кујунџиска и други помали чаршии. Освен тоа, во чаршијата започнала со работа и ноќна стража, која за чување на дуќаните наплаќала по 12 акчиња.[13]
Караван-сарајот Куршумли ан бил обновен кон средината на столетието, а во 1543 година започнала повторната изградба на црквата „Св. Спас“, којашто била прв христијански објект за кој Турците одобриле обновување. Силниот земјотрес, кој во 1555 го погодил Скопје, причинил огромни штети во чаршијата, но сепак градот набргу закрепнал и продолжил непречениот развој на трговијата. Голема улога во тоа имале многубројните трговци кои ја посетувале чаршијата и создавале свои колонии. Поголемиот дел од трговијата се одвилвал благодарение на влијателната еврејска колонија, а била создадена и колонија на дубровачките трговци.[13]
Втората половина од 16. век ја одбележала изградбата на Саат-кулата во 1572 година, која била подигната во дворот на Султан-муратова џамија и набргу станала заштитен знак на градот.[13]
Со оглед на фактот што градот прераснал во значаен развиен трговски град во европскиот дел од Отоманската Империја, во текот на 17. век бил псоетен од голем број трговци и патеписци, кои во своите записи давале опис на изгледот на чаршијата и начинот на кои се водела трговијата во неа. Еден од нив е и познатиот отомански патеписец, Евлија Челебија, кој двапати го посетил градот во периодот од 1660 до 1668 година и за време на неговата прва посета (1660-1661) за чаршијата забележал:
| „ | Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (Памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп[14] | “ |
Англискиот лекар и патеписец Едвард Браун, кој го посетил градот во 1669 година, бил воодушевен од безстенот во чаршијата со неговиот оловен покрив и наведва дека околу него имало улици покриени со штици и разновидни занаетчиски дуќани. Тој, исто така, споменува дека од Скопје во тој период биле извезувани најразновидни производи, како волна, восок, тутун, платно, свила, сребрени предмети и разни други украси.[15]
Сепак, развојот на чаршијата и мирот којшто владеел бил прекинат со повлекувањето на отоманската војска по неуспешната опсада на Виена во 1683 година и навлегувањето на австриските трупи предводени од генералот Пиколомини. Пиколомини го запалил Скопје, а големиот пожар од 26 и 27 ноември 1689 г. речиси целосно го уништил градот. Како псоледица на пожарот, чаршијата била речиси целосно уништена, а сè што останало се само неколку џамии и амами.[15]
[уреди] XVIII-XIX век
По големите штети предизвикани со пожарот во 1689 година, чаршијата била обновувана во текот на целиот 18. век. Нејзиниот нов развој бил отежнат поради економски ослабнатата Отоманска империја, но и поради големите епидемии на чума и други заразни болести.[16]
Со воведувањето на реформите од првата половина на 19. век, се создале подобри економски услови и за развој на чаршијата. Била согледана потребата од развиено занаетчиско производство, па биле воведени мерки за заштита на занаетчиите, што директно влијаело на забрзаниот развој на чаршијата. Истовремено, забележително е што во градот се доселувало македонско христијанско население од околните села. Со тоа, се зголемил бројот на македонски занаетчии и трговци, кои имале главна улога во изградбата и обновувањето на црквите во и околу чаршијата, откако султанот Мехмед II им одобрил на христијанските верници да градат цркви на територијата на Империјата. Така на пример, црквата „Св. Димитрија“ била неколку пати реновирна во текот на 19. век, сè додека не го добила својот денешен изглед со последните промени во 1896 година. Еврејското население, пак, ја обновило синагогата Бен Јаков.[17]
Значајни промени во тој период настанале во целокупниот изглед на чаршијата, така што постојана била изградбата на нови дуќани и објекти. Кон средината на столетието, забрзан бил пробивот на нов современ архитектонски стил, кој придонел чаршијата полека да започне да го губи својот ориентален облик. Голем број од градбите биле во стилот на староградската македонска архитектура, но се воочувале и елеменети од еклектицизмот и барокот. На просторот од Даут-пашиниот амам до Бит-пазар се простирале дуќани, анови и амами, а по улиците се движеле трговци од повеќе земји. Во тоа време, српскиот политичар и историчар, Стојан Новаковиќ чаршијата ја опишал како
„склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци... Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени...“[17][18]
Според записите на голем број патеписци кои ја посетиле чаршијата во втората половина на 19. век, во неа успешно работеле од 50 до 90 различни видови занаети, здружени во силни еснафски здруженија и поделени во одделни помали чаршии во рамките на единствената Скопската чаршија. Тоа придонело, Скопје, одново, да стане значаен трговски центар, не само на Балканскиот Полуостров, туку и на територијата на целата Отоманска Империја.[17] Во својот патепис од 1896 година, Виктор Рерар запишал:
| „ | Големите азиски пазари, оној во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со Скопската чаршија, претставуваат само бледи и банални турски знаменистости.[19] | “ |
[уреди] Чаршијата од XX век до денес
Почетокот на 20. век се одликува со бројни немири и војни, како и големи промени во стопанскиот живот, предизвикани од раширувањето на капиталистичките општествени односи и развојот на градските населби. Во текот на Првата светска војна била причинета штета во чаршијата, па во прите години по војната е забележан нејзин развој преку обновување на старите трговски и занаетчиски објекти. Во тоа време, чаршијата територијално се проширила и преку Камениот мост, на десниот брег од реката Вардар, сè до железничката станица.[20]
Појавата на Големата криза во светот во раните 1930-тите имала голем одраз и врз трговијата во чаршијата. Дошло до раслојување и осиромашување на занаетчиството, зголемување и на невработеноста и на задолженоста. За текот на овие години во чаршијата сведочи и репортажата на Љубо Стојовиќ во весникот „Вардар“ од 1934 година, во која тој ја исакнува монотоноста и здодевноста во чаршијата и како трговците ги молат купувачите да купат. Тој, исто така, ја споменува и запуштеноста на безистенот и тоа дека е затворен како тврдина и издаван под кирија.[20]
За време на Втората светска војна, чаршијата била целосно економски умртвена и била користена за потребите на НОБ во Вардарска Македонија. Така, во неа биле подготвувани илегални акции, а служела и како засолниште за припадниците на НОБ. Во близина на Ишак-беговата (Шарена) џамија се наоѓа куќа во која од 1942 до 1944 година престојувале и се состанувале членови на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Оперативниот штаб. Во непосредна близина пак на Камениот мост, на местото на денешната зграда на Комерцијалната банка, имало куќа во која била сместена првата илегална работилница за оружје, муниција и диверзантски материјал.[21]
Периодот на војната е време во кое биле причинети огромни штети и загуби во самата чаршија и во нејзината околина. Чаршијата останало без своето еврејсо население, чијашто депортација кон концентрациониот логор Треблинка започнала на 11 март 1943 година.[22] Истата 1943 година, бугарските фашистички власти ја ограбиле и опожариле црквата „Св. Богородица“, која се наоѓала во непосредна близина на чаршијата, а за време на бомбардирањата на Скопје била уништена и џамијата Меддах. До темел била разурната и синагогата Бен Јаков. Од црквата „Св. Спас“, бугарските власти го разглобиле иконостасот, со намера да го префлат во терзорите на Народната банка, но по војната истиот бил вратен во црквата.[21]
По завршувањето на Втората светска војна, просторот на чаршијата, повторно, се преворил во главен трговски центар во градот. Во тој период, под раководство на Заводот за заштита на спомениците и културата, за првпат започнало систематско истражување и проучување на чаршијата како споменик од непроценлива вредност, кое имало за цел да пронајде начини за нејзина понатамошна заштита.
На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани биле целосно разрушени. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно разрушени Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Чифте амамот, Куршумли ан, црквата „Св. Спас“, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Султан-муратовата џамија.[23]
Обновувањето на разрушената Скопска чаршија продолжило по земјотресот, за чијашто цел до израз доаѓа примената на современ градежен материјал. Во раните 1970-тите биле обновени водоводната и канализационата мрежа, а било извршено и поплочување на улиците низ чаршијата и отстранување туркста калдрма. Во тој период, исто така, бил изграден и мост со стоковна куќа над булеверот Гоце Делчев, со чија помош биле споени отсечените делови од чаршијата. Кратко потоа, започнало и обновувањето на речиси целосно разрушените Капан ан и Сули ан, по што биле обновени и останатите културно-историски знаменитости, кои претрпеле штети со земјотресот. Освен тоа, некои градби биле посветени на културата и уметноста, а биле изградени и нови, како што се групата згради во рамките на Музејот на Македонија и Музејот на современа уметност.[24]
Во ноември 2006, во чаршијата беше поставен споменик на Скендербег.[25] Непосредно пред споменикот, над булеварот Гоце Делчев и веднаш до мостот кој ги поврзува Даут-пашиниот амам и црквата „Св. Димитрија“ со остатокот од чаршијата, на 17 јануари 2012 година беше поставен камен-телник за изградба на плоштадот „Скендербег“.[26] Македонскиот премиер, Никола Груевски, во 2010 година изјави дека Старата скопска чаршија е вклучена во проектот „Скопје 2014“.[27]
[уреди] Знаменитости
[уреди] Камен мост
Камениот мост на реката на Вардар ги поврзува плоштадот Македонија на десниот брег и Старата скопска чаршија на левиот брег од реката. За неговото постоење постојат две различни мислења. Според првото, изграден е во 6. век, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, во време на владеењето на императорот Јустинијан I. Други сметаат дека мостот бил изграден во втората половина на 15. век, меѓу 1451 и 1469, време кога на чело на Отоманската Империја бил султаниот Мехмед II Освојувачот.[28] Низ вековите претрпел повеќе промени, па така доградуван е во време на султанот Сулејман Величествениот и на српскиот цар Душан.[29] Современите промени и доградувања имаат за цел да го доближат кон неговиот првоибтен изглед.[30]
Мостот е изграден од травертински камени блокови, врзани со железни куки и зацрстени со леано олово и кршен камен и малтер.[28] Во својот првобителн изглед содржел 13 полукружни лакови, имал должина од 213,85 m (329 чекори) и ширина од 6,33 m.[31] Денес, мостот е прооден само за пешаци, но историски по него се одвивал и жив сообраќај.[29]
Камениот мост се смета за симбол на градот Скопје и е прикажан како составен елемент на грбот на градот.[32]
[уреди] Црква „Св. Димитрија“
Православната црква „Св. Димитрија“ е сместена во непосредна близина на Камениот мост, на почетокот од чаршијата од нејзината јужна страна и под Скопското кале.[33] Посветена е на великомаченикот Свети Димитриј Солунски. Од натписот на влезната порта од црквата се дознава дека на местото на коешто се наоѓа имало стар храм уште од 16. век. Во 1727 година за првпат црквата се споменува како катедрална, а во текот на 19. век во неа била сместена Скопската митрополија. Во тој период биле извршени неколку доградувања и реновации на црквата, која денешниот облик го добила во 1896 година, кога и била осветена. Нејзината камбанарија, пак, била доградена во периодот од 1907 до 1908 година.[34] Во текот на 20. век, црквата била од исклучително значење, а до изградбата на црквата „Св. Климент Охридски“ служела како соборен храм на Македонската православна црква.[33]
Храмот претставува трободна црква со апсида. Градбата е ѕидана со камен и малтер и е поделена во два реда со по три столба. Во нејзиниот внатрешен дел се наоѓаат галерија, певница и престол за владиката. Црквата изобилува и со живописни мотиви, при што на куполата е насликан „Исус Седржителот“. Во предворјето на црквата се наоѓа гробот на првиот поглавар на Македонската православна црква, г.г. Доситеј, додека до источниот ѕид е сместен гробот на вториот поглавар, г.г. Ангелариј.[33]
[уреди] Даут-пашин амам
Даут-пашиниот амам се наоѓа на почетокот од чаршијата, во непосредна близина на црквата „Св. Димитрија“. Изграден е во периодот од 1489 до 1497 година, како завештание на тогашниот везир на Румелија, Даут-паша, но имињата на неговите архитекти сè уште се непознати. Објектот тешко настрадал во пожарот од 1689 година и бил препуштин на постепено пропаѓање. Бил обновен во 1948, кога е пренаменет во уметничка галерија. Оштетувања претрпел и со земјотресот во 1963, но набргу бил реновиран и оттогаш повторни работи како уметничка галерија. Денес, тој е единствената преостаната градба на некогашната „исламска тројка“, која уште ја сочинувале џамијата Ибни-Пајко и Караван-сарајот.[35]
Објектот има правоаголна форма, со мали незначителни проширувања на неговата јужна и северна страна. Неговата архитектура е монументална, а изградбата е изведена со префинетост. Ѕидовите на градбата се масивни и содржат мали отвори со лачно и архитравно засводени полиња, во кои се сместени прозорците и вратите. Влезните врати се наоѓаат на ѕидови кои се изведени со профилирани плочи, а на западната страна од фасадата на амамот се наоѓа отвор, кој е врамен во профилирана мермерна рамка, во која се наоѓала плоча со натпис. Внатрешноста е покриена со 13 куполи со различна големина, од кои се издвојуваат двете најголеми на западната страна, додека останатите 11 се несиметично распоредени над другиот дел од амамот. Во објектот се наоѓаат 15 простории, кои се осветлени со помош на ѕвездестите отвори на куполите покриени со стакло. Од внатрешната страна, ѕдивоите биле украсени со живописна орнаментика.[35] Бидејќи претставувал двоен (чифте) амам, имал два посебни влеза, еден за маж, и еден за жени. Во склад со исламските канони, вака поделените влезови не се наоѓале на иста страна.[36]
Според сознанијата, Даут-пашиниот амам никогаш не бил пуштен во употреба како амам, за што постојат две легенди. Според едната, за затоплување на амамот биле потребни големи кличества на огревни дрва, кои не можеле да се обезбедат поради тоа што шумата на планината Водно била речиси уништена, па недостигот на огревно дрво го оневозможил пуштањето во употреба на објектот. Втората легенда е врзана за ќерката на Даут-паша, која пред пуштањето во употреба го посетила амамот и била касната од змија-отровница и потоа починала. Тогаш, Даут-паша наредил амот да биде затворен и никогаш повеќе да не се користи.[35]
[уреди] Капан ан
Поранешниот караван-сарај и конак Капан ан е сместен во внатрешноста на чаршијата. Изграден е во втората половина на 15. век, по наредба на третиот отомански управител, Иса-бег. За прв пат се споменува во вакуфнамата на Јаја-пашината џамија во 1506 година. Низ историјата, одиграл голема улога во развојот на сообраќајната трговија, бидејќи претставувал место во коешто преноќувале трговски патници од многу далечни места. Анот би разрушен со земјотресот во 1555 година, а потоа и во пожарот од 1689 година, по што бил реконструиран на доста попрост начин, со дрвена конструкција, а од првобитниот изглед се зачувани само неговите долни делови.[37] Како ан работел сè до Втората светска војна.[38] Во земјотресот од 1963 г., објектот, речиси, целосно бил разрушен и бил обновен и повторно пуштен во употреба во 1974 година. Денес, во него се сместени дуќани, меани и деловни канцеларии.[37]
Објектот претставува правоаголна градба со површина од 1.066 m2, којашто однадвор е целосно затворена и содржи голем квадратен двор во внатрешноста.[39] Има вкупно 44 простории, кои служеле за сместување на патниците и трговците со нивните каравани. Собите биле подредени во низа и распределени на приземјето и катот, од сите четири страни. На катот има дрвен трем на сите четири страни, на чии дрвени столбови е подигнат кровот. Кон анот водат два влеза, на јужната и северната страна, во кои се влегува преку дрвени врати.[37] Делот од чаршијата околу анот бил наречен Капан чаршија, а пред анот имало и чешма наречена Капан чешма.[39]
Анот, името го добил според арапскиот збор „капан“ (арапски: kabban), кој се однесувал на големиот јавен кантар којшто бил сместен во или пред неговите порти и служел за мерење на стоката.[40]
[уреди] Мурат-пашина џамија
Мурат-пашината џамија се наоѓа во самиот средишен дел на чаршијата, во непосредна близина на Чифте амамот. Според натписот на мермерната плоча над влезната врата во џамијата, на арапски јазик е објаснето дека истата била изградена некаде околу 1802-1803 година, бидејќи претходно изгорена во пожарот од 1689 година.[41] Извршени се истражувања, кои потврдуваат дека на истото место се наоѓала постара градба, од чии ѕидови се откриени остатоци. Последен пат, џамијата е реновирана кон крајот на 20. век од страна на скопското муфтиство, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија.[42]
Освен минарето, џамијата е релативно нова градба и припаѓа на османлискиот барокен стил со примена на неокласицистички исламски елементи. Градбата е со четвртест облик и е покриена со покрив на четири води. Покрај главниот влез има и влез кој се наоѓа на северната страна. Внатрешноста на џамијата содржи дрвен касетиран таван, како и галерија (махвил), махриб и говорница (мимбер), кои се сметаат за карактеристични елементи на османлиската барокна архитектура.[42] Во дворот на џамијата се наоѓа шадрван изграден во 1937 година. Пронајдени се и остатоци од гробишта, т.е. три надгробни споменици, кои потекнуваат од 1741 и 1790 година, додека за третиот е тепко да се одгатне датумот.[41]
[уреди] Чифте амам
Поранешниот амам Чифте амам се наоѓа во средишниот дел на чаршијата, поточно на потегот меѓу Мурат-пашиата џамија и Сули ан. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на просторот на чаршијата и во Скопје воопшто. Амамот е изграден во втората половина на 15. век, како завештание на Иса-бег. За првпат се споменува во вакуфнамата на Иса-беговата џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна е обновен и денес претставува уметничка галерија.[43]
Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, којашто денес не може да дојде до израз, бидејќи амамот, речиси, целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба, особено, се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување. Граден е од камен, тули и малтер. Содржи две поголеми куполи и повеќе помали. Се состои од два дела, машки и женски, па оттаму и го добил името „чифте“, односно двоен амам.[43] За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амамот се спојуваат во делот за капење.[44]
Во чест на наредбодавачот за негова изградба, Иса-бег, познат е и под името „Иса-бегов амам“, додека познатиот патеписец Евлија Челебија во своите записи го нарекува „нов амам“.[44]
[уреди] Сули ан
Во непосредна близина на Чифте амамот и на влезот во чаршијата од страната на Бит-пазар се наоѓа поранешниот караван-сарај Сули ан. Изграден е во првата половина на 15. век од страна на Исхак-бег и во неговото завештание е оставен како дел од имотот на Исхак-беговата (Шарена) џамија. Анот, за првпат се споменува во документите од времето на Иса-бег, син на Исхак-бег, каде што е прикажан збирен преглед на приходите и расходите од вакуфот на Исхак-бег. Во текот на 16. век, тој бил пренаменет и на долниот и горниот кат биле отворени дуќани, главно во сопственост на Евреи. Анот тешко настрадал во пожарот од 1689 година, по што бил обновен и продолжил да работи како трговски објект. По земјотрезот од 1963 г. бил речиси целосно разрушен, а подоцна повторно е обновен.[45] Во него, денес се сместени Музејот на Старата чаршија, а од 1982 година и Ликовната академија.[46]
Градбата е карактеристичен претставник на исламската световна архитектура, а по својот облик е слична на поголемиот Куршумли ан. Неговата основа претставува квадрат и зафаќа површина од 2.101 m2[47]. Граден а на ист начин како и останатите караван-сараи, со делкан камен, редови тули и слоевит малтер. Се состои од приземје и кат со масивни ѕидови и сводови. Приземјето служело за чување на стоката, додека патниците и трговците преноќувале на катот. Тремот е подигнат на 18 столбови, а собите биле подредени во низа и распределни на сите четири страни. Кон анот водат два влеза, на источната и на западната страна, од кои главниот се наоѓал на источната и во минатото пред него течела реката Серава. Поради големиот број дуќани наоколу, анот остава впечаток дека е вовлечен во просторот.[45]
Во заветот на Иса-бег, анот се споменува под името „стар ан“. Името „Сули ан“, коешто во превод од турски значи „воден ан“, го добил подоцна, поради тоа што се наоѓал во непосредна близина на течението на реката Серава.[47]
[уреди] Безистен
Скопскиот безистен е сместен во внатрешноста на чаршијата, веднаш над западниот влез од Сули ан. Бил изграден во 15. век, во време кога со Скопје управувал Ишак-бег и набргу станал центар на трговијата во градот, околу кој се создавала чаршијата. Во текот на времето попримил повеќе функции, кои зависеле од големината и потребите на градот. Како последица на пожарот од 1689 г., безистенот бил целосно уништен. Од натписот што се наоѓа на поставената плоча на неговиот влез се дознава дека бил обновен дури во периодот од 1899 до 1900 година. Како негови повторни градители се споменуваат имињата на Хаџи Хусеин, Осман и Јашар-бег. Оттогаш, го зачувал својот облик до денес.[48]
За првобитниот изглед на безистенот не постојат веродостојни податоци, иако тој се споменува во записите на повеќе патеписци, меѓу кои и на Евлија Челебија. Првите поконкретни податоци се добиени при реконструирањето на новиот безистен во 1964 и 1965 година, кога се откриени остатоци од ѕидовите на стариот безистен, неговите темели и од два столба. Според добиените сознанија, безистенот кој бил изграден во времето на Ишак-бег бил околу еден метар под нивото на денешниот безистен и имал ѕидови со дебелина од 2,6 m. Спаѓал во групата на засводени безистени, покриени со повеќе куполи.[48]
Во неговиот денешен облик, безистенот претставува камена градба со правоаголен објект, на која е забележително влијанието на западната архитектура. Содржи четири влеза, кои се распоредени во средишните делови на фасадите од сите четири страни. Внатрешноста се состои од систем на улички кои водат до двокатните дуќани, покриени со дрвореден покрив. Во него се наоѓаат и два изолирани двокатни објекта.[48]
[уреди] Џамија Ќосе Кади
Џамијата Ќосе Кади се наоѓа во непосредна близина на Безистенот. За времето на нејзината изградба не постојат точни податоци, но се претпоставува дека била изградена во текот на 18. век. Претрпела огромни штети со земјотресот во 1963 г., иако и претходно била запуштена. Нејзиното обновување започнало во 1992 година, врз основа на нацрт изработен од страна на Архитектонскиот факултет во Скопје, а проектот бил финансиран од страна на Исламската Верска Заедница во Македонија. Џамијата повторно била отворена во 1996 година.[49]
Архитектурата на џамијата е необична, па така градбата се состои од приземје и кат. На приземјето, односно под џамијата минува улица со дуќани, додека молитвениот простор се наоѓа на катот.[49]
[уреди] Црква „Св. Спас“
Црквата „Св. Спас“ е сместена на просторот источно од Скопското кале.[50] Била изградена кон средината на 16. век, врз темелите на постара црква, за што сведочи и пронајдениот фрескопис на јужниот ѕид од црквата по земјотресот во 1963 година.[51] Претрпела големи штети со пожарот во 1689 г., по што била обновена. Во 1824 година бил завршен иконостасот на црквата, а во 1867 година, помали икони за црквата изработил Дичо Зограф.[50] Денешниот изглед, црквата го добила во текот на 19. век.[52]
Надворешен изглед на градбата е доста неугледен, а кон влезната врата водат неколку камени степеници. Карактеристично за црквата е тоа што при нејзината изградба морала дополу да биде вкопана во земја, бидејќи отоманските власти не дозволувале црквите да бидат повисоки од џамиите. Според тоа, за да се постигне потребната висина на камбанаријата над висината на остатокот од градбата, црквата била вкопана во земја. Во внатрешниот дел од црквата се наоѓа иконостасот, кој се смета за вистинско ремек-дело. Долг е 10, а широк 6 m и во горниот позлатен дел содржи „змиски крст“, со придружба на иконите на Св. Богородица и Св. Јован. Иконостасот е поделен на 5 хоризонтални зони, во кои се искористени мотиви од геометриски форми, растителниот и животинскиот свет и сцени од Стариот и Новиот Завет. На иконостасот се наоѓаат многубројни икони, поделени во два реда: големи престолни во горниот и мали престолни во долниот. Освен нив, црквата изобилува со икони и надвор од иконостасот. Во западниот дел од црквата е изградена галерија за жени-вернички, а во нејзиното предворје се наоѓа мермерен саркофаг, во кој се чуваат моштите на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во конакот од црквата, денес е сместен Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.[52]
[уреди] Тврдина Кале
Твдрината Кале се наоѓа на истоимениот рид, во самиот центар на Скопје, на левата брег на реката Вардар и делумно во западниот дел од чаршијата. Спроед досегашните сознанија, просторот на кој се наоѓа денешната тврдина бил населен уште во времето на праисторијата, т.е. некаде околу 4. до 3. милениум п.н.е. Калето повторно било населено некаде околу 7. до 6. век п.н.е., а оваа населба била заштитена со ѕидови и постоела накаде до 4. или 3. век п.н.е. Пронајдени се остатоци од куќи-полуземјанки, кои имале четириаголна основа и рамен под и биле изградени длабоко во земјата. Следната фаза во историскито развој е околу 5. до 6. век, кога околу населбата бил подигнат нов ѕид. Куќите од овој период имале четириаголен облик и биле градени од дрвени греди.[53] Во изворите, градската населба „Скопје“ за првпат се споменува кон крајот на 9. век како „скопска војска“.[54] Според тврдењата на проф. Иван Микулчиќ, Скопското кале повторно било населенов во 10. век, кога во времето на Самоиловото царство било една од поважните стратегиски точки во државата. Утврдено е дека најстарите елементи на главниот градски ѕид потекнуваат токму од тоа време, а Микулчиќ истакнува и дека тоа се единствените засега познати Самоилови ѕидишта во Македонија. Во текот на 11. век биле изградени т.н. „киклопски ѕидови“, а зафати на градскиот ѕид биле вршени во времето на династијата на Комнените и во периодот од 13. до 14. век. За време на отоманското владеење, тврдината била запоставена и локалитетот бил иселен. Детален опис за нејзиниот изглед во текот на 17. век дал Евблија Челебија, а дваесетина години подоцна во писмо до австрискиот цар Леополд I Хабзбуршки, генералот Пиколомини запишал:
| „ | Тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, нема простор за коњица.[53] | “ |
Во текот на 19. век, на тврдината се наоѓале магацини, барутани, воена болница и затвор, а слична намена имала и во првата половина на 20. век, сè до 1951 г., кога војската го нашуштила калето. Скопското кале претрпело големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., па така разурнати биле бедемите, одбранбените кули и зградите во склоп на тврдината, што придонело неговото обновување да биде значително отежнато.[53] Неговата реконструкција беше завршена со доградувањето на југозападниот бедем во септември 2010 година, кој беше осветлен во пресрет на Денот на независноста на Македонија.[55] Во февруари 2011 г. се појавија сомнежи дека на Скопското кале се гради црква-музеј, кои предизвикаа судир меѓу млади луѓе, припадници на македонската и албанската националност.[56] Како последица на овој судир, оттогаш калето е затворено и поради безбедносни причини се забранува негово туристичко посетување.[57]
Тврдината е сместена на јужниот крај на геолошкиот предел од скаменети лапорести седименти и мек песочен слој, кој се протега на подрачјето меѓу реките Вардар и Лепенец. Има облик на триаголник, зарамнет во северниот дел и со израз пад на јужната и западната страна. Источниот дел од калето скалесто слегува кон течението на реката Серава и денес во него е сместен дел од чаршијата.[53]
Во рамките на Скопското кале постојат голем број на археолошки локалитети, на кои се вршени повеќе истражувања. Значајни археолошки ископувања се спроведени во периодот од 1953 до 1967 година. од кои се добиени материјални докази за постоењето на доцнонеолитска населба на просторот.[53] Најновите археолошки ископувања беа започнати на 14 мај 2007 година.[58]. Во ископувањата беа вклучени повеќе од 200 археолози, историчари и работници, а проектот имаше за цел да се истражат, заштитат и обноват бедемите и кулите на југозападниот дел од тврдината.[59]
Калето, слично како и Каменот мост, се смета за еден од симболите на градот Скопје и е прикажано како составен елемент на грбот на градот.[32]
[уреди] Мустафа-пашина џамија
Мустафа-пашината џамија се наоѓа на потегот меѓу Куршумли ан, црквата „Св. Спас“ и Калето. Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на Мустафа-паша, кој бил везир на султаните Бајазит II и Селим I и извршувал високи функции во Отоманската Империја.[60] Од мермерната плоча над влезната врата, на која е запишан текст со арапско писмо, се дознава дека објектот бил изграден на темелите на некоја средновековна црква. За разлика од останатите градби во и оклу чаршијата, Мустафа-пашината џамија не претрпела големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., но сепак по него се извршени некои реконструкциски зафати.[61]
Градбата на џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Нејзината основа е квадратна и е покриена со купола, чиј пречник изнесува 16,3 m. Куполата била изградена на тромпи коишто се украсени со арабески и од чијашто лева страна се наоѓаат мотиви насликани од времето на изградбата на џамија, додека од десната страна понови и без некоја посебна уметничка вредност. Објектот е ѕидан со клепан камен и два реда тули. Влзот во џамијата е преку тремот, којшто е изработен од бел мермер, а пред него се наоѓаат четири мермерни столбови кои се поврзани со полукружни лакови. Целиот овој дел е покриен со три мали куполи. Минарето високо 47 m е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, на чијшто југо-источниот дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитвите. Во кружниот простор со арабеси, на исток и запад се запишани имињата на Мухамед и Алах, додека на југ и север оние на халифите: Евубекир, Омер, Осман и Али. Веднаш над влезната врата се наоѓа галерија (мехвил).[61]
Во рамките на џамијата влегуваат и турбето, каде што во 1519 година бил погребан Мустафа-паша; саркофагот на неговата ќерка Уми; шадрван, пред самиот влез на џамијата; надгробни нишани и остатоци од некогашните имарет и медреса.[60]
[уреди] Куршумли ан
Најголемиот од поранешните караван-сараи, Куршумли ан, е сметен на местото на поранешната железарска чаршија, во непосредна болизина на зградите на Музејот на Македонија. Сигурни податоци за времето на изградба на анот нема, иако се претпоставува дека бил изграден во текот на 16. век, околу 1540 година, и тоа на местото на некоја постара градба. Според Стојан Новаковиќ и Гедеон Јуришиќ тој бил изграден во 16. век и служел како воена касарна, додека Иван Јастребов смета дека поради применетета ѕидарска техника и начинот а изградба, објектот бил изграден уште во времето на императорот Јустинијан I во 6. век. Трето мислење е дека бил изграден од страна на дубровничките трговци, кои во градот создаел своја колонија. Турските извори, пак, посочуваат дека анот бил изграден како завештание на Мула Муследин Оџа во 1550 година. Низ историјата, Куршумли ан служел за различни намени. Најпрво, тој бил ан и неговата основна намена била од трговски и занаетчиски карактер, односно да ги вгости караваните со трговска и занаетчиска стока. Така, на неговите ѕидови се најдени потписи на некои дубровчани од 16. век. Како ан работел до 1787 г., кога бил претворен во затвор и повторно од 1904 до 1912 година. Анот претрпел штети со земјотресот од 1963, но набргу бил целосно обновен.[62]
Објектот зафаќа површина од 2.800 m2 со 60 простории сместени на два ката. Се состои од два дела, од кои поголемиот дел служел за сместување на трговците со нивната стока, додека другиот содржел штала и други помошни простории.[63] Главниот влез се наоѓа на јужната страна и води до дворот на поголемиот дел, во чијашто средина се наоѓа шедрван. Над главниот влез е изграден трем со куполест покрив. Од левата и десната страна на приземјето и на катот се простира отворен трем, изграден со големи квадратни камени столбови, кои меѓусебно се поврзани со полукружни лакови. Приземјето служело за сместување на стоката, додека на катот се наоѓале собите во кои почивале гостите. Вториот дел служел како коњушница и во него се влегува преку поголемиот дел или преку влезот сместен на источната страна. Ѕидовите се изградени во византиски стил, со редење на тули и камен и со високо подигнати прозорци. Над нив има мали куполи кои наликуваат на пирамиди со благо извишени страни и во минатото биле покриени со олово.[62]
На почетокот бил познат како „ан на Муследин Оџа“, во чест на наредбодавачот за негова изградба. Се верува дека името „Куршумли ан“, коешто во превод од турски значи „оловен ан“, го добил во текот на 19. век, поради покривот кој бил изработен од олово.[64]
[уреди] Бит-пазар
Скопското пазариште Бит-пазар се наоѓа на влезот во чаршијата од нејзината северна страна, крај некогашната главна северна порта. Местото на коешто се простира пазариштето се наоѓало во средновековен Доленград и е точно она на кое се наоѓала манастирската ливада, на која во 11. век, манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ го организирал својот панаѓур на празникот Воведување во Храмот на Пресвета Богородица секоја година, а подоцна и неделни панаѓури во петок и вторник. Во текот на средниот век, пазаришниот простор се наоѓал надвор од бедемите на Доленград, т.е. во непосредна близина на северната порта, која водела на т.н. „Царски пат“. Но, во првите векови од отоманското владеење, бедемите биле срушени и останале само дуќаните од внатрешноста на Доленград, кои денес ја сочинуваат граничната линија на почетокот на чаршијата во правец север-југ. Денес, е задржана традицијата на пазарување во петок и во вторник, но поради зголемените потреби на населението, пазарот работи секој ден.[65]
Просторот на кој се наоѓа пазариштето е ограден и во неговата внатрешност се наоѓаат тезги и привремени дуќани. Како и во средниот век, и денес не е дозволена изградбата на трајни објекти, туку само изнајмување под наем на простор за тргување.[65]
[уреди] Исхак-бегова џамија
Исхак-беговата џамија се наоѓа во непосредна близина на пазариштето Бит-пазар. Според зачуваните податоци, џамијата била изградена во 1436 година, само две години по изградбата на Султан-муратовата џамија, а за нејзината изградба наредба дал вториот отомански управител на Скопје, Исхак-бег. Од влезниот натпис во џамија се дознава дека по наредба на Мехмед, внук на Исхак-бег, била доградувана во 1519 година, при што биле додадени двата странични брода. Градбата претрпела големи штети во пожарот од 1689 г., кога разнобојните керамички плочки кои ги украсувале фасадата и тамбурот биле целосно уништени.[66] Големи штети предизвикал и земјотресот од 1963 г., а по него било обновено турбето и во 1972 година биле поставени нови керамички плочки со фајансно украсување.[67]
Градбата има скромна архитектура, иако нејзините големи влезни порти содржат резба со ориентални мотиви. Минарето високо 30 m се наоѓа на десната страна од главниот влез. Внатрешноста на џамијата е украсен со разни релјефи и сликани украси, а нејзините ѕидови завршуваат со фајансно украсен венец и шесткрака ѕвезда од керамички плочки.[68]
Во минатото, Исхак-беговата џамија ја сочинувале и турбе, медреса, имарет и конаци. Овде, исто така, Исхак-бег ја основал и една од првите исламски џамии во Европа,[69] која во 1445 година ја оставил во своето завештание како дел од имотот на џамијата.[66] Турбето во рамките на џамијата е од затворен тип со купола и има шестоаголна основа. Изградено е со добро обработен камен и во неговата внатрешноста содржи фајансно украсување во кое доминираат сината и зелената боја.[67] Медресата се состоела од десет соби и со векови била една од најпознатите во Румелија. Во неа, меѓу другите живеел и предавал познатиот средновековен турски поет Исак Челеблија, а освен веронаука, се изучувале и исламско право, ориентални јазици, филозофија и математика.[66]
Освен како „Исхак-бегова џамија“, позната е и под името „Шарена џамија“, што произлегува од шарените керамички плочки со кои се украсени фасадата и сводовите.[68]
[уреди] Иса-бегова џамија
Иса-беговата џамија е сместена на просторот северно од Султан-муратовата џамија и спроти пазариштето Бит-пазар. Според натписот кој се наоѓа над влезната врата, џамијата била изградена во 1475 година, како завештание на третиот отомански управител на Скопје, Иса-бег. Како и поголемиот број други градби во и околу чаршијата, Иса-беговата џамија претрпела големи оштетувања за време на земјотетсот во 1963 година, при што било срушено минарето. Подоцна, заедно со целата џамија, минарето било обновено.[70]
Градбата е претставник на раната цариградска архитектура и е градена по примерот на џамијата Рум Мехмед Паша во Истанбул. Изградена е од делкан бигор и хоризонтално наредени тули, при што фасадата во горниот дел завршува со дворедни венци. Основата на џамијата зафаќа површина од 19 m2 и е покриена со две големи куполи, кои пак се обложени со олово. Пред ввлезната врата од џамијата бил изграден трем, покриен со пет мали куполи и аркадни лакови. Во задниот дел се издига минарето, коешто е високо 34 m.[70] На западната страна од џамијата се наоѓа дрвена врата, која содржи резба со ориентални мотиви. Во нејзината внатрешност, пак, се наоѓа саркофагот на Хазнадорат, книгводител на Иса-бег, којшто е изработен од мермер, а неговиот гроб од ќерпич.[71]
Некогаш, во склоп на џамијата имало библиотека и медреса. Библиотеката броела повеќе од 320 различни ракописи. Според Глиша Елезовиќ,
„како по бројот на книгите, така и по нивната разновидност, оваа библиотека може да се вброи во редот на најголемите библиотеки на 15. век.“[72]
[уреди] Султан-муратова џамија
Најстарата зачувана џамија на територијата на Балканот, Султан-муратовата, е сместена источно од Бит-пазар, на местото на коешто порано се наоѓал манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Изградена е во 1436 година, како завештание на султанот Мурад II. Низ историјата, џамијата двапати била подложна на пожари. Во 1537, изгореле нејзиниот горен дел и минарето, по што султанот Сулејман Величествениот ја обновил. Вториот пожар е последица на палежот на градот во 1689 г., шри што џамијата претрпела огромни штети. Повторно е обновена во 1712 година, по наредба на султанот Ахмед III. Последните значајни преуредувања се извршени во 1912 година. Џамија претрпела големи штети со земјотресот во 1963 г., кои сепак биле набргу надоместени.[73]
[уреди] Саат-кула
Скопската саат-кула се наоѓа во непосредна близина на Султан-муратовата џамија, односно во северниот дел од дворот на џамијата. Според сознанијата, кулата била изградена во периодот од 1566 до 1572 година, а часовникот бил донесен од освоениот унгарски град Сигет.[74] Нејзиниот долен ѕидан дел, всушност, е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Инаку, таа е и првата саат-кула подигната на територијата на Отоманската Империја.[75] За изгледот и намената на кулата, најмногу сведочат записите на познатите патеписци. Така, францускиот патеписец Филип Дифрен-Кане забележал дека:
„во Скопје има часовник што се слуша во целиот град, а часовите ги отчукува на француски начин.“[76]
Според Хаџи Калфа, пак, оваа саат-кула била најголема меѓу сите кули на христијаните, а часовникот ги отчукувал часовите и дење и ноќе, при што ѕвонењето се слушало на „два часа далечина“.[76] Во палежот на градот и големиот пожар од 1689 г., кулата претрпела голема штета, но сепак останала во првобитниот облим сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена и го добила денешниот облик. За време на земјотресот во 1963 г., на саат-кулата ѝ биле нанесени големи штети и притоа бил изгубен часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам.[75] Новите часовници на кулата беа додадени на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.[77]
Од записите на Евлија Челебија и Хаџи Калфа се согледува дека градбата на саат-кулата во својот првобитен облик била со шестоаголна основа, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција. По нејзиното преуредување во 1904 година, дрвената конструкција била заменета, по што градбата била целосно изгардена од тули.[75] Од дното до врвот на кулата, каде што се поставени часовниците, водат 105 скали.[78]
[уреди] Наводи
- ↑ Стара скопска чаршија: За чаршијата, staracarsija.mk
- ↑ 2,0 2,1 Old Bazaaar - Skopje, Macedonia National Tourism Portal.
- ↑ Скопската чаршија доби заслужена заштита, Вечер, 15 октомври 2008.
- ↑ 4,0 4,1 Стара скопска чаршија: Историјат, sataracarsija.mk.
- ↑ Историски преглед од најстаро време до пропаста на Самоиловото царство, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Настанување на чаршијата во XI и XII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 7,0 7,1 Старата скопска чаршија и Скопје во XIII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 8,0 8,1 Чаршијата под власта на средовековните српски владетели 1282-1392 година, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ „Macedonia: The Ottoman Empire“. Енциклопедија Британика. 2010. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/354223/Macedonia/42800/The-Ottoman-Empire?anchor=ref476755.
- ↑ „Archeological exavations "Skopsko Kale"“. skopskokale.com.mk. http://www.skopskokale.com.mk/en/aboutkale.php.
- ↑ 11,0 11,1 11,2 11,3 Старата скопска чаршија во XV век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Macedonian cities - Skopje mosques, Macedonian cultural and information centre.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 Старата скопска чаршија во XVI век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Стара скопска чаршија: За Чаршијата, sataracarsija.mk.
- ↑ 15,0 15,1 Старата скопска чаршија во XVII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Старата скопска чаршија во XVIII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 17,0 17,1 17,2 Старата скопска чаршија во XIX век, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Стара скопска чаршија: Животот во старата скопска чаршија за време на 19 век, sataracarsija.mk.
- ↑ Macedonian trades and crafts 16th-19th century, Macedonian cultural and information centre.
- ↑ 20,0 20,1 Чаршијата oд почетокот на XX век до Втората светска војна, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 21,0 21,1 Старата чаршија за време на Втората светска војна, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Remembering the Past - Jewish culture battling for survival in Macedonia, Zhidas Daskalovski
- ↑ Старата чаршија од ослободувањето до катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Старата чаршија по катастрофалниот земјотрес, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Скендер-бег пречекан со еуфорија во Македонија, Утрински Весник, 26 ноември 2006.
- ↑ Поставен камен-темелник на плоштадот „Скендербег“, Утрински Весник, 17 јануари 2012.
- ↑ Груевски: И Чаршијата е дел од „Скопје 2014“, Дневник, 18 февруари 2010.
- ↑ 28,0 28,1 Камен мост, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 29,0 29,1 Камен мост - Скопје, Утрински Весник, 30 јунли 2007.
- ↑ Stone Bridge - Skopje, Macedonia National Tourism Portal.
- ↑ The Stone Bridge over the Vardar river, Skopje
- ↑ 32,0 32,1 Симболи, официјално мрежно место на град Скопје.
- ↑ 33,0 33,1 33,2 Црква Свети Димитрија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес (3-дел): Црква Св. Димитрија - Скопје, Портал Премин.
- ↑ 35,0 35,1 35,2 Даут-пашин амам, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Даут-Пашин Амам – Скопје, Културна мапа.
- ↑ 37,0 37,1 37,2 Капан ан, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Османлиски споменици во Скопје“, Скопје, 1998.
- ↑ 39,0 39,1 Ayverdi Ekrem Hakki, Avrupa’da Osmanlx Mimarx Eserleri. Yugoslavya, lll cild, 3. kitab, Istanbul, 1981.
- ↑ Капан ан во Скопје, „Гласник на ИНИ“, бр. 3, Скопје, 1976.
- ↑ 41,0 41,1 Мурат пашина џамија, Old Skopje.
- ↑ 42,0 42,1 Мурат-пашина џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 43,0 43,1 Чифте амам, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 44,0 44,1 Чифте амам, Old Skopje.
- ↑ 45,0 45,1 Сули ан, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Шест века Сули-ан е автентичен скопски белег, Дневник, 18 март 2006.
- ↑ 47,0 47,1 Сули ан, Old Skopje.
- ↑ 48,0 48,1 48,2 Безистен, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 49,0 49,1 Ќосе Кади џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 50,0 50,1 Црковната традиција во Скопје и Скопско од IV век до денес (3-дел): Црква Св. Спас - Скопје, Портал Премин.
- ↑ St. Spas in Skopje
- ↑ 52,0 52,1 Црква Свети Спас, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 53,0 53,1 53,2 53,3 53,4 Скопска тврдина Кале, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Й. Иванов: „Богомилски книги и легенди“, София, 1970, стр. 283.
- ↑ Осветлен југозападниот бедем на Скопско кале, Сител, 7 септември 2010.
- ↑ Судир на две групи на скопско Кале повеќемина повредени, Сител, 13 февруари 2011.
- ↑ Јанкулоска: Калето ќе остане затворено за посетители, Сител, 9 март 2011.
- ↑ Скопско Кале, makedonskibiser.com.mk
- ↑ Завршија археолошките ископувања на скопската тврдина, Портал Премин.
- ↑ 60,0 60,1 Мустафа-пашина џамија, makedonskibiser.com.mk.
- ↑ 61,0 61,1 Мустафа-пашина џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 62,0 62,1 Куршумли ан, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 780.
- ↑ Куршумли ан, Old Skopje.
- ↑ 65,0 65,1 Бит-пазар, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 66,0 66,1 66,2 Исхак-бегова или Алаџа(Шарена) џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 67,0 67,1 Алаџа џамија и турбето, Old Skopje.
- ↑ 68,0 68,1 Шарена Алаџа-џамија, Нова Македонија, 14 март 2011.
- ↑ AT-TAFSĪR AL-KABĪR, The European Library.
- ↑ 70,0 70,1 Иса-бегова џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Cultural Monuments - Isa Bey Mosque, Skopje Online.
- ↑ Г. Елезовиќ: „Турски споменици у Скопљу XXX, Гласник Српског Научног Друштва, кн. 7-8, бр. 3-4, Скопје, 1930., стр.167-168.
- ↑ Султан-Муратова (Хјунќар) џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ Димовска - Чоловиќ, Мирјана (2008) (на македонски). „Саат кулите во Република Македонија“. Скопје: Национален конзерваторски центар-скопје; Едиција Културно-историско наследство на Република Македонија. стр. 114. ISBN 978-9989-131-08-0. http://www.kalamus.com.mk/pdf_spisanija/patrimonium_3/036%20-%2035%20Spisanie%20Vera%202010.pdf.
- ↑ 75,0 75,1 75,2 Саат кула, Проект „Стара скопска чаршија“.
- ↑ 76,0 76,1 Петвековно движење на стрелките, Вечер, 5 септември 2006.
- ↑ Саат-кулата повторно го мери времето, Дневник, 27 мај 2008.
- ↑ Саат кулата – скопскиот јавен часовник, sataracarsija.mk.