Меркалиевата сеизмичка скала
Од Википедија
Ѓузепе Меркали(1850 - 1914 г.) е италијански научник кој креирал своја скала за мерење на интензитетот на земјотресите. Благодарејќи му нему и на американскиот сеизмолог Чарлс Рихтер, кој ја поставил Рихтеровата скала, можно е евидентирањето на посилните интензитети на земјотресите и без инструменти. Ова е значајно поради тоа што на овој начин земјотресите се проучуваат и евидентираат со векови и се приближуваме кон моментот кога нивното предвидување ќе биде можно.
Меркалиевата сеизмичка скала има 12 степени:
- 1 - Луѓето не чувствуваат никакво помрднување.
- 2 - Некои луѓе чувствуваат помрднување ако мируваат или се наоѓаат на повисоките спратови во зградите.
- 3 - Многу луѓе, ако се во затворен простор, чувствуваат треперење. Висечките објекти (пример, лустери) се нишаат. Луѓето на отворен простор не забележуваат ништо.
- 4 - Повеќето луѓе, ако се во затворен простор, чувствуваат помрднување. Висечките објекти се лулаат, ѕвечкаат чиниите, а прозорците и вратите чкрипат.
- 5 - Скоро сите го забележуваат помрднувањето, а оние што спиеле - се будат. Вратите се отвораат, садовите паѓаат, сликите на ѕидовите се лулаат. Малите предмети се помрднуваат или се превртуваат. Дрвјата може да се лулаат, течноста се прелева од отворените садови.
- 6 - Сите го чувствуваат потресот. Луѓето имаат проблеми со одењето. Предметите паѓаат од полиците, а сликите од ѕидовите. Мебелот се поместува, пука малтерот на ѕидовите, дрвјата се тресат. Се појавуваат мали оштетувања на лошо градените куќи. Нема структурно разорување.
- 7 - Луѓето имаат проблеми со стоењето, возачите чувствуваат дека возилата им се тресат. Некој мебел пука. Послабо прицврстените ќерамиди паѓаат од покривите. Оштетувањата кај квалитетните објекти се мали до средни, а значителни на постарите објекти.
- 8 - Возачите имаат проблеми со возењето, куќите се рушат, а високите структури како облакодерите и оџаците се лулаат и можат да се срушат. Добро изградените згради претрпуваат оштетувања. Стеблата се кршат, а нивото на водата во бунарите се менува.
- 9 - Добро градените објекти имаат сериозни оштетувања, а подземните цевки пукаат. Земјата напукнува. Резервоарите имаат тешки оштетувања.
- 10 - Повеќето куќи се оштетени, а некои мостови се рушат. Браните се тешко оштетени. Се појавуваат големи лизгања на земјиштето. Водата се прелева преку бреговите на реките, езерата и каналите. Железничките пруги се деформираат. Земјата пука на повеќе места.
- 11 - Повеќето куќи се рушат до темел. Некои мостови исто така се рушат и се појавуваат големи пукнатина на земјата. Железничките шини значително се извиткани.
- 12 - Скоро се е уништено. Објектите летаат во воздух. Земјата се движи во вид на бранови. Се помрднуваат големите карпи.