Мокра

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Мокра Планина)
Мокра
Јакупица
Глетка на масивот Мокра и Јакупица со врвот Солунска Глава (во средината), Даутица кон лево и Караџица кон десно од врвот Лисец на Голешница
Највисока точка
Надм. вис.2.540 м [1]
Истакнатост1.666 м
Заведена какоултра
Друго имеЈакупица
Географија
Мокра на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија
Матичен венецЈакупица
Искачување
Најлесен патлесно планинарење, но големиот врв (приближно последните 30 метри) затворен од војската.

Мокра позната и како Мокра Планина или Јакупица — најголемиот планински масив во Македонија според своето пространство, кој е сочинет од планините Јакупица, Караџица, Даутица, Голешница и Китка. Највисок врв е Солунска Глава со надморска височина од 2.540 метри.

Местоположба и природно-географски одлики[уреди | уреди извор]

Месноста Долна Бабина Дупка со Нежиловските Стени и врвот Солунска Глава (во позадината) на планината Јакупица
Поглед на масивот Мокра со врвот Солунска Глава во средината од Златоврв

Планинскиот масив Мокра се наоѓа во средишниот дел на Македонија ограден од долините на реките Вардар на исток и Треска на запад. Кон југ масивот на Мокра Планина се отвора кон Пелагонија односно Прилепското Поле, а кон север кон Скопската Котлина. Составена е од повеќе планински делови, односно од огранките: Караџица, Даутица, Голешница, Китка, Мумџица, Салакова Планина и Осој. Планинскиот масив е настанат во терциерот, со раседнување. Јадрото е составено од гнајс и од кристалести шкрилци, а над нив се наоѓаат дебели слоеви на мезозојски варовници и доломити. На планината се наоѓаат траги од ледената епоха, претставени преку циркови (две езера), валови и морени. Овој планински масив е богат со води и развиена речна мрежа при што низ него протекуваат 4 реки: Бабуна, Тополка, Кадина Река и Маркова Река - сите притоки на Вардар во егејското сливно подрачје, а на планината Караџица се наоѓаат и двете познати Салаковски езера. Масивот е извонредни богат со шуми, претежно листопадни како бука, даб, јасика и бреза во средните и пониските делови, зимзелено-иглолисни како бор, елка, оморика во повисоките делови, додека во најниските делови се застапени нискостеблестите грмушки како зелениката, дренот и др. На падините на масивот има и повеќе видови ендемски растенија карактеристични само за овој предел, меѓу кои е и ендемскиот џуџест вид на бор наречен кривуљ кој го има на падините на самиот врв Солунска Глава. Во повисоките делови Мокра Планина е богата со пасишта. Особено добри и познати пасишта со бујна трева се наоѓаат во пределите на карстните полиња Бегово Поле, Солунско Поле, Боро Поле како и по целото било на Караџица, Салакова Планина, Шашковица, Даутица, Пепелјак на кои пасат бројни стада на ситен и покрупен добиток како овци, крави, коњи. Највисоките делови и врвовите на планините кои го сочинуваат масивот се карпести и каменести со прилично остар изглед. Највисок и најзабележлив врв е Солунска Глава, висок 2.540 метри. Други важни повисоки врвови се: Караџица (2.473 м), Попово Брдо (2.380 м), Остар Брег (2.365 м), Убава (2.353 м), Остар Врв (2.275 м), Даутица (2.178 м) и Миленков Камен (2.127 м). Од живиот свет на масивот Мокра се застапени мечките, дивите свињи, волците, лисиците, елените и срните од покрупниот дивеч, а посебна забележителност се стоболките (вид мунгоси) кои живеат во дупките на Бегово Поле.

Опис на протегање и разгранување[уреди | уреди извор]

Изворите на Кадина Река во месноста Јурукова Карпа под гребенот и врвот Убава

Во одделот за орографија на својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров дава детален опис на целиот планински венец и масив на Мокра. На југ – југозапад од градот Скопје и на пределот меѓу Прилепско, Велешко, Скопско и Кичевско се издига еден грамаден планински масив, наречен Мокра[2]. Најблиските планини, заради олеснување во својот запис Ѓорче Петров ги нарекува со името Скопски Планини[2]. Највисокото било во таа планинска група го составуваат Салакова Планина и Караџица, а највисокиот врв е Јакупица[3]. На прв поглед, таа грамада од планини со разни насоки и од различна големина се претствува како да орбазува еден неред. Само преку внимателен преглед може да се определи општата положба на неговите разни групи и вериги. Во таков случај се гледа, дека Мокра е еден грамаден централен планински масив, којшто испушта огранки во различни правци, како зраците на една ѕвезда. Главни од нив се следните: една огранка како северозападно продолжение на Салакова Планина врви право наклонето на река Треска, после папралелно на неа над самиот нејзин десен брег и ги поврзува тие планини со Водно и Сува Гора, а како југоисточно продолжение на истата Салакова планина се Солунските Планини и натаму планината Голешница која го исполнува пространството помеѓу реките Тополка и Бабуна[4]. Накрсно на кажаните, се веригите на планината Даутица, која што се спушта од врвот Јакупица право на југ и го заградува од запад Прилепското Поле и Црн Врв која што се спушта на североисток и завршува јужно од Скопје над самиот Вардар со врвот Китка[5].

Поглед на источната огранка Голешница од врвот Солунска Глава

Под агол со Даутица од истиот врв Јакупица започнува една долга планинска верига со разнообразна височина и карактер на различни места. Таа се протега речиси право и паралелно на реката Бабуна од изворот до нејзиното устие и го исполнува прво пространството меѓу неа и Прилепското Поле, а понатаму меѓу неа и Раечка Река до Тиквешкото Поле, во кое што и се спуштаат последните источни отсеци. До североисточниот крај на Прилепското Поле, таа е тесна и одделена, а оттука кон исток таа се снижува и значително раширува и најпосле завршува во Тиквешкото Поле со врвот Клепа. Нејзината западна половина ја обрзува областа Азот, која што е пресечена со долините на Бабуна и Тополка, а источната – областа Клепа која што е пресечна со долината на реката Река[6].

Именување, потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Планинскиот масив е познат под повеќе различни имиња. Покрај Мокра или Мокра Планина, тој често се нарекува и само како Јакупица според неговата средишна (централна) и највисока планинска огранка, која претставува и јазолот од кој се разгрануваат останатите нејзини огранки. Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров името Мокра (или Мокро) на овој планински масив се должи на фактот што од оваа страна доаѓал дождот во Скопско, а со истиот назив за истите планини и правец од кој доаѓа дождот тој се сретнал и во Овче Поле и Штипско[7]. Името Мокра се објаснува и поради изобилството од вода односно големиот број на извори, водопади, потоци, реки и водотеци рапсространети по целата планина. Според местоположбата на огранките на Мокра, Ѓорче Петров во својата книга северните огранки ги именува како Скопски планини, а јужните преку врвот Јакупица (односно Солунска Глава) како Солунски Планини или многу поретко Велешки, најверојатно според нивното припаѓање во тогашните Скопски и Солунски вилает.

Глетка од Мокра

Планинарење и туризам[уреди | уреди извор]

Поради изобилството од убави места за прошетки, несекојдневните глетки од убавините на природата како што се бројните цветни ливади, густи листопадни и зимзелени шуми, водопади, две леднички езера, како и заради пристапноста со железничкиот и патниот превоз од Скопје и Велес целиот планински масив Мокра е многу посетуван од голем број на туристи, планинари, алпинисти, велосипедисти и љубители на природата. По целиот планински масив на Мокра поминува добро обележаната планинарска патека од трансферзалата „Македон“ кој започнувајќи од станицата Ореше, преку врвот Солунска Глава води сѐ до Количани и Драчево во Скопје, а која од неодамна е продолжена и на Даутица до Стровија во Прилепско. На огранките на планинскиот масив Мокра се наоѓаат повеќе планинарски домови меѓу кои познатите Планинарски дом „Караџица“, Планинарски дом „Чеплез“, Папрадиште, разрушените „Бреза“ на Голешница и „Исак Русо“ (или „Бегово“) на Бегово Поле, „Китка“ кој е во завршна фаза на обнова, потоа помалите планинарски домови во Стровија, Мокрени. На западните падини на масивот над долината на реката Треска во Порече се наоѓаат и природниот резерват и ловиштето „Јасен“ кои изобилуваат со природни реткости и дивеч. Од Драчево по падините, а потоа и по зарамнетото било и трансферзалата „Македон“ крај планинарскиот дом „Караџица“ и Бегово Поле до врвот Солунска Глава води поширок земјен колски пат кој е често посетуван од бројни планински велосипедисти, љубители на возење крос-мотори, баги-коли и џипови. Извонредно високите и стрмни Нежиловски стени под врвот Солунска Глава кои достигнуваат височина помеѓу 800 и 850 метри, како и бројните карпи и пештери на високопланинското било на планините Јакупица, Караџица и Китка се често место посетувано од бројни домашни и странски спелеолози и алпинисти. Особено прекрасна глетка посетувана од туристи се водопадите на изворите на реката Бабуна, а на речните текови на масивот постојат и неколку познати рибници во Нежилово на Бабуна, Алдинци на Кадина Река, во Белица на Беличка Река во Порече.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.ii.uib.no/~petter/mountains/europf.html#glava
  2. 2,0 2,1 Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.63
  3. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.64
  4. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.68
  5. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.70
  6. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.72
  7. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.71

Надворешни врски[уреди | уреди извор]