Брегалница

Од Википедија, слободната енциклопедија
Скокни на: содржини, барај


Брегалница

Вештачкото езеро Калиманци на реката Брегалница
Извор Ченгино Кале (Малешевски Планини)
Устие Вардар кај селото Виничани, општина Градско
Земји во сливот Македонија Македонија
Должина 225 km
Надм. вис. на изворот 1690 m
Прос. истек 28 м3/сек.
Сливно подрачје 742,5 km²

Брегалница е река во источниот дел на Република Македонија. Вкупната должина и е 225 км., а површината на нејзиниот слив изнесува 742,5 км². Поголеми притоки се: од десната страна - Злетовска, Кочанска и Оризарска Река, а од левата страна - Осојница и Зрновска Река.

Изворниот дел на Брегалница се наоѓа во шумскиот предел на Малешевските Планини близу до бугарската граница, источно од Берово, под Ченгино Кале, на височина од околу 1.690 метри. Во најгорниот дел е претставена со тесна клисура чии страни достигнуваат и до 360 метри височина над коритото. Првото ерозивно проширување на овој потег е месноста Абланица, на околу 2 км пред Берово која всушност претставува пространа тераса висока над водата околу 2 метри. Должината на ова проширување е околу 2 км, а широчината 500 - 700 метри. Целата оваа површина интензивно се обработува и е под култури за чиешто наводнување непосредно се ползува водата на Брегалница. Со исклучок на ова ерозивно проширување, тесниот клисурест дел продолжува се до Берово, при што бреговите се стабилни и пошумени. Во Абланица и по текот на реката во коритото е депонирано прилично големо количество наносен материјал, во кои се сретнуваат валчести камења до 35 см во пречник.

До селото Будинарци Брегалница тече низ Беровското поле. Поради малиот пад на коритото овде таа тече бавно, овозможувајќи акумулација на чакал и песок, депониран во коритото и околу него. И овде е присутна терасата од два до три метри, во која е врежано коритото на реката. Од Будинарци па се до пред влезот на Делчевското поле, во коритото се присутни три клисурести дела, меѓу кои се наоѓаат 2 ерозивни проширувања. Така, поаѓајќи веднаш под Будинарци, па се до селото Митрашинци текот на Брегалница е кривулест, со тоа што на извесни места се формирани прави меандри и тесни каменливи клисури, чии што страни на некои места се вертикални со релативна височина од 60 до 80 метри. Правецот на истекувањето на реката од Абланица до Митрашинци е кон северозапад, а од последното село свртува со благ лак кон север.

Вториот клисурест дел следува по текот на реката и се протега до пред селото Разловци. Тој истотака се одликува со тесно корито, 10 до 20 метри широчина со кривулест тек и со стрмни страни. Ерозивното проширување кај Разловци, низ кое тече Брегалница, е долго околу 5 км и широко пред селото околу 500 метри, а под него околу 800 метри. Речниот тек овде нема единствено корито, туку водата се разлева по целата широчина формирајќи вирови на одделни места. Со оглед на тоа што по текот на реката е формирана мала и мошне интересна клисура, постојат морфолошки како и геолошки услови за изградба на брана која би овозможила акумулација во Разловското поле. Овде всушност реката е врежана во една гранитна греда, чии кањонски страни имаат височина од околу 100 метри.

Навлегувајќи во Делчевското поле, пред селото Тработивиште, Брегалница депонира огромен наносен материјал под должината на целото поле се до вливот на Очепалската река, односно до влезот во клисурата по текот на реката. Овој нанос главно се состои од крупен и ситен чакал. Течејќи овде Брегалница, чиј тек и понатаму е мал нема единствено корито, туку се формираат неколку ракави. И во Делчевското поле водите на Брегалница изобилно се ползуваат за наводнување преку примитивни брани и јазови, како што се, на пример, оние кај Тработивиште и Делчево. Водата речиси целосно се ползува за наводнување на обработената ниска тераса (2 до 3 метри) од десната страна.

Од вливот на Очипалската река, па се по текот на реката започнува долга и живописна клисура што се протега се до селото Истибања, односно во влезот во Кочанската котлина, долга околу 35 км. Клисурата е слабо пошумена и тешко проодна (денес низ неа води модерен асфалтен пат), бидејќи нејзините страни и брегови се мошне стрмни, речиси кањонски, така што долината е сосема стеснета. Ерозивни проширувања се сретнуваат само при вливовите на поголемите водотеци.

Брегалница се влева во Вардар кај Градско, на надморска височина од 137 м.

По течението на Брегалница се изградени две вештачки акумулации: Ратево (кај Берово) и Калиманци (кај Македонска Каменица) длабока 80 м, долга 14 км, широка 0,3 км, која акумулира 127 милиони м³ вода.

Лични алатки
Именски простори

Варијанти
Дејства
Навигација
технички
алатник
Други јазици