Срѓан Керим

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Срѓан Керим
Срѓан Керим

Мандат
18 септември, 2007 – 16 септември, 2008
Претходник Бахреин Хаја Рашед Ал-Калифа
Следбеник Никарагва Мигел д'Еското Брокман

Роден 12 декември 1948 (1948-12-12) (66 г.)
Македонија Скопје, СР Македонија
Срѓан Керим со Бан Ки-мун

Срѓан Асанов Керим е македонски политичар, поранешен амбасадор, министер и Претседател на Генералното собрание на Обединетите Нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008.[1]

Биографија[уреди]

Роден е на 12 декември 1948 година, во Скопје. Тој е син на Асан Керим, познат македонски и југословенски политичар и функционер. Дипломирал на Факултетот за економски науки во Белград во 1971 година, а во 1982 година се здобива со титула доктор на економски науки. Во периодот 1972-1991 е професор на катедрата за Меѓународни економски односи во Белград. Предавал и на универзитетите во Хамбург и Њујорк.

Има објавено девет книги со тематика од областа на светската политика, меѓународната економија и проблемите на младината, како и повеќе од 100 научни трудови кои се публикувани во Македонија и во повеќе земји, меѓу кои Германија, Франција, Грција, Австрија, Србија и Црна Гора и Словенија. Од јазици зборува англиски, германски, француски и српски. Оженет е и татко на три деца.

Во периодот 2000-2001 година Срѓан Керим е министер за надворешни работи на Република Македонија. Во рамки на својата дипломатска кариера од 1994 до 2000 година беше амабасадор на Република Македонија во Германија, а од 1995 до 2000 беше именуван и за амбасадор во Швајцарија и во Лихтенштајн. Од 2001 до 2003 година беше амабасадор на Македонија при Обединети нации во Њујорк. Керим во 1999 и 2000 година беше и специјален пратеник на Координаторот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

Меѓу функциите кои ги извршувал за време на неговата политичка кариера во поранешна СФР Југославија бил министер за економски односи со странство во Владата на Република Македонија во периодот 1986-1989, а од 1989-1991 година помошник министер во Сојузното министерство за надворешни работи на СФРЈ. Во 1990-1991 бил портпарол во Сојузното министерство за надворешни работи на СФРЈ. 2000-2001 е министер за надворешни работи на Република Македонија.

Од 2003-2006 година е претседател на Македонско-германското стопанско здружение, а во 2006 година е избран за почесен претседател на Здружението. Од 2004 година Керим е претседател на Управниот одбор на Политика Новини и Магазини во Белград. Од 2003 година е генерален менаџер на „Медија принт“ во Република Македонија и генерален менаџер за Југоисточна Европа на ВАЦ медиумската групација.

Тој е од македонско и турско потекло.

Обединети Нации[уреди]

На 24 мaj 2007, тој е избран за претседател на Генералното собрание на ОН со мандат од 1 година. Служи на функцијата од 18 септември 2007 до 16 септември 2008 со истек на рокот. На функцијата го наследува Никарагванецот Мигуел д'Eското Брокман.

Библиографија[уреди]

  • Мостови кон иднината - меѓународните односи на преминот од 20 кон 21 век“, „Матица македонска“, Скопје, 2005[2]
  • „Обраќања“, „Матица македонска“, Скопје, 2010[3]

Наводи[уреди]

  1. Balkan diplomat seeks to open UN doors“, „BBC News“, 8 ноември 2007 (конс. 23 мај 2010).
  2. ПРОМОВИРАНА КНИГА ОД СРЃАН КЕРИМ Обид за анализа на турбулентниот 20 век“, Време, 19 октомври 2005 (конс. 15 септември 2010). (на македонски)
  3. Промоција на "Обраќања" од д-р Срѓан Керим“, Вест, 2010 (конс. 15 септември 2010). (на македонски)

Надворешни врски[уреди]