Остроготи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мозаик на кој е претставена палатата на Теодорих Велики кој се наоѓа во базиликата Сан Аполинаре Нуово.

Остроготите уште познати и како Источни Готи биле племенска групација која околу 3-от век се оделила од основната маса на готските племиња. Во тој ран период тие ги населувале териториите источно од реката Днестар, северното крајбрежје на Црното и Азовското Море.[1]

Остроготски племенски сојуз[уреди]

Кон средината на IV век во црноморските степи бил формиран еден крупен племенски сојуз на чело со Остроготите, предводени од кралот (Х)Ерманарик. Покрај Готите, во сојузот влегле и некои сарматски и словенски племиња. Источно од готскиот сојуз, во степите на Долна Волга и Северен Кавказ веќе бил формиран племенскиот сојуз на Хуните, кои во средината на столетието ги поразиле Аланите и станале непосредни соседи на Остроготите. Неизбежниот судир помеѓу двата сојуза се случил во 375 година.[2] Во решавачката битка, лесната хунска коњаница имала очигледна предност над готската пешадија и им нанела на Готите тежок пораз. Кралот Ерманарих, неможејќи да го поднесе поразот, се самоубил, сојузот се распаднал, а поголемиот дел од Остроготите продолжиле заедно со Хуните да се движат кон запад и да ги остваруваат нивните интереси.

Кралството на Остроготите[уреди]

По распаѓањето на хунскиот племенски сојуз со битката кај Недао во 454 година, Остроготите во Панонија се ослободиле од власта на Хуните и, откако излегле од сојузот со Гепидите, станале федерати на Источното Римско Царство. Остроготските воени одреди биле користени како наемници во византиската армија. Кон крајот на 5-от век на чело на Остроготите застанал Теодорих од познатиот род Амал. Тој бил воспитуван во Константинопол, каде што извесно време престојувал како дипломатски заложник. На дворот на императорот Зенон (474-491) заземал висока положба, а добил и патрицијска и конзулска титула. Тоа не му пречело неколку пати да се крева против Императорот и да го загрозува главниот град на Византија. За да ги упати Остроготите подалеку од престолнината Зенон го упатил Теодорих во Италија, наложувајќи му да ја ликвидира власта на Одоакар.

Остроготското кралство

Освојувањето на Италија[уреди]

Во Италија веќе постоела државата на Одоакар. Имено тој, во 476-та година заедно со група на наемници во римска служба, кренал востание и го симнал од престолот императорот Ромул Августул, последниот западно-римски император. На неговото место не бил поставен нов император, туку Одоакар (476-493) ја зел власта во свои раце и формирал свое кралство со центар во Равена, кое ги опфаќало териториите на Италија, Далмација и Сицилија, а ја признавало врховната власт на источно-римскиот цар Зенон. Притоа, Одоакар ги испратил во Константинопол царските инсигнии, што им припаѓале на западно-римските цареви, а за возврат, од Константинопол бил признат за намесник на Царството и ја добил престижната титула патрициј. Но Одоакар водел самостојна политика и владеел независно од цариградскиот двор, што предизвикало силна опозиција во Италија и незадоволство во престолнината на Византија. За да стави крај на независната политика на Одоакар и да се ослободи од притисокот на Остроготите кои ги населувале византиските територии (вклучително и територијата на Македонија), императорот Зенон ги насочил воените сили на Остроготите во Италија.

Походот на Теодорих кон Италија и создавањето на Остроготското кралство[уреди]

Кон крајот на 488-та година, Остроготите, на чело со Теодорих, се упатиле кон Италија. Се смета дека броеле околу 100.000 луѓе, од кои 20.000 биле војници. Во неколку битки Теодорих успеал да ги победи војските на Одоакар, а потоа со него склучил мировен договор за поделба на Италија. Но овој договор не траел долго. Теодорих со измама успеал да го ликвидира Одоакар кога му дошол на посета и потоа навлегол со својот народ во Италија. Во 493 година било формирано Остроготското кралство, на чело со кралот Теодорих (493-526). Покрај Италија, новата држава ги зафаќала и териториите северно од неа, до Дунав, денешен Тирол, Швајцарија, дел од Баварија, Австрија, Панонија, Илирија на источниот брег на Јадранското Море, како и Сицилија. Престолнина на кралството станал градот Равена.[3][4]

Државна организација[уреди]

Готското население не се рамномерно населило на целото географско подрачје на Апенинскиот полуостров туку завземало само одредени области во северна и средна Италија.[5] Во јужна Италија биле поставени само готски воени гарнизони. Остроготското кралство функционирало на принципот на успешна синтеза на остатоци од римските државни и политички институции со формите на „варварските“ начела на управување. Во својата држава Теодорих дозволил религиозна слобода (по 520 г.), кое што во практика означувало дека во недрата на остроготската држава паралелно дејствувале епископи од аријанската црква со оние од папскиот престол. Земјата била поделена со месното население на тој начин што на Готите им била дадена третина од владеењата на римските земјопоседници. Оваа третина им е дадена на Готите во прв ред за сметка на приврзаниците на Одоакар, кој што во свое време заграбил една третина од земјата на Италците. Но по се изгледа оваа земја не била доволна за Остроготите, поради што бил земен дополнителен дел од земјата на римските земјопоседници.[6]

Остроготски обетки

Владеењето на Теодорих[уреди]

Теодорих се титулирал како „римски патрициј и крал на Остроготите“. Неговата кралска титула, по молба на папата и римскиот сенат, била признаена од источноримскиот император, а самиот Теодорих декларирал дека ке ги почитува римските закони и ќе го запази постојаниот административен систем. Остроготскиот владетел се стекнал со завидно реноме и кај соседните „варварски“ владетели, поврзувајќи се со нив преку династички бракови: Тој самиот се оженил со сестрата на кралот на Франките Клодовик, својата ќерка ја омажил за Аларих II, кралот на Визиготите, а својата сестра ја дал за жена на тиришкиот владетел. На својот двор, во својство на советници, ангажирал видни римски филозофи, од кои најзначајни меѓу нив биле Касиодор и Боециј.[7]


Пропаста на Остроготското кралство[уреди]

Наследниците на Теодорих[уреди]

По смртта на Теодорих Велики кралствто започнало забрзано да пропаѓа. Тој бил наследен од неговата ќерка Амалсунта (526-534), која, заради востановениот мир со Византија била симната од престолот од страна на остроготските воени структури.

Војната со Византија[уреди]

Како одговор на симнувањето на кралицата Амалсунта, во 535 во Италија започнале да продираат војските на византискиот император Јустинијан I. Оваа војна започнала со низа големи византиски победи. Еден дел од византиската војска навлегол во Далмација, додека вториот дел под водство на Велизар ја освоил Сицилија, се пробил понатаму во Италија и брзо ги завзел Неапол и Рим. Но потоа настанала жестока борба. Велизар во Рим морал да издржи долга опсада, додека најпосле не успеал да се пробие на север, да ја завземе Равена и да го совлада храбриот крал Витигес, кој бил одведен во Цариград како заробеник(540). Меѓутоа под енергичното водство на Тотила, Готите повторно се дигнале. Велизар претрпел неколку порази. Одвај генијалниот стратег и вешт дипломат Нарзес успеал по долго и заморно војување да го скрши отпорот на непријателот. Најпосле по дваесетгодишни тешки и променливи борби, Остроготското кралство било освоено од страна на Византија (555).[8]


Наводи[уреди]

  1. Скаскин Д. и други (1970). Историја на средниот век, том 1, Скопје, стр 86.
  2. Аџиевски К., - Петровски Б. (2009). Историја на Европа во раниот среден век, Скопје. стр 29.
  3. Скаскин Д. и други (1970). Историја на средниот век, том 1, Скопје, стр 94
  4. Аџиевски К., - Петровски Б. (2009). Историја на Европа во раниот среден век, Скопје. стр. 32
  5. Brandt M. (1980). Opca povijest srednjeg vijeka I, Zagreb. стр.78.
  6. Скаскин Д. и други (1970). Историја на средниот век, том 1, Скопје, стр 94
  7. Аџиевски К., - Петровски Б. (2009). Историја на Европа во раниот среден век, Скопје. стр. 33
  8. Г. Острогорски, Историја на Византија, Скопје 1992. стр.94-95.

Литература[уреди]

  • Аџиевски K., Петровски B.,(2009) „Историја на Европа во раниот среден век“, Скопје.
  • Brandt M. (1980)., „Opca povijest srednjeg vijeka I“, Zagreb.
  • Острогорски Г.(1992)., „Историја на Византија“, Скопје.
  • Скаскин Д. и други (1970). „Историја на средниот век“, том 1, Скопје.

Надворешни врски[уреди]