Свети Димитриј Солунски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Свети Димитриј Солунски
Мозаик од 12 век, насликан Свети Димитриј во катедралата Свети Михаил во Киев
Великомаченик
Роден(а) 270,
Умрел(а) 306 (на 35–36 г.)
Почитуван(а) во Православие
Римокатоличка црква
Главно светилиште Солун, Македонија
Слава 26 октомври
8 ноември
Особини облечен како римски војник, обично носи копје, често седи на црвен коњ
Заштитништво празник на Солун, Грција
празник на војниците
празник на Крстоносците, според Римокатоличката традиција

Свети Димитриј Солунски бил христијански маченик за кој се смета дека живеел во Солун во почетокот на 4. век. Во средновековието станал еден од најславените „воени“ светители, и често се поврзува со Св. Георгиј. Неговиот ден се празнува на 8. ноември (26 октомври по стариот календар), и уште е познат како Митровден.

Живот[уреди]

Најстарите записи за животот на Св. Димитриј доаѓаат од 9. век, иако има слики за неговите чуда уште од 7. век.

Овој славен и чудотворен светител се родил во Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители, Димитриј бил син единец, така што бил воспитан со големо внимание. Татко му бил војвода солунски и кога умрел, Димитриј бил поставен за војвода, наместо неговиот татко. Кога го поставил за војвода, царот Максимијан особено му препорачал да ги гони и истребува христијаните во Солун. Но, Димитриј не само што не го послушал царот туку напротив, јавно го проповедал христијанството во Солун. Кога слушнал за тоа, царот Максимијан многу се огорчил и еднаш, враќајќи се од војна, дошол во Солун за да ја испита оваа работа. Тој го повикал војводата Димитриј и го испитувал за верата. Димитриј, јавно пред царот, признал дека е христијанин и го изобличил идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрлил Димитриј во затвор.[1]

Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачил сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отишол во затворот весел, зашто му претстоело страдање во името на Господ. Во затворот, нему му се јавил ангел и му рекол: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена, царот испратил војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го нашле Димитриј во молитва и го избодиле со копјата. Неговото тело тајно го презеле христијаните и чесно го погребале. Преданието вели дека од неговото тело потекло исцелително миро, со коешто многу болни се излечиле. Наскоро, над моштите на св. Димитриј била подигната малечка црква. Еднаш, некој илирски војник, Леонтиј, бил болен од неизлечлива болест, но со помош на моштите на Св. Димитриј и со молитва целосно оздравел. Од благодарност, тој му подигнал на Св. Димитриј многу поголема црква, а светителот му се јавил двапати.

Подоцна, кога царот Јулијан сакал да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнале пламени искри и се чул глас: „Застанете и не гибајте!“ И така, моштите на Св. Димитриј останале засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун, Св. Димитриј се јавувал многупати,спасувајќи го градот од големи неволји. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоиле и го присоединиле кон Русија во 1581 година.

Култот на св. Димитрија се негува на целиот Балкански полуостров, вклучувајќи ја и Македонија, каде голем број цркви се посветени токму на Св. Димитриј. Во 2010 година, св. Димитриј бил прогласен за патрон на селото Зрновци, а во ноември 2014 година, на плоштадот во селото бил поставен негов споменик, направен од бронза, со височина од два метри и со тежина од 250 килограми.[2]

Наводи[уреди]

  1. „Митровден ги собира најблиските дома“, Дневник, година XVIII, број 5612, сабота-недела, 8-9 ноември 2014, стр. 28.
  2. „Во Зрновци осветен споменик на свети Димитрија“, Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 17.

Видете исто така[уреди]

Надворешни врски[уреди]