Исак Сион

Од Википедија — слободната енциклопедија

Исак Сион (Солун, 16 април 1916 - Белград, 28 мај 1995) — учесник во НОБ од Штип, делегат на Првото заседание на АСНОМ и носител на Партизанска споменица 1941.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во Солун. Во 1920 г. со семејството се преселил во Штип. Ја завршил Државната трговска академија во Скопје, студирал на Високата економско-комерцијална школа во Загреб, а потоа (од 1936) бил службеник во филијалата на Државната хипотекарна банка во Љубљана. Бил активист на СБОТИЧ. Во 1939 година учествува во акциите на напредните банкарски службеници во Љубљана, а во 1940 година станува член на КПЈ.

По Априлската војна во 1941 година се враќа во Штип и веднаш се вклучил во НОД. Бил во составот на Месниот комитет во Битола во 1942 година. На 11 март 1943 година, кога ги депортираат Евреите од Штип за Скопје, единствено Исак Сион, член на МК КПЈ, успева да побегне од колоната и да се засолни кај Фируз Демир. На 19 мај Сион му се приклучува на Вториот плачковички одред Гоце Делчев, а од 16 септември 1943 година се приклучува на Шарпланинскиот партизански одред. На 10 ноември се приклучува на одредот на Христијан Тодоровски Карпош во баталјонот „Орце Николов“, па во Третата македонска ударна бригада. Како заменик политички комесар во Третиот баталјон на Третата македонска ударна бригада (од февруари 1944), Исак Сион учествувал и во борбите при Пролетната офанзива, која траеше од април до јуни 1944 година. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, а потоа е упатен за член на Обласниот комитет на КПМ во Штип (од август 1944) и бил секретар на Окружниот комитет на КПМ во Струмица.[1]

По Ослободувањето бил член на ЦК на КПМ, генерален секретар на претседателот на Владата на НРМ, одговорен уредник на органот на ЦК на КПМ „Партиски живот“, вицегувернер на Народната банка на ФНРЈ во Белград, претставник на Сојузната стопанска комора во Лондон и др. Автор е на повеќе трудови од областа на монетарниот систем.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Трајко Босеовски „Исак Сион“ (2008)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том 2, стр. 1364.