Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ - Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Рождество на Пресвета Богородица
Sv.Bogorodica-Skopje-MKD.jpg

Поглед на црквата Рождество на Пресвета Богородица во Скопје

Македонска православна црква
Епархија Скопскa
Местоположба
Населено место Скопје
Општина Центар
Држава Македонија
Општи информации
Покровител Пресвета Богородица
Изградба 1204, 1835, 2008 (возобновена)
Осветување 1 мај 1835, 31 јануари 2008
Ктитор Добромир Хрс, Трифун Костовски
Запалена 1944 (од бугарската фашистичка окупаторска војска)
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Рождество на Пресвета Богородица (позната и како Света Богородица, Пресвета Богородица Троерачица) е македонски православен христијански црковен храм кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. Црквата се наоѓа во познатото Пајко Маало на самиот кеј од левата страна на реката Вардар. Во минатото, во периодот од 1835 се до спалувањето до бугарската фашистичка војска во 1944, црквата била соборен храм на градот Скопје и седиште на Скопската епархија (митрополија)[1]. Патрониот светец на црквата, Пресвета Богородица, е заштитничка на градот Скопје.

Историја[уреди]

Црквата во почетокот на XX век

Најпрвин црквата „Света Богородица“ како соборен храм и заштитник на градот Скопје била изградена во 1204 година од страна на македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс[2]. Изградбата била довршена во 1214 година од неговиот син Стрез (Срез). Оваа црква постоела се до 1688[3], една година пред Карпошевото востание и спалувањето на Скопје од австрискиот генерал Пиколомини, кога е срушена од Турците.

По долги години, на почетокот на XIX-от век, повторно започнала изградбата на црквата посветена на заштитничката на Скопје. Според скопскиот трговец Хаџи-Коста, неимарите и копаничарите започнале со работа уште во 1809 година, а по 10 години чекање на одобрението за изградба од страна на султанот во Цариград, црквата била свечено осветена на 1 мај 1835 година[4]. Според записите на Васил К'нчов одобрението за градба стигнало во 1834 година[5]. Изградбата и иконостасот ја извршиле прочуените дебарски мајстори и копаничари, односно тајфите на Рензовци-Зографски во поголем и Фрчковски во помал дел[6]. Во периодот од 1848-1857 во оваа црква на повик на скопските граѓани, училиште на македонски народен јазик отвора и го води македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот. Тој стекнува голема почит и популарност меѓу граѓаните, а во дворот на црквата ги одржува првите претстави и драмски обиди на учениците, напишани од него самиот.

Внатрешност на црквата

Кон крајот на Втората светска војна во 1944 година, црквата со своите непроценливо богати исконостас и живопис, била запалена од страна на бугарската фашистичка окупаторска војска[7]. Комунистичката власт во тогашна СР Македонија во рамките на СФРЈ не започнала обнова на храмот, така што тој бил целосно срушен во скопскиот земјотрес од 1963 година.

Со стекнувањето на независноста на Македонија, повторно започнуваат иницијативите за обнова на црквата. На почетокот на 1995 година, група на главно постари граѓани (пензионери) на Скопје основаат и регистрираат здружение на граѓани за обнова на црквата, при што истата година успеваат да го обезбедат поседовниот лист и да издејствуваат изграбата на црквата да влезе во ДУП на Скопје[8]. Во следните неколку години тие успеаваат со самопридонес да изградат мал храм во близина на темелите на некогашната црква. Во 2004 познатиот скопскиот бизнисмен и поранешен градоначалник Трифун Костовски активно се вклучува во обновата на црквата. Благодарение на неговото ангажирање и финансиските средства, изграбдата започнува во 2005, а завршува со осветувањето на црквата на празникот Св. Атанасиј на 31 јануари 2008 година[9]. Црквата е обновена во истиот изглед и архитектура како што ја имала во минатото.

Наводи[уреди]

  1. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.13
  2. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.7
  3. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.7
  4. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.17
  5. Исто
  6. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.18
  7. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.20
  8. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 год., стр.89-90
  9. http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=89175