Големата депресија

Од Википедија, слободната енциклопедија
(Пренасочено од Големата криза)
Прејди на: содржини, барај


Слика на берачи на грав во Калифорнија, во средината е Флоренс Овен Томпсон, мајка на седум деца, стара 32 години во март 1936

Големата криза била драматичен светски економски пад којшто ги зафатил речиси сите западноевропски и северноамерикански држави. Почетокот на Големата криза се поврзува со падот на берзата во Њујорк на 29 октомври 1929 година, познат како Црн Вторник. Кризата имала уништувачки ефекти и во индустриските земји како и во оние кои извезувале суровини за нив. Меѓународната трговија стрмоглаво опаднала, како и личните примања, даночните приходи, цените и профитот. Големите градови низ целиот свет биле особено погодени, особено оние со развиена тешка индустрија. Градежништвото речиси запрело во многу земји. Земјоделството настрадало поради падот на цените на производите од 40%-60%. Соочувајќи се со опаѓачка побарувачка и без многу алтернативни извори на работа, областите на примарната индустрија (земјоделство, рударство, шумарство и сл.) настрадале исто така.

Големата криза завршила во различни земји во различно време: дното на кризата било во раните 1930-ти, а опоравувањето почнало да се чувствува после 1935, а некаде и подоцна. Во многу земји биле развиени државни програми за помош, а речиси во сите земји настанале политички пресврти како резултат на општото незадоволство. Очајните граѓани често се свртувале кон радикалните политички опции - леви или десни, и национални демагози како што биле Адолф Хитлер во Германија и Бенито Мусолини во Италија, што било и вовед во Втората светска војна во 1939.

Надолна спирала[уреди]

Големата криза не била ненадеен целосен колапс. Берзата почнала да расте во почетокот на 1930, враќајќи се на нивоа од 1929 веќе во април. Збирно, владата и бизнисот потрошиле повеќе отколку во претходната 1929 година. Но потрошувачите, од кои многумина доживеале големи загуби на берзата претходната година, ја намалиле потрошувачката вкупно за 10%, а дополнително и суровата суша ги уништила земјоделските области во САД во летото 1930.

Во раните 1930-ти кредитите биле достапни по ниски каматни стапки, но луѓето се воздржувале од дополнително задолжување. До мај 1930 продажбата на автомобили опаднала под нивото од 1928. Цените општо почнале да паѓаат, но платите останале исти до крајот на 1930, а потоа и тие почнале да паѓаат во 1931. Условите биле најлоши во земјоделството, рударството и шумарството, бидејќи цените на суровините паднале, а немало друга работа за вработените во овие индустрии и региони. Падот на економијата на САД бил моторот кој ги повлекол и повеќето други земји, за потоа внатрешните предности или слабости на секоја национална економија да ги направат условите подобри или полоши. Несмасните обиди преку царини и даноци да се ограничи увозот за да се стимулира домашната економија, и реципрочните мерки од спротивните страни, довеле до загушување на глобалната трговија. До доцната 1930-та започнал континуиран пад кој го достигнал дното во март 1933.

Причини за кризата[уреди]

Деловните циклуси се сметаат за нормална појава во светот на нееднаков баланс помеѓу понудата и побарувачката. Но, она што ја претвара краткотрајната „вообичаена“ рецесија во голема криза е предмет на научни дебати. За науката е најважно, како такви големи кризи да се избегнат во иднина.

Постојните теории главно можат да се поделат на три гледишта:

1. Класичното гледиште на монетаризмот, австриските и неокласичните економисти кои ги гледаат причините во снабдувањето со пари и со злато кое било покритие за парите во тоа време.

2. Постојат структурни теории, најпозната е кејнзијанската, но и од некои институционални економисти, кои укажуваат на премалата потрошувачка и прекумерните инвестиции, како и недостигот на доверба во системот кој би довел до балансирање на потрошувачката со инестициите (понудата).

3. Марксистичката критика на политичката економија ги потенцира контрадикциите во самиот капитал, кои се манифестираат преку небалансирана динамика на акумулација, која мора да кулминира со прекумерна акумулација, и следствено, со периодични кризи на девалуација.

Генерално, може да се каже дека постоеле повеќе причини за кризата, како структурни слабости така и конкретни настани кои ја претвориле во голема криза.

Долг[уреди]

Современите макроекономисти сметаат дека дефлацијата на долговите е изворот на Големата криза. Во 1920-тите американските потрошувачи и фирми зависеле од евтиното кредитирање, првите за да купат автомобили и мебел, а вторите за капитални инвестиции за зголемување на производството. Ова го поттикнало краткорочниот раст, но создало долгови. Потрошувачите и фирмите кои биле многу задолжени кога цените паднале или побарувачката се намалила ризикувале банкрот. Како што паѓале нарачките и побарувачката, фирмите пропаѓале.

Настанале масовни отпуштања од работа, кои резултирале во невработеност над 25%. Банките кои финансирале многу од овие долгови, почнале да пропаѓаат бидејќи должниците банкротирале, а вложувачите масовно си ги повлекувале долговите. Државните гаранции и регулативите на централната банка биле недоволни да ги спечат овие појави на паника. Пропаста на банките довела до губење на милијарди долари имот.

Задолженоста станала и уште потешка, бидејќи цените и приходите паднале 20%-50%, а долговите останале номинално исти. После паниката од 1929.,и во првите 10 месеци од 1930., пропаднале 744 банки. Се' на се', 9000 банки пропаднале во текот на 1930-тите. До 1933, 140 милијарди долари депозити биле изгубени во пропаднатите банки. Преостанатите банки пак, станале уште построги во одобрувањето на заеми, што ја направило ситуацијата уште полоша.

Пад на светската трговија[уреди]

Многу економисти се согласуваат дека остриот пад на меѓународната трговија после 1930 помогнал да се зголеми кризата, особено за земјите зависни од меѓународна размена. Еден од главните фактори во забавувањето на трговијата во САД бил Законот за тарифи на Смут-Хаули, кој ги зголемил царините на увозните производи на 50%. Во апсолутни вредности, извозот на САД паднал од 5,2 милијарди долари во 1929 на 1,7 милијарди во 1933, но цените исто така паднале, така што физичкиот обем на извозот паднал „само“ за 50%. Најсилно погодени биле земјоделските производи како пченица, памук, тутун и дрво. Падот на овој извоз предизвикал банкрот кај многу американски земјоделци, и за возврат и пропаст на малите рурални банки кои ги финансирале.

Централната банка и паричниот тек[уреди]

Монетаристите, вклучувајќи го Милтон Фридман, сметаат дека Големата криза била предизвикана од недоволен паричен тек, кој бил последица на слабо раководење од страна на централната банка и од континуираната криза во банкарскиот систем. Со неинтервернирањето, централната банка дозволила паричниот тек да се намали за една третина од 1930 до 1931. Фридман сметал дека доколку централната банка им дадела итни заеми на поголемите банки пред да пропаднат, или ако пуштела повеќе пари во оптек преку купување на обврзници, ликвидноста би се подобрила и сите други банки немало да пропаднат.

Една од причините што централната банка не реагирала за да го спречи намалувањето на парите во оптек била регулативата. Во тоа време, износот на кредит што централната банка смеела да го издаде бил поврзан со делумно покривање со златни резерви. До доцните 1920-ти, централната банка речиси го имала достигнато лимитот на кредит што можела да го издаде.

Австриски објаснувања[уреди]

Австриските теоретичари (Хајек, Ротбард и др.) сметаат дека преголемиот паричен тек во текот на повоените 1920-ти предизвикал неодржлив кредитен „бум“ и за тоа ја обвинуваат централаната банка на САД. Дури, Хајек, фон Мисес и др., во 1929 год. ја предвиделе рецесијата.

Големите фирми[уреди]

Франклин Рузвелт кој бил избран за претседател на САД во 1932, најмногу ги обвинувал големите фирми за предизвикување на нестабилна економија. Демократите верувале дека големиот бизнис имал преголема моќ и дека со регулирање на економијата преку зголемување на корпоративните даноци и подобрување на положбата на работниците и земјоделците кризата може да се надмине. Голем дел од овие регулативи траеле до 1970-тите и 1980-тите кога се конечно укинати.

Недостиг на јавна потрошувачка[уреди]

Многу економисти се согласуваат дека во услови на криза, државата треба да ја зголеми јавната потрошувачка и да ги намали даноците, и со тоа да обезбеди повеќе работа и поголема вкупна потрошувачка што пак за возврат ќе им даде импулс на фирмите за нов инвестициски циклус.

Но, во САД во текот на кризата, дури во 1933 државата ја зголемила потрошувачката, но бавно и недоволно.

Нееднаквост помеѓу богатството и приходите[уреди]

Некои економисти веруваат дека поради ниските плати, работниците не биле во можност да го трошат богатството што го создавале, особено со растот на продуктивноста. Со тоа се создале огромни акумулации на богатство кај малкумина. Но, со ограничувањето на потрошувачката моќ на масите, богатите си оневозможиле побарувачка каква што им била потребна за понатамошен раст на нивниот бизнис кој би оправдал понатамошни инвестиции. Како последица на тоа, задолженоста станувала се' поголема, се' додека не станала критична и предизвикала криза.

Протест на невработени во Торонто, Канада

Последици од кризата[уреди]

Австралија, Канада и Германија, кои во тоа време биле во голема мера зависни од земјоделството биле помеѓу најтешко погодените од кризата. Невработеноста надминувала 30%, а индустриското производство опаднало за 40%. Незадоволството во Германија и во Италија довело до појавата на екстремни политички опции, и конечно, до доаѓање на власт на нацистите.

Во некои земји, кои имале комплексен економски систем кој не зависел од меѓународните услови во голема мера, последиците од кризата биле помали, како на пример во Франција и Советскиот Сојуз.

Последици во политичката економија[уреди]

После Големата криза, конечно е напуштена класичната економско-либерална философија, која Рузвелт во САД ја заменил со кејнезијански политики. Кризата била и главна причина за воведувањето на социјална демократија и планска економија во европските земји по Втората Светска Војна (Маршалов план). Во 1974 година Нобеловата награда за економија му е доделена на Фридрих Хајек, австрискиот економист кој ги утврдил причините и ја предвидел кризата од 1929.[1]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]