Земјотрес

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Светска карта на епицентрите на земјотреси 1963–1998
Поместување на тектонските плочи во светот

Земјотрес или потрес е природна појава, којашто е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до потресување на земјата.[1]

Јачината на потресот зависи од повеќе фактори, како што се количината на ослободена енергија, длабочината на хипоцентарот, оддалеченоста од епицантарот и составот на земјината кора. Земјотресот се манифестира со потрес или дислокација на земјиното тло.

Јачината на земјотресот се изразува со помош на Меркали-Канкани-Сибергова скала, попозната како Меркалиева скала, којашто има 12 степени и се темели врз разорноста и последиците од земјотресот.

Постои и Рихтерова скала или скала на Рихтер, којашто има магнитут од 0 до 9 степени и се темели врз јачината (количината) на енергија што се ослободува при потресот.

Науката што се занимава со изучување на земјотреси се нарекува сеизмологија, но и покрај големиот напредок на технологијата и новите сознанија, и денес е многу тешко да се предвиди земјотресот и неговите последици. Направата со којашто се мери земјотресот се нарекува сеизмограф, а документот што останува се нарекува сеизмограм.

Постојат повеќе видови на земјотреси, меѓу кои најчести (90% од случаевите) се т.н. тектонски потреси, коишто воедно се и најсилни и најразрушувачки. Наречени се тектонски бидејќи настануваат при движењето и допирот на тектонските плочи. Постојат уште и вулкански земјотреси (7% од случаевите), коишто се послаби и настануваат при ерупција на вулкан, и земјотреси коишто настануваат при пропаѓање на земјиштето, т.н. одронски земјотреси (3% од случаевите).

Земјотресот со случува во внатрешноста на Земјата и тоа место се нарекува жариште. Точката во внатрешноста на Земјата кадешто настанува земјотресот се нарекува хипоцентар, а местото на површината на Земјата каде тој најсилно се чувствува е епицентар. Од епицентарот, трусните бранови продолжуваат да се движат во концентрични кругови, но со послаб интензитет. Според длабочината, хипоцентарот може да биде плиток (до 70 km длабочина), среден (од 70-300 km длабочина) и длабок (300-730 km длабочина).

Земјотресот се шири во бранови. Според брзината на ширење, се делат на лонгитудни или примарни и трансверзални или секундарни слики. Правецот на ширење на брановите може да биде вертикален или хоризонтален. Земјотресите се важен фактор во формирањето на релјефот на Земјата, но може да нанесат и катастрофални последици од материјална штета или човечки жртви.

Предели кои се најподложни на земјотреси се вулканските огнени прстени и областите околу младите верижни планини. Во Македонија најтрусно подрачје е Вардарската долина. Според статистиката, 8% од сите земјотреси во Европа се случуваат на територијата на Република Македонија.

Земјотреси во Македонија [уреди]

Територијата на Македонија е релативно трусно подрачје, а земјотресот од 1904 година во пехчевското епицентрално подрачје се смета за најсилен на Балканот. Измерена е јачина на земјотрес М=7,8 по Рихтерова скала, а почувствуван со 10 степени по Меркалиева скала. Во Македонија има триесетина епицентрални подрачја, а најсилни земјотреси се регистрирани во валандовското, скопското, дебарското и пехчевското подрачје.

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Скопски земјотрес 1963.

Oд поново време се памети земјотресот во Скопје. На 26 јули 1963 година во 05:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес почувствуван со 9 степени по меркалиевата скала и јачина М=6,1 по Рихтерова сеизмичка скала, а помали потреси имало до 05:43 часот. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1 070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани.Земјотресот е почувствуван во Скопје со интензитет од IV-V степени според Меркалиевата скала, IV степени во Кумановскиот регион, III степени во тетовскиот и велешкиот регион.

Наводи [уреди]

  1. Учебник по географија за трета година (гимназија); стр. 18 и 19

Надворешни врски [уреди]