Полошка Котлина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Полог води тука. За други значења видете на појасннителната страница
Поглед на Полошката Котлина од Шара
Поглед на Горен Полог од црквата „Св. Петка“ на Сува Гора, Стенче

Полог или Полошката Котлинакотлина и историско-географски регион во северозападниот дел на Македонија, со површина од околу 400 км². Поделен е на два дела: Горен и Долен Полог и се протега во меридијански правец север - југ. Во Полог живеат околу 304.125 жители (2002) од кои Македонците претставуваат околу 18,4%, мнозинството се Албанци (73,2%), а во помала мера се застапени Турци, Роми и други. Тетово и Гостивар се најголемите населени места во Полог.

Релјефни, орографски и географски карактеристики на Полог[уреди]

Сателитска снимка на Полог

Од западната и делумно и на северната страна Полог е ограден со Шар Планина, од источната страна е ограден со планините Сува Гора и Жеден, а на југ е ограден со падините на Бистра (Влаиница) и Челоица. Во југо-западниот дел на Полог се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар која протекува вдолж целата котлина во должина од 68 километри. Просечната надморска височина се движи од 360 до 430 метри во Долни Полог (тетовскиот дел) и од 430 до 580 метри во Горни Полог (гостиварскиот дел).

Статистички регион[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Полошки регион.
Етнички заедници во Статистичкиот регион Полог по општини

Статистичкиот регион Полог е еден од 8-те Статистички региони во Република Македонија, и има површина од 2417 км2 и население 304.125 жители (2002). Вклучува 9 општини:

Етничкиот состав на населението во статистичкиот регион Полог (2002) е следниот:

  • Албанци — 222.679 жители (73,2 %)
  • Македонци — 57.079 жители (18,5 %)
  • Турци — 16.386 жители (5,3 %)
  • Роми — 4.194 жители (1,3 %)
  • други — 3.187 жители (1,0 %)

Историја[уреди]

Камено време[уреди]

Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолиските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88) и Под село тумба кај с. Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.[1].

Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник типот ‘Големата-Мајка’ (lat. Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се карактеризира со влијание на Винчанската култура од север.[1]

Метално време[уреди]

Кон крајот на 4. милениум ст.е., започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од централна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските праетнички, а подоцна и етнички заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луkсузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри. Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се карактеризира со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.

Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Дасаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античко-македонската лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античко-македонското етничко формирање.[1]

Рана антика[уреди]

Во 1932 год. блиску местото наречено Балезова Чешма, е пронајдена статуа од бронза од периодот на Агријаните, IV век п.н.е., и претставува вреден археолошки пронајдок, најден во Тетовската околија. Статуата е со димензии 9 cm, долга и 4 cm широка, и се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.

Во минатото постоеле различни теории за тоа кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а се до III век п.н.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335 п.н.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.

Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот IV век п.н.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).

Кон крајот на IV век п.н.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на III век п.н.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римската Империја во 168 п.н.е.[1]

Римски период[уреди]

Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од II-III век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (I-III век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (III-VI век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.

Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од III век, а траеле и низ наредните векови, римските императори почнале во доцниот IV век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и локалитетот Исар-Бањиче крај Тетово.

Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од I век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин вo 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, пришто најдобро проучени се базиликата од Стенче од V век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. VI век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.

Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот VI век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.[1]

Земјоделство и стопанство[уреди]

Покрај Пелагонија и Струмичкото Поле, Полог претставува еден од земјоделски најразвиените региони во Македонија. Котлината е најпозната по гравот (тетовскиот грав) кој најмногу се одгледува во Долни Полог. Од житните култури најзастапени се пченката и пченицата. Од градинарските култури застапени се и зелката, кромидот (особено во Горни Полог) итн.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Дарко Гавровски, "Тетовски древности. Полог од Праисторијата до VII век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај", Тетово, 2009.