Синагога „Бет Јаков“ (Скопје)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Синагога Бет Јаков)
Синагога „Бет Јаков“
Синагогата „Бет Јаков“ во Еврејското маало во Скопје
Карта
Општи податоци
Статусурната
ГрадСкопје
ЗемјаМакедонија
Почната1937 година
Обновена2000 година
Уништена1963 година
Портал
http://www.ezrm.org.mk/index.php/mk/sinagoga
Парохетот на светиот орман (Арон Xакодеш) во синагогата „Бет Јаков“

Синагога „Бет Јаков“ — единствена преостаната синагога во Скопје. Во минатото се наоѓала во скопското Еврејско маало. Денес е повторно активна по повторното отворање во 2000 година[1]. Оваа синагога денес се наоѓа во просториите на Еврејската заедница во Македонија.

Нова синагога[уреди | уреди извор]

Обновената синагога „Бет Јаков“ била осветена на 11 март 2000 година во зградата на Еврејската заедница во Скопје. Во неа редовно се одржуваат служби за поголемите еврејски празници според еврејскиот календар.

Синагогата е изградена и уредена според обичаите и традицијата на сефардските Евреи и спаѓа во групата на сефардските ортодоксни синагоги. Прозорците се украсени со прекрасни витражи со мотиви од еврејскиот животен циклус. Парохетот („завеса“) којшто го краси светиот орман („арон хакодеш“ — орманот во којшто стои Тората) е истиот оној што се наоѓал на орманот на старата скопска синагога и потекнува од 5698 година по еврејскиот календар или од 1937 година.

Изградена е со помош на донации од Владата на Македонија, JOINT, Pasadena Jewish Temple and Center California, Temple Beth Israel Phoenix, како и од донации на еврејските членови и Евреи од дијаспората и Израел.

Со изградбата на синагогата повторно се обновила религиозната практика во заедница. Сепак, во моментов не постојат редовни служби за Шабат.

Пинкас[уреди | уреди извор]

Во Еврејскиот историски музеј во Белград се наоѓа многу значаен примерок на пинкас, кој се наоѓал во Еврејската општина во Скопје во синагогата „Бет Јаков“ од 1749 до 1913 година. Пишуван е со мешавина на хебрејски и ладино со закосено писмо „раши“. Содржината претежно се однесува на хуманитарно-верските организации во Скопје, за синагогата, еврејската организација Хевра Кадиша, еврејскиот закон Бикур холим и други. Во ракописот се забележани статути (хаскаме), со кои било регулирано наплатувањето на давачките за членовите во општината, а забележано е дека споменатите организации редовно им помагале на сиромасите со пари, храна, облека, а особено на вдовиците и сираците. Водени биле и белешки за патниците од Палестина, кои доаѓале во Скопје да собираат прилози за светата земја. Значењето на пинкасот е во тоа што дава податоци за економската положба на еврејската заедница во Скопје, за нејзината социјална работа, врската со сограѓаните од други националности и со Палестина.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Отворање на синагогата Бет Јаков во зградата на ЕЗРМ“. Фонд на Холокаустот на Евреите во Македонија. март 2000. Посетено на 1 мај 2012.
  2. Хедвига Бошковић: „Збирка старих хебрејских рукописа у Јеврејском историском музеју у Београду“, Београд, 1979, стр. 23.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]