Скопска Котлина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Поглед на источниот дел на Скопската Котлина (Скопско Поле) од месноста Три Круши кај Драчево
Поглед на Скопската котлина и реката Вардар од с. Таор
Крајниот северо-источен дел на Скопската котлина меѓу селата Бучинци и Мршевци, граница со Кумановско

Скопска Котлина — една од поголемите котлини во Македонија. Таа претставува втора котлина по течението на реката Вардар. Скопската котлина е образувана од планините Жеден, Ивање (Матка) и Сува Гора на запад, Скопска Црна Гора на север, Градиштанска Планина (Ѓуриште) на исток и североисток, Голешница на југоисток и Китка, Караџица и Водно, односно масивот на Мокра Планина на југ.

Географски одлики и карактеристики[уреди]

Скопската котлина е пространа котлина која се наоѓа во северниот дел на Македонија. Опкружена е со планини од старо-грамаден тип. Таа претставува дел од композитната долина на реката Вардар, која навлегува во котлината од Дервенската Клисура на северпзашад, а ја напушта влегувајќи во Таорската Клисура на југ. Котлината зафаќа површина од 1818 km² и има правец на протегање запад-исток. Средишниот дел на котлината е пространата алувијална рамнина на реката Вардар, односно Скопското поле. Просечната надморска височина изнесува 281 метар (градот Скопје е расположен на 245 метри). Целата речна и водена мрежа во котлината припаѓа на сливното подрачје на реката Вардар, односно Егејско Море.

Население и етнографски одлики[уреди]

Скопската котлина претставува најнаселениот и најгустонаселениот дел на Македонија. Во неа живеат 571, 040 жители, од кои најголемиот дел Македонци (64,39%), а во помал број Албанци (23,11%), Роми, Срби, Бошњаци и Турци. Најголемиот дел од котлината го зафаќа градот Скопје. Етногеографски предели и области во Скопската котлина се: Скопска Блатија, Каршијак, Торбешија, Црногорија, Скопски Дервен. Поради градот Скопје, Скопската котлина од секогаш претставувала подрачје со голем број на миграции, доселувања и отселувања на населението. По Втората светска војна, доселувањата во Скопската котлина од цела Македонија, како и од простори на поранешна Југославија го достигнале својот врв, а тие траат се до денес.

Земјоделство, стопанство и економија[уреди]

Географската положба, самиот терен, климата и почвата во Скопската котлина се многу поволни за земјоделство и сточарство. Полјоделството е особено развиено во рамничарскиот предел во алувијалната раминина по течението на реката Вардар. Најзастапени се житните култури и тоа: пченицата, јачменот и пченката. На големи површини се застапени одгледувањето на зеленчук, индустриски растенија (сточна храна), градинарството и рано-градинарското производство (под пластеници и оранжерии), овоштарството и лозарството. Од зеленчукот и градинарските култури највеќе се одгледуваат: домат (познатиот вид „скопски јабучар“), пиперки (зелен пипер), кромид, лук, млад кромид и лук (арпаџик - с.Драчево), зелка (с.Бардовци, Злокуќани, Драчево), марули, морков, компир, боранија, грашок. Од индустриските култури застапени се: тутунот, детелината, луцерката и крмната пченка. Овоштарството е застапено претежно во висорамнинските предели на подножјата на околните планини во јужниот, источниот и северниот дел на котлината. Од овошките се одгледуваат: цреши, јаболка, јагоди, сливи, кајсии, праски.

Сообраќај[уреди]

Скопската котлина е сообраќајно најважното и најразвиеното подрачје во Македонија. Токму во Скопската котлина се вкрстуваат и спојуваат двата пан-европски авто-патни и железнички коридори 8 и 10. Во ова подрачје се наоѓа и најголемиот македонски Аеродром Александар Велики. Целата Скопска котлина во правец запад-југоисток и североисток е поврзана со авто-патишта, а истовремено и со железничка пруга. Ваквата одлична сообраќајна поврзаност и достпаност се должи на 2 главни причини: тука се наоѓа главниот град Скопје и стратешката географска положба и конфигурација на теренот што претставува природен спој на Вардарската долина кон Моравската на север.