Прејди на содржината

Куново (Гостиварско)

Координати: 41°44′31″N 20°57′11″E / 41.74194° СГШ; 20.95306° ИГД / 41.74194; 20.95306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Куново

Поглед на селото Куново

Куново во рамките на Македонија
Куново
Местоположба на Куново во Македонија
Куново на карта

Карта

Координати 41°44′31″N 20°57′11″E / 41.74194° СГШ; 20.95306° ИГД / 41.74194; 20.95306
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 6 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1230
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07043
Надм. вис. 960 м
Слава Ѓурѓовден
Куново на општинската карта

Атарот на Куново во рамките на општината
Куново на Ризницата

Куново — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Селото дијалектно е познато и како Куноо, а името потекнува од првиот доселеник Куне.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Гостивар, од десната страна на реката Лакавица.[3] Селото е ридско-планинско, сместено на надморска височина од околу 960 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 11 километри.[3]

Куново е планинско село во југозападниот дел на Сува Гора, а околни села се Трново, Србиново, Лакавица и Беловиште. Во минатото водата за пиење се добивала од чешми, кои биле во селото. Чешмите се нарекувале Кладенец, Пивска и Селска Чешма. На атарот околу Куново има и неколку извори и чешми (Шарена Чешма, Попоа Чешма, Мартинец, Трендина Вода, Височица, Пољска Вода, Глувчеец и Мургоа Вода.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ремчиња, Пиорит, Зад Село, Плоша, Рупи, Стара Кошара, Мост, Под Црква, Бркињо, Под Лозје, Петреа Шума, Стратеш, Слогои, Ванаќеец, Сбео, Црвениче, Бероа Страна, Митрин Камен, Завој, Стратеш, Марков Дол, Ристеи Трла, Стрезоа Ливада, Гуменце, Летуње, Мали Рупи, Широка Пристојница и Црн Камењ.[2]

Куново е збиено село, кое до 1947 година се делело на три маала наречени по родовите. Маалата биле Илијоско, Бошкоско и Костоско или Карадаг Маало. Првите две маала се наоѓале во југозападниот дел на селото, додека третото маало се наоѓало во северозападниот дел.[2]

Историја

[уреди | уреди извор]

На границата на атарот помеѓу Куново и Србиново порано постоело македонското село Бркињово. За време на отоманскиот период селото било раселено и мештаните во еден дел заминале во Србиново, а другите го основале денешното село Куново. По некој доселеник Куне, селото го добило името.[2]

Местото каде сега се наоѓа селото било обраснато со шума од сите страни и добро сокриено. Поради таа причина мештаните до почетокот на XIX век живееле доста слободно. Кога селото имало само седум македонски куќи живеел селскиот првак Ристе, кој имал голем углед кај тетовските паши и поради тоа никој не смеел да го нападне селото.[2]

Пред да почине Ристе на тетовскиот паша им го испратил дечкото Јован како слуга. Но, истовремено, Албанците од Лакавица украле пари од пашата, а Јован ги забележал поради што тие му дале дел од парите, а за возврат не кажал никому. Јован подоцна ја напуштил службата кај пашата и заминал на печалба во Солун. Пашата разбрал за кражбата и почнал да ги бара крадците. Албанците од Лакавица го сосретнале Јован на враќање од печалба и му го отсекле јазикот плашејќи се да не ги поткаже. Потоа, во Куново дошле луѓе на пашата и во куќата на Јован во Куново нашле дел од парите на пашата. Бидејќи Јован не можел да зборува, тој бил злоставуван, а на тоа се спротивставил синот на Ристе, Столе, кого луѓето на пашата го одвеле во Тетово.[2]

За да го ослободи синот, Ристе ја собрал целата готовина, ја продал стоката и позајмил пари од побратимот Волче од Железна Река, но сепак пашата ги присвоил и сите ниви на Ристе во Куново, кои после ги поклонил на џамијата во Лакавица. Така, Ристе осиромашил и умрел од мака. Местото каде се наоѓала неговата многубројна стока сега се нарекува Ристеи Трла.[2]

На земјиштето кое припаднало на џамијата од Лакавица кон крајот на XIX век се населиле три-четири албански семејства, кои тука останале неколку години. За време на балистичката окупација во текот на Втората светска војна, Македонците давале извесен данок на џамијата во Лакавица, како што тоа го правеле за време на отоманскиот период.[2]

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 8,5 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 684 хектари, на пасиштата отпаѓаат 145 хектари, а на обработливото земјиште 117 хектари.[3]

Врз основа на составот на атарот селото Куново има полјоделско-шумарска функција.[3]

Денес, преостанатите жители се главно пензионери, кои се занимаваат со земјоделство и сточарство, или пак луѓе кои живеат во Гостивар, кои се вработени, но како дополнителен приход ги користат можностите што ги нуди селото. Во селото најмногу се садат градинарски култури, грав и компир. Една од главните активности е и стопанисувањето со пасиштата, нивно косење и собирање на сеното и детелината за есенска продажба. Овоштарството е исто така распространето, при што се одгледуваат ореви, лешници, круши, сливи, јаболка. Исто така се одгледуваат кози и живина, а на пасиштата над селото, поради нивното изобилие се напасуваат стада овци, но истите не се сопственост на селаните туку се напасуваат со надоместок.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948263—    
1953290+10.3%
1961211−27.2%
197192−56.4%
198142−54.3%
ГодинаНас.±%
199123−45.2%
199418−21.7%
200211−38.9%
20216−45.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куново живееле 262 жители, сите Македонци христијани.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Куново имало 240 Македонци под врховенството на патријаршијата.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]

Куново е мало село, коешто во 1961 година броело 211 жители, а во 1994 жители само 18 жители, македонско население.[3]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 11 жители, сите 832 Македонци.[8]

Сепак, оваа бројка не ја претставува вистинската состојба поради тоа што во летниот период во селото живеат многу повеќе, но истите не се запишани како жители на селото.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, од кои 5 Македонци и 1 лице без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 262 240 263 290 211 92 42 23 18 11 6
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Куново е македонско село.[2]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:

  • Староседелци: Божиновци (4 к.), предците им живееле во раселеното село Бркињово, кое постоело на границата на атарите на селата Куново и Србиново; Костовци (7 к.) и нивните предци живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Беловиште, Ниш (едно семејство) и во Белград (едно семејство); Илијевци (8 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Гостивар (осум семејства, Јовановци), Скопје (едно семејство) и во Ниш (тринаесет семејства). Од овој род бил Ристе, селски првак од крајот на XVIII и почеток на XIX век. Го знаат следното родословие: Мирко (жив на 40 г. во 1947 година) Столе-Спире-Јаков-Столе-Ристе. Од предокот Ристе, па сè до денес сите старешини во селото биле од овој род. Тие дале и неколку свештеници, чиновници, офицери. Тие важеле и како најголеми сточари во селото; Терзијевци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Велјановци или Белковци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Гостивар (четири семејства); Уковци (4 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (едно семејство); Вељановци (5 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (две семејства); Јаневци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (три семејства); Давидовци (1 к.) порано чинеле еден род со Јаневци.
  • Доселеници: Апостоловци (2 к.), потекнуваат од предокот Петре. По потекло бил од некое село во Полог. Имаат иселеници во Ниш (три семејства, од нив бил некој капетан Мерџан Апостоловиќ во Ниш); Секуловци (2 к.), доселени се од селото Звечан во Порече. Во Куново земал жена од родот Илијовци и го основал родот. Го знаат следното родословие: Мирче (жив на 75 г. во 1947 година) Цветан-Секула, кој се доселил.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Освен иселениците при описот на родовите, има и други иселеници, и тоа во Митрој Крсти (Пеповци), Горна Ѓоновица (Митре), Зубовце (Трајановци и Тунџовци). Родот Апостоловиќи се наоѓа во селото Салаш кај Неготин во Србија.[2]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поранешното основно училиште во селото
  • Поранешно основно училиште „Страхиња Симуноски“

Училиштето прекинало со работа во седумдесеттите години на XX век, но истото е реновирано и е во одлична состојба. Се користи како сала за собири за празници, и има адаптирана кујна, трпезарија, магацински простор и простор за месната заедница Куново.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Куново било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Србиново.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Србиново, во која покрај Куново се наоѓале Железна Река, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Беловиште во која влегувале селата Беловиште, Куново и Лакавица.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0520 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште на селото Лакавица.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 989 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17]

Еден куриозитет за Куново претставува местоположбата на храмовите. Имено, тие се изградени така што нивната положба го отсликува христијанскиот симбол, крстот. Недостасува само храмот „Св. Огнена Марија“ на западната страна. Овој храм бил опожарен, и до ден денешен не е возобновен. Крстот има правилна форма, а главниот храм „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа во неговиот центар.

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[2]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 183–186.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 168.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јуни 2023.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 112. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]