Врбоец

Координати: 41°19′59″N 21°19′0″E / 41.33306° СГШ; 21.31667° ИГД / 41.33306; 21.31667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Врбоец

Поглед на селото

Врбоец во рамките на Македонија
Врбоец
Местоположба на Врбоец во Македонија
Врбоец на карта

Карта

Координати 41°19′59″N 21°19′0″E / 41.33306° СГШ; 21.31667° ИГД / 41.33306; 21.31667
Регион  Пелагониски
Општина  Крушево
Население 227 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7524
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16007
Надм. вис. 640 м
Врбоец на општинската карта

Атарот на Врбоец во рамките на општината
Врбоец на Ризницата

Врбоец — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Селото се наоѓа во југоисточниот понизок дел на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кривогаштани.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Крушево селото е оддалечено 6 километри.[2]

Селото се наоѓа во подножјето на гребенот Црн Врв (на карта Врбовац). Во минатото во секој двор од куќите имало бунар. Западно од селото извирале изворите Манастириште, Лескоо Кладенче, Езериште и Милеа Чешма.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Стеже, Ропеш, Опаљеник, Кобел, Радобирка, Кленика, Калојца, Скршена Врба, Орлов Даб, Гробишта, Кале, Манастириште, Чаир, Шеро Трло, Цер, Лиманова Нива, Алимов Камен и Спаиски Гробишта.[3]

Селото има збиен тип, поделено на две маала: Долно и Горно Маало. Тие понатаму се делат на групи роднински куќи. Маалата се незначително оддалечени едно од друго.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Трагови од старини се наоѓаат на месноста Кале, возвишение западно од Врбоец (945 м.). Таму се наоѓаат остатоци од тврдина, околу кои пораснала шума. Сепак, мештаните немаат преданија за оваа тврдина. Недалеку од Кале се наоѓа изворот Лесково Кладенче. На местото Манастириште, околу 1000 метри западно од селото се наоѓаат помали тераси со ливади и чешма. Таму има остатоци од ѕидови, а некои мештани мислат дека таму се наоѓал манастирот „Св. Богородица“.[3] Денес, таму е подигната црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Во самото село може да се видат темелите на срушената црква „Св. Атанасиј“. Каменот е од различен облик и величина и е донесен од околината. Има и неколку парчиња скршени мермерни столбови. Црквата била долга 12, а широка 5 метри, во насока исток-запад. До почетокот на XX век, ѕидовите на црквата добро се забележувале, но подоцна Албанецот Фаик Шутески го употребил материјалот од тие ѕидови за градба на својата куќа. Околу црквиштето се наоѓаат селските гробишта.[3]

Остатоците на старини и народната традиција кажуваат дека Врбоец најпрвин било христијанско словенско село. Од првата половина на XIX век тука започнале да се доселуваат муслимански Арбанаси од Северна Албанија, кои дошле преку Дебар. Поради тоа, во истиот век, сите христијански го напуштиле селото. До 1912 година, кога Врбоец било чисто муслиманско село, Албанците пораснале на 35 куќи. Главни албански родови биле: Реџеповци, Ајровци, Далиповци, Амедовци, Шутевци, Чакре, Светотодорци и други.[3]

Во периодот 1912-1926 година, Арбанасите го напуштиле селото продавајќи ги нивите и куќите, одејќи во Битола, Турција и Албанија. Место нив сега во ова село живеат доселеници - Власи и Македонци, најчесто од околните села.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 6,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 298,8 хектари, на шумите отпаѓаат 264,8 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 103,1 хектар.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постои продавница.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948295—    
1953335+13.6%
1961352+5.1%
1971357+1.4%
1981371+3.9%
ГодинаНас.±%
1991319−14.0%
1994288−9.7%
2002256−11.1%
2021227−11.3%

Според статистиката на Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, Врбоец или Врбовци има 234 жители, од кои 150 Албанци, 66 Роми и 24 Македонци.[4]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Врбовец се води како чисто турско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 42 куќи.[5]

Според Димитар Гаџанов во 1916 година во Врбоец имало 250 Турци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[7]

Врбоец е средно село по големина, без некои промени во населеноста. Во 1961 година селото броело 352 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 288 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Врбоец живееле 256 жители, од кои 255 Македонци и 1 останат.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 227 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 234 295 335 352 357 371 319 288 256 227
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Врбоец е македонско село, а порано живееле и албански и до скоро и влашки родови.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:

  • Влашки родови во селото биле: Лега (1 к.), први селски доселеници, доселени се од Крушево, доселени се на купена земја во 1913 година, некое нивни роднини живеат во Крушево; Бабушка (1 к.), доселени се после Првата светска војна исто така од Крушево; Брезовци (1 к.), и тие се доселени од Крушево, зборуваат влашки, меѓутоа потекнуваат од предок Македонец од демирхисарското/крушевско село Острилци; Грошаровци (1 к.), и тие се дојдени од Крушево, исто така зборуваат влашки, меѓутоа и тие потекнуваат од предок Македонец од денес раселеното село Барбарос.
  • Македонски родови во селото се: Митревци (3 к.), доселени се во 1925 година од селото Единаковци, во Единаковци биле доселени од раселеното село Љутоица (кое се наоѓало во близина на селото Вардино); Митановци (2 к.), доселени се во 1925 година од селото Острилци; Вардинци (5 к.), доселени се во 1925 година од селото Вардино, таму имаат роднини (Стојковци); Дивјаковци (2 к.), доселени се во 1925 година од селото Крушеани, таму имаат роднини доселени од селото Дивјаци (Горно или Долно); Анѓелевци (5 к.), доселени се во 1925 година од селото Кривогаштани, каде имаат истоимени роднини; Биринци (3 к.), доселени се во 1925 од селото Бирино, таму се викале Топаловци, подалечно потекло од некое село во Железник; Бошковци (1 к.), доселени се од Острилци; Тодоровци (2 к.), по потекло се од Пресил, од каде избегале во Кореница, па во Кривогаштани, и на крај во денешното село во 1925 година; Патлиџановци (1 к.), по потекло се од селото Сланско, од каде избегале најпрво во Крушеани, и на крај во 1925 година во денешното село; Билејца (1 к.), доселени се од селото Пуста Река во 1925 година; Кузмановци (2 к.), доселени се од селото Света; Наневци (1 к.), доселени се од Варош; Коларовци (6 к.), доселени се од Свето Митрани, подалечно потекло од селото Вишни кај Струга; Рилевци (2 к.), доселени се во 1926 година од селото Арилево; Гаќеровци (1 к.), доселени се во 1927 година од селото Свето Митрани, подалечно потекло од некое село во Железник; Бараковци (3 к.), доселени се во 1927 година од селото Бараково. Таму се викале Дуртановци; Зенговци (1 к.), доселени се во 1930 година од селото Селце, таму биле доселени од селото Стеблево; Јовевци (3 к.), доселени се од селото Бирино во 1926 година. Таму биле доселени од Алданци, каде се викале Мрснаковци; Божиновци (1 к.), доселени се во 1926 година од селото Ракитница; Нешковци (1 к.), доселени се во 1928 година од селото Кривогаштани, таму биле доселени од Рилево; Прчковци (1 к.), доселени се во 1930 година од селото Бирино; Здравевци (1 к.), по потекло се од селото Растојца, каде дошле во денешното село преку Алданци во 1934 година; Мицевци (1 к.), од селото Жван се иселиле во селото Трновци, па од таму во Врбоец се доселиле во 1935 година; Николовци (1 к.), доселени се во 1932 година од селото Горно Дивјаци.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Врбоец било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани, во која покрај селото Врбоец, се наоѓале и селата Годивје, Кореница, Кривогаштани, Крушеани, Локвени, Милошево, Свето Митреви и Турско. Селото влегувало во рамки на Општина Свето Митрани во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Врбоец, Милошево, Пресил и Свето Митрани.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1196 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 202 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 209 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[16]
  • Стари Дол — населба и некропола од доцноантичко време.
Цркви[17]

Во минатото во селото постоела и црквата „Св. Атанасиј“, од која до XX век се познавале остатоци од ѕидовите.

Манастири
  • Во минатото постоел манастир на месноста Манастириште, околу 1000 метри западно од селото.
Џамии[3]
  • Додека селото било населено со албанското население, во него постоела џамија со минаре на сретсело, која била срушена по нивното иселување.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 62. Посетено на 19 декември 2021.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
  5. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 24.
  6. Гаджанов, Димитър Г. Мюсюлманското население в Новоосвободените земи, во: Научна експедиция в Македония и Поморавието 1916, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“, Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 267.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 декември 2021.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 19 декември 2021.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 200. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]