Порече
Порече (исто така познато и како Поречие, Поречје) е етногеографска област во западниот дел на Македонија, вдолж течението и целата долина на реката Треска.[1]
Содржина |
[уреди] Географија
Областа Порече се наоѓа во западниот дел на Македонија, по долината на реката Треска од двете нејзини страни. На север областа се граничи со Скопската котлина, на исток со областа Азот и поширокиот велешки регион, на југо-исток со Прилепското поле, на југ со Крушевско, на југо-запад со Кичевско и областа Копачка, а на северо-запад се граничи со Полошката котлина односно со Гостиварско и Тетовско. Од сите страни областа е заградена со планини и тоа, на север со Сува Планина (1189 м.), на запад со планините Сува Гора (1857 м.), Челоица (2061 м.) и Песјак (1917 м.), на југ со Бушева Планина (1788 м.) на која се наоѓа превалецот Барбарас кој ги двои Поречието и Прилепското поле, а на исток е оградена со масивот на Мокра Планина (Солунска Глава) односно планините Даутица (2074 м.) и Караџица (2217 м.). Релјефно целата област е котлина, односно ја опфаќа долината на реката Треска. Административно целата област е во составот на Општина Македонски Брод (од 1996 до 2004 година беше поделена помеѓу општините Македонски Брод и Самоков).
[уреди] Население
Областа од секогаш била населена со македонско христијанско население и слично како и областа Мариово во времето на Османското владеење не било забележано исламизирање, иако во многу блиски области тоа земало големи размери (Пласница и селата во Прилепското Поле). Според пописот од 2002 година, Поречје брои 7141 жител од кои:
- Македонци 6927 (97,00%)
- Турци 181 (2,53%)
- Срби 22 (0,31%)
- Роми 3 (0,04%)
- Бошњаци 1 (0,01%)
- останати 7 (0,10%)
Голем дел на население од Порече се има иселено во тетовското село Брвеница и околните тетовски села, Тетово, Гостивар (особено населбата Циглана), Кичево, прилепските села во Општина Долнени, Прилеп, Скопје, а по Втората светска војна голем дел од населението на Порече се има населено во Војводина (Качарево, Јабука, Пландиште) како колонизатори на испразнетите имоти на Германци.
[уреди] Стопанство
Населението на главно се занимава со земјоделие и сточарство. Од полјоделските култури се одгледува пченката, тутунот и градинарските култури. Низ целата област богатството од најрзановиден вид на шуми ја прави дрвосечата за огрев и мебел една од главните стопански гранки. Најзастапени се листопадните шуми (околу 90%) и тоа костенот, оревот, буката, дабот итн. Индустријата е слабо развиена, главни индустриски објекти во Порече се фабриката „Сувенир“ од с.Самоков, и тутунската, текстилната и металопреработувачката кои се застапени во Македонски Брод. Со изградбата на хидроелектричната централа и вештачкото езеро Којзак, регионот стана и туристички познат. Пештерата Пешна, многуте спелеолошки богати процепи и пештери, манастирите и природните убавини придонесуваат за туристичката атрактивност на областа. Во помала мера застапено е и ископувањето на камен за градежништвото.
[уреди] Историја
[уреди] Камено доба
Население и населби во Порече имало уште од старото камено време, за што се пронајдени остатоци од палеолитски населби. Од тоа време се пронајдени предмети во училишниот двор на селото Ижиште.
[уреди] Античко време
Најстари жители биле елините, од кои останале повеќе остатоци како на пример во Томино село во месноста викана Гркови куќишта. Во Горно Куршје има остатоци на градби во месноста викана Гркоец. Кај селото [[Локвица] има остатоци од некогашна населба, за која се смета дека била град на елините. За повеќе стари трвдини се смета дека се од римско време, како што се црквите во Модриштем и Тажево, калето меѓу Бенче и Ковач.
[уреди] Среден век
По доаѓањето на Словените и во средновековниот период Порече било населено од македонското словенско племе Брсјаци (Берзити), а била основана и првата македонска Склавинија. Во XI век целата област била во составот на самуиловото царство.
[уреди] Османлиски период
По доаѓањето на Турците во на балканот,во првиот период Порече било дел од вазалното владетелство на Кралe Марко. Од овој период сведочат остатоците од тврдина во пештерата Пешна, остатоци од тврдини на повеќе други места и повеќето манастири изградени во средновековниот период. Во средината на XIX век, позната македонска револуционерна дејност во Порече создал познатиот македонски војвода Димче Латовче од селото Латово, кој се поврзал со една група на напредни револуцинери од Охрид, Крушево, Битола со кои планирале востанички акции во западниот дел на Македонија.
[уреди] Српска окупација
Кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век, во Порече била многу силна српската пропаганда. Српската пропаганда била толку силна што Порече било познато и како „Мала Шумадија“. Но постоеле и неколку села во кои лежиште нашла бугарската пропаганда како на пример селото Локвица (познато и како „Мала Софија“).
По укинувањето на солунскиот фронт, германската и бугарската војска отстапуваат во 1918 година. Во Порече се задржува српската војска. Формиран е Поречки Срез, за началник е поставен Боро Марковиќ. Срезот формира општини во истите места како во 1912 година. Претседателите на општините биле поставувани со декрет. Воспоставени биле: Општина Брод, Општина Дебреште и Пласничко-Рабетинска Општина. Општински избори биле спроведени на 28 август 1920 година.
На 28 ноември 1920 спроведени биле парламентарните избори. Поречкиот Срез немал свој кандидат, поради недоволен број на избирачи, затоа избираат кандидат од Тетовскиот Срез.
[уреди] Втора Светска Војна
Во текот на Втората светска војна од Порече имало голем број на македонски партизани, а на целото подрачје дејствувала шестата македонска бригада.
[уреди] Етнологија
Етонграфски населението на Порече спаѓа во брсјачката (берзитска) етногеографска група на Македонскиот народ. Населението бележи голема блискост и има многу сличности со населението од Охридско, а највеќе од областа Дебарца, поради што се претпоставува дека дел од населението на Порече и Дебарца е населено во Македонија од Албанија поради албанските напади. Дијалектот кој се говори во Порече е еден од народните говори кои се најблиски до македонскиот литературен јазик (не се забележуваат србизми, турцизми и останати странски зборови). Поречкиот крај е богат и со народно творештво (легенди, преданија, песни, приказни), а дел од него е застапено и во збирката на Марко Цепенков. Како и останатите македонски области и Порече има своја специфична народна носија.
[уреди] Потекло на името
Постојат неколку народни преданија за потеклото на името на областа.
- Според едно народно предание името потекнува од самата место положба односно „по река“, т.е. по течението на реката (Треска) со додавката -ие (односно -је) за географска област со што се добило денешното име Порече. [1]
- Според друго народно предание, името е добиено за време на османлиското владеење, по историскиот настан, кога турксата власт ги присилувала селаните да се потурчат. Тие прво се согласиле, а после, по укажувањата на поп Ковил од село Косово, порекле, откажале да ја прифатат исламската вера.[1]
[уреди] Села во Поречието
Порече се дели на Горно и Долно Порече, спротивно на месноста и течението на реката Треска, во долниот дел на Треска се вика Горно Порече, а во горниот дел Долно Порече.
Во Долно Порече, од левата страна на реката Треска се селата: Ижиште, Ореовец, Русјаци, Брод (старо село), Требино, Девич, Грешница, Слатина, Манастирец, Тополница, Горно Крушје и Долно Крушје, а од десната страна: Дворци, Пласница, Латово, Сланско, Дреновци, Локвица, Крапа, Црешнево, Модриште, Горна Белица и Долна Белица, Суводол, Драговдол и Вир.
Во Горно Порече, од левата страна на реката Треска се селата: Самоков, Зркле, Звечан, Томино Село, Сушица, Лупште, Ковач, Бенче, Инче, Могилец, Горно Ботушје и Долно Ботушје, Битово, Заград, Растеш, Брест, Косово, Трбовле, Здуње, Рамне, а од десната страна: Тажево и Пуста Брезница.
Во Поречието влегуваат следниве села: Вир, Горни Манастирец, Долни Манастирец, Долно Крушје, Горно Крушје, Грешница, Драгов Дол, Девич, Дреново, Латово, Крапа, Модриште, Локвица, Сланско, Слатина, Суводол, Томино Село, Старо Село, Тополница, Требино, Црешнево, Ижиште, Русјаци, Ореовец, Самоков, Ковач, Бенче, Битово, Близанско, Брест, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Зркле, Заград, Здуње, Звечан, Калуѓерец, Ковче, Косово, Лупште, Могилец, Тажево, Брезница, Требовље, Белица, Рамне, Растеш, Сушица, Инче.
[уреди] Личности
- (1851 - 1904), Ѓурчин Наумовски - Пљакот, од село Сланско, македонски револуционер, војвода на МРО.[1]
- ( - ), Димо Грозданоски, од село Горно Крушје, македонски револуционер и организатор на ВМРО во Порече.
- (1959 - ), Ратомир Грозданоски, од село Брест, македонски теолог, професор и протоѓакон
[уреди] Види исто така
- Масакрот кај Дервишка Нива, колеж извршен од страна на бугарската војска врз 103 жители на Поречието на 6 јануари 1916 година на Бадник.
[уреди] Референци
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982
[уреди] Литература
- Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Порече“ |
- МИА, Во Самоков научен собир „Порече низ историјата“, пребарано на 22 август 2010
- Ратомир Грозданоски, Развој на христијанството во Македонија со посебен осврт на Порече, пребарано на 22 август 2010