Вруток

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Вруток
Поглед кон Вруток.JPG

Поглед кон селото

Вруток се наоѓа во Македонија
Вруток
Вруток (Македонија)
Координати 41°46′06″ СГШ 20°50′20″ ИГД / 
Регион Горни Полог
Општина Општина Гостивар
Население 1127 жит.
Пошт. бр. 1231
Повик. бр. 042
Надм. височина 755 м
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“


Изворите на Вардар
Типична селска куќа
ХЕ „Вруток“
Спомеик од времето на НОБ во селото, дело на Глигор Чемерски
Балистички клас во ОУ „Лирија“ (тогашно ОУ „Анастас Пандели“), учебна година 1942/43
Рибниот ресторан „Burimi“ („Извори“), еден од петте рибни ресторани во селот и единственит чиј сопственик е етнички Албанец

Вруток (албански: Vërtok) е село во Општина Гостивар, на работ на Полошката котлина. Познато по изворот на Вардар, истоимената хидроцентрала и специјализираните рибни ресторани, денес Вруток преставува една модерна селска населба со огромен потенцијал за еко туризам. Во Вруточките рибници за прв пат била створена Златната Пастрмка, а подоцна и Сребрената[1]. До 2004 Вруток бил седиште на истоимената општина.

Географиja и местоположба[уреди]

Вруток лежи во југозападниот дел на Полошката котлина, на самиот извор на најголемата македонска река Вардар. Селото се наоѓа на место каде има обработливо земјиште, питка вода, атар богат со шума и местоположба која е заклонета од ветер. Сето ова допринело селото да се формира уште од дамнина. Вруток е типична селска населба од збиен тип. Поделено е на седум маала. Пет маала го сочунуваат главниот дел на селото. Тоа се Горно или Маџоско, Срејно или Рупадок, Долно, Ѓаковско и Шееско маало. Шесто маало е Прекувардарското маало, кое лежи источно од главниот селски пат. Името го добило според тоа што се наоѓа на другата, десна страна од Вардар. Седмо е Баба мусино маало, кое се наоѓа североисточно од главниот селки дел, крај патот Гостивар-Охрид. Во минатото селото било познато по своите чешми од кои населениетосе снабдувале со вода. Тие биле:Вардарска, Кладенец, Долномаалска, Чешмиште, Ѓункоец, Селска чешма и др. Другите чешми се наоѓале подалеку од селото, од кои најпознати се: Глаа Вардар, Шапатинец, Ласкоравен, Јоаноа чешма, Маџоски извори, Мариќеец, Јанче-извор, Бигорно изворче, Студен извор, Еѓупечка чешма и др. Обработливото земјиште во најголем број се наоѓа источно од селото. Најпознати топоними на нивите и ливадите се: Мрамор, Равјане, Завој, Долно Поле, Ридоој, Облаче, Горно поле, Лаг, Шавар, Селиште, Шапатинец, Задцрква, Пуштињиште, Маџоски лагоој, Лазоој, Рупа, Бранкоа нива, Долје, Господска нива или Мелца, Бигор, В‘лчин дол и Осоој. Винови лози има на местата Бојчиница и Присој. Шумите се на местата кои се непогодни за обработка на почвата, од кои најпознати топоними се: Краста, Садои, Црвеники, Црн Камен, Баба и Старец, Корииче, Плоча, Мариќеец, Душка Стеница, Стог, Горно Изгорено, Деде-бег, Зендел-бег, Горна и Стара корија.

Историja[уреди]

Етимологија

Името Вруток е добиено по самиот извор на Вардар. Зборот Вруток значи врело, односно извор. Албанскиот назив за селото (Vёrtok), преставува само албанизирање на македонскиот збор Вруток.

Историја

Првото споменување на Вруток е во хрисовула (златна була или печат) на српскиот крал Стефан Урош II Милутин од 1300 година, даден на Скопскиот Виргински манастир. Селото е споменато и во периодот од 1337-1346. Тогаш тетовскиот манастир Св. Богородица во атарот на селото имал ниви, ливади и воденици[2]. Друг податок е зачуван и во списите на Мехмет-паша. Тука се надува дека во 1608 година се споменуваат воденици[3]. Во скопскиот манастир Матка се наведува дека Вруточани давале прилози за манастирот[4]. Првобитно село се наоѓало во долината на потокот Мелце на југоисток и Вардар на северозапад. Тоа место се нарекува Селиште и денес претставува регистриран археолошки локалитет[5]. Се смета дека во некои дејствија за време на турското ропство Вруток е раселен. Од старото македонско насление преостанало само едно семејство, кое подоцна преминало на левата страна од Вардар и таму го основало денешното село. Врток за време на српската окупација на Македонија било центар на Општина со 4 села. Подоцна административно припаѓал во Гостивар, за подоцна со осамостојувањето на Македонија повторно да биде општина се до 2004 година.

Демографија[уреди]

Во почетокот на 19 век Вруток е чисто христијанско село в Гостиварската нахија на Тетовската каза на Османлиската империја. Според податоците на поручник Скалон од рускиот конзулат во Битола во 1867-1868 година во Вруток има 30 чисто христијански куќи. Постепенно во селото започнуваат да се населуваат и Албанци и во 1900 година според статистиката на Васил К‘нчов („Македония. Етнография и статистика“) Вруток има 460 жители христијани, 300 Арнаути мохамедани и 24 Роми.[6]

Според секретарот на екзархијата во Македонија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото има 480 христијани екзархисти и функционира егзархиско училиште.[7] Една година подоцна во 1906, се дознава дека 24 од 69 христијански куќи во селото биле патријашистички[8].

За време на Првата балканска војна во 1912 година 14 души од селото се вклучиле како доброволци в Македоно-одринското ополчение.[9]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Вруток е центар на општина со четири села в Горнополошкиот срез и има 162 куќи со 938 жители.[10]

Според етнографските истражувања на познатиот етнограф Јован Трифуноски, кој и самиот е од Вруток, во селото постојат 5 групи на население. Првата се Православните Македонци, втората се Македонците Муслимани, трета се исламизирани и албанизирани Македонци, четврта се муслиманските Албанци, додека петтта група се Турците. Денес сите овие се претопени во две основни групи и тоа Македонци и Албанци.[11] Македонското православно население се староседелци во селото. Турските семејства, кои биле дојдени од Мала Азија се преселите во Гостивар, додека Албанците се доселеници од Албанија. Преостанатите се претопиле во Албанци[11].

Според пописот од 2002 година селото има 1127 жители[12], од кои:

Националност Број
Македонци 276
Албанци 846
Турци 0
Роми 0
Власи 0
Срби 3
Бошњаци 0
други 2

Културни и природни знаменитости[уреди]

Веднаш до селото Вруток се наоѓа изворот на најголемата Македонска река Вардар (388 км). Изворот „Вруток“ има издашност на вода од 1500 литри во секунда. Исто пред самото село е и ХЕЦ Вруток со моќност од 150 MW.

Во Вруток е изградена првата хидроцентрала во Долнополошкиот регион која се наоѓа источно од селото, а водата до нејзе е донесена со цевки од јазот кој минува во близина од централата, а е од водите на изворот на река Вардар. За жал од негрижа на ЕСМ овј редок објект денес не личи на ништо, металните предмети и се друго вредно е украдено, а можело да биде музеј за првите хидроцентрали во Македонија изграден во бившата Југославија.

Цркви

Во селото се наоѓа средновековен манастир „Света Мина“ и црква „Свети Архангел Михаил“.

Исламски објекти
Археолошки локалитети[13]
  • Селиште - средновековна населба;
  • Бигор - средновековна некропола;
  • Лазови - средновековна црква и некропола;

Економија[уреди]

Вруток е место каде што е лоцирана електраната Вруток. Таа е е дел од хидро-електросистемот ХЕЦ Маврово.[14] и има моѓност од 150 MW[15] Вруток е село на рибници и рибни ресторани. Првиот рибник за одгледување калифорниска пастрмка, кој е со капацитет од 200 тони, бил изграден во 1962 година и денес годишно произведува над 100 тони риба. Во последните години се изградени уште четири рибници. Вкупното годишно производство на сите рибници достигнува над 200 тони и целосно се пласира на домашниот пазар. Во последните години во Вруток, на повеќе атрактивни локации, покрај култниот ресторан „Панорама“, изградени се и рестораните „Кај Симе“, „Бигор“, „Златна пастрмка“ и „Burimi“ („Извори“), каде што се приготвува вруточката пастрмка, кои се добро посетени.

Личности[уреди]


Наводи[уреди]

  1. Кипроски, Киро (19 август). „Лососот ќе почека за да плива во македонските рибници“ (на македонски). Утрински Весник. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=B2EAD7A891E8ED4CA51E7943642506D9. конс. 24 април 2012. 
  2. Гласник српског ученог друштва, XV, 224
  3. Х . Калеши и М. Мехмедовски: Три Вакуфнами на Качаникли Мехмед-паша. Институт за национална историја Скопје, 1958. стр. 57
  4. Афанасий Матвеевич Селищев (1933). „Македонские кодики XVI-XVIII веков: очерки по исторической этнографии и диалектологии Македонии“. Македонского научного института. 
  5. Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.213.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр.124-125.
  8. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 300.
  9. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 835.
  10. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.25.
  11. 11,0 11,1 Trifunovski, Jovan F. (1976) (на france). „Polog (Etudes Anthropogeographiques)“ (1 издание). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art. 
  12. Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови
  13. Коцо, Димче (1996).Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  14. Ј.П. Електростопанство на Македонија, 50 години македонско електростопанство, Скопје, 1995;
  15. esmak.com.mk, Ј.П. Електростопанство на Македонија, Скопје, пребарано на 28 август 2010
  16. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 53-54.

Надворешни врски[уреди]