Тауресиум

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Тауресиум (лат. Taurisium) е древен антички и средновековен (римски и византиски) град чиишто остатоци и рушевини од ѕидините се наоѓаат на локалитетот "Градиште", над селото Таор, пред влезот во Таорската клисура, а на 20 километри оддалеченост југоисточно од градот Скопје. Овој древен град е претпоставеното родно место на познатиот византиски цар Јустинијан I (483 - 565), што научно се повеќе се потврдува во поново време.

Поглед на ископините во Тауресиум
Остатоци од ѕидини во Тауресиум

Откритија[уреди]

На ова археолошко наоѓалиште се регистрирани слоеви на три населби од различни историски периоди (енеолит, доцноантички и средновековен период).

Остатоци од ѕидини и столбови во Тауресиум

Доцноантичката тврдина припаѓа на категоријата кастели со триаголна основа на ѕидините, кули на аглите и еден челен бастион. Заедно со подѕидините и укрепените тераси таа опфаќа површина од 2,2 ха.

Надгробна плоча или друг вид на споменик во Тауресиум

На локалитетот се откриени остатоци од водовод, доцноантичка некропола, дел од мермерна биста и монети емитувани од владетелите помеѓу IV и VI. Во близина на месната црква се наоѓаат столбови од ранохристијанска базилика.

Истражувања[уреди]

Тауресиум

Местоположбата на археолошкиот локалитетот "Градиште" – с. Таор се наоѓа на 20 км југоисточно од Скопје. За прв пат е откриен пред повеќе од сто години од англискиот патеписец Артур Еванс, кој на местото на античкиот град Скупи го препознал се уште изгубениот град Јустинијана Прима, а во селото Таор – родното место на царот Јустинијан Први, Taurisium . Во историската хронологија овој локалитет се поврзува со големиот император Јустинијан Први, најмногу според податоците изнесени од неговиот биограф Прокопиј. Според историографот Прокопиј тој се родил во местото наречено Taurisium, во близина на кастелот наречен Baderiana. Населбата била разрушена во големиот земјотрес од 518 година, чиј епицентар бил на местото од денешно Скопје, во кој меѓу другите настрадало и античкото Скупи. Јустинијан Први за да му се оддолжи на своето родно место, го обновува и доградува. Во негова непосредна близина ја гради преубавата и волшебна Јустинијана Прима, како град-седиште на неговата архиепископија.

Проучувањата на теренот покажаа дека во Таор навистина постои тврдина, датирана од VI век, со 4 кули (тетрапиргија). Како што забележал Прокопиус, 6 км источно од Таор лежи крајпатен каструм крај селото Бадер со остатоци од IV-VI век. Можеби вистинското име му било Baderiana, која Procopius ја посочил како најблизок патоказ. Важно е да се забележи дека имињата на селата Таор и Бадер се од предсловенско потекло, што укажува на тоа дека можно е да биле изведени токму од Taurisium и Baderiana. Дури во 2000 година започнуваат систематските ископувања водени од страна на Музеј на град Скопје, а под раководство на археологот Киро Ристов.

Поштенска разгледница со археолошкиот локалитет Градиште, Таор

Првите истражувања на теренот евидентираа артефакти од раното бронзено време (кои се спорадични и без паралелен културен слој како контекст). Подоцна ќе биде откриен дел од бедемот кој ја обиколувал населбата. Вниманието досега го привлекуваат делови на две јавни градби, од кои поинтересна е втората, за која истражувачите сметаат дека претставува атриум. Атриумот наведува на помислата дека тука треба да се очекува постоење на поголем објект од јавен карактер. Ова зборува дека во периодот на доцната антика од IV-VI век, но и подоцна, населението на овие простори имало активен живот. За тоа сведочат големиот број на монети, накит, керамички садови, предмети од стакло за секојдневна употерба, остатоци од панцир, орудија, оружја и други атрефакти.

Надворешни врски[уреди]