Тиквешко-мариовски дијалект

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тиквешко-мариовскиот дијалект на картата на македонските дијалекти

Тиквешко-мариовски дијалектдијалект на македонскиот јазик. Дијалектот спаѓа во групата на преодни говори како дел од југоисточното македонско наречје. Овој дијалект се зборува во јужниот дел на Република Македонија, односно во Тиквешијата (Кавадарци, Неготино, Демир Капија и околината), селата во Витачево, Бошава, во пределот Раец по долината на Раечка Река и во целата област Мариово. Дијалектот се нарекува преоден бидејќи иако е дел од југоисточното наречје, сепак одреден број одлики (фонетски и морфолошки) споделува и со западното наречје. Главна одлика на овој дијалект е кратењето на самогласките.

Територија[уреди | уреди извор]

Овие говори го зафаќаат просторот на југ од централна Македонија ограничен меѓу Вардар и Црна, а на југ граничат со планинскиот венец КожуфНиџе. Овој венец е природна граница кон долновардарските говори. На исток граничат со штипско-струмичкото говорно подрачје, а границата оди источно од Вардар приближно по Конечка Планина и долниот тек на Брегалница. Овие говори на запад граничат со централните говори, а дијалeктната граница оди западно од Црна преку областа Клепа. Од ова произлегува дека овие говори го зафаќаат просторот каде се допира источното и западното наречје и оттаму како гранични говори тие ги носат сите одлики на преодни говори и во нив се судираат посебности кои се карактеристични и за источното и за западното наречје.

Заеднички одлики со источното наречје[уреди | уреди извор]

  • Редукцијата на неакцентираните самогласки толку карактеристична за југоисточните говори овде е послабо изразена и не се врши доследно. На пример, редукцијата на а не го досигнува својот корелат ă, туку обично останува таму како затемнето полуредуцирано а: не е нашăта туку нашåта. Подоследна е редукцијата на неакцентирано о да преминува во у: увдéаовде, уснóваоснова, гувéдо. Особеност е аористната наставка за прво лице едох во која по елизијата на х и редукцијата на о во у се морфологизирала и станала општа. Аористни форми се рéку, сéку, дóјду, донéсу и сл. Редукцијата на е е послабо изразена и овде се јавува измена кон и: дибéла, жилéзо, а поретко покрај сонанти може да се редуцира во ă: пепăл, вечăр.
  • На дијахрониски план во овие говори нема резултат од мешање на носовките, носовката од преден ред, јен зад ј се изменила во е: ечмен, егула.
  • Како и во источните говори согласната група свь се изменила во сав: осамне > осавне.
  • Групата цѣ- преминала во ца- : цадúлка, цадам, цал. Овој изговор го познава Тиквешијата која покажува сличности со источното наречје, а се разликува од соседните мариовски говори во кои цѣ- преминало во це- како во западното наречје.
  • Чување на меѓусамогласното в.
  • Отсуство на членските морфеми ов и он.
  • Употреба на заменките он, она, оно, а не тој, таа, тоа.
  • Посвојната заменска форма гласи нејн, нејна, нејно.
  • Удвојување на предлогот со во сос (така е во Тиквешијата, во Мариово е со).
  • Употреба на предлогот у место во.
  • Изразување на посвојност со предлогот на.

Заеднички одлики со западното наречје[уреди | уреди извор]

  • Старата група цвь преминаа во цу-: цути, цут. Во мариовскиот говор дури и групата ѕвь преминала во ѕу-: ѕуни.
  • Протетички глас ј што се јавува пред Ѫ: јаже, јаток.
  • Формата на сум во трето лице множина е се, а не са.
  • Помошниот глагол за трето лице еднина е отсуствува во формите на трето лице во перфект: јас су бил, ти си бил, тој бил, а не он е бил

Одлики со кои овие говори се разликуваат и од едното и од другото наречје[уреди | уреди извор]

  • Најважна фонетска одлика е местото на акцентот. Општо речено акцентот во овие говори е ограничено слободен, а ограниченоста се изразува со тоа што акцентот не може да стои на последниот слог и не може да го надмине третиот, најчесто паѓа на вториот, а поретко на третиот слог. Од друга страна оваа одлика на акцентот да биде ограничен по место предизивикува измени и нарушување на парадигматичноста што е главна одлика на акцентот во штипско-струмичките говори. Лексемите во штипско-струмичкиот говор кои се среќаваат со акцент на последниот слог, во овие говори ги среќаваме со акцент на пенултимата: езúк, орáч. Во овие говори лексемите можат да се јават со пренесен акцент од последниот на вториот слог: óрач, éзик. Но во множинската форма акцентот не го менува местото, па ќе биде како и во штипско-струмичките говори: езúци, орáчи. Ограничен и мал е бројот на случаи акцентот да паѓа на последниот слог, најчесто во сложенки: црноóк. На овој начин кај именките се формирал двосложен акцентски модел: éзикезúци, мóзокмозóци, кај именки кои имаат стар акцент на вториот слог: дéвердевéри, се проширил и кај други именки: зéтзетóви, брегóви, кај придавките зéлензелéназелéно, кај глаголски придавки: нóсенносéнаносéно, кај глаголска л-форма: нóсилносúланосúло, кај аорист: вúкавикáмевикáте.
  • Зборовите со стар акцент на третиот слог (антипенултима) по правило тоа место и го задржале: сабота, истина, а поретки се случаи кога стариот третолсожен акцент се заменува со двосложен: јáбăкајабăка. Ако повлекувањето на акцентот од трет на втор слог е инцидентно кај зборовите со стар акцент на четврт слог пренесувањето на акцентот на пенултимата е скоро редовно: гýштерицагуштерúца, кýкавицакукавúца, ПéтревицаПетревúца. Акцентот на четврт слог во оној дел од овие говори што граничи со централните се избегнува и со разбивање на многусложниот збор на две ритмички целини со тоа што освен на четврт слог се јавува акцент и на втор:  наспрема Мúтревица има Мúтревúца. Од ова произлегува дека акцентот во овие говори се стреми да се задржи на пенултимата (втор слог), а ретки се случаи со акцент на пенултимата: кај група именки со стар акцент на трет слог: сабота, јагода; кај заменки од типот свекаков; кај придавки на ов и ин: мајчина, мајчино; кај броеви: седумдесе; кај деминутивно-хипокористични образувања на -ичка: бабичка, сестричка; кај некои имиња на места: Зубово, Бистренци; кај глаголи во прво и второ лице презент: гледамегледате; кај имепративни форми: викнивикните, носиносите; кај префиксираните глаголи акцентот паѓа на префискот и тоа или на трет или на четврт слог пóчекајпóчекајте, úспадниúспадните; овде не е зачуван карактеристичниот двосложен модел од морфолошки причини. Така во презент има акцент на трет слог за да се избегне хомонимијата со аорист каде е акцентот на втор слог. Акцентот врши диференцијација меѓу аористот и формите на заповеден начин: аорист носúте – императив нóсите. Кај глаголите од е и и група наспрема презент донéсите има императив за второ лице со акцент на претставката дóнесите. Движењето на акцентот за да падне на вториот слог се среќава само кај неопределните форми, значи членската морфема не влијае врз местото на акцентот и оттаму определените акцентски фрми се наслонуваат на неопределените независно што акцентот станува трисложен: езикезикот, односно во членуваните форми акцентот е на трет слог. Сепак ова важи само за третиот слог, ако со членската форма зборот станува четирисложен, акцентот се поместува за да не падне на четврт слог: сáботасабóтата.
  • Елизијата се врши во повеќесложните зборови кај именските форми пред членската морфема каде морфолошката функција ја презема членот, па оттаму слогот непосредно пред членската наставка престанува да биде морфолошки знак за дадената граматичка категорија. Освен тоа, врз елизијата влијае и фонетската окруженост т.е. ако новодобиената согласната група по елизија на самогласката не пречи на законот за дистрибуција во одреден дијалект, а тоа важи ако е групата составена од еднородни согласки по своите признаци, на пример, работата преминува во работта, или ако едниот член од таа согласната група е сонант, на пример, бунарите преминува во буарте, потоа, пријателте, годинта и сл. Ако по елизијата на самогласката, се создаде согласната група тешка за изговор (односно за тој и тој говор е неможна по законот за дистрибуцијата), тогаш не доаѓа до испуштање на самогласката, на пример, мајките. Кај придавките има примери кои укажуваат на извесна морфологизација на оваа појава. Така според формите за женски род, среден род и за множина: дибéлта, дибéлто, дибéлте се добила форма и за машки род дибéлот, покрај дибéлјот. Во овие говори, како диференцијална црта во однос на источното наречје треба да се спомене присуството на акцентски целости од именка и предлог во кои акцентот се префрла на предлогот: зá-рака, пóд-рака.

Фонолошки одлики[уреди | уреди извор]

  • Во крајната група tъr како секундарна самогласка се јавува е: бистер, ветер, итер, а во групата tъn се вметнува и: огин.
  • Самогласканото л е заменето со ă: вăк, вăна, жăт и др.
  • Присуство на непрегласено а зад р во лексемата трава.
  • Целосна загуба на фонемата х. Со оваа особина овие говори се изделуваат од другите источни говори, тој е единствен од оваа група во кој не се јавува фонемата х во фонолошкиот систем, знчи, х се загубило во сите положби: мýа, пазýа, сирóма и сл. Во неколку лексеми изолирано на местото на х среќаваме ј: нијна, чејли.
  • Старото палатално л се наоѓа во процес на веларизација, а во одредени пунктови тој процес не е завршен, а во други палаталноста се губи. Значи, процесот не е стабилизиран и затоа на ист терен се случуваат различни степени на мекоста од венечно до лабиодентално л: клуч, кл҆уч, недела (тврдо л), шупел҆ка, кол(оу), дол (оу) – билабијален глас.
  • Фонемата њ овде добро се чува. Освен старо меко љ има примери добиени со новото јотување, па дури има и случаи со ново секундарно неетимолошко њ на крајот на зборот: ремењ, корењ, ечмењ.
  • Во врска со употребата на фонемата ф, во територијата што го зафаќа западниот дел од овие говори (на допир со западното наречје) е заменето со в: вилџан, вурна, вес.
  • Доста е изразена метатезата: козатакоаста, кожитекоиште.
  • Како и во соседните југоисточни говори и овде е присутна елизија на некои согласки, во меѓусамогласна полоба со поголема доследност се губи ј: одáа, вáа, нéкоа,  и во членуваните форми: мóот, твóот, ракúа, трговúа.
  • Во одделни примери се губи и меѓусамогласно в: прáам, остáам, и во наставката -ува: кажýал, станýал.
  • Може да се елидираат и г, д, ж: каишкажиш, моишможиш, оамодам (долго а), коа, сеа.
  • Од согласните промени се среќава редување на согласките с и ш во в и ф: обравче, мафче (маст), појавче, фефче (фес). Оваа појава во овие говори е внесена од централните говори, бидејќи х е загубено и во полоожба пред согласка, за разлика од другите источни говори.
  • Има измени и во одредени согласните групи: ск-цк, мј-мњ, ср и зрстр и здр, пш - пч:селцки, буграцки, земња, стребро, стреда, здрел, пченица

Морфолошки одлики[уреди | уреди извор]

  • Кај именските зборови (едносложни) има множинска наставка -еви, која е карактеристична за овие говори, за разлика од другите источни говори кои ја познаваат наставката -ове: ножéви, царéви, мостéви, клучéви, но се јавува и наставката -ови.
  • Кај личните заменки во множина покрај ние, вие се забележуваат и формите ниа, виа.
  • За трето лице еднина покрај личната заменка он се забележува и разновидноста тиа (човек), но он е почеста форма.
  • По елизија на почетно о кај показните заменки се среќаваат формите ваа, наа, а во множина виа, ниа. Вакво израмнување се извршило и кај формите за качество и количество: ваков (ваквија), ваква (вакваа), вакво (ваквоа), таков (таквија), таква (такваја), такво (таквоја).
  • Кај глаголите има разграничување на глаголските групи, глаголите од и-група и е-група се интегрирале и како основен во второ лице еднина се обопштува и, а во трето лице еднина е. Во прво и второ лице множина и во двете групи се генерализира наставката и. Значи, се добил единствен систем од двете групи во прво лице еднина носам, перам (е, и, група), во второ лице носиш, периш, а во трето лице носе, пере, во множина носиме, периме, носите перите, носат, перат.
  • Во прво лице презент се обопштува наставката во глаголите од трите глаголски групи: сакам, носам, перам, а во трето лице множина кај глаголите од а-група е изразен преодниот карактер на овие говори и во однос на источните говори и во однос на централните говори, имено се среќава и наставката од штипско-струмичките говори и наставката -ат од битолско-прилепскиот говор, овие форми се употребуваат паралелно.
  • Промената кај глаголите со општ дел на самогласка се јавува во следниот вид: броам, броиш, брое.
  • Во формите на помошниот глагол сум во прво лице, покрај сум се јавува и су, второ и трето лице си, е, а во множина покрај сме, сте има и сне, све.
  • Во имперфектот поради губење на х дошло до измени на личните наставки. Бидејќи прво лице по губењето на х завршува на нулта морфема, наставката -ше од второ и трето лице еднина се среќава и во прво лице еднина: викаше, викаше, викаше.
  • Во аорист исто прво лице еднина завршува на нулта морфема, а кај глаголите од о-раздел, основниот самогласка о со редукција преминал во у, а потоа се обоштил: според формите отúду, отúде, отúде, имаме изéду, донéсу.
  • Кај глаголите од е-група и и-група во второ лице еднина за заповеден начин се јавува наставката -ите: носите, перите.
  • Конструкции од типот ќе одешеќе викаше се изразуваат со формата ќеш(е) + презент со да: ќеше да гледа.
  • Глаголскиот прилог завршува на -еќи/аќи, а паралено може да се јави и -еќе.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дијалектите на македонскиот јазик, Божидар Видоески, 1998, Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]