Народноослободителна борба во Вардарска Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ова е статија за Народноослободителна борба во Вардарска Македонија. За Народноослободителна борба на македонскиот народ во сите три дела на Македонија, видете Македонија во Втората светска војна.
Народноослободителна борба на Македонија
Дел од Македонија во Втората светска војна

Македонски партизански единици го ослободуваат градот Битола.
Датум 11 октомври 1941 – 23 ноември 1944
Место Вардарска Македонија
Исход формирање на НР Македонија како дел од СФР Југославија
Територијални
промени
Вардарска бановина се формирала како НР Македонија
Завојувани страни
Сојузници:

People's Liberation Army of Macedonia Народноослободителна Војска на Македонија
Народно Ослободителен Фронт
Народноослободителна војска на Југославија


Бугарија (од септември 1944)

Троен пакт:

 Трет Рајх
 Италија
Царство Бугарија (до септември 1944)
Албанија Балисти


Фашистички созузници:

Четници[1]

Команданти и водачи
Јосип Броз Тито
Светозар Вукмановиќ - Темпо
Михајло Апостолски
Методија Андонов - Ченто
Методија Шаторов - Шарло
Трет Рајх Адолф Хитлер
Кралство Италија Бенито Мусолини
Кралство Бугарија Богдан Филов
Албанија Џемаил Хасани
Албанија Мефаил Зајази

Дража Михаиловиќ
Стојан Крстиќ
Коста Пеќенец

Сила
66,000 (кон крајот 1944)[2] ~60,000 (1944)

~8,000 Четници

Жртви и загуби
6,724 мртви
Вкупен број на жртви: 24,000

Според националост:
(7,000 Евреи, 6,724 Македонци, 6,000 Срби, 4,000 Албанци)

Според припадност:
(2,000 цивили, 1,000 квинслизи, 14,000 југословенски партизани и југословенски војници, 7,000 жртви во концентрациони логори)

Други:
(1,000 Бугари, Власи, Роми и Турци)[3]

Народноослободителната борба (НОБ) на Вардарска Македонија е вообичаениот термин за борбата за ослободување на Вардарска Македонија од окупаторските сили во текот на Втората светска војна. НОБ започна на 11 октомври 1941 година, со нападот врз бугарската полициска станица во Прилеп („участокот“, сега Меморијален музеј „11 Октомври“), а заврши со ослободувањето на Тетово на 19 ноември 1944 година.

Окупација[уреди | уреди извор]

На 6 април 1941 г. Германија и Италија ја нападнале кралска Југославија, која била поразена за десет дена. Бугарија не учествува во воените дејствиjа. Германците на 18 април ја поканиле Бугарија да ја преземе контролата врз дел од територијата на Вардарската Бановина. Уште пред нивното влегување во Вардарска Македонија, власта во поголемите градови е преземена од Бугарските акциони комитети.

Комитетите организираат свечени дочеци на бугарската војска, коja навлегува во Кралството Југославија на 19 април 1941 година.[4][5] Секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ, Методија Шаторов - Шарло, ја издига паролата за создавање на национален фронт со сите противници на големосрпскиот режим, а Покраинскиот комитет доброволно се приклучил кон Бугарската работничка партија (комунисти). 12,000 македонски воени заробеници биле ослободени со помошта на комитетите. Под нивниот притисок започнува протерување на српските колонисти од регионот.

На 19 април 1941 година, при навлегувањето на бугарските единици во Струмица, Месниот комитет на КПЈ и Клубот на есперантистите организирале масовни демонстрации со учество на неколку илјади граѓани. Пред седиштето на есперантите се собрало маса граѓани и во поворка тргнале по улиците на Струмица. Носејќи ја картата на Македонија ги извикувале паролите Македонија на Македонците, Да живее слободна Македонија, Долу шпиони.[6]

На 1 мај 1941 г. во центарот на Скопје, на таканаречената дивизиска зграда, било истакнато македонско црвено знаме.

Во текот на мај 1941 г. месните комитети на КПЈ во Прилеп, Битола, Скопје и во други градови организирале ослободување на видни патриоти од затворите, ги отворале државните магацини од кои стоката ја криеле во скривниците, се организирало криење на војници и на офицери од кралската југословенска војска, како и на македонски патриоти за да не одат во заробеништво.

Политика на бугарската влада во Македонија[уреди | уреди извор]

Група бугарски полицајци позираат пред исечени глави на македонски партизани во прилепско во 1942 година.

Со потпишувањето на Спогодбата Кладиус - Попов бугарската влада се обврзала да обезбеди работна сила за рудниците во Македонија, кои биле под управа на Германците. За тие потреби било ангажирано месното население. Само во 1942 г. во 700 македонски претпријатија, кои работеле за германски потреби, на присилна работа биле ангажирани 14.000 луѓе.

Освен во месните претпријатија се вршела интернација на македонското население во Германија, Италија и во Бугарија, и тоа по групи (работни дружини). Во Германија и Италија биле упатени 19.000 луѓе, а во Бугарија 25.000, па со наведениве 14.000 ангажирани во македонските претпријатија, вкупно 58.000 лица од Македонија биле во интернација.

Покрај интернацијата, бугарската окупаторска власт вршела масовни иселувања на населението. Почнала со иселувањето на Србите колонизирани од 1918 г., а до декември 1941 г. иселиле 26.451 Србин, со цел да се создаде чиста бугарска етничка територија. По различни основи само до март 1942 г. од Македонија иселила 56.000 лица.

На почетокот на војната, односно од април 1941 г. до средината на 1943 г., во Вардарскиот дел на Македонија биле ангажирани Петтата бугарска армија во состав од две дивизии и бројна жандармериска сила, една италијанска дивизија, еден германски полк и бројни балистички, квислингшки и колаборационистички сили.

Во 1943 година во Вардарскиот дел на Македонија, Бугарија испратила уште 1 дивизија (17.) и 2 полка од 29. дивизија, 2 баталјона за обезбедување на железничко-патните правци и бројна жандармерија. Вкупно, во Вардарскиот дел на Македонија, во 1944 г. имало околу четири бугарски дивизии. По капитулацијата на Италија пристигнале две германски дивизии и се зголемиле балистичките сили на околу 15.000 луѓе. Во Егејскиот дел на Македонија бугарската влада ангажирала четири дивизии, а Германците испратиле уште 2 дивизии.

Вкупно, на етничката територија на Македонија во втората половина на 1943 г. и во текот на 1944 г., биле ангажирани 8 бугарски, 4 германски и 1 балистичка дивизија и повеќе самостојни и специјални бугарски, германски, квислингшки и колаборационистички сили.

Први воени судири[уреди | уреди извор]

Зградата во Скопје во која е донесена одлуката за вооружено востание во Македонија 1941 година.
Оперативни зони на НОВ и ПОМ во 1943 година

Во септември 1941 почнале и првите оружени судири со бугарската војска кај тунелот Богомила, на железничката линија ВелесПрилеп и на Водно кај Скопје. Во мај ПК на КП во Македонија формирал Воена комисија за забрзување на подготовките за оружено востание, а во септември Покраински воен штаб за раководење на оружените акции. Во август бил формиран и првиот Скопски партизански одред.

Востание во вардарскиот дел на Македонија во 1941 година[уреди | уреди извор]

Со нападот на Прилепскиот НОПО на бугарскиот полициски участок и други објекти во Прилеп, 11 октомври 1941, бил означен почетокот на востанието против фашистичките окупатори (бугарски, германски и италијанско-албански).

Развој[уреди | уреди извор]

На Јануарското советување (Скопје, 1942) била направена анализа на состојбата во Македонија по борбените акции на првите партизански одреди и било договорено натамошното водење на оружената борба. По обновувањето на постојните и формирањето нови одреди (вкупноусвоени одлуки за создавање покрупни воени единици, за формирање органи на народната власт, за започ- нување подготовки за свикување на АСНОМ и издавање Манифест до македонскиот народ за крајната цел на НОБ.

Разгор[уреди | уреди извор]

На планината Славеј била формирана првата воена единица НО баталјон „Мирче Ацев“. По капитулацијата на Италија биле проширени слободните територии. Во Западниот дел на Македонија слободната територија се простирала меѓу Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Преспа, со првите слободни градови Кичево и Дебар.

Слободни територии во НОВ во Македонија[уреди | уреди извор]

На слободната територија се поставувале основите на идната македонска држава - биле отворени првите училишта, биле формирани судови што ги решавале споровите меѓу селаните и селата, се одржал првиот свештенич ки собир на македонските првосвештеници и сл.

Народноослободителната војска[уреди | уреди извор]

Создавање на партизанскиот баталјон Мирче Ацев во 1943 година.
Знаме на Првата македонска бригада.

Во Прогласот на ПК КПЈ за Македонија од 15 февруари 1943 г., се истакнува: Создавајте ја својата македонска народноослободителна војска.

Група партизани во пролетта 1944 година

Во Прогласот на ЦК КПМ од јуни 1943 г. пишува: Создавајте ја македонската народноослободителна војска. Во Прогласот на Поверенството на ЦК КПЈ од август 1943 г. се вели: Народот, селаните, работниците, граѓаните, младината, обединети во народноослободителниот фронт и во своја македонска народноослободителна војска. Во Приговорот на АНОК јасно се истакнува дека обединувањето на Македонија може да се изврши само во една балканска федерација, а не во Југославија.

Партизанскиот облик на вооружена борба преовладувал до средината на 1943 г., кога биле формирани поголеми воени формации кои имале маневарски карактер, а сепак организациски биле хомогени и неспоредливо поквалитетни од партизанските одреди.

Примената на комбиниран облик на вооружена борба почнала во втората половина на 1943 г. Тоа се поклопува со формирањето на првите крупни маневарски единици баталјони и бригади на македонската војска. Силни удари по комуникациите и упориштата на противникот при извлекувањето на германската група армии Е од Грција кон север; разбивање, отсекување, обиколување и уништување на посилни непријателски формации.

Политичка борба за независност[уреди | уреди извор]

Цветко Узуновски
Методија Андонов - Ченто

На 6 мај 1944 г. на заедничкиот состанок на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ била избрана тричлена делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Мане Чучков и Кирил Петрушев со задача: Да го испита, со врховното тело на Федеративна Југославија, во согласност со меѓународната положба, главниот проблем на македонската борба - прашањето за целосно обединета Македонија.

На 24 јуни 1944 г. на островот Вис се одржал состанок на македонската делегација со највисокото воено и политичко раководство на Националниот комитет за ослободување на Југославија, предводено од Тито. По барањето на македонската делегација бил заземен единствен став дека: Македонскиот народ ја искажува својата историска желба за обединување на сите негови делови, дека тоа е негово национално право" и дека „тој стремеж останува како негово трајно барање.

На Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 г. присуствувале делегати од трите делови на Македонија, што ја симболизирало волјата на македонскиот народ да се најде цел, слободен и обединет.

Во Манифестот на АСНОМ била прокламирана пред цел свет полна национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава, и дека првпат по Самуил македонскиот народ создава своја сопствена национална држава.

Задоволствата со донесените одлуки на АСНОМ, политичкото и военото раководство јавно ги манифестирало и ги упатувало до целиот македонски народ. ЦК на КПМ во својот проглас од 4 август 1944 г. изјавил дека "македонскиот народ во тригодишната војна оствари национално единство, создаде своја војска" и "ги удри темелите на Федерална Македонија", како и тоа дека "со учество на целокупниот македонски народ во борбата против фашистичките окупатори во Југославија, во Бугарија и во Грција ќе оствари и обединување на сите краишта на Македонија, разделена од страна на балканските империјалисти, особено кога големите сили, Британија, Советскиот Сојуз и САД, со Атлантската повелба и Договорот во Техеран му го гарантирале правото на самоопределување, стекнато со борбата против германските окупатори и нивните слуги".

На македонскиот народ јавно му се ветувало дека неговото обединување ќе било поддржано од сите останати народи на Југославија, на АВНОЈ и на народно-ослободителната војска на Југославија.

Покрај жртвите и загубите кои македонскиот народ ги имал во Грчко-италијанската војна, односно во Егејскиот дел на Македонија, на 5.11.1940 г. во бомбардирањето на Битола имало жртви и материјални штети и во Вардарскиот дел на Македонија. Всушност, тоа биле првите жртви предизвикани од фашистичките бомбардирања на територијата на Кралска Југославија.

Во тој период македонската војска ги презела најзначајните операции: офанзивата на Караџова, Февруарскиот поход, Пролетната офанзива и завршните операции за ослободување на Македонија. Во средината на 1944 г. македонската војска успеала за неколку седмици да го одложи повлекувањето на Германската група армии Е кон Белград и да ја принуди германската команда повлекувањето да го изврши преку Косово и албанските планини, при што дел од тешкото оружје Германците морале сами да го уништат.

Само низ скопскиот затвор "Идризово" во текот на окупацијата минале 8.000 затвореници, од кои 500 жени. Поради непокорноста македонското население било упатувано во разни фашистички концентрациони логори. На почетокот на 1941 г. ги упатувале во концентрациониот логор "Гонда вода" во Бугарија. Таму биле депортирани околу 1.130 Македонци. Во логорот "Св. Никола" ги депортирале жените. Од 1.450 жени депортирани од Југославија најголем број биле Македонки.

Општо востание[уреди | уреди извор]

Формирање на батаљонот „Мирче Ацев“, 22 август 1943 година, на Славеј Планина.
Борци од батаљонот „Стив Наумов“, формиран во ноември 1943 година во Горна Преспа, Егејска Македонија.
Формирање на Шарпланински партизански одред, октомври 1942 година, на Шар Планина.
Штабот на батаљонот „Орце Николов“, формиран на 1 декември 1943 година во село Пелинце, Кумановско
Февруари 1944 година, манастир Прохор Пчински, дел од присутните на воено-партиското советување организирано на 27 и 28 февруари 1944 година од ЦК КПМ за натамошното проширување и заедничко дејствување на партизанските единици од Македонија и Србија

Во март 1943 година доаѓа до реорганизација на политичкото и воено раководство при Главниот штаб на Народноослободителните партизански одреди на Македонија (ГШ на НОПОМ) се проширува и преименува во Главен Штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОВ и ПОМ), а територијата на Македонија во 5 оперативни зони ја контролираат околински и обласни комитети со воени штабови. Тоа доведува до формирање на првите единици на Народнослободителната војска на Македонија, а како прва поголема воена единица е баталјонот “Мирче Ацев “, формиран на 18 август 1943 година. Овој ден се смета за Ден на создавањето на организирана македонска војска и како таков е прифатен и за Ден на Армијата на Република Македонија.

Тиквешијата (Кавадарци и Неготино), Гевгелија, Велес и дел од Мариово беа во Третата оперативна зона.Во оваа зона ЦК на КПЈ и на Македонија, одлучиле да се формираат два партизански одреда, еден Тиквешки и еден Гевгелиски. На 14 мај 1943 година во месноста Вишешница на планината Рудина над Полошкиот манастир под с. Правадник е формиран Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов“. Истовремено на Кожуф Планина, кај Полана е формиран партизанскиот одред „Сава Михајлов“ - Гевгелиски. Двата одреда од 25 мај дејствуваат заеднички.

На 14 и 18 мај одредот "Добри Даскалов" е во Ресава, Гарниково и Бојанчиште, каде се судрува со фашистичката бугарска полиција и војска. Со оваа акција на одредот, јавно се огласи повторно востанието во Македонија. Летото одредите се во Егејска Македонија, во реонот на Кајмакчалан. Во средината на септември тука доаѓа ПО "Гоце Делчев", викан Битолско-прилепски. Со тоа силите на НОВ и ПОМ се зголемени. Од тие причини, ГШ на НОВ и ПОМ, донесува одлука на Третата оперативна зона да се формира баталјон, во кој влегуваат, одредите "Добри Даскалов", "Сава Михајлов" и "Гоце Делчев". Формирањето е на 24 септември 1943 година кај Влашките колиби на Кајмакчалан во јачина од 125 борци од кои девет младинки. Одредите стануваат 1, 2 и 3 чета.

На 30 октомври е формиран Вториот баталјон на Третата оперативна зона со 113 борци. За командант е назначен Тихомир Милошевски, заменик, Пандил Николовски, политички комесар Коле Тодоровски, заменик политички комесар Киро Спанџов - Коста. Националниот состав на Вториот баталјон бил: 31 Македонец, 28 Италијанци, осуммина Словенци, 29 Срби, осум Бугари, тројца Турци, а другите биле работници од пиротскиот крај. На 18 декември 1943 година од заробените и доброволно дојдени бугарски војници од караулите Конско, Лукар и други во село Фуштани, Егејска Македонија бил формиран бугарскиот баталјон „Христо Ботев“. Фактички тоа бил Третиот баталјон на Третата оперативна зона. За командант бил поставен поручникот од каруалата Конско, Дичо Петров, заменик Никола Пеев Груев, политички комесар Ристо Бајалски - Савата, и заменик политички комесар Мито Мицајков - Слободан.

На 20 декември 1943 година, ГШ на НОВ и ПОМ со Штабот на Третата оперативна зона ја формираат Втората МНОУБ во село Фуштани, Егејска Македонија од трите баталјона на зоната. Во присуство на политички раководители на Народноослободителното движење на македонскиот народ и на Главниот штаб, предводен од генерал Михајло Апостолски, како и во присуство на антифашистичкото движење во регионот: ЕАМ, ЕЛАС, во присуство на американска, англиска и француска воена мисија, како на претставници на антифашистичкиот фронт на Бугарија, предводени од Бојан Блгарјанов, се формира Втората македонска народноослободителна ударна бригада.

Веднаш по чинот на формирањето, оваа воена групација почна со операции на потегот Мариово-Витолиште-Фуштани-Гевгелија. Дејствуваше врз најчувствителните објекти што ги користеше непријателот: железнички пруги, мостови, телефонски врски, патишта и разбивањето на границата меѓу бугарскита окупациска зона и јужно од неа - во Егејскиот дел на Македонија, во Мегленско. Беа загрозени највиталните комуникации: вардарската, пелагониската и потпланинската и посебно Гевгелија - Скопје и Битола - Лерин - Воден - Кукуш - Солун.

Против неа се отвори најширока непријателска офанзива во тоа време на Балканот. Непријателот ги насочи 91. германски армиски корпус од Солун, со 4 нивни бригадни групи и бугарската непријателска војска: Петтата бугарска армија во Македонија со своите 15. битолска, 14. скопска и 17. штипска дивизија.

За командант на бригадата бил назначен Диме Туриманџовски - Горски, за заменик Лазо Калајџиски - Добри, политички комесар Трифун Трифунов - Балкански, а за заменик на политичкиот комесар Мито Хаџивасилев - Јасмин. На 23 јуни 1944 година еден баталјон од Втората МНОУБ, од 120 борци, присуствувал и влегол во составот на Четвртата МНОУБ, која е формирана во источна Македонија на врвот Лисец на планината Плачковица.

Формирање на 41 дивизија, село Шешково, август 1944.
На слободните територии од партизанските единици, 1944 година: културно уметничка приредба.

На 25 август 1944 година, Втората МНОУБ, Деветтата и Десеттата МНОУБ во село Шешково, Тиквешко ја формираат Првата македонска и 41-та Југословенска дивизија. Бригадата водела борби во Тиквешко, Прилепско, Кичевско, а на 19 декември 1944 година била во Тетово и броела 2 312 борци и раководители. Пред да тргне на Сремскиот фронт на 7 октомври 1945 година за командант на бригадата бил поставен Пецо Гудев, а за политички комесар Ристо Стојановски - Железни. Бригадата стигнала во Стара Пазова на 15 јануари 1945 година и влегла во 48 дивизија на 15-ти ударен корпус. Бригадата се вика Тиквешка, бидејќи раководството и борците во поголем број биле од Тиквешијата. Бригадата водела борби на Сремскиот фронт против германските фашистички окупатори сè до завршувањето на војната сè до Цеље во Словенија. Бригадата придонела за ослободување на земјата, а дала голем број на жртви, но и 11 народни херои. Бригадата по ослободувањето била одликувана со Орден за заслуга на народот со златен венец и Орден на братство и единство со златен венец.

Веќе на 4 август 1944 година е донесена одлука да се конституира Главен одбор на единствениот Народноослободителен фронт на Македонија, да се спроведе општа мобилизација, да се формираат дивизии и корпуси и народното стопанство да се мобилизира за обезбедување на Народноослободителната војска. Епилогот е очекуван: во октомври, претходно реорганизираните воени оперативни зони се претвораат во корпусни области и се формираат: Прв Македонски, Брегалничко-Струмички и Кумановско-Скопски корпус.

Завршни операции за ослободување на Македонија[уреди | уреди извор]

По Февруарскиот поход и Пролетната офанзива македонската војска, бројно нарасната, ги започнала завршните операции за ослободувањето на Македонија. Со ослободувањето на Тетово го завршила ослободувањето на Вардарскиот дел од Македонија, конституиран на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчињски како федерална држава во составот на ДФЈ.

Македонската војска имала околу 65.000 борци со 7 дивизии во 3 корпуси и ги продолжила воените дејства за ослободување на Србија. Петнаесеттиот македонски корпус пак, со околу 20.000 борци, војувал во завршните операции за конечното ослободување на Југославија.[7]

Споменици[уреди | уреди извор]

Учесници во НОБ[уреди | уреди извор]

Партизански одреди[уреди | уреди извор]

Најзначајни операции[уреди | уреди извор]

Број на партизаните во Македонија[уреди | уреди извор]

Хронолошкиот број на НОВМ во текот на годините [8]:

Крај на 1941 Крај на 1942 Септември 1943 Крај на 1943 Август 1944[9][10] Крај на 1944[11] Март 1945 Мај 1945
Бројност 1.000 2.000 10.000 7.000 8.000 66.000 83.814 110.000

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Martin, David (1946). Ally Betrayed: The Uncensored Story of Tito and Mihailovich, page 34. New York: Prentice Hall
  2. Strugar, V. (1969). Jugoslavija 1941–1945, Belgrade: Vojnoizdavački zavod.
  3. Zerjavic, Vladimir. Yugoslavia Manipulations With the Number of Second World War Victims. Croatian Information Centre, ISBN 0-919817-32-7 [1]
  4. Минчев, Д., Българските акционни комитети 1941, София, 1995.
  5. Протокол No 1 на учредителното събрание на местния български акционен комитет за град Струга и околията
  6. „Струмица и Струмичко низ историјата“ (1969), Манол Пандевски, стр. 404.
  7. Михајло Апостолски, Ослободителната борба на македонскиот народ, Скопје, 1964; Ослободителната војна на македонскиот народ, Скопје, 1973.
  8. Cohen, Philip J.; Riesman, David (1996). Serbia's Secret War: Propaganda and the Deceit of History. Texas A&M University Press. ISBN 0890967601, p. 96.
  9. Bulgaria During the Second World War, Marshall Lee Miller, Stanford University Press, 1975, p. 202.
  10. Who Are the Macedonians? Hugh Poulton, C. Hurst & Co. Publishers, 2000. p. 104.
  11. The Slavonic and East European review, School of Slavonic and East European Studies, University of London, 1991, p. 304.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]