Успение на Пресвета Богородица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Успението на Пресвета Богородица е тема на многу уметнички дела низ вековите. Оваа фреска е од манастирот Пресвета Богородица во Берово.

Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица — значаен христијански празник кај православните, католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос. Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување. Овој ден се празнува на 28 август по стариот календар, или 15 август по новиот календар.

Историски наоди[уреди]

Иако Епифаниј од Саламис во 377. година напишал дека никој не ја знаел судбината на Марија[1], барем од V век постојат наводи за успението на Марија. Најстариот запис е „Книгата на сеќавањето на Марија“ (лат. Liber Requiei Mariae).[2] Иако книгата е најверојатно од IV век, текстот може да е и постар, дури и од III век. Исто така, и во ракописи на сириски јазик од V и VI век[3]

Подоцнежни написи кои го потврдуваат успението на Марија се книгата De Obitu S. Dominae[4], која му се припишува на Свети Јован Богослов od VI век, како и книгата De Transitu Virginis од доцниот V век која му се припишува на Свети Мелитон од Сардис, кајшто се раскажува и дека „апостолите до смртната постела на Марија биле донесени на бели облачиња, секој од градот кајшто проповедал во моментот“.

Во некои верзии на приказната се вели дека настанот се случил во Ефес, во куќата на Марија, а во најстарите традиции настанот се лоцира во Ерусалим. Во некои подоцнежни верзии, се раскажува дека Апостолот Тома задоцнил на погребот и подоцна кога стигнал и го отворил камениот гроб виделе дека телото го нема и заклучиле дека, како и Исус, и Марија воскреснала и заминала на небото. Исто така, се раскажува дека Марија им ја фрлила шамијата на апостолите од небото како доказ за нејзиното успение.[5]

Црковна традиција[уреди]

Црквата нѐ учи дека Марија, мајката на Исус, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава.[6] Ова е утврдено учење во сите христијански цркви, вклучувајќи ја православната, католичката, источата и коптската. Сите го слават денот на успението на 15 август. Кај православните цркви кои го користат Јулијанскиот календар, оваа дата паѓа на 28. август, а на празникот му претходи 14-дневен пост.

Уметничка инспирација[уреди]

Успението на Пресвета Богородица претставувало инспирација за уметниците уште од најстари времиња. Овој настан е прикажан на многу црковни фрески, икони, а и подоцнежни дела од времето на ренесансата и барокот. Некои од најпознатите слики се прикажани во оваа галерија:

Наводи[уреди]

  1. Epiphanius, Panarion, Haer. 78.10-11, 23
  2. Stephen J. Shoemaker, Ancient Traditions of the Virgin Mary's Dormition and Assumption (Oxford: Oxford University Press, 2002, 2006). A complete translation of this earliest text appears at pp. 290-350
  3. William Wright, "The Departure of my Lady Mary from this World," The Journal of Sacred Literature and Biblical Record, 6 (1865): 417-48 and 7 (1865): 108-60. See also Agnes Smith Lewis, ed., Apocrypha Syriaca, Studia Sinaitica, XI (London: C. J. Clay and Sons, 1902).
  4. De Obitu S. Dominae
  5. Ante-Nicene Fathers - The Writings of the Fathers Down to A.D. 325, vol. 8 page 594
  6. Pope Pius XII: "Munificentissimus Deus - Defining the Dogma of the Assumption", par. 44. Vatican, 1 ноември, 1950
  7. Преземено од блогот на Агапиј.

Надворешни врски[уреди]