Бреза

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бреза
Бела бреза (Betula pendula)
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Ред: Буковидни
Фамилија: Брези
Род: Бреза
L.
Видови

многу

Испукана кора на бела бреза
Гранче на блатна бреза (Betula pumila)

Бреза (науч. Betula) — род на листопадни дрва од фамилијата брези (Betulaceae), во која спаѓаат и евлата, леската и габерот, а е во блиско сродство со буките. Опфаќа 30 до 60 таксони, од кои 11 се водат како загрозени на Црвениот список на МСЗП од 2011 г. Брезите се кратковечни пионерски видови, застапени ширум северната полутопка, особено во северните умерени и супполарни краишта.

Во Македонија се среќава само белата бреза (Betula pendula).[1] Името на ова дрво се содржи во разни топоними и населени места како Брезово, Брезно и голем број села со името Брезница.

Опис[уреди]

Сите видови брези се мали до средни дрва или грмушки и претежно виреат во умерениот појас. Имат прости, назменично распоредени листови со единечна или двојна назабеност, пердувести жилички и имаат дршки и прилисници. Често се јавуваат во парови на странични гранчиња.[2] Плодот е мал и крилест. Се разликуваат од евлата по тоа што женските реси не се задрвенети и шишаркести, туку се распаѓаат кога ќе узреат, испуштајќи го семето.

Кората има карактеристични хоризонтални засеци. Отпорна е на распаѓање поради смолното масло што го содржи. Бојата на кората е различна кај различни видови, поради што постојат видови наречени „сива“, „бела“, „црна“, „црвена“ и „жолта“ бреза.

Пупките излегуваат рано и наполно се развиваат кон средината на летото. Сите се странични, т.е. врвот од гранчето нема завршна пупка. Дрвото кај сите видови има долгнавест состав и сатенски изглед.

Екологија[уреди]

Брезите често растат рамномерно на лесни, добро исцедени кисели почви. Важат за пионерски вид што брзо се шири на отворени предели по опожарување на вегетацијата и можат да бидат наметливи доколку не се контролираат. Начелно се низински дрва, но некои видови, како џуџестата бреза (Betula nana) се планински.

Видови[уреди]

Брезови листови и реси
Европа и Азија
Северна Америка

Употреба[уреди]

Брезова шперплоча
Собирање на брезов сок

Брезата е мошне тврдо дрво и затоа тешко се работи со рачни орудија.[3] Дрвото има сјаен изглед и е погодно за украсни површини како фурнир. Од него често се прават и шперплочи за мебел и макети во авиомоделарството. Од балтичката бреза се изработуваат кутии за звучници, тапани и гитари.

Маслото се користи во штавењето на кожа, а катранот порано бил мошне застапен како лепило, но и како природен лек.[4] Брезовиот сок е традиционален пијалок во северна Европа, Русија и северна Кина. Оваа материја во Македонија е застапена и во шампони.

Во стара Индија и Русија, брезовата кора масовно се користела како материјал за пишување.[5][6]

Културно значење[уреди]

Брезата има значење во митологијата и верувањата на европските народи, особено Словените и Келтите. Во словенската митологија, на брезине седеле русалките и самовилите бидејќи им прилегале.

Според верувањата на келтските народи, брезата симболизира обнова, стабилност и приалгодливост поради нејзината жилавост и приспособливост на разни физички и климатски услови.

Брезата е национално дрво на Финска и Русија како и државно дрво на Њу Хемпшир, САД.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Бреза“. Македонска енциклопедија. (2005). Скопје: МАНУ.
  2. Keeler, Harriet L. (1900). „Our Native Trees and How to Identify Them“. New York: Charles Scriber's Sons. стр. 295–297. 
  3. http://www.woodmagazine.com/materials-guide/lumber/wood-species-1/birch/
  4. „Birch Tar – How to collect it“. архивирано од оригиналот на 27 февруари 2008. http://web.archive.org/web/20080227090148/http://www.bushcraftuk.com/index.php/DIY/Birch-Tar-How-to-collect-it.html. 
  5. Sanjukta Gupta, "Lakṣmī Tantra: A Pāñcarātra Text", Brill Archive, 1972, ISBN 90-04-03419-6.
  6. Amalananda Ghosh, "An Encyclopaedia of Indian Archaeology", BRILL, 1990, ISBN 90-04-09264-1
  • Grimshaw, John (2009). „New Trees, Recent introductions to cultivation“. Kew Publishing, RBG Kew. стр. 163–174. 

Надворешни врски[уреди]


Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Бреза“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).