Астибо

Од Википедија — слободната енциклопедија

Според картата Појтингерова табла (Tabula Peutingeriana) од крајот на IV век), прва станица на античкиот пат СтобиПауталија (Ќустендил) – Сердика (Софија) е населбата Астибо сместена до самата река која го носела истото име.

Астибо бил урбана градска населба која егзистирала во раноримскиот период од I - III век. Теренот на кој била сместена населбата претставува седишна положба на просторот по средниот тек на реката Брегалница со широки видици кон коритата на реките Брегалница и Отиња како и Овчеполскиот и Лакавичкиот крај.

Градската населба ги зафаќала стариот дел од денешниот град Штип, Стар Конак и локацијата Исар.

Од многубројните материјални остатоци од античкиот Астибо како најкарактеристични се обработените мермерни блокови, столбови и капители, како и друга архитектонско декоративна пластика од античките храмови. Особено значајни наоди се фрагментираните мермерни скулптури од грчко-римскиот пантеон, војнички и коњанички статуи, мермерна глава на млад човек и портрет на постар човек.

Астибо својот највисок домет го достигнува при крајот на II и првата половина на III век. Во втората половина на III век варварските племиња, особено Готите во 268 и 269 година продираат од север и ги пустошат населбите и градовите. Во овие уривачки налети страдал и градот Астибо.

Континуитетот на живеење на овој простор сепак не е прекинат. Населбата егзистирала и во доцноантичкиот и рановизантискиот период под името Стипион, а во средниот век го добива словенското име Штип.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Астибо на порталот на Општина Штип