Водици

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пливање по крстот на Водици во Струга
Прослава на Водици во близина на Камениот мост во Скопје, на почетокот на XX век
Прослава на Водици во с. Драслајца, Струшко

Водици или Богојавление — денот на кој според христијанското предание св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 6 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар. Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Историја[уреди | уреди извор]

Претхристијанско празнување и традиција[уреди | уреди извор]

Богојавление бил празник на претхристијанскиот бог-давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава“. И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа”. Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.[1]

Христијанскo празнување и традиција[уреди | уреди извор]

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.

Овој ритуал го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан.

Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос доаѓа при Јована на јорданските води. Тој ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: "Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!". Тој го крштева Христа во р. Јордан.

Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и гревовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката, му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! "Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји.[2]

Именден[уреди | уреди извор]

Дел од имињата кои празнуваат именден: Богдан (значи даден од Бога), Богдана, Бојан, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Јован, Јованка, Јовица.

Народна традиција[уреди | уреди извор]

Водици во Кичево во 1936 г.
Православна икона со приказ на крштевањето на Исус во Јордан

Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат кумпании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос значи тој го има кумството. Во песната од западна Македонија „Или тотнет, ил се земја тресет“ објавена во зборниците на Јастребов и Икономов во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:

Свети Петар — клучи од рајове,

Свет’ Илија — силни секавици,
Свети Јован — кумство, побратимство,
Неделица — празник да празнуват.

Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по старост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството се откупувале со наддавање.

Еден ден пред празникот на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа компанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот, (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал: “Кај што помина чесен крст, да е чесно бериќетно, кај што капнало капка вода, сребро и злато да капит, да се родит бериќетот.[1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]