Франки

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Статуета најдена во Манс која прикажува Франк. Dumbarton Oaks, Вашингтон.

Франките (латински: Franci или gens Francorum) се група на германски племиња, кои дошле од Фризија и се населиле во доцната Римска империја како федерати. Првите населувања за франките се околу 3 век. Тие создале држава на територијата на дел од современа Франција и Германија (Франконија).

Во текот на 358 година веќе постоеле два франкиски сојуза: рипуарски и салиски. Во текот на триесеттите години на 4 век Салиските Франки искористувајќи ја влошената состојба во Империјата ја зголемиле својата територија сè до реката Сома. Со Клодовик I (481 - 511 година) Франките ја разбиле римската армија на Галија, Сијагриј во битката кај Соасон во 486 година. Во 496 година Хлодвиг и неговото семејство се покрстило и христијанството станало официјална религија помеѓу Франките. Тој наредил да биде направен запис на обичното право. Неговите наследници исто така се трудиле да се придржуваат до римските институции, се со цел да си ја легитимират својата власт, а Карло Велики бил прогласен и за император од страна на римскиот папа. Франкиското царство е единственото варварско царство, кое „преживеало“ и дало почеток на едно современо европско кралство.

Франкиската држава претрпела мноштво поделби. Бидејќи на франките им недостасувал моделот на res publica, тие во државата гледале дел од својата сопственост и согласно нивните обичаи ја разделувале на своите потомци, односно на синовите. Оваа практика до некаде ја објаснува тешкотијата при точниот опис на датите и физичките граници на франкиските кралства и владетелите на одделните делови на кралството.

Теории и легенди за потеклото на Франките[уреди]

Постојат повеќе теории врзани за потеклото на Франките:

  • Околу 580, хроничарот Грегориј Турски зборува за народ од Панонија кој тргнал по горното течение на реката Дунав за да се насели на бреговите на реката Рона, и кој потоа ја освоил Галија[1] ·[2].
  • Околу 660, Хрониката на Фредегер, а потоа и Liber Historiae Francorum околу 725, тврдат дека Франките биле бегалци од градот Троја, по освојување на истиот од страна на Грците[2].
    Оваа теорија била оспорувана уште во 17 век а денес и целосно отфрлена.
  • Во 1714, историчарот Никола Фрере прв ја изложил тезата според која Франките потекнуваат од германските народи, но сметана за напад на достоинството на монархијата, оваа теза на авторот му донела шест месеци затвор во затворот во Бастија [3].
  • Потпирајчи се на морнарските вештини на првите Франки и економските и воени практики различни од нивните германски соседи, историчарот Роџер Гранд во 1965 предлага теза дека Франките впрочем биле скандинавски имигранти кои дошле да се населат на бреговите на Рона во тек на 3 век. Оваа теза исто така е предмет на големи критики и е неприфатена[4]

Историја[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Франкија.
Територијалната положба на Франкиското царство од 481 до 814 г.

Сојузи на Франките (лиги)[уреди]

Во тек на првите векови од нашата ера, германските народи се во постојана преселба, под притисок на другите народи и нивните преселби. Луѓето населени меѓу реките Рајна и Везер, кои не можеле да ги преминат ронските лимеси мигрирале кон Хес и Турингија, но се судирале со други народи[5].

За да го издржат ваквиот притисок, првата лига на германски народи била формирана на почетокот на 3 век. Нејзините членови ја нарекле Лига на сите луѓе (на старогермански alle man). Оваа лига која за првпат се појавила во 213 во римските текстови под формата Allamannicus од каде произлегол зборот Алемани, имала за цел да се спротивстави на соседните германски племиња и да освојува нови територии и да ги преминува германските лимеси [5].

Станува збор за Франкиската лига, отпрвин составена од Хамави, Хатуери, Бруктери и Салијци, а потоа кога овие последните ја преминале Рајна, во лигата влегле и Тонгрите, во чиј дел биле Сикамбрите. Подоцна ќе влезат и Ампсивариите, Тинктрите, Тубантите и Узипетите[6]. На златните монети од императорот Константин I од 306 после победите врз Алеманите е исковано Francia и Alamannia, што се чини дека покажува дека во тоа време веќе постоела земјата на Франките којашто Римјаните ја нарекувале Франкија и која чисто ја разликувале од соседната земја на Алеманите. Франкија тогаш сé уште немала политичка конотација, туку повеќе, географска и социолошка. Во 2 и 3 век Franci опишувало лига или конфедерација на германски народи населени на десниот долен брег на реката Рајна (односно, североисточно од Рајна), од другата страна на границите на Римската империја. Франките биле воинствен народ кои бирале свој воен водач којшто го нарекувале rex francorum или, ’’Крал на Франките’’.

Потекло според современите научници[уреди]

Современите научници на периодот на преселбите се согласни дека идентитетит на Франките се појавил во првата половина на 3 век од порано различни, помали германски групи, вклучувајќи ги и Салијците, Сикамбрите, Хамавите, Бруктерите, Хатите, Катуарите, Ампсивариите, Тенктери, Убии , Батавијците и Тунгријците. Овие племиња ја населиле долната и средишната долина на Рајна помеѓу Зајдер Зи и реката Лан и се ширеле кон исток до Везер, но најгусто биле населени околу Ејсел и меѓу Липа и Сиег. Франката конфедерација веројатно почнала да се оформува во 210 околу областа која Римјаните ја нарекувале долна Германија.

Салиските Франки извршиле инвазија врз Римската Империја и биле прифатени како Федерати од страна на Јулијан Отпадник во 358. До крајот на 5 век, Салиските Франки нашироко се населиле на римска територијата која сега се состои од Холандија на југ од реката Рајна, Белгија и северозападна Галија, каде, за време на големата преселба на народите тие формирале кралство, и од нив постепено произлегла меровиншката династија [7]Во исто време, друга лига била формирана малку посеверно, долж реката Рона и во долна Германија. Франките во римските текстови се појавуваат и како сојузници и како непријатели ( laeti или dediticii). Околу 250, една група Франки, искористувајќи ја ослабената Римска империја, навлегла дури до Тарагона во денешна Шпанија, останувајќи во овој регион околу една деценија пред римските сили да ги потчинат и да ги протераат од римска територија. Во 287 или 288, римскиот цезар Максимијан го поразил салискиот крал Генобауд. Тој и неговите луѓе му се предале речиси без борба. Максимијан прифатил што се предале и ги населил Салијците во Токсандрија - долна Германија – на устието на Рајна зад лимесите на белгиска Галија, давајќи им статус на Лаети (поданици на царската власт). Во 5 век, постоеле голем број мали франкиски кралства, меѓу нив и оние во Келн, Турне, Ле Ман и Камбре. Кралевите на Турне со време ги покориле другите франкиски кралеви. Ова било веројатно овозможено поради нивниот сојуз со Егидиј, на магистер милитум во северна Галија; кралот Хилперик I се борел на страната на Егидиј во 463. Се претпоставува дека Хилдерик и неговиот син Клодовик I биле заповедници на римската војска во провинцијата Белгика Секунда. Клодовик подоцна се свртел против римските воени лидери и ја добил битката против Сијагриј во 486/487. По оваа битка, Клодовик го заробил Харарик, а подоцна го убил. Неколку години подоцна, Рагнакар, крал на Франките од Камбре, и неговите браќа биле убиени од страна на Клодовик. До 490, Клодовик го освоил сите франкиски кралства на запад од реката Мас, оставајќи ги само Рипуарските Франки. Градот Париз станал негова престолнина.

Меровиншкото кралство (481–751)[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Меровинзи.

Клодовик I станал првиот крал на сите Франките во 509 година, кога го освоил кралството на Келн. Тој го освоил Кралството Соасон на римскиот војсководец Сијагриј и ги протерал Визиготите од јужниот дел на Галија во битката кај Вује, со што се воспоставила франкиска хегемонија над поголемиот дел од Галија, со исклучок на Бургундија, Прованса, и Бретања, кои подоцна ќе бидат освоени од неговите наследници - Меровинзите. Клодовик го поделил кралството помеѓу своите четири синови на начин на кој ќе биде усвоен понатаму и од неговото поколение кои исто така постојано ќе го делат кралството на синовите и внуците.

Империја на Франките во 511 под Клодовик, кралот на Франките.

Синовите на Клодовик ја поразиле Бургундија во 534, но меѓусебни непријателства дошле до израз за време на владеењето на браќата Сигеберт I и Хилперик I и нивните синови и внуци, во голема мера поткрепено со ривалство на кралиците Фредегунда и Брунхилда. Овој период сведочи за појавата на три различни кралства (односно поткралства): Австразија, Неустрија, и Бургундија. Секој регион се развива на свој начин и често се обидува да изврши влијание врз другите или да завладее со истите. Со издигнувањето на кланот на Арнулфинг од Австразија центарот на политичка моќ постепено се префрлал источно од Париз и Тур кон териториите поблиску до реката Рајна.

Кралството на Франките било обединето повторно 613 од страна на Клотар II, синот на Хилперик. Клотар на благородниците им го дал Парискиот едикт во обид да се намали корупцијата и го обедини своето големо кралство под негова надлежност. По успешното воено владеењето на неговиот син и наследник Дагоберт I, кралската моќ брзо опаднала под власта на серија на кралевите традиционално се познати како мрзливи кралеви . Откај 687, по битката кај Тертри, официјално власта му припаѓала на мајордомот на палатата. Конечно, во 751, со одобрение на папството и благородниците, мајордомот Пипин Кусиот го симнал од престолот последниот меровиншки крал, Хилдерик III, а потоа самиот бил крунисан, започнувајќи ја новата династија на Каролинзите.

Каролиншка империја (751–843)[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Каролинзи.

Обединувањето на поголемиот дел на она што денес е западна и централна Европа под еден главен владетел обезбедило плодна почва за продолжување на тоа што е познато како Каролиншка ренесанса. И покрај речиси постојаното меѓусебно војување во рамки на каролиншката империја, продолжувањето на франкиската власт и римохристијанството над таа широка територија обезбедило единство во Империјата. Секој дел од каролиншката империја се развивал посебно; франкиската власт и култура зависела многу од индивидуалните владетели и нивните цели. Тие цели лесно се менувале какошто се менувале и политичките алијанси во рамките на франкиските водечки семејства. Сепак, сите овие семејства, вклучително и Каролинзите ги делеле истите основни верувања и идеи на владеење. Овие идеи и верувања ги влечат своите корени од римската и германската традиција, традиција која започнала уште пред подемот на Каролинзите и во некоја мера продолжила и по смртта на Луј Побожниот и неговите синови.

Синовите на Луј Побожниот, внуци на Карло Велики, воделе граѓанска војна по смртта на Луј заради наследството. Франкиските територии биле поделени меѓу нив. На Карло Ќелавиот му биле дадени западните територии, "Западна Франкија", што подоцна ќе стане Франција. Луј Германски ги добил источните, кои ќе станат Германија. На Лотар I му била дадена земјата помеѓу двете "Средна Франкија", која се состоела од Лотарингија, Прованса, и северна Италија. Средна Франкија не била обединета во било кој смисол, и во следниот период се распаднала во помали кралства над кои и Западна и Источна Франкија покажувале афинитети. Се чини, Франција и Германија продолжиле да се борат за овие земји сé до Втората светска војна.

Физички изглед[уреди]

Франките носеле тенки мустаќи, за разлика од густите бради на другите германски племиња.

Сидониј Аполинар ги опишал нивните различни мустаќи и ги истакнал нивните светлосини очи: </ br>

Нивните очи се бледи, сивкастосини. Нивните лица се избричени кружно, и место бради, имаат тенки мустаќи кои ги обликуваат со чешел. Мажите носат тесна припиена на нозете, колената им се голи, а широк појас носат на тенката половина.[8]

Војска[уреди]

Франките користеле скрамасакси (мечови со средна должина), ангони или фрамеи (копја со кука кои овозможувале да се онеспособи непријателот), и франциски (секири). Овие оружја кои биле технолошки развиени за тоа време, поврзани со добро воено ракување во текот на битката биле добра закана за нивните германски келтски или римски соседи, надмоќ на Франките но сé по цена на мошне жестоки битки. Во битката тие не користеле ниту шлем ниту оклопи, односно се бореле гологлави и со незаштитени гради. Воините го носеле скрамаксот на колкот а во левата рака го држеле штитот изработен од кожа и повеќе ја претпочитале пешадијата од коњаницата [9]. Тие не поседувале тешка коњаница. « Ретко користат долги копја; тие носеле сечила (hastæ), тенки и кратки направени за фрлање или за борба гради во гради... Коњите не им се тренирани за борба[10] ».

Култура[уреди]

Јазик и писмо[уреди]

Јазикот што се зборувал на почетокот кај Франките е познат како старофранкиски јазик. Тој се потврдува само во личните имиња и во најголем дел е реконструиран од старохоландски јазик и заемки од старофранцускиот и латинскиот јазик. Иако го позајмил своето име на голем број нашироко зборувани дијалекти во модерна Германија ( рипуарски, мосел-франконскиот, рајна-франконскиот, источнофранконскиот, југофранконскиот), Франција (лоренскиот) и Луксембург (луксембуршкиот), тие јазици не се директно поврзани со древниот јазик на Франките. .[11]

Нема никакви остатоци за некаква пишана литература на франкиски јазик, а можеби и никогаш не постоела. Латинскиот бил пишан јазик на Галија пред и за време на франкискиот период (на пример Салискиот законик). Во однос на литературата на Галите на латински, од тоа што останало, постојат неколку хроники, многу житија за животот на светците и мал опус поеми.

Зборот "франк" има значење на "слободен" (на пример, англиски frank, frankly'). Ова можеби е така бидејќи, после освојувањето на Галија, само Франките биле ослободени од плаќање данок [12]

Религија[уреди]

Паганство[уреди]

Цртежи од златните пчели или муви најдени во гробот на Хилдерик I.

За Франките паганството се појавува во примарни извори, но нивното значење не е секогаш јасно. Современите научници многу се разликуваат околу нивното толкување, но веројатно е дека франкиското паганство поголемиот дел од своите карактеристики го дели со другите видови на германско паганство, подоцна адаптирано при нивниот упад во Римската Империја.

Тоа било мошне ритуално со многу секојдневни активности фокусирани околу повеќе божества, а главно божество можеби бил Кинотаур, воден бог од кој Меровинзите верувале дека се изродиле нивните предци. [13] Повеќето од паганските богови биле поврзани со локалните култови и нивните свети карактери и моќ се врзувале со одреден регион, надвор од кој ниту му се поклонувале ниту стравувале. Повеќето од боговите биле "световни", кои поседувале форми и имале некаква конкретни врска со земските предмети, сосем спротивно на возвишениот Бог на христијанството. [14]

Археолошки, франкиското паганство било видено во гробот на Хилдерик I, каде телото на кралот било најдено облечено во облека украсена со бројни златни пчели (или муви). Симболизмот на овие инсекти е непознат.

Христијанство[уреди]

Статуа во катедралата на Ремс која го прикажува крштевањето на Клодовик I од страна на Св.Реми околу 496.

Некои Франки рано се преобратиле во христијани, како Силван во 4 век. Во 496, Клодовик I, кој се оженил за бургундската католичка по име Клодитла три години претходно, бил покрстен и ја примил христијанската вера откако ги поразил Алеманите во битката кај Толбијак. Според Григориј од Тур, над 3000 од неговите војници биле крстени заедно со него.[15] Преобраќањето на Клодовик и прифаќањето на католицизмот ќе има огромен ефект врз текот на европската историја, бидејчи во тоа време Франките биле единственото поголемо христијанизирано германско племе без предоминантна аријанска аристократија (нивните противници, Остроготите, Визиготите, Бургундите и Ломбардите, се преобратиле во аријанско христијанство). Овој потег на Франките придонел да се зајакнат нивните врски со Црквата во Рим а со тоа и да порасне нивното влијание и моќ.

Поголем дел на франкиската аристократија набргу по примерот на Клодовик го прифатиле христијанството. Сепак покрстувањето на народот кој бил под франкиска власт одзело доста време и напор – на некои места скоро два века и повеќе.[16] Имало и отпор кој веднаш бил задушуван: ’’Хрониката на Сен-Дени’’ пишува дека после крштевањето на Клодовик, голем број верни пагани, незадоволни од ваквите случувања, му се приклучиле на Рагнакар, моќна фигура кој одиграл значајна улога при доѓањето на Клодовик на власт. Преку текстот останува нејасно зошто Клодовик наскоро го заробил Рагнакар а потоа и го убил.[17] Што се однесува до регионите на отпор, тие биле покорувани постепено а голема улога во нивното преобраќање одиграле манастирите кои биле во експанзија.[18]

Франкиската црква на Меровинзите се оформила низ голем број надворешни и внатрешни сили: требала да се справи со галоримската христијанска хиерархија присутна меѓу благородниците; требала да ги христијанизира паганските Франки и да ги задуши традиционалните пагански обичаи; требала да обезбеди нова теолошка основа за меровиншкиот облик на кралство кое имало длабоки корени во паганската германска традиција; требала да врши мисионерски активности кај Ирците и Англо-Саксонците и да се усогласи со барањата на папата.[19] Каролиншката реформа на манастирите и односите меѓу црквата и државата биле кулминација на Франкиската црква а воедно и нејзина трансформација.

Личното богатство кое го поседувала меровиншката елита дозволила изградба на многу манастири. Во 6, 7, 8 век се појавиле двата најголеми брана на монаштво во франкискиот свет, движење кое ќе биде реорганизирано со закон кој ќе бара сите калуѓери и монаси да го следат правилото на Св. Бенедикт [20] Црквата се чини дека понекогаш имала проблеми во односот со меровиншките кралеви кои се повикувале на тоа дека владеат поради нивното мистично кралско потекло. Воедно кај нив постоела и појавата на полигамија вообичаена кај нивните претци а што Црквата не го одобрувала. Кога мајордомите ја зеле власта Црквата ги поддржала а императорот кој бил крунисан од страна на папата многу повеќе одговарал на очекувањата што ги имала Црквата од некој владетел.

Уметност и архитектура[уреди]

Пехар (c. 525) од богатството на Гурдон.

Раната франкиска уметност и архитектура припаѓаат на онаа фаза на европската уметност наречена Уметност од периодот на преселбите, и многу малку остатоци сведочат за тоа. Подоцнешниот период се нарекува Каролиншка уметност, или, посебно во архитектурата, - Уметност на Раниот среден век.

Меровиншка уметност[уреди]

Многу малку е сочувано од франкиската архитектура од меровиншкиот период. Делото на Григориј од Тур ги фали црквите изградени во негово време, кои поголемиот дел се чини биле изградени од дрво, во вид на базилика. Најцелосно сочуван пример од меровиншката архитектура е крстилницата посветена на Свети Јован во Поатје, мала градба во галоримски стил. На југот на Франција постојат доста такви крстилници кои опстанале од тоа време.

Од овој период сочувани се археолошки пронајдоци во вид на накит (како брошеви), оружја (како мачеви со декоративни дршки), најдени во гробовите, како славниот гроб на кралицата Арегунда, откриен во 1959, или богатството на Гурдон, од 524. Многу малку ракописи останале од меровиншкиот период, а оние кои останале како на пример Gelasian Sacramentary, во себе содржат доста зооморфни претстави.[21]

Закон[уреди]

Поврзано: Салиски закон и Рипуарски закон

Како и другите германски племиња, законскиот модел на Франките на почетокот не бил пишан документ туку усно по сеќавање се пренесувал (применувал) од страна на рахимбурзите'’.[22] Со време кодексот почнал да се пишува (во 6 век) и постоеле два подзакона што важеле за франкискиот народ: Салиските Франки се раководеле согласно Салискиот закон (Lex Salica), додека Рипуарските го почитувале Рипуарскиот закон (Lex Ripuaria). Галоримјаните на југ од реката Лоара и свештенството останале верни на традиционалниот Римски закон.[23] Во германскиот закон преовладувало приватното право кое ги штитело поединците многу повеќе отколку јавното право кое било во интерес на државата."[24]


Наводи[уреди]

  1. Grégoire de Tours, Histoire des Francs, livre II, 9.
  2. 2,0 2,1 (Périn & Feffer 1987, стр. 20) .
  3. Périn Feffer,1987, стр. 26.
  4. "PERIN_26".
  5. 5,0 5,1 (Périn & Feffer 1987, стр. 32) .
  6. (Périn & Feffer 1987, стр. 34-35) .
  7. Previté-Orton. „The Shorter Cambridge Medieval History, vol. I“. стр. 151. 
  8. Аполинар Сидониј, писма, книги VIII. IX. На неговиот пријател лампридиј, Loeb Library Translation.
  9. Agathias, De Francis, dans Rerum Gallorum scriptores, tome II, p.65.
  10. Tacite, De moribus Germanorum, 26.
  11. Korte geschiedenis van de Nederlandse taal, by J.vander Horst, page 42. Published 2000, ISBN 9057970716.
  12. Michel Rouche (1987). „The Early Middle Ages in the West“. Paul Veyne. „A History of Private Life: From Pagan Rome to Byzantium“. Belknap Press. стр. 425. ISBN 0674399749. OCLC 59830199. 
  13. Schutz, 152.
  14. Григориј од Тур, во неговата Историја на Франките, пишува:."Сега овој народ се чини дека отсекогаш силно верувал во Бог за кој не знаеја, туку самите си правеа претстава од шумите и водите, од птиците и ѕверовите како и од други елементи. Тие нив ги обожаваа како Бог и им принесуваа жртви."(Григориј Турски),Историја на Франките.
  15. Gregory of Tours. „Book II, 31“. „History of the Franks“. 
  16. Sönke Lorenz (2001), Missionierung, Krisen und Reformen: Die Christianisierung von der Spätantike bis in Karolingische Zeit in Die Alemannen, Stuttgart: Theiss; ISBN 3-8062-1535-9; pp.441-446
  17. The Chronicle of St. Denis, I.18-19, 23
  18. Lorenz (2001:442)
  19. J.M. Wallace-Hadrill covers these areas in The Frankish Church (Oxford History of the Christian Church; Oxford:Clarendon Press) 1983.
  20. Michel Rouche, 435-436.
  21. Otto Pächt, Book Illumination in the Middle Ages (trans fr German), 1986, Harvey Miller Publishers, London, ISBN 0-19-921060-8
  22. Michel Rouche, 421.
  23. Michel Rouche, 421-422.
  24. Michel Rouche, 422-423

Извори[уреди]

Првостепени извори[уреди]

Второстепени извори[уреди]

  • Bachrach, Bernard S. Merovingian Military Organization, 481–751. Minneapolis: University of Minnesota Press, 1971. ISBN 0-8166-0621-8
  • Collins, Roger. Early Medieval Europe 300–1000. London: MacMillan, 1991.
  • Geary, Patrick J. Before France and Germany: the Creation and Transformation of the Merovingian World. New York: Oxford University Press, 1988. ISBN 0-19-504458-4
  • James, Edward. The Franks. (Peoples of Europe series) Basil Blackwell, 1988. ISBN 0-631-17936-4
  • Lewis, Archibald R. "The Dukes in the Regnum Francorum, A.D. 550–751." Speculum, Vol. 51, No 3 (July 1976), pp 381–410.
  • McKitterick, Rosamond. The Frankish Kingdoms under the Carolingians, 751–987. London: Longman, 1983. ISBN 0-582-49005-7.
  • Murray, Archibald Callander, and Goffart, Walter A. After Rome's Fall: Narrators and Sources of Early Medieval History. University of Toronto Press: Toronto, 1998.
  • Nixon, C. E. V. and Rodgers, Barbara. In Praise of Later Roman Emperors. Berkeley, 1994.
  • Perry, Walter Copland. The Franks, from Their First Appearance in History to the Death of King Pepin. Longman, Brown, Green: 1857.
  • Schutz, Herbert. The Germanic Realms in Pre-Carolingian Central Europe, 400–750. American University Studies, Series IX: History, Vol. 196. New York: Peter Lang, 2000.
  • Wallace-Hadrill, J. M. The Long-Haired Kings. London: Butler & tanner Ltd, 1962.
  • Wallace-Hadrill, J. M. The Barbarian West. London: Hutchinson, 1970.


Види исто[уреди]