Јустинијан I

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Јустинијан I, роден Управда, од татко Исток[1]
Император на Византиската Империја
Meister von San Vitale in Ravenna.jpg
Византиски император
На престол 1 август 527 – 14 ноември 565
Претходник Јустин I
Наследник Јустин II
Сопружник Теодора
Полно име
Flavius Petrus Sabbatius Iustinianus

Јустинијан I (латински: Flavius Petrus Sabbatius Iustinianus; 11 мај 48313/14 ноември 565) — византиски владетел од Македонија како император на Источното римско царство (од 527565 год.), христијанин и православен теолог. Најстојувал да ја обнови моќта и големината на Римската Империја која била ослабена со упадите на варварските племиња. Познат е по проширувањето на Империјата, првенствено со воените кампањи на Велизариј, како и по неговиот брак со контраверзната царица Теодора. Историјата го памети и како најголем кодификатор на класичното римско право. Јустинијан бил една од најзначајните личности во доцната антика, и со него завршува периодот на благосостојба во Византија, сè до IX век кога таа повторно ќе се издигне.

Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока православна вера. Верувал и живеел според верата. За време на пост не јадел леб и не пиел вино, а се хранел со зелје и пиел вода секој втор ден. Завојувал со дунавските варвари само затоа што ги кастрирале заробениците. Ова е еден од знаците на неговото човекољубие. Бил среќен и успешен во војните и во работата. Изградил голем број прекрасни храмови, од кои најубав е Света Софија во Цариград. Ги собрал и ги спроведувал римските закони. Самиот издавал многу строги закони против неморал и распусност. Ја составил црковната песна „Јединородни Сине и Слове Божји“, којашто од 536 година почнала да се пее на литургија. Го свикал Петтиот Вселенски Собор во 553 година.

Поради неговите заслуги за развојот на црквата и ширењето на верата, Светиот Цар Јустинијан се смета за светец во православното христијанство.


Живот[уреди]

Петрус Сабатиус бил роден во малото село Тауресиум, денешно село Таор во византиската префектура Илирик, во близина на Скупи (денешно Скопје), веројатно на 11 мај 483 год. од Вигилантија, сестрата на генералот Јустин, кој подоцна ќе стане византиски император Јустин I. Јустин I го посвоил и го зел кај себе во Константинопол, обезбедувајки му солидно образование, особено од областа на правото, теологијата и историјата. Кога Јустин I бил прогласен за император, тој добил висок воен чин во царската гарда (magister militum). Уште пред доаѓањето на императорскиот престол, Јустинијан покажувал голема надареност за владеење што се потврдувало со големото влијание што го имал врз неговиот вујко. Во 525 год. добил титулата кајсар, а на 4 април 527 год. бил прогласен за август, со што станал коимператор на Јустин I. На 1 август 527 год. Јустин I умрел, со што Јустинијан на 44 годишна возраст станал единствен император на Источното Римско, односно Византиско царство.

Покрај Јустинијан мошне влијателна била и неговата сопруга Теодора со која се оженил во 525 год. и покрај нејзиното неугледно потекло. Таа со својата интелегенција успеала да се наметне речиси како совладетел на Јустинијан. Се смета дека била приврзаник на монофизитистите, како и дека влијаела на дел од законите што ги донел Јустинијан.

Во 548 год. Теодора умрела, а Јустинијан ја надживеал 17 години и умрел на 13 или 14 ноември 565 год.

Неговата смрт го означила крајот на периодот на благосостојба на Византија. Чумата што владеела во 541-543 година, како и постојаните напади од Персија на исток и од варварите од север и запад ја ослабнале империјата и довеле до нејзино постепено осиромашување и пад на популарноста.

Главен извор за историјата на Јустинијановото владеење се делата на Прокопиј, иако и хрониката на Јован Ефески содржи мноштво детали. Покрај официјалната историја, Прокопиј напишал и Тајна историја во која известува за различните скандали од дворот на Јустинијан I.

Воени активности[уреди]

Воените успеси и проширувањето на Византиската империја во времето на Јустинијан I во голема мера се заслуга на јустинијановиот најголем војсководител Велизариј. На 22 јуни 533 год. Јустинијан го испратил Велизариј со војска од околу 15-16 000 пешадијци и коњаници во Африка. По двете битки кои се одиграле во близина на Картагина (Ad Decimum, во септември и Tricamarun, во декември 533), како и заробувањето на вандалскиот крал Гелимер (пролетта 534 год.), Африка станала префектура во рамките на Византиската империја.

Византија во времето на Јустинијан I

Веднаш по успешното враќање на Африка во рамките на Империјата, во 535 год., со 9000 војска, Велизариј го започнува освојувањето на Италија. Со Сицилија загосподарил при крајот на 535 год., следната година го освоил Неапол и на 10 декември 536 год. влегол во Рим. Во есента или зимата 539-540 год. Велизариј ја опседнал Равена и во мај 540 год. го заробил Источно-готскиот владетел Витигес. Италија, која покасно станала префектура под команда на равенскиот егзарх, била вратена на Империјата.

Во походите кон север војската на Јустинијан стигнала до реките Сава и Дунав и околу 535 год. го реновирал Сингидунум (денешен Белград).

Во Шпанија Јустинијан ги освоил Андалузија и приморската област на југоисток од Западните Готи и организирал воено заповедништво.

Во 540 год., прекршувајки го "вечниот мир" од 522 год., Персијците ја нападнале Антиохија при што градот бил разорен, а жителите раселени. Иако Велизариј извојувал победа над Персијците во битката кај Еуфрат, сепак Јустинијан бил приморан да го обнови мирот со Персија (во 546, и повторно во 562), кој овој пат поскапо го чинел.

Во текот VI век Балканот бил на неколку наврати пустошен од Аварите, Словените и Кутригурите. Овие варварски упади дополнително ја оптоварувале Империјата и ја намалувале нејзината моќ.

Истовремено во западниот дел од Империјата се јавиле бунтови. Во Италија енергичниот Источно-Готски (Остроготски) крал Тотила меѓу 542 и 547 год. повторно го освоил речиси целиот полуостров. Велизаровиот наследник Нарзес, кому Јустинијан му ја доверил врховната команда над Италија успеал да го порази Тотила во 552 год. и на Византија да и ја врати опустошената и ослабена земја.

Јустинијаново право[уреди]

Јустинијан постигнал трајна слава преку законските реформи, особено преку комплетната ревизија на сите дотогашни римски закони. Збирката од Јустинијановото законодавство денес е позната како Корпус на граѓанското право (Лат. Corpus juris civilis). Се состои од Јустинијанов Кодекс, Дигеста, Институционес и Новели.

На почетокот на своето владеење, Јустинијан го назначил квесторот Трибонијан да ја надгледува оваа задача. Првиот нацрт на „Кодекс Јустинијанус“, кодификација на империјалните закони од II век до тогаш, бил издаден на 7. април 529. год. (конечната верзија излегла во 534). Потоа следеле „Дигеста“ - збирка од постари правни текстови во 533. и „Институционес“ - упатство кое ги опишува принципите на правото. „Новелите“ - збирка од нови закони донесени во времето на владеењето на Јустинијан, била продолжение на „Кодексот“. За разлика од останатите делови од Корпусот кои биле објавени на латински, „Новелите“ биле објавени на грчки.

Кодификацијата овозможила преживување на римското право. Таа ја формирала основата на подоцнежното Византиско право. Единствената западна провинција каде што било воведено Јустинијановото право била Италија[2], од каде потоа се пренело низ западна Европа во XII век и станало основа за современите европски правни системи.

Во негова чест, скопскиот Правен факултет го носи името Јустинијан I.

Религиозна политика[уреди]

Озаконување на христијанството[уреди]

Јустинијан бил еден од првите императори насликани со крст во раката на лицето на паричка.

Јустинијан, уште на почетокот на своето владеење, ја озаконил верата на Црквата во Светото Тројство и во Инкарнацијата, и ги предупредил сите еретици со соодветни казни[3]. Покрај тоа, ги издигнал на ниво на закони црковните канони од дотогашните 4 вселенски собори[4]. Тој ги осигурал и правата на свештенството и монаштвото. Тој им дозволил на монасите да добиваат годишни подароци од државата, дел од даноците на одредени провинции, и забранил конфискација на имотот на манастирските имоти.

Иако од денешен аспект карактерот на овие мерки изгледа деспотски, овие чекори и' овозможиле раст и развој на црквата.

Градба на Света Софија[уреди]

Богородица (заштитничката на Цариград) со Исус, со Јустинијан I и Константин Велики - Јустинијан им ја претставува црквата Св. Софија, а Константин градот Константинопол. Мозаик од 944год. во Св.Софија

Јустинијан ја пре-изградил црквата Света Софија во Константинопол која чинела 20 000 фунти злато[5], бидејќи претходната црква била разурната во Бунтот Ника во 532. Новата Света Софија, осветена на 27.12.537., со своите бројни капели и крипти, позлатената осмоаголна купола и прекрасните мозаици станала центар и најпретставителен симбол на источното христијанство.

Религиозни односи со Рим[уреди]

Од средината на V век, источните императори имале сè потешки односи со црквата. Од една страна, радикалите од сите страни се чувствувале отфрлени од каноните усвоени на советот во Калцедонија за одбрана на библијската доктрина за природата на Исус, и да го премостат јазот помеѓу догматски разделените страни - православни и монофизитисти. Од друга страна, на писмото од Папата Лав I до Флавијан од Константинопол се гледало како на ѓаволска работа, и никој не сакал ни да чуе за Римската црква.

Јустинијан сакал да ги надмине овие несогласувања. Тој ставил крај на поделбата околу монофизитизмот што постоела уште од 483. помеѓу Рим и Византија. Признавањето на Светата Столица во Рим како највисок црковен авторитет[6] останало основа на неговата политика кон Западот, иако тоа на многу на Истокот не им се допаѓало. Иако догматиците не биле подготвени на отстапки, неговите искрени напори за помирување помеѓу монофизитистите и православните, како и помеѓу истокот и западот му донеле признание и приврзаност од мнозинското црковно тело.

Потиснување на нехристијанските религии[уреди]

Јустинијан бил уверен дека единството на империјата подразбира и единство во верата, и сметал дека Православната - Никејска е единствена можна заедничка вера. „Кодексот“ содржел два статути[7] кои го забранувале паганството, дури и во приватниот живот. Овие одредби биле решително спроведувани. Современите извори Јован Малалас, Теофан, Јован од Ефес зборуваат за сурови прогони, дури и на луѓе на високи позиции.

Некои од чекорите кои Јустинијан ги презел за уништување на паганството биле затворањето на Неоплатоновата Академија во Атина, покрстувањето на 70 000 верници само во Мала Азија[8] , покрстувањето на Херулите, Хуните, Абасгите и Тсаните. Го забранил и обожувањето на Амун во Либиската пустина, како и на божицата Исис во Египет.

И Евреите и Самаританците страдале од прогони и сурови казни, но се покажале најупорни во сочувувањето на своите религии, и покрај бројните напори на Јустинијан да ги покрсти.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Јован Драгашевиќ - Југоисточно Полуострово, „Географија за Средње Школе“ 1871 Белград.
  2. Кункел В. (преведено од Ј.М. Кели) Вовед во Римската правна и уставна историја Оксфорд, Кларендон Прес, 1966; 168; англ.
  3. Cod., I., i. 5.
  4. Novellae, cxxxi.
  5. П. Хедер, Падот на Римската Империја: Нова историја на Рим и на Варварите, 283, англ.
  6. cf. Novellae, cxxxi.
  7. Cod., I., xi. 9 and 10.
  8. Ф. Нау, Преглед на источното христијанство, ii, 1897, 482., фр.

Надворешни врски[уреди]



Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Јустинијан I“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).