Камен мост (Скопје)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Камен мост

Поглед на мостот.
Официјално име Камен мост
Други имиња Душанов мост[1]
Премостува Вардар
Место Скопје
Тип лаков мост
Вк. должина 213,85 м
Ширина 6 м
Координати 41°59′49.17″ СГШ 21°25′59.05″ ИГД / 41.996992, 21.433071
Камениот мост на поштенска разгледница од крај на XIX и почеток на XX век

Камениот мост во Скопје претставува една од најзначајните знаменитости на градот. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија.[2] Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 год., во текот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот (1444-1446; 1451-1481), во периодот меѓу 1451 и 1469 год. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој пак грб е насликан на знамето на Скопје во жолто-златна боја.[3]

Првобитен изглед[уреди]

Камениот мост околу 1960 год.

Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина 213,85 м. и ширина од 6,33 м. Тој бил изграден од травертински блокови наредени со големо мајсторство и точност, меѓусебно врзани со железни кламфи, зацврстени со леано олово, кршен камен и малтер употребени во внатрешноста на столбовите. Некои од нив - како што е на пример средишниот столб, кој во својот горен дел завршува со украсна ниша (стражарница), во својата внатрешност имаат големи простории со двојна функција, да го намалат, оптоварувањето на столбот, но и да послужат како простории со пушкарници.

Камениот мост навечер

Обновувања и санации[уреди]

Низ вековите мостот претрпел повеќе оштетувања, што наложувало и конкретни зафати за неговото санирање и обнова. Познато е дека мостот настрадал од големиот земјотрес од 1555 год. кога биле разурнати или тешко оштетени четири столбови. Турскиот патеписец Евлија Челебија, кој престојувал во градот во 1660-61 год., го препишал од мермерна плоча натписот што бил поставен на мостот при неговото обновување. Во натписот е запишано:

Кога луѓето го видоа обновувањето на овој беспримерен мост, фалејќи го, рекоа: „Многу е поубав отколку што беше порано.“

Обновата била изведена 987 година по хиџра, односно 1579 год. Обновениот мост опстојувал пред почестите налети на реката. Но сепак, во 1817-18 год., за време на султанот Махмуд II (1808-1839 год.), била извршена нова интервенција, за која според податоците биле платени 28.816 гроша и 2 аспри. Интервенции за одржување на мостот се правени и подоцна. Така пред 1885 год. биле презедени градежни работи за обновување на арките и сводовите од североисточната страна, при што се употребени тули за сводовите и камени плочи за долните партии на столбовите. Низ сиот период, сѐ до 1909 год., мостот имал огради од камени плочи. Во 1895 год., којзнае по кој пат, мостот се нашол под ударот на силно надојдените води на реката Вардар, па во 1896 и 1897 год. биле изградени заштитни ѕидови на кејот, како една од мерките за регулирање на речниот тек во овој дел.

Од една денес изгубена камена плоча, која се до 1963 год. се наоѓаше на мостот, а чијшто врежан текст е препишан и така остана сочуван, дознаваме дека по наредба на султанот Мехмед V Решат, во 1909 год., било изведено проширување на мостот со помошта на метални конзоли, кои носеле тротоар од двете страни на мостот.

Во 1944 год. Камениот мост бил миниран од страна на фашистичката војска, но, со ослободување на градот било спречено активирањето на поставениот динамит и мостот бил спасен од уривање.

Со цел да се врати првобитниот изглед на камениот мост, почнувајќи од 1992 год. се започнати нови интервенции. Така, тротоарите врз железните конзоли се симнати, со што е добиена првобитната ширина на мостот. Реставрацијата на камениот мост сѐ уште е во тек.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]