Црква „Св. Спас“ - Скопје

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Спас
Skopje $ (60).JPG

Поглед на црквата Свети Спас

Македонска православна црква
Епархија Скопскa
Местоположба
Населено место Скопје
Општина Чаир
Држава Македонија
Општи информации
Покровител Исус Христос
Изградба XVIII век - XIX век (возобновена)
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Црквата Св. Спас е еден од најзначајните споменици на културата во Скопје. Таа се наоѓа источно од тврдината Кале. Црквата е споменик на културата, заштитен со закон, а во нејзе се врши богослужба и верски обреди само за нејзиниот патронен празник Спасовден.

Градба[уреди]

Поглед на источниот ѕид на црквата

Во дворот се влегува низ тешката и опкована дабова порта и во него доминира едноставниот камен саркофаг во кого се сместени посмртните остатоци на големиот македонски револуционер и борец за слобода Гоце Делчев (1872-1903). Црквата е тробродна, средниот брод е засводен, страничните се рамни и покриени со штици во коцки, додека во западниот дел е подигната галерија за жени. На јужниот зид, повисоко од денешното ниво на подот, во текот на поправката на црквата 1963-64 год., е откриен живопис од XVI-XVII век. И токму овој ѕид зборува за дел од историјата на оваа црква подигната во XVIII век. Во текот на XIX век црквата го добила својот дефинитивен изглед. Во 1824 год. бил довршен иконостасот, а во 1867 год. бил изработен дел од престолните икони. За изведување на иконостасот и иконите, свој придонес дале занаетчиските еснафи и трговци од Скопје.

Иконостас[уреди]

Црквата Св. Спас е особено значајна поради својата мошне убава уметничка резба во која е изработен иконостасот, владичкиот престол, проповедниците, певниците и постолјето за целивање на икони.

Поглед на црквата

Во архитектонски поглед иконостасот на Св. Спас му припаѓа на иконостаси на еден кат. Овој иконостас според своите уметнички квалитети спаѓа во редот на најубавите Мијачки копаничарски дела воопшто. Иконостасот е долг 10 метри и одговара на трите брода на црквата. Висок е 4,50 метри, додека во средниот дел каде што е поставен крстот со Распетието височината му изнесува 7 метри. Средниот дел е мапку вовлечен кон олтарот, а со тоа се нарушува рамнообразноста на иконостасот. На северниот и јужниот дел иконостасот се прекршува и продолжува по еден метар во должина од секоја страна, но со многу помала височина.

Според својата конструкција иконостасот се дели на пет хоризонтални појаси: постолје, галерија на престолни икони, архитрав, атика и акротерија. Резбата на конструкцијата е поинаква од оние делови што треба да ги исполнуваат рамните површини и празниот простор. Но, сите овие делови се поврзани со надолжни и попречни врски во дрворез и на тој начин се добива една конструктивна целина.

Внатрешноста на црквата

Мотивите на иконостасот, според сликарските прирачници, се позајмени од Светото писмо. Но, декоративниот елемент на разни сцени од Светото писмо не останал никогаш осамен, сето тоа е поврзано со лисја, цвеќиња, животни, и понекогаш со мотиви на геометриски орнаменти. Така, во сплетот на лисјата, цвеќињата, животните и геометриските орнаменти, е извајана Светата легенда со ликови од народот, понекогаш во мијачка народна облека. Такав е случајот со Соломеа во сцената Иродовата гозба, или пак случајот со Аврамовата жртва во Лозјето Господово. Богатството од разновидните мотиви и композиции од билниот и животинскиот свет, проткаено со геометриски орнаменти, работени во длабок релјеф и вплетени во композициите по текстот на Светото писмо, дава на показ богатство коешто сосема личи на кујунџиските изработки. Оттука, сето тоа прилега на огромна арабеска од тантела, каде што ни еден дел од ореовината не останал необработен; се трепери, и оддалеку делува мошне пријатно, извонредно.

Престолните икони, во најголем број, се работени заедно со иконостасот, и тоа го дознаваме од натписите што се наоѓаат на некои од нив. Две престолни икони се изработени 1867 година и на нив стои записот со името на дарителот и сликарот. Под престолните икони се наоѓа еден тенок корниз завиткан како јаже, кој ги разделува престолните икони од рељефно орнаментираниот долен фриз; тука се малите поли, малите „китабиња“. Нив ги има колку и престолните икони (десет). На нив ажурно се извајани разни сцени од Стариот и Новиот Завет, богато преплетени со лисја, цвеќиња и животни. Овој дел покрај ажурираните столбови и лунетите (архивилите) е најизрезбарениот дел на иконостасот.

Во годините кога тајфата на Петре Гарката го изработила иконостасот, таа ги изработила владичкиот престол, проповедницата, проскиниторот - постолјето за целивање на икони и двата аналоја - певниците. И на иконостасот и на погоре споменатите предмети главно владее барокниот стил. Но низ него помалку или повеќе се преплетуваат и други стилови. Со старите дрворезбарски творби на средновековната уметност, со позајмување на мотиви од готиката и ренесансната уметност, а потоа со натуралистички мотиви, композиции од рококо стилот и со мноштво мотиви од источната, Исламска уметност.

Така со спојувањето и преплетувањето на разните стилови, Мијаците создале единствен стил кој во првите години на својот развиток достигнал врв во копаничарската уметност. Иако релативно скромен по димензии, иконостасот импресионира со мајсторството на изведбата, со високиот уметнички квалитет и богатство на содржината, нешто што го става во редот на врвните достигнувања на копаничарската уметност.

Панорама на дворот на црквата „Св. Спас“

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Координати: Erioll world.svg 42°00′02.85″N, 21°26′08.63″E